Епистоларните романи не се новитет ниту во светската, ниту во македонската литература. Почнувајќи од 15 век до денес, речиси секогаш и секаде се присутни, во сечија литература. Ова епистоларно дело ја продолжува традицијата и во Македонија започната со романот „Исток-запад“ од Јадранка Владова и Небојша Кнежевиќ пред петнаесетина години. Новитетот е во темите што ќе се појават во овој роман и начинот на којшто ќе се направи тоа.
Драгана Евтимова и Владимир Лукаш, преку своите писмописци и раскажувачки гласови – Еписторија и Еписторие, соодветно успеваат во епистоларниот роман, освен реалистичната постапка и секојдневјето, да вметнат и нота на надреализам, микрораскази од руски тип налик на оние на Хармс, извадоци од весници и списанија, книжевни критики, па сè до делови што личат како репортажи од National Geographic. Сето ова придонесува овој роман да се чита и како дневник и како размена на електронска пошта и како лексикон на значења и долги прошетки по сферите на реалното, надреалното, магичниот реализам, чудесното и фантастичното. Роман што се испишува од психолошките игри и симулации на живот на Еписторие и Еписторија, двата влога на еден ист совршен јин-јанг карактер.
Но не секогаш нивните дискурси се поклопуваат. Има моменти каде што Еписторија е поконзистентна во своите нарации, а Еписторие е пократок и полапидарен. Еписторија сè уште се држи на планетата Земја од аспект на своите стории и разгледби, додека пак Еписторие кокетира со фантастиката и гротеската. Еписторија на моменти има директни извадоци од статути, правилници, списанија, статистики и така натаму, а Еписторие ги црпи значењата од своите соништа.
А во вториот дел „штафетата“ на фантастиката и гротеската се предава на Еписторија. Сега Еписторија ги прегрнува фантастиката, гротеската и магичниот реализам, а Еписторие започнува патување во една рамка и своите приказни ги држи зауздани во една главна приказна, а тоа е неговото патување низ Русија со воз. Еписторие повторно е инфициран од руската поетика, но сега наместо Хармс како „ментор“ се појавува Ерофеев. Во овој дел приказните на Еписторие се поконзистентни, а Еписторија е таа што се движи „збркано“ низ приказните. Најфреквентната постапка што ја употребува е колажот и краткиот спој. Движејќи се по линијата на фикцијата и фактографијата, рецептот на Еписторија е сериозно навлегување во еден постмодерноистички свет, каде што „everything goes“ не е банално искористено како изговор и извинување, туку напротив: во обидот да ја пренесе приказната по шините на фантастиката, таа го носи и баластот на секојдневната политика, економија, екологија и парапсихологија. Испробан рецепт со оригинално и внимателно дозирани состојки.
Интересно е што во вториот дел Еписторие ја најавува долгоочекуваната средба со еден необичен Шаман и со неговиот пријател Умберто Еколини ја завршуваат нивната иницијација низ Русија, па така развојот на текстот од реализам преминува во мистицизам. Во овој дел Еписторие совршено ја обојува атмосферата, која од чиста преминува во опскурна.
Убавината во романот „Се гледаме наскоро. Е.“ е во тоа што може да се препрочитува неколкупати и одново да се откриваат симболите и алузиите во приказните. А овој роман е дефинитивно „хипервитамизиран“ со тоа. Се добива чувство дека пред себе имате исто дрво, кое во различни сезони раѓа различни цветови и плодови.