Начинот за справување со ужасот на љубовта

Се согласувам со философот Георг Вилхелм Фридрих Хегел – дека комедијата е жанр во уметноста, кој е најблиску до вистината.

„Нема друга“, првиот роман на Јела Кречич ја раскажува комичната приказна за еден млад човек во потрага по вистинската девојка за себе.
Јела Кречич на јавноста ѝ е позната како новинарка во културната редакција на дневниот весник „Дело“, доктор по филозофија, хумористична блогерка на он-лајн страницата на „Дело“, сопруга на Славој Жижек… но и како романописец.
Нејзиниот прв роман излезе во словенечката издавачка куќа „Белетрина“. (На македонски јазик романот е во издание на издавачката куќа „Антолог“, н.з.) „Нема друга“ е љубовен роман на заблудите, во кој главниот лик се префрлува од една пропадната љубовна врска до друга, за да продре до крајното „решение“.

Малку се изненадивме кога слушнавме дека пишуваш роман. Кога и како ја откри желбата дека сакаш да се занимаваш со белетристика?

Отсекогаш сум чувствувала страст за пишување и за измислување на приказни, само што досега ниеден од многубројните обиди не ми се чинеше дека е зрел за да излезе пред очите на јавноста. И романот „Нема друга“ почна да настанува како колекција на стари записи, нацрти, а по некое време сфатив дека романот добива структура. Тоа ми се допадна и ми се чинеше дека има само уште малку работа околу него.

Кој беше првиот читател на твојот роман и каков совет ти даде? Дали тоа беше твојот сопруг Славој Жижек?

Вистина е, тој ја прочита првата верзија на романот и неговиот совет ме инспирираше, така што се заринкав во слатко-макотрпната работа на создавање на поединечните делови и ја започнав новата средба на ликовите во книгата.

Дали би се согласила дека романот, на некој начин, е портрет за изгубената млада генерација, на возраст од околу триесетина години, кои тешко се стабилизираат, тешко влегуваат во стабилна врска со партнер, работа итн.?

Најпрво би нагласила дека целта на книгата беше многу едноставна: да се раскаже една комична, љубовна приказна. Во книгата главниот јунак Матјаж по неуспешната долгогодишна врска бара начин повторно да стане интересен за поранешната девојка, а неговиот пријател му советува дека треба да се фокусира на нова љубов. И тој проект се покажува покомплексен отколку што му се чинело. Во книгата ги проследуваме многуте љубовни обиди на Матјаж и влијанието од секој од нив – дека за него нема друга девојка. Но, бидејќи се работи за комичен роман, ваквото откритие е исто така ставено на тест.


А проблемот на младите и неможноста за сериозна врска?

Во љубовните случувања во романот можеби суптилно одѕвонува и специфичниот социјален контекст, несериозноста на помладите генерации, но и високата образованост и големата продуктивност. Ако зборуваме за изгубената генерација, таа не е изгубена поради евентуалната сопствена декаденција и бесцелност, туку затоа што општеството, или попрецизно кажано државата, заборавила на нив; така е и со намаленото вработување во јавната администрација, како со целата таа креативна маса да не се знае што да се прави. Последиците од тоа сега особено се чувствуваат на оваа млада генерација, а наскоро ќе ги почувствува и државата.
Не би се осмелила да тврдам дека оваа ситуација директно е поврзана со таканаречената сериска моногамност, како современа општествена појава. Секако дека ова не е само последица на економската состојба на една генерација. Имено, таквата финансиска и социјална несигурност би можела наскоро да доведе до тоа паровите заедно да се издржуваат, бидејќи како поединци повеќе нема да можат да преживеат или бидејќи повеќе сакаат да се во неуспешна врска отколку како возрасни да живеат со родителите.

Дали сакавте романот да биде читлив и хумористичен, бевте ли свесни за таа ситуација, па на тој начин го повлековте и главниот лик во тоа?

Одлуката за комедија беше непромислена. Во многубројните производи на денешната култура, дури и популарната, ја препознавам особената тенденција кон трагичното, кон очајот; а уште особено ако се работи за љубовта. Постои погрешна претпоставка дека чувствата се изгубени и меланхолијата автентична, а смеата и хумористичниот став кон светот го игнорираат најдлабокото субјективно богатство. Токму овој воздржан културен став ми се чини како суштински недостаток. Смеењето, кое го предизвикува комедијата, навистина нѐ избавува од маката и страдањата на тешката реалност, но ова е само едноставен продукт на фактот – и тука се согласувам со философот Георг Вилхелм Фридрих Хегел – дека комедијата е жанр во уметноста, кој е најблиску до вистината.

Комедијата е ослободена од непотребната патетичност и од сентименталноста на трауматичните настани, така што уште повеќе се зарива во конкретноста на некоја ситуација и низ комична стратегија на удвојувањето, пресвртите итн. го поставува проблемот во нова рамка. Сакам да кажам: патосот, сентименталноста… – сето тоа е легитимно и веројатно е потребно за опстанокот на општеството, дека тоа се одбранбените механизми пред соочување со вистинскиот ужас на нештата. Се разбира, не велам дека мојот роман е пример напишан со причина за справување со некој општествен ужас, туку најпрво е пример за справување со ужасот на љубовта и романтичните врски како такви.

Во книгата покажуваш дека добро ја познаваш клупската сцена во Љубљана и ноќниот живот. Дали ти се чини дека таа сцена е интересна и инспиративна?

Вистинските познавачи на ноќниот живот во Љубљана веројатно би го рекле спротивното, дека мојот хоризонт или хоризонтот на моите јунаци во тој поглед е многу органичен, бидејќи освен неколку од избраните локали и Метелкова како ноќна дестинација не дознаваме ништо за другите различни локации во главниот град. И самата сѐ повеќе станувам нередовен учесник на љубљанскиот ноќен живот или сум учесник, кој цврсто се држи до проверени локации и уште поважно, до проверено друштво.

Не се плашеше ли дека некој ќе се препознае во главниот лик Матијаж?

Ниеден автор или авторка не може да го избегне фактот за тоа дека некој во неговото дело нема да бара поврзаност со неговиот живот. Мојот став тука е едноставен: романот е фикција, што значи дека приказната заедно со јунаците создава свој универзум, свој свет, на кој не му е потребна легитимност во таканаречените „вистински настани“. Ако имаа некакви „вистински“ факти поврзаноста со измислениот свет во мојот роман – толку полошо за фактите! Имено, добрата литература е многу поинтересна од реалноста. Создавањето е вистина, а секојдневниот живот и голите факти -здодевен кошмар.

Колку се големи твоите писателски амбиции? Работиш ли веќе на следниот роман?

Тоа не би го нарекла амбиција, повеќе се работи за принудено пишување, за страст, што е прилично исцрпувачко. Нема да кажам ништо ново, ако кажам дека литературните јунаци се многу самостојни луѓе, честопати имаат комплексни карактери, а ако не беа такви, честопати се препуштаат во прилично лоши ситуации, од кои мораат да се спасат. Животот со нив не е лесен, но да речеме дека на крајот од тоа макотрпно постоење со нив ќе изникне некое минимално задоволство. Накратко, идеја за нов роман веќе имам, исто така го имам и насловот –„Книга за останатите“ – зашто пишувањето доаѓа во мало пакување, бидејќи, како што кажав погоре, за пишување потребен е целиот човек.

Дали има голема разлика меѓу новинарското пишување и пишувањето на литературно дело?

Ја гледам суштинската разлика во тоа дека во новинарството се работи – гледано идеалистички – за поврзаност со некој проблем од јавно значење, односно со некој јавен настан и задачата на новинарот е таа приказна од реалноста, ако се изразам на овој начин, да ја пренесе во јавноста на што појасен и нетендециозен начин. Во жанровите, како што се на пример колумните, коментарите, блоговите, критиката има повеќе слобода, односно правото е во личниот вкус и во довербата, но во овој случај тоа е поврзано со логичната аргументација, а јасноста при аргументирањето – е размислувањето.
Од друга страна, литературата е простор за измислување на светови и ликови. Лојалноста на авторот, пред сѐ, се однесува на логиката и на новите создадени светови и јунаци. Ако се навратам на романот, секако од помош ми беше километражата во пишувањето, како придружен елемент во новинарското пишување, но и ограниченоста на одредениот број на редови и карактери, која бара јасна мисла и економичност во изразувањето и дисциплина на авторот при создавањето на литературната фикција.

Преземено од: Дело
Превод: Драгана Евтимова

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Чувари на општото добро
Книгата е објавена во „Антолог“ во 2014 година со поддршка на Министерството...
Повеќе
0 replies on “Начинот за справување со ужасот на љубовта”