Човечки прав

По повод 125 годишнината од раѓањето на големиот Иво Андриќ.

Во нас постојано се менуваат и напоредно дејствуваат два елементи. Едниот би можеле да го наречеме елемент на свесното, а вториот елемент на несвесното… Волку сепак знаеме: само „несвесното“ создава и разурнува, додека „свесното“ само помага, ги поврзува одделните делови на таа творечка или убиствена активност, ги упатува во определена насока, им дава облик кој ги чини видливи, достапни и разбирливи на светот во кој живееме.
(Иво Андриќ: „Крајпатни знаци“)

Во формирањето на „портретот на младиот уметник“ Андриќ, веќе многу пати е нагласен босанскиот контекст, како и вознемирувашката различност, нестабилната сродност меѓу приватното и судбинското. Оттаму убедливоста на Андриќевите сведоштва за богатството на противречностите, за бездните и мостовите во човекот и тоа со едноставни, елиптични реченици кои прецизно ги доловуваат и највознемирените состојби на потсвеста. Во понесениот есеј „Исток во расказите на Иво Андриќ“, напишан уште 1923-та, Исидора Секулиќ ја издвојува таа особена, креативна осмоза меѓу „езовито непосредната, огрезната во колорит“ приказна и начинот на кој таа е раскажана. Андриќевиот стил е најблизок до оној на европскиот реалист par exelance од средината на 19. век, па оттаму неговата „класичност“ наликува на стилската и мисловна концентрација на еден Томас Ман или Маргарет Јурсенар. Метафизичките наслојки се присутни и во најраскажувачките ракописи на Андриќ, и речиси никогаш сентиментално кажани, што наведува силна, моралистичка особеност. „Крајпатните знаци“ пишувани речиси половина век, без оглед што се ретко датирани, се импресивна и воздржана збирка на сентенции, низ кои впечатливо се афирмира доминантната слика на Иво Андриќ – мудрец, тивок, брилијантен аналитичар, кој од страна, промислено и суверено ги искажува своите судови. И во бројните „разговори со Андриќ“ што се намножија по неговата смрт, е подвлечена Андриќевата одмереност, поткрепена, низ фотографиите, со коректниот граѓански изглед. Како што вели германскиот славист Рајнхард Лауер: „Андриќ се одрекнал од секаква романтично-ексцентрична надворешност на боем, не носи брада, ниту зафрлена шапка на тилот, ниту капут префрлен преку рамо, како Крлежа… Спротивно: Андриќ на нагласен начин се прикажува како господин, и тоа не само по стапувањето во дипломатската дипломатската служба во која дистингвираната облека се вбројува во службен обичај, туку и како студент во тешките години 1917. и 1918. во Загреб“. Односот на Андриќ кон сопствената рана творечка, лирска фаза (што баш не би можела да се определи како „рана“ – кога ги објавил „Ex Ponto“ и „Немири“, Андриќ бил 28-29 годишен) е исто така илустративен во тој поглед. Андриќ упорно не дозволувал препечатување на своите лирски збирки, а во писмата до Андре Мазон, директорот на Славистичкиот Институт во Париз и до семејството Марковиќ кои имале намера да ги издадат неговите поетски книги на француски, тој учтиво, но неотповикливо тоа го одбива: „Лирскиот дел од творештвото на еден писател е неопходен во неговиот развој, разбирлив и близок на современиците, но од подредено значење во однос на неговото севкупно животно дело“. Многумина толкувачи го издвојуваат деликатниот, мек штимунг на Андриќевата лирика, поттикната од емоционалната растрганост и повредливост. „Тешко дека во некои зборови има толку раскинати парченца душа како во неговите“, реакцијата на Црњански убаво ја осветлува исповедната, болешлива гама на Андриќевата поезија, која тој свесно и јавно ја потиснува, кога на таков потполн начин ќе ја прифати достоинствената, аскетска улога на уметник, кој, како што вели во „Разговорите со Гоја“ е:… осуден со натчовечки и безизгледни напори да дополнува некој повисок, невидлив ред, реметејќи го оној понизок, видлив, во кој би требало да живее со целоста на своето битие“.

Трите импресивни романескни дела – „Мостот на Дрина“, „Травничката хроника“ и „Госпоѓицата“, создавани за време на војната и социјалната изолираност, се вонреден резултат на врвна самоконтрола. Иако и најболната и најслоевита поединечна судбина е само епизода во животот на мостот, или на градот, или на занданата (во „Проклетата авлија“), а левантинскиот човек е poussiere humaine, човечки прав што мачно се провлекува меѓу Истокот и Западот, не припаѓајќи ниту на едниот. Наспроти тоа е складноста на уметничкото дело, што еден врвен раскажувач каков што е Андриќ ја гради без егзибициозност – сугестивен аналитичар без патетичност, сликовито дескриптивен, но без одолговлечување. Континуираната продукција на мајсторски остварени раскази, во антологиска низа – „Патот на Алија Ѓерѓелез“, „Мустафа Маџар“, „Ќоркан и Швабицата“, „Аникините времиња“, „Смртта во Синановата текија“, ремек-делото „Мостот на Жепа“, „Бифето Титаник“, „Аска и волкот“, „Приказната за везировиот сон“, „Жената на каменот“, „Летување на југ“…, сведочи за неговото суверено, долготрајно владеење со книжевниот израз, во кој стремежот кон „егзактноста“ (подеднакво успешно применета во прикажувањето на најсуровото мачење или на еротското лудило) е суштински хранет од една богата искуствена, метафизичка, но и емотивна подлога. Сепак преминот од меланхоличен лирик во минуциозен хроничар не бил ни толку нагол, ни толку резок. Кај секој внимателен читател, Андриќевите раскази и романи (што, освен „Госпоѓицата“, можат, во сета своја хронолошка и панорамска просторност, да се согледаат и како компактен збир новели врзани са едно јадро) будат несомнена доза вознемиреност што пробива низ порите на навидум спокојното раскажување. Проникливиот Милан Богдановиќ уште одамна се запрашал: Дали Иво Андриќ со некоја природна склоност на духот зашол зашол во сложениот и мрачен свет што го опишува, и во кој езовитите лични прокоби се детерминирани со некои далечни пореметувања на претците? Или можеби токму тој трагичен свет од престарен ков… и на него самиот му наметнал еден скептичен поглед на нештата, според кој се треба да се сфати под сомнение на некое фатално оптеретување? За Андриќ, злото е несомнено не само како постоење, туку и како дејствување, било да се работи за инстинкт, механизам или неумитна судбина. Андриќевиот антисентиментален песимизам, од друга страна, ретко добива иронични тонови, иако неговите јунаци понекогаш се сместени во донкихотовски, дури гротесктен контекст. Во „Крајпатните знаци“, Андриќ и самиот тоа изричито го вели: Силната смисла за иронија и за карикирање на најразлични човечки постапки, што го наоѓаме кај некои писатели (и неписатели) доаѓа во добар дел поради недостатокот фантазија и неспособноста на тие луѓе да се замислат себе си во положбата на оние кои ги исмеваат и карикираат.
Младешкиот занес, осакатен во затворот и насилството, сигурно во писателот врежал неизбришлива темна трага, што низ суптилниот вез на неговото ракажувачко мајсторство се впива во дискретната сета на неговите книги. Во постхумно објавената збирка поезија „Што сонувам и што ми се случува“ се гледа дека Андриќ и натаму, повеќе или помалку трајно, продолжил да пишува песни. Неколку, многу лични и потресни, се настанати во последните години од животот, по губитокот на сопругата и за време на болеста. Потиснатиот, со години, лиризам повторно изненадува од последните, ненасловени стихови:

Ни богови, ни молитви!
Па сепак се случува понекогаш да чујам
Нешто како молитвен шепот во себе.
Тоа мојата стара и вечно жива желба
Се јавува однекаде од длабочините
И со тивок глас бара малку место
Во некоја од бескраните градини рајски,
Каде најпосле би го нашол она
Што отсекогаш залудно го барав тука:
Широчина и просторност, отворен видик,
Малку слободен здив.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
ДВЕ ЛЕТНИ ПРИКАЗНИ ЗА ПАЈАЦИТЕ
Тоа е тука, брод-играчка што повторно ќе се јави секогаш кога ќе...
Повеќе
0 replies on “Човечки прав”