Италијанска современа поезија (2)

Не оди си / не оставај ја / твојата еклипса / во мојава соба.
  • Пјер Паоло Пазолини (1922-1975) е италијански поет, филмски режисер, писател, сликар, драматург, есеист, новинар и политички контроверзен интелектуалец. Со своите книжевни, филмски и теориски дела станува значајна европска уметничка фигура особен поради разоткривањето на табуизирани сексуални и политички теми. Убиен е сурово во Остија и ден денешен неговото убиство останува мистерија.
  • Без тебе се враќав опиен

    Без тебе се враќав опиен,
    неспособен да бидам сам, навечер
    кога уморните облаци се прелеваа
    во несигурната темнина.
    Илјада пати сум бил така сам
    од кога сум жив, и во илјада исти вечери
    очиве ми ја смрачуваа тревата, планините,
    селата, облаците.
    Сам бев во денот, и потем во тишината
    на фаталаната квечерина. А сега, опиен,
    се враќам без тебе, и покрај мене
    има само сенка.

    И илјада пати ќе ми бидеш далечен,
    и потем, засекогаш. Јас не умеам да го запрам
    овој беспокој кој ми надоаѓа во градиве;
    постоењето осамен.

    Страв од себеси?

    Ах, ужасен страву;
    Ведрината прска
    Во тие стакла в мракот
    Ама таа ведрина, која те бодри гласно да пееш
    Е враќање во смртта: ако некој воопшто може да се смее –
    Одзади, зад рамката на црното небо
    Подземното привидение повторно никне!
    Не се шегувам: ти си го искусил
    Она место кое јас никогаш не сум го истражил,
    Празнината во космосот
    И вистина е дека мојата земја е мала
    Но јас отсекогаш сум говорел за неоткриени места
    Со извесна ведрина, речиси како тоа да не е вистина
    Ама ти си тука, имаш глас
    Месечината изгреа
    Водите течат
    Светот не знае дека е нов и неговиот нов ден
    Завршува зад високите и мрачни рамки на небото
    Кој е таму, во таа ПРАЗНИНА НА КОСМОСОТ
    Којшто ти го носиш во твоите копнежи и го познаваш?
    Таткото е, да, тој е!
    Ти мислиш дека јас го познавам? Ох, колку ли грешиш!
    Колку наивно го признаваш за вистина она што воопшто не е;
    целото твое знаење го засноваш тука со песна,
    врз оваа претпоставка која за тебе е бескорисна
    а не знаеш всушност колку е моќна
    таа во себе ги носи знаците на смртната волја на мноштвото –
    Моето радосно око никогаш не слегло во пеколот,
    а сокрива пеколна залутана
    сенка
    А ти потклекнуваш
    Ти од тоа го познаваш само она што е стварно и само оној Возрасен Маж
    Односно само она што мора да се познава;
    таа, Возрасната Жена, нека биде во пеколот
    или во Сенката која му претходи на животот
    и оттаму нека ги извршува своите злокоби, своите чинки;
    мрази ја, мрази ја, мрази ја;
    и ако ти пееш и никој не те слуша, насмевни се
    едноставно затоа што, сега за сега, сепак, ти си победоносна –
    во гласот на младата стрвна ќерка
    која всушност ја искусила похотата и сласта;
    Париз зад твојот грб го зафрла ниското небо
    И ги плете црните гранки; класични се;
    таква е приказнава –
    Ти му се смееш на Отецот –
    Таа личност за која немам никаква информација,
    која сум ја посетил во некој сон кој се разбира сум го заборавил –
    чудно е, ама од тоа чудовиште на власт
    потекнува сета благост
    која не е ништо друго освен помирение и кратка победа;
    во бестрага, па како не го спознав! Толку неспознат сум што не знам повеќе ништо – што да правам?

    Ти даруваш, ти расфрлаш дарови, ти имаш потреба да даруваш,
    но твојот дар не ти го дал Тој, како и сѐ останато;
    и Ништо е дарот Ничиј;
    јас се преправам дека сум добил;
    ти благодарам, благо ти дарувам;
    Но мојата кревка и бегла насмевка
    не е срамежлива
    таа е ужасеност, најужасната, многу поужасна
    отколку да се има расчеречено тело во кралствата на Битието – ако е тоа вина
    ако не е тоа несреќен случај;
    но на местото на Другиот
    за мене има празнина во космосот
    празнина во космосот
    и токму оттаму ти пееш.

    ПЈЕР ПАОЛО ПАЗОЛИНИ
    На мојата нација

    Не си арапски народ, не си балкански,
    а ниту ни антички,
    жива нација си, европска нација си:
    а што ли си? Земја си на монарси, изгладнети, поткупени,
    гувернери вработени кај земјоделци, уназадени префекти,
    адвокати измасетни со брилијантин и валкани стапала,
    либерални функционери лешеви лицемерни фанатици,
    касарна, манастир, плажа, хаос!
    Милиони буржуи како милиони свињи
    пасат туркајќи се под сочуваните палати,
    меѓу селските куќи трошни изронети небаре цркви.
    Токму заради тоа што си постоела, сега не постоиш,
    токму заради тоа што беше свесна, сега си несвесна.
    И само заради тоа што твојата вера е католичка,
    не можеш да си мислиш дека твоето зло е сето зло на светов: вина за секое зло.
    Удави се затоа во ова чудесно море, ослободи го светот.

    ПЈЕР ПАОЛО ПАЗОЛИНИ
    Стихови на тестаментот

    Самотија: треба да бидеш многу силен
    За да ја сакаш самотијата; треба да имаш силни нозе
    и извонредна отпорност; не смееш да настинеш,
    грип да фатиш или грлото да те боли; не смееш да се плашиш
    од крадци и убијци; ако треба пеш да одиш
    целото попладне или цела ноќ
    треба тоа да го правиш без да забележиш; нема време за седење;
    особено не зиме, со сиот тој ветар што фучи врз влажната трева,
    и низ камењата влажни и каливи насреде ѓубрето;
    не постои никаква утеха, во тоа нема сомнеж,
    освен утехата дека пред себе имаш цел еден ден и ноќ
    без обврски и ограничувања од каков и да било вид.
    Сексот е изговор. Колку и да имаш средби
    – дури и во зима по улиците препуштени на ветрот,
    покрај ѓубриштата крај далечните згради – ,
    многу се а сепак не се ништо друго освен мигови на самотија;
    колку повеќе е топло љубовното тело
    кое прска семе и си оди,
    толку постудена и смртна е наоколу благата пустина;
    но токму тоа исполнува со радост, ко чудесен ветер,
    не невината насмевка, или подмолната надменост
    на оној што потем си оди; тој во себе носи бескрајно
    млада младост; и токму во тоа е неговата нечовечност,
    зашто не остава траги, или поточно, остава само една трага
    која е секогаш иста во секоја сезона.
    Момчето во својата прва љубов
    е плодноста на светот.
    И светот така и доаѓа со него: се појавува и се одјавува,
    како облик што се менува. И сите нешта се недопрени,
    и макар и пола град да претрчаш, нема пак да го најдеш,
    чинот е окончан, неговото повторување е ритуал. Самотијата
    е уште поголема ако цела една ордија
    си го чека редот: се зголемува бројот на исчезнувањата
    да си заминеш значи да побегнеш – и она што следи, ѝ тежи на сегашноста
    како должност, жртва која треба да ја исполни волјата за смрт.
    Но со стареењето уморот веќе се чувствува,
    особено во часовите после ноќниот обед,
    а за тебе не се сменило ништо: и сал здив еден те дели од крик и од плач;
    и тоа би било ужасно ако не е само умор,
    или пак можеби малку глад. Огромен, зашто тоа ќе значи
    дека твојот копнеж по самотија не може повеќе да се задоволи
    и тогаш што те чека, ако она што не се оценува како самотија,
    е вистинската самотија, онаа која не можеш да ја прифатиш?
    Не постои вечера или ручек или световна сласт,
    која ќе вреди повеќе од бесцелното скитање по сиромашните улици
    каде што мора да бидеме несреќни и силни, браќа кучешки.

  • Марио Луци (1914-2005) е италијански поет и писател, а бил именуван и како доживотен сенатор на италијанската република. Му припаѓа на книжевниот правец херметизам.
  • МАРИО ЛУЦИ
    Не оди си

    Не оди си
    не оставај ја
    твојата еклипса
    во мојава соба.
    Она што те бара е сонцето,
    тоа нема милост за твоето отсуство,
    сонцето, те наоѓа дури и во најобичните места
    каде што си поминала,
    во оние места што си ги напуштила
    и во оние каде што неочекувано си заминала
    гори
    и го множи
    со нула целиот тој
    твојот горешт ден.
    А сепак настанал,
    постоел,
    и ниту еден час
    негов не бил залуден.

    МАРИО ЛУЦИ
    Бесконечноста на мигот

    Кога меѓу крајни сенки длабоко
    во отворени предели летото
    ја грабнува песната на стадата
    и сеќавањата на овчарите и насекаде молчи
    тајната бодрост на видот,
    и неродените деца се веднат
    во благата волја на мајките
    и ги притиска гранките на брдата и на рамнините
    суви и брзиот раст на плодовите.
    На земјата настануваат без место,
    без одговор зошто, неизбришливите
    вистини, во тој здив во кој тонат
    лесни тежината крошните
    бродовите навалени настрана
    и далгата на морнарите кон сперливите брегови,
    и звукот на секој глас
    се губи во утробата, во морето во ветрот.

  • Умберто Саба (1883-1957) е италијански поет и писател, кој се родил и творел во четвртиот најголем град на Австро-унгарската империја, Трст. Пишува херметичка поезија, но и класична поезија и сонети.
  • УМБЕРТО САБА
    Лист

    Јас сум како оној лист – погледни –
    на голата гранка, кој само некакво чудо
    го додржува уште.

    Порекни ме. Нека не се растажува
    твојата убава возраст која со немир се бои,
    и поради мене со детски скокови доцни.

    Кажи ми ти збогум, ако јас не умеам.
    Да се умре не е ништо; да те загубам е тешко.

    УМБЕРТО САБА
    Февруарска ноќ

    Февруарска ноќ
    Месечината изгрева.
    На булеварот е сѐ уште
    ден, вечер која брзо се спушта.
    Рамнодушна младоста се потпира;
    залутана кон своите оскудни цели.
    Токму помислата
    на смртта, конечно, ни помага да живееме.

    УМБЕРТО САБА
    Улис

    Во мојата младост пловев
    долж далматинските брегови. Островчиња
    на врв брановите се појавуваа, каде ретко
    понекоја птица тлееше исплашена од замки,
    покриени со алги, лизгави, под сонцето
    светкави ко смарагди. Кога плимата
    и ноќта глува ги тиштеше едрата
    против ветрот креваа пловидба кон морската шир
    за да побегнат од стапиците. Денес моето кралство
    е таа ничија земја. Пристаништето
    на други им ги пали своите светла; мене кон ширта
    ме турка уште мојот нескротен дух,
    и на животот болната љубов.

    Превод: Наташа Сарџоска

    Тагови од објавата
    Напишано од
    More from РЕПЕР
    Депресија
    Силви Ројтер (1982) е родена во Стралсунд, Германија. Завршила факултет за графички...
    Повеќе
    0 replies on “Италијанска современа поезија (2)”