Utopia revisited

Или зошто е утопијата вечно актуелна?
  • Или зошто е утопијата вечно актуелна?
  • “A map of the world that does not include Utopia is not worth even glancing at, for it leaves out the one country at which Humanity is always landing. And when Humanity lands there, it looks out, and, seeing a better country, sets sail. Progress is the realisation of Utopias.”
    ― Oscar Wilde, The Soul of Man Under Socialism

    Општиот впечаток е дека денес светот не е воопшто убаво место, а претставува и свет во кој не се чувствуваме сигурно. Од политички, економски, социјални, кризи, преку природни катастрофи и опасности, во секој миг сме изложени на опасност. Во ова оппштество на ризик, за кое говори Улрих Бек , нема ништо сигурно освен несигурноста. Живееме во свет кој е надвор од контрола. Така е и низ историјата на човештвото. Токму оттука уште од формирањето на заедниците човекот сонува за совршен свет, свет во кој слободно ќе се реализира, а заедницата совршено ќе фунцкионира без надворешна интервенција или власт која ќе има улога на коректив. Без ограничувања, несреќа, глад, конфликти. Во овие визии е инкорпориран и комплексот на човековата природа и неговите индивидуални желби и потреби, социјалната реалност и историјата, кои определуваат дали овие светови се возможни, ќе останат во доменот на фантазијата или пак можат да се реализираат. Доколку можат, зошто досега не се реализирани и покрај енормните контрадикторности во социјалнта стварност и остануваат само во полето на идеалот? Зошто ни е тешко воопшто да замислиме да живееме во ваков свет без владетел и контрола?

    Секако, секое време носи свои обележја и свои проблеми, што се однесува до функционирањето на заедницата и општеството, а оттука и потребата за фантазирање за подобро и конечно совршено општество. Затоа и секое време и секое општество дава свои визии и претстави за тоа како би требало успешно да функционира, избегнувајќи и надминувајќи ги курентните проблеми. Низ историјата има доволно примери на конкретни обиди тоа практично да се реализира. Анархизмот не е најраниот обид за реализација на утопијата, иако најконкретно ги поставува темелите на безвластието. Токму Кропоткин општеството го замислува како организам во кој односите помеѓу неговите членови не го одредуваат законите (наследството на историското угнетување и минатото варварство), туку слободна согласност, како и навики и обичаи, исто така прифатени слободно. Oпштество на еднакви, кои во својата средина не дозволуваат никаква принуда и, иако нема принуда, нималку не трeба да се стравува дека во општеството на еднаквоста постапките на поедини членови штетни за општеството би добиле опасни размери. Тоа би значело еден совршен еквилибруим во кој нема власт која би ја наметнувала својата волја и нема владеење на човек над човек. Со други зборови, на поединецот не се наметнуваат никакви работи под закана на општествена казна или натприродна одмазда. На општеството не му е потребно ништо од поединецот што самиот тој не би го прифатил доброволно да го исполни во одредено време. Дали е ова идеалот, утопијата во која би сакале да живееме?

    Сепак, далеку пред појавувањето на овие идеи (па и пракса) од минатиот век, бескласното општество својот зародиш и пројава го има и во утопиите, најраните теориски концепти, кој за жал остануваат само во доменот на литературниот жанр научна фантастика. Токму преку овие литерарни (па и философски) ремек дела, кон кои ќе се осврнеме за потребите на оваа анализа, ќе се потсетиме, дали ваков свет е воопшто можен и дали може да постои во реалноста, а доколу не, што е она што ја спречува неговата реализација?
    Очигледнo е дека и по петстотини годиин откако е именувата, утопјата останува витален концепт за разбирање на општеството, пред се поради дистопискиот карактер кој го придобива во современото доба. Се уште нуди дијагноза на сегашноста преку реобмислување, и за среќа дава практичен ангажман, радикални опции и посочува како утопизмот може да функционира денес, нудејќи ни барем малку надеж за подобра иднина.
    Но, најпрвин да го дефинираме поимот УТОПИЈА.
    Зборот утопија во литературата е воведен од страна на Томас Мор (Thomas More), преземен од неговиот роман „Утопија“ (Utopia), првата официјална утопија, напишана 1516 година во која тој го отсликува општеството на фиктивен остров и неговите религиозни, социјални и политички услови. Утопија е практично името на овој фиктивен остров кој се наоѓа во Атлантскиот океан и во кој владее идеален социо-политички систем.

    Утопија доаѓа од грчкото οὐ, што значи не и ηόπος, што значи место, но со топографски суфикс εία, значи Οὐηοπεία или латинизирано utopia, што би значело – не место или место кое не постои, што укажува на тоа дека Мор не смета дека такво идеално место навистина може да постои. Во дефинирањето на потеклото на зборот утопија исто така би можеле да ја земеме во предвид и латинизираната форма на Εὐηοπεία – eutopeía, од ευ – добро, наместо οὐ и повторно ηόπος – место, што би значело добро место, а една од интерпретациите која најчесто е употребувана, е дека тоа е совршено место, општество, но кое конечно, е непостоечко и неостварливо. Сепак еutopia значи позитивна утопија или совршена, но не нереална и фиктивна, оттука и подоцнежното значење на терминот утопија неправилно подразбира совршено место, а не место кое непостои – не-место. Според тоа вистинската дефиниција за совршеното општество, но кое реално постои е eutopia. Терминот покрај тоа што се употребува да се опишат овие фиктивни општества опишани во литературата, се користи и за да се опишат идеални заедници кои се стремат да формираат „идеално општество чии членови живеат хармонично во совршени услови“ .
    Карл Мајнхам смета дека менувањето на општествениот поредок нужно не произлегува од утописката фантазија. Утопијата не е шема која би можела да го промени постоечкиот општествен поредок инспирирајќи ја заедницата или дел од заедницата со желбата за промена, дури и ако нивните ориентации водат кон акција која делумно или потполно ќе го заниша постоечкиот поредок на работите. Таквата ориентација, која не е во склад со стварноста, смета тој, станува утописка само доколку не тежи да ја раскине врската со постоечкиот поредок. Многу автори сметаат и дека мора да се разликува пишана утопија од утопија во пракса. „Пишаната утопија секогаш, или скоро секогаш, ја дефинира како таква самиот автор кој нема никакви илузии за можностите на примена на уставот чиј предности ги набројува. Тоа не е случај со „утопиите во пракса“, за кои е невозможно да се одредат мерилата.“ Оваа поделба спречува да се мешаат и да се ставаат на едно место разни политички движења и општествени групи кои тежнеат да го променат или подобрат општеството, бидејќи секое здружување би можело да се смета за утопија дококлу целта е среќата на оние кои се здружуваат.
    Очигледно зборот утопија постигнува голем успех, па од тука се изведува и именката – утопија, и се користи пеjоративно кога сакаме да укажеме воопшто на нешто нереално, неизводливо, идеално, кое е невозможно да се оствари, а исто така дава и две придавки: утописки,со кој се изразува невозможен карактер на желбата, намерата и утопистички.
    И покрај овие конотации на зборот утопија, сепак се смета дека општеството кое Мор го опишува во своето дело „Утопија“ всушност не е неговата визија за совршеното општество, туку преку неговото претставување сака да воспостави контраст помеѓу невообичаените политички идеи на непостоечката земја и хаотичната политика во своето време, од каде зазема позиција за критика на моменталната ситуација на социјалната состојба во Европа.

    Во моменти кога капитализмот уште на самиот почеток ги покажува своите внатрешни противречности и создава огромни социјални контрасти меѓу населението, хуманизмот повторно ги буди старите идеи за единството на човечкиот род и тежнеењето за создавање една заедничка општочовечка култура. Од друга страна црквата застапува слични идеи, меѓутоа се уште со феудален карактер. Затоа хуманистите се залагаат за реформација која со себе ќе носи идеја за независна национална држава и црква, а пред сé црква ослободена од средновековието. Моменталната ситуација во Англија во XV век, бедата на народните маси од една, а раскошниот живот на општествениот врв од друга страна, и се уште силното влијание на црквата, сериозно влијаеле врз креирањето на Моровите реформаторски идеи. И неговото хуманистичко образование секако дека играло клучна улога во формирањето на неговите размислувања и директно се одразило врз утописките сфаќања за замислување на едно идеално општество, како и конкретно врз делото „Утопија“, ставајќи го во прв ред на утописките мислители. Во тие безмалку сурови услови, во самиот зачеток на капитализмот, настанува Моровата „Утопија“, како критика на современото општество, но која предвудува едно сосема поинакво општество.
    Томас Мор во својата „Утопија“ претставува комплексен, самостоен град кој се наоѓа на островот Утопија, кој името го добива според освојувачот Утоп (претходното име гласело Абракса), и каде заедницата има заедничка култура, начин на живот, обичаи… Градот Амаурот, главниот град, е еден од педесет и четрите града и е ист како сите други на островот, но сепак Мор го избира овој град, бидејќи како што самиот вели „тоа најмногу го заслужува, бидејќи сите останати градови нему му ја укажаа честа да биде седиште на сенатот…“.
    Покрај тоа што Утопија значи – никаде, и другите имиња во ова дело се на истата линија на иреалност. Амаурот е градот Магла; се наоѓа на реката Анидру, реката без вода; владетелот Адемус е владетел без народ; а земјата ја населуваат Ахориевци, луѓе без земја. Во целата оваа топонимија на ништавило, кај Мор како сепак да постои извесна доза на песимизам, сметајќи за невозможно, таква совршена земја да постои.
    Во неа се дефинирани структурата на социјалната хиерархија, мерките на казнување, земјоделството, образованието, взаемните односи, правилата за стапување во брак, патување, облекување, смрт… На островот се укинати сите битни општествени противречности, владее потполна еднаквост и слобода, а исчезнуваат дури – бидејќи непостои сиромаштија – злосторството и казните. Општествената сопственост и организацијата на производството, според Мор ги отстрануваат безредието, експлоатацијата, бедата и немаштијата.
    Најдлабокиот извор на општествените проблеми тој го лоцира токму во приватната сопственост! Затоа, во Утопија нема приватна сопственост, а целата организација на производство има општествен карактер. Организацијата на производството е планска и се изведува преку сеопштата работна обврска во која сите учествуваат, а се произведува исклучиво само за да се задоволат реалните потреби, додека производството на непотребните луксузни раскошни предмети со кој се задоволуваат непотребните желби се исклучени. Од производството се исклучени само научните работници и функционерите, кои подоцна повторно се враќаат кон своите работни обврски. Распределбата на добрата се врши секому според потребите. Преку намерата во својата теорија за идеално општество да ги прикаже односите на вистинска рамноправност, Мор се соочува и со проблемот како да создаде исти животни услови на селското и градското население. Во „Утопија“ за прв пат дава идеја за намалување или анулирање на разликата и спротивностите помеѓу градот и селото, а тоа го решава преку губење на перманентното селско население. Во Утопија нема битни социјални разлики во положбата меѓу граѓаните, иако сепак постојат робови кој ќе ги извшуваат работите кој утопјаните не би требало да ги извршуваат, а тоа се работи кој се непријатни или тешки. Ова само покажува дека во тоа време дури ни теоретски не може во целост да се спроведе идејата за комплетно бескласно општество.

    Производството ги обезбедува сите материјални услови на живот, низ кои поединецот слободно ќе ги развива своите способности и таленти. Работниот ден трае шест часа, а остатокот од денот граѓаните го поминуваат по свој избор занимавајќи се со разни духовни и уметнички дејности со кој го прошируваат своето знаење преку предавања достапни за сите граѓани. Со тоа Мор решава уште еден клучен проблем и ги отстранува спротивностите помеѓу умствената и физичката работа. Најпрвин, секој поединец го добива производното образование во семејството, кое потоа се надоградува со општа култура која е достапна за сите, и што е најважно во одредувањето на нејзината насока поединецот одлучува сам, со што се остава потполна можност за сопствена иницијатива. Според ова „општеството не тежнее да создава апстрактни шеми безброј копии на еден „идеален“ граѓанин, какви тенденции се среќаваат во некој други социјалистички утопии, туку личности, па според тоа се почитуваат нивните индивидуални особини и склоности“.
    Особено се ценат духовните задоволства, кои се сметаат за вистински и најбитни, а најголемиот број од нив доаѓаат од чесна работа и свеста дека се живее чесно, а од сите уживања кој ги носи телото, на прво место е здравјето и е „задоволство од прв ред“. Наспроти сколастиката која владеела во средниот век, и која целта на човековиот живот ја гледа од религиозен аспект, на небото и во задгробниот живот, во Моровата реалиситчна земска етика, центарот на вниманието е поместено врз среќата на човекот, кое се состои од богат духовен живот и здравје. Општеството е должно, на секој член да му обезбеди објективни услови за среќен живот, а тоа е можно само доколку е добро организирано. Но, од друга страна, во остварувањето на својата среќа, и секој поединец не треба да ги заборави правата на другите луѓе, и да доаѓа до задоволство и корист на туѓа сметка, туку треба да им го олесни среќниот живот.
    Што се однесува до религијата, науката и филозофијата, во Утопија тие се потполно слободни. Не постои државна наука или филозофија, и не постои официјална религиозна вистина. Сé се темели на разумот, па дури и најопштите деистички религиски сфаќања кои владеат. Религијата не се прифаќа со насилство и присила, туку со разум, и ако постои една религија, а другите се лажни, таа во секој случај ќе се издигне над другите со својата вистина. „Ширејќи ја својата вера никој не смее другиот да го одвраќа од неговата, да го навредува туѓото верско убедување, ниту да се служи со некаква примена на сила“.
    Со овие ставови, кои се во комплетна спротивност со општествената реалност, дирекно ја критикува сколастиката со својата догматичност и стерилност кој го оневозможуваат слободното научно мислење. Само ослободувањето на филозофската мисла од религијата, која се уште е најбитниот филозофски проблем, и осамостојувањето од религиозната догматика, ќе овозможи слободен мисловен и културен напредок.
    Моровите сфаќања, иако потекнуваат од едно по сé, духовно закоравено и мрачно време, и покрај тоа што во нив преовладува антисколастички дух и борба против средновековието, се мисли, од кој сепак блика ренесансен оптимизам и претставуваат величенствено смели сфаќања за своето време. Така Мор го замислува идеалното општество, но, сепак, зачеток на утописки идеи, слики на совршени места и замислени идеални општества можеме да пронајдеме и пред овој духовно непогоден период, уште во библијата и античките дела. Повеќето од овие светови се поставени надвор од историјата и времето или во митско време.

    Kонфликтот помеѓу идеалното и реалното е секогаш присатен, со идеја и намера дека тие места некогаш постоеле, навистина постојат или тие општества се реално возможно остварливи. Таков е примерот со делото на Платон „Република“ или „Политеја“, замислената идеална држава во која сé совршено функционира според однапред воспоставени принципи и која, за да биде парадоксот уште поголем, самиот автор на ова дело се обидел и практично да ја реализира, но и со „Градот на сонцето“ на Томазо Кампанела, уште еден од клучните мислители на утописката мисла, кој своето дело, едно од најсмелите, најпотполните и најубави утопии некогаш напишани, го базира на многу слични принципи како и Томас Мор, во смисла на уредувањето на непостоечкиот замислен остров – држава, две клучни дела кои ќе ги обработиме во следното издание на овој темат.
    Очигледно е дека ниту еден од овие утописки идеали немаат своја реализација понатаму во стварноста, тука вклучувајќи го и комунизмот, за чие креирање сигурно биле идејно влијание. Негацијата на овие замисли, кои се евидентно сѐ поприсутни во стварноста, а тоа би значело претстава, не за среќно идеално општество, туку замисли за реализација на нешто спротивно – тоталитаристичко општество во кое владее несреќа, е формулирана во идеите на негативната утопија или антиутопијата. Сегашноста покажува, не само дека утописките идеали не се остваруваат, туку дека нивното место за голема жал го преземаат антиутописките антиципации, кој со сé поголема брзина и за пократко време се реализираат во стварноста на општеството. Песимистички конструкти, чија замисла, а потоа и реализација, единствено произлегува од секојдневната стварност. Утописките идеали сепак ќе продолжат да имаат свое постоење барем во сништата на сонувачите, поетите, филозофите, и по се изгледа дека тие и ќе останат таму, во трансцедентноста на фантазијата, а ваквите сништа и замисли уште долго ќе претставуваат застрашувачка утопија, особено за денешните прагматични мислители или пак самата власт. А во меѓувреме песимистичките негативно утописки предвидувања за иднината на човештвото сé повеќе ќе грабаат со својата предвидувачка моќ, натпреварувајќи се во тоа која од нив со поголема прецизност ќе ја доближи иднината, која според нив, а и според она што докажува самата реалност и не е баш така среќна.

    Библиографија:
    Beck, Ulrich (1992) „Risk Society: Towards a New Modernity“, London: Sage Publications
    Kropotkin, Petar. (2010) „Anarhija“, Beograd: Centar za liberterske studije
    Manneheim, Karl. (2007) „Ideologija i utopija“, Zagreb: Jesenski i Turk/Hrvatsko sociološko društvo
    Mor, Tomas. (1964) „UTOPIJA“, Beograd: Kultura
    Sevrije, Žan. (2005) „Istorija utopije“, Beograd: Clio
    Јовановски, Коле. (2002) „Филозофски речник“, Скопје: Ѓурѓа

    Тагови од објавата
    Напишано од
    More from Тони Димитров
    За работникот низ историјата и генезата на „Капиталот“
    Кон Младиот Карл Маркс Режија: Raoul Peck Сценарио: Raoul Peck, Pascal Bonitzer,...
    Повеќе
    0 replies on “Utopia revisited”