СЕЌАВАЊАTA НА ДРУГИТЕ

Се вели дека историјата ја пишувале победниците, но во литературата не е (баш) така.

Сеќавањата се пред сè интимна работа. Кога се лични, обично ги споделуваме единствено со најблиските луѓе. Кога се колективни се однесуваат на историски настани и личности и ѝ припаѓаат на една општествена група или заедница. И првите и вторите генерално важат само за ограничен круг на луѓе.
Приказната на Европа е инаква. Само ако ги запознаеме и прифатиме своите подалечни и поблиски соседи и сограѓани преку нивното минато, навраќања, историја, сеќавања, ќе ги сфатиме вистински и сопствените личност и заедница.
Токму затоа овие делата од оваа брошура ги ставаат во фокус сеќавањата на Другите (поединци, колективи), преку книги со тематика од различни историски периоди или преку пристапи кои повеќеслојно ги разгледуваат аспектите на сеќавањето.
Се вели дека историјата ја пишувале победниците, но во литературата не е (баш) така. Секогаш има простор за нови гласови и за инакви видици кон потиснатите аспекти и кон помалку познатите личности.
Соочувањето и прифаќањето на туѓите сеќавања, не само што го олеснува патот во запознавањето на Другиот и другоста, туку има високо помирувачко дејство во различен вид на конфликти. Токму затоа, овој проект ја прикажува на дело моќта на сеќавањата преточена во – прекрасни книги.

288.Ljubovna sabotazha

ЉУБОВНА САБОТАЖА
Амели Нотомб
Превод: Маргарита Терзијан-Маленкова

ISBN: 978-608-243-141-3
Oригинал: Amelie Nothomb, Le Sabotage amoureux
Повез: мек
Година на издавање: 2016
Број на страници: 192
Димензии: 13х20
Едиција: Бранови, 131

Дали знаете дека комунистичка земја е онаа каде се користат вентилатори? И дека од 1972-1975 беснеела мала светска војна во едно гето во Пекинг? Дека велосипедот, всушност, е коњ? Дека штом помине пубертетот, сè останато е само епилог? Ќе дознаете и многу други нешта во овој редок роман, епски, забавен, фантастичен и трагичен, роман кој раскажува вистинска љубовна приказна, што ќе ги згрее и најстудентите срца.
Многумина сметаат дека ова е најдобрата книга на Амели Нотомб, а еве и зошто: ова е драма која глуми роман. Секоја реченица може да се искаже како реплика или да се изрецитира како стих. Се чини дека го напишала во тотална екстаза, од прв до последен збор, во еден креативен здив. Зарем не е тоа илузијата по која тежнее секој што пишува?

„Се чита со задоволство.“
Вашингтон тајмс

СО ОВАА КНИГА, НОТОМБ СТАНА НАЈНАДЕЖНОТО ИМЕ НА МЛАДАТА КНИЖЕВНА ГЕНЕРАЦИЈА.

Амели Нотомб (родена 1966) е белгиска писателка. Потекнува од истакнато семејство на политичари и дипломати. Уште од најмала возраст живеела во Јапонија, Кина, Њујорк, Бангладеш, Бурма, Обединетото Кралство и на Лаос. Првиот роман го објавила во 1992 година и оттогаш речиси секоја година објавува книга. Со кралски проглас во 2015 е прогласена за бароница.

Маргарита Терзијан-Маленкова (родена 1941) дипломирала француски јазик. Од 1967-2003 работела како преведувач од француски, италијански, шпански и од српски јазик во Македонската радиотелевизија. Долгогодишното профе¬сионално искуство е надополнето и со над 40 книжевни преводи. Била член на Советот на Струшките вечери на поезијата. Добитник е на награди за превод. Активен член е на Сојузот на преведувачи на Македонија и на редакци¬скиот одбор на списанието Огледало.

Vozvishuvanje

ВОЗВИШУВАЊЕ
Милен Русков
Превод: Душко Крстевски

ISBN: 978-608-243-150-5
Oригинал: Милен Русков, Възвишение
Повез: мек
Година на издавање: 2016
Број на страници: 408
Димензии: 13х20
Едиција: Бранови, 133

Возвишување се случува во Бугарија во 1872 година. Ова е време на самообразование и на преданост кон идејата за ослободување од угнетувачите. Претенциозниот раскош на револуционерните идеи се пробива и до свеста на две момчиња, чесниот полуобразован Гичо и неговиот наивен пријател, клептоман, Асен. Вооружени со пиштоли и со книги, од градот Котел тргнуваат да се приклучат на група разбојници револуционери. Со нив учествуваат во кражба на турски даночен конвој кај преминот Арабаконак – настан што ќе го означи пресвртот во нивните трагикомични авантури. Овој напад е добропознат во историјата и поттикнал силна и безмилосна реакција на корумпираните османски власти и довел до масовни апсења и уништување на Внатрешната револуционерна организација.

„Книги како оваа, ниту се пишуваат лесно, ниту се објавуваат често.“
Али Илков

НАГРАДА ЗА ЛИТЕРАТУРА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ВО 2014 ГОДИНА.

Милен Русков (роден 1966) е бугарски писател и преведувач. Докторанд е по лингвистика. Автор е на три романи, сите наградувани со различни книжевни признанија. Како преведувач од англиски, превел дваесетина книги од автори како Томас де Квинси, Џером К. Џером, Мери Шели, Мартин Ејмис, Рави Хаж.

Душко Крстевски е роден во Скопје, на 22 мај 1981 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Магистранд е по филолошки науки. Бил предавач по македонски јазик и литература. Автор е на една книга поезија и на голем број есеи објавени во перио¬диката. Учествувал на повеќе поетски фестивали, како и на семинари и на летни школи по филологија. Работи како наставник по македонски јазик во Меѓународната гимназија „НОВА.“ Преведува од бугарски, хр¬ватски и од српски јазик.

318.Istorija na svetlinata

ИСТОРИЈА НА СВЕТЛИНАТА
Јан Њемец
Превод: Диме Митревски

ISBN: 978-608-243-164-2
Oригинал: Jan Němec, Dějiny světla
Повез: мек
Година на издавање: 2016
Број на страници: 400
Димензии: 13х20
Едиција: Бранови, 135

Роман за чешкиот фотограф Франтишек Дртикол и за историјата на фотографијата како нов вид уметност. Сте размислувале ли некогаш како би изгледала приказна раскажана со светлосни зраци? Кој бил, всушност, Франтишек Дртикол? Конте од рударско гратче, светски познат фотограф со пропаднат бизнис, мајстор на актот што немал среќа со жените, мистик и будист што поверувал во комунизмот, со еден збор – маж синтеза на многу противречности. Романот претставува вистинска фреска, која покрива повеќе од половина век: во неа оживуваат прибрамските рудници за сребро, Минхен во периодот на сецесијата, како и боемштината на Првата република, кога моделките еднаподруга голи се шетаат на светлото, кое незабележливо се слева со свеста…

„Може да им го препорачаме и на сериозните фотољупци и на лаиците.“
Клара Шмејкалова

НАГРАДА ЗА ЛИТЕРАТУРА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ВО 2014 ГОДИНА.

Јан Њемец (1981) е современ чешки автор. Студирал социологија и религионистика, како и театарска драматургија. Работи како уредник во издавачката куќа Хост и во истоименото списание. Редовно пишува и во неделникот Респект. Од 2014 година е претседател на новоформираната Асоцијација на писатели. Син е на писателот Лудвик Њемец.

Диме Митревски (Прилеп, 1988) е преведувач од чешки и англиски јазик. По додипломските студии од областа на англистика и бохемистика на Филолошкиот факултет во Скопје, магистрира на Масариковиот универ¬зитет во Брно, Република Чешка, на групата за Книжевност и меѓукултурна комуникација. Образованието го продолжува како докторанд на Маса¬риковиот универзитет од областа на театарскиот превод. Досега превел повеќе дела од канонските чешки автори како Карел Чапек, Бохумил Храбал и Милан Кундера, но преведува и современи автори: Петра Хулова, Јан Њемец, Јан Балабан и други.

320.Kniga za Blansh i Mari

КНИГА ЗА БЛАНШ И МАРИ
Пер Улов Енквист
Превод: Искра Бадева

ISBN: 978-608-243-186-4
Oригинал: Per Olov Enquist, Boken om Blanche och Marie
Повез: мек
Година на издавање: 2016
Број на страници: 260
Димензии: 13х20
Едиција: Бранови, 151

Кратко време пред Марија Кири да стане првата жена добитничка на две Нобелови награди, една од асистентките во нејзината лабораторија, Бланш Витман, преживеала три ампутации, ги изгубила левата рака и двете нозе поради радиоактивните материјали на кои била изложена. Бланш само што се вратила кај Мари од болницата „Салпетриер“, каде што своевремено била буквално пациент ѕвезда. Бланш била „кралица на хистеријата“, една од жените што биле бесплатно прегледувани од страна на познатиот доктор Шарко. Тој предизвикувал кај нив напади на грчење со притискање на одредени места на телото – за што, се разбира, имал одредена шема. Потребата да го притисне, на пример, грлото на матката објаснува зошто жените морале да бидат разголувани. Сите ги доживувале овие смотри на хистеријата, кои биле колку насилни толку и запрепастувачки креативни, мошне сериозно, дури и тогашниот асистент на Шарко, младиот Зигмунд Фројд.
преку Бланш, како врховна жртва, Енквист го воведува ликот на Марија Кири, која всушност најмногу и го интересира.

„Ова е историја на интелектот осветлена од молњата на експресионизмот.“
Индепендент

ТОЛКУ МОЌНА ПРИКАЗНА, ШТО МОЖЕ ДА СЕ НАПИШЕ ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА КНИГА.

Пер Улов Енквист (1934), познат и како П.У. Енквист, е еден од најистакнатите шведски писатели на меѓународно рамниште. Дипломирал книжевна историја, по што работел како колумнист во весник и како модератор во телевизиски дебатни емисии. Неговото пишување го направило влијателна личност на шведската книжевна сцена. Во 1970-тите живеел во Берлин и во САД. Од 1977 година е самостоен уметник писател. Добитник е на највисоки книжевни признанија.

Искра Бадева е родена во Скопје во 1980 година. Како вљубеник во кул¬турата и литературата на Северот ги има завршено студиите по сканди¬навистика на Софискиот универзитет во 2007 година. Живее и работи во Скопје. Досега има преведено повеќе од петнаесет романи од норвешки и од шведски јазик. Ја има добиено наградата „Златно перо“ за 2011 година која ја доделува Здружението на литературни преведувачи на Македонија.

Sochustvo

МОИТЕ СОЧУВСТВА
Дулсе Марија Кардозо
Превод: Ненад Трповски

ISBN: 978-608-243-181-9
Oригинал: Dulce Maria Cardoso, Os Meus Sentimentos
Повез: мек
Година на издавање: 2016
Број на страници: 288
Димензии: 13х20
Едиција: Бранови, 138

Ноќ. Бура. Автомобил што доживеал сообраќајка. Во автомобилот – сама жена. Во главата на жената – целиот живот што го водела досега и што ја довел дотука. Ослободена од товарот на своето постоење, конечно е во состојба да ги види животот и луѓето со кои била опкружена во вистинско светло. Мајката на Виолета е разочарана од надворешниот изглед на својата ќерка, па често пати ја форсира внуката. Таткото доживеал предавство од сопствениот син за време на револуцијата. Нејзиното работно место како продавачка на козметички производи и прекарот „страшило“ со кој ѝ се обраќаат и на улица ја дополнуваат крајно депресивната слика на еден тажен живот во кој секој ден е борба со бескрајни порази и разочарувања. Потресните епизоди од животот на Виолета, соништата, фантазијата, мислите и чувствата, се прекршени низ призмата на нејзиниот ум и раскажани со брилијантен стил што се граничи со врвна поезија во најдобрата традиција на португалската книжевност.

„Се чита како една долга песна.“
Нова култура

НАГРАДА ЗА ЛИТЕРАТУРА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ВО 2009 ГОДИНА.

Дулсе Марија Кардозо (1964) е португалска писателка. Детството го минала во Ангола. Студирала право и работела како адвокатка, пред да се посвети на писателската професија. Израснала во една од најоригиналните уметнички појави на новата генерација португалски писатели, мајсторка на оригиналната проза и на нестандардното раскажување. Добитничка е на наградата на португалскиот ПЕН-клуб.

Ненад Трповски (1986) дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрите за италијански и португалски јазик и книжевност во 2009 година. Во периодот помеѓу 2011 и 2013 година живее во Лисабон, Португалија, каде што, работејќи во невладиниот сектор, стекнува вредно директно искуство во португалскиот јазик и култура. Автор е на десетдневна работилница за креативно пишување одржана во Лисабон, поддржана од програмата на ЕУ „Грундтвиг“. Работи како консултант на проекти за меѓународен развој. Преведува од италијански јазик и од португалски јазик.

328.Sekjavanja i zhelbi

СЕЌАВАЊА И ЖЕЛБИ
Лиса Апињанези
Превод: Калина Јанева

ISBN: 978-608-243-184-0
Oригинал: Lisa Appignanesi, Memory and Desirе
Повез: мек
Година на издавање: 2016
Број на страници: 704
Димензии: 13х20
Едиција: Бранови, 146

Љубовна приказна што почнува во Париз во 1934 година и завршува во Њујорк во 1980 година и во која Алексеј Џизмонди е во потрага по жената за која смета дека ги поседува клучевите од една тајна со која е опседнат. Во средиштето на тајната е секогаш загадочната Силви Ковалска Жарден, чие сомнителни гестови сериозно ќе им наштетат на нејзините лични и семејни односи, особено со ќерката Катрин, која на 13 години си заминува од дома за да побегне од насилното однесување на мајка си.
Книгата ги истражува длабочините на еротската психа и раскажува за една прекрасна жена, за нејзиниот живот од испреплетени вистини и лаги и за скандалозните постапки што ќе остават последици врз повеќе генерации на два континента. Ликовите од високите и интелектуалните сталежи, драматичниот и страстен набој, како и многубројните уметнички, книжевни и историски референции го прават ова дело совршено четиво за обожавателите на љубовни романи.

„Сага од страст и скршени срца, која ќе ве турка да погодувате што понатаму… Извонредно испреплетено.“
Космополитен

ВО 1987 ГОДИНА АПИЊАНЕЗИ ГО ОДБИВА ФРАНЦУСКИОТ ОРДЕН „ВИТЕЗ ОД РЕДОТ НА УМЕТНОСТИТЕ И КНИЖЕВНОСТА.“

Лиса Апињанези (родена 1946) е британска писателка и борец за слобода на говорот. По потекло е од Полска. Израснала во Франција и во Канада. Докторирала компаративна книжевност во Обединетото Кралство. Авторка е на голем број романи и стручни книги и текстови. Претседавач е на Кралското книжевно друштво и поранешна претседателка на англискиот ПЕН. Во 2013 година го добива Орденот на Британската Империја.

Калина Јанева (1981) дипломира англиски јазик и книжевност, со италијански јазик и книжевност како втор главен предмет, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во десетгодишната кариера како книжевна преведувачка има објавено десетици преводи од англиски на македонски јазик и обратно, како и повеќе преводи на италијански книжевни дела на македонски јазик, поддржани од Министерството за култура на Република Македонија и од голем број странски фондации, меѓу кои и Извршната агенција за образование, култура и аудиовизуелни дејности на Европската комисија. Активен член е на Здружението на преведувачи на Република Македонија и македонски делегат во Европскиот совет на здруженија на книжевни преведувачи. Моментално е редовна студентка на постдипломските студии по англофони книжевности и книжевна теорија на Универзитетот „Алберт Лудвиг“ во Фрајбург, Германија.

314.Smila go chustvuva snegot

СМИЛА ГО ЧУВСТВУВА СНЕГОТ
Петер Хег
Превод: Лара Крстева-Ичокаева

ISBN: 978-608-243-182-6
Oригинал: Peter Høeg, Frøken Smillas fornemmelse for sne
Повез: мек
Година на издавање: 2016
Број на страници: 478
Димензии: 13х20
Едиција: Бранови, 145

Смила Јесперсен, половина Данка, половина Гренланѓанка, се обидува да ја растајни чудната смрт на едно момченце што паѓа од врвот на зградата во која таа живее. Полицијата веднаш објавува дека е несреќен случај. Но Смила знае дека нејзиниот сосед не паднал сам од покривот. Детството поминато на Гренланд ѝ дава можност поинаку да гледа на снегот и, кога ќе сфати дека стапалките на детето покажуваат дека тоа трчало поснегот пред да умре, одлучува да открие кој го бркал. Како што се обидува да ја реши мистеријата така открива редица заговори и прикривања на вистината и сфаќа дека не може никому да верува. Истрагата ја води од улиците на Копенхаген до замрзнатиот Гренланд.
Овој роман е еден од најфасцинантните трилери на сите времиња. Петер Хег стана светски познато име токму како автор на овој бестселер од 1992 година, според кој е снимен и филм во 1997. Изданието на англиски јазик е испечатено во тираж од 4 милиони примероци, што претставува вистинска сензација за дотогаш непознатиот дански писател. До денес романот е продаден во над 20 милиони примероци низ светот.

„Прекрасна книга. Вистинско задоволство. Не постои друг сличен трилер.“
Newsweek

ПРОГЛАСЕНA ЗА КНИГА НА ГОДИНАТА СПОРЕД МАГАЗИНИТЕ „TIME“ И „PEOPLE“

Петер Хег (1957) е еден од најзначајните дански писатели на XX век. Завршил книжевност, а потоа и актерство и танц. Работел како актер, танчар, морнар, писател. Многу патувал, особено на Карибите и во Африка. Извесен период своите приходи ги прелевал во фондација за поддршка на жените и на децата во Африка и на бегалските кампови во Индија. Живее во Данска, заедно со својата сопруга со потекло од Кенија и со двете ќерки.

Лара Крстева-Ичокаева е родена 1971 година во Скопје. Завршила гим¬назија во Еснес, Данска. Дипломирала германски и француски јазик и литература во Загреб, Хрватска. Магистрирала во Женева, Швајцарија, на тема од областа на современата француска литература. Има мастер и од деловно право. Работи како раководител на Германската стопан¬ска комора во Република Македонија. Преведува од дански, германски, француски, српски и од хрватски јазик.

296.Holandska devica

ХОЛАНДСКА ДЕВИЦА
Маренте де Мор
Превод: Ели Пујовска

ISBN: 978-608-243-162-8
Oригинал: Marente de Moor, De Nederlandse maagd
Повез: мек
Година на издавање: 2016
Број на страници: 304
Димензии: 13х20
Едиција: Бранови, 140

Добро е, доаѓа лето и 18-годишната Јана треба да тргне сама на енигматично патување во Германија. Татко ѝ ја испраќа кај Егон фон Бетихер, кој треба да ја научи да мечува. Егон е мисериозна личност, но и магнетичен шармер. И Јана едноставно не може да одолее.
Но оваа прекрасна книга не е само книга за љубовта и за губењето на невиноста.
Лошо е што сме во 1936 година. Пред Јана се отвора светoт на возрасните, полн со прашања и со спротивности. Во нејзините очи се судираат стариот хероизам на аристократската класа и варварството што надоаѓа со ширењето на нацизмот. На раб од големиот историски пресврт на Втората светска војна, Јана ќе доживее индивидуална промена по која нема враќање. Дали ова патување е во еден правец?

„Се надевам дека Маренте ќе напише уште многу романи подеднакво фасцинантни како овој.“
Трау

НАГРАДА ЗА ЛИТЕРАТУРА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ВО 2014 ГОДИНА.

Маренте де Мор (1972) е холандска писателка. Студирала словенски јазици. Во 1990-тите живеела во Русија, пишувајќи за холандски и за руски медиуми. Со авторско дело дебитирала во 2007 година. Од 2009 работи како колумнист во списание за политика. Има објавено три романи, како и книги со колумни и со кратки раскази. Романот Холандска девица е преведен на 10 јазици.

Ели Пујовска (1971) е професионална преведувачка. Преведува од хо¬ландски и од фламански, како и од англиски јазик. Работела како про¬ектен асистент и како менаџер на повеќе проекти. Има преведено по¬веќе од 20 книги за повеќе издавачки куќи. Добитничка е на наградата „Златно перо“ за најдобар превод на годината.

312.Imprimatur

ИМПРИМАТУР
Моналди и Сорти
Превод: Лилјана Узуновиќ и Борјана Мојсовска

ISBN: 978-608-243-148-2
Oригинал: Monaldi & Sorti, Imprimatur
Повез: мек
Година на издавање: 2016
Број на страници: 768
Димензии: 13х20
Едиција: Бранови, 148

11 септември 1683 година
Градот Рим е во неизвесност. Граѓаните чекаат информации за исходот од битката кај Виена, во која Отоманската Империја е пред портите на католичка Европа.
Во меѓувреме една римска таверна е ставена под карантин поради сомнително ширење на чума. Меѓу заробениците е и мистериозниот Ато Мелани, шпион што му служи на францускиот крал. Со помош на едно момче, тој открива скришен премин што води до мрежа тунели под градот. Нивните ноќни талкања во римското подземје ќе ги одведат до изненадувачки откритија во однос на смртоносното непријателство меѓу папата Инокентиј XI и Луј XIV и до таен заговор за користење оружје за масовно уништување во битката меѓу исламот и Западот.
Кога била првпат објавена во Италија во 2002 година, книгата предизвикала огромен број контроверзии, била бојкотирана од италијанските медиуми и од сите издавачки куќи. Сепак, романот станал европски бестселер, преведен на 20 јазици и објавен во 45 држави. Досега се продадени повеќе од милион примероци.

„Историски трилер што го приклештува читателот.“
Elle

ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН БЕСТСЕЛЕР, ФАНТАСТИЧЕН СПОЈ НА УМБЕРТО ЕКО И ДЕН БРАУН!

Писателите Рита Моналди (1966) и Франческо Сорти (1964) се брачен пар, автори на серијата историски книги „Имприматур“, „Секретум“ и „Веритас.“ Живеат на релација Виена–Рим со своите две деца. Рита дипломирала класични студии, а специјализирала историја на религиите. Франческо Сорти дипломирал музикологија. Специјалист е за XVII век. Работеле како новинари.

Лилјана Узуновиќ е преведувачка од италијански и виш лектор на Фи¬лолошкиот факултет Блаже Конески во Скопје. Магистер е по француска и италијанска книжевност. Превела на македонски десетина книги од италијанските писатели: Алесандро Барико, Итало Калвино, Паоло Мауренсиг, Стефано Бени. Добитничка е на наградата за најдобар превод „Божидар Настев“ во 2008 година. Носител е на орде¬нот витез на Италијанската Република Ordine della stella della solidarietà italiana (2009).

Борјана Мојсовска е родена 1986 година во Скопје. Дипломирала на Кате¬драта за италијански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет Бла¬же Конески, на преведувачкиот отсек. Досега ги превела следниве дела: „62. Модел за составување“, „Беспаќе“, „Смеата на галебите“, „Изумот на Морел“, како и дел од „Антологија на аргентинскиот расказ.“ Моментално работи како проектен асистент и фриленс преведувач.

324.Zemja na ljubovta

ЗЕМЈА НА ЉУБОВТА
Одни Еир
Превод: Мери Кицовска

ISBN: 978-608-243-149-9
Oригинал: Oddný Eir, Jarðnæði
Повез: мек
Година на издавање: 2016
Број на страници: 240
Димензии: 13х20
Едиција: Бранови, 136

Земја на љубовта е напишана во форма на дневник и опишува период од животот на главната хероина во кој таа е задлабочена во потрагата по место каде што припаѓа и каде што би се вдомила. Парадоксално, ова ја носи на различни патувања, физички и психички, низ времето и низ просторот, со цел да ги пронајде одговорите на прашањата што се однесуваат не само на неа туку и на целото човештво. Таа истражува различни начини на живот, се задлабочува во различни типови врски и размислува за својата поврзаност со семејството, со земјата и со нацијата. Се обидува да пронајде животна рамнотежа.

„Одни Еир ја доведува до совршенство оваа маргинална книжевна форма.“
Гунфорун Гудмундсдотир

НАГРАДА ЗА ЛИТЕРАТУРА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ВО 2014 ГОДИНА.

Одни Еир (1972) е исландска писателка. Докторирала на Сорбона. Преведува и редактира книжевни дела. Организира уметнички настани во своите галериски простори во Њујорк и во Рејкјавик, во соработка со нејзиниот брат, археолог по професија. Имаат и своја издавачка куќа. Авторка е на три автобиографски романи. Најпозната е по романот Земја на љубовта, за кој има добиено неколку награди.

Мери Кицовска (Скопје, 1977) е преведувач и толкувач по англиски и ис¬ландски јазик. Во периодот од 2001 до 2009 година, живее и работи во Рејкјавик, Исланд, каде што, покрај другото, го изучува и го усовршува исландскиот јазик. Од англиски на македонски и обратно има преведено голем број текстови и дела. Од исландски на македонски досега превела две книги.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Ноар во социјалистичкиот реализам
Кон криминалистичкиот роман Синиот сафир од Јежи Едигеј, БИГЗ 1975
Повеќе
0 replies on “СЕЌАВАЊАTA НА ДРУГИТЕ”