Во најновиот роман на Мишел Уелбек постои една реченица, која можеби сакаат да ја напишат многу современи писатели, но просто не умеат, а која гласи – Станав богат и немав проблем со пари, но како, сега немам време да ви објаснам како. Ултимативна реченица која некако најсликовито може да ги опише ужасите на зукерберг капитализмот.
Неидентификуваниот наратор на романот е уште една од варијација сретната во досегашните негови романи; разочаран средновечен маж блазиран и сексуално опседнат, дизниленд консумер, соголен човек без било какви утописки хоризонти. Во овој роман нема да сретнете егзистенционални проблеми со плаќање на сметката за струја; со греење, со обезбедување на храна и покрив над главата. Нема проблем со плаќање на данок, со чистење на дамки од теписонот, нема се чини проблем ниту со наводнување на саксија цвеќе на балконот.
Напротив таксативно се набројуваат низа брендови и етикети, педантно бележи што јаде, што пие, во бретонелис стил, налик на „Американски психо“. Во романот се насетува тоа уелбеково алтер-его, познато од тв-екраните: легнат во фотеља, со нежно и кршливо телце во изгужвана плава кошулка, со праменчиња во форма на антенички, со цигарче в рака, со отсутен поглед мрморејќи против сѐ она на што западниот мејнстрим му е драго: Слободен пазар и Индивидуализам, Толеранција, Сексуално ослободување, (лажно!)
Впрочем падот на овој Мерсо не е кога ќе сретне Арап на плажа под силно пладневно сонце, туку кога ќе доживее полна ерекција при погледот кон марокански девојки во куси пантолончиња на осамена бензинска пумпа. Потоа докторот ќе му препише „капторикс“ – ултимативен антидепресив кој му ја продолжува волјата за живот, но истовремено го прави сексуално импотентен.
Следи серија потрага по неговите бивши љубови како во „Broken Flowers” на Џим Џармуш. Занимливо е што неговите ликови може да се окарактеризираат со низа негативни епитети како мизогини, шовинисти, мизантропи и сл. тие не се лишени од можноста да сакаат. На места, романот преминува во своевидна alt-right критика на глобалната елита. („Холандија не е држава, Холандија е приватно претпријатие“.) Елементот на памфлет му дава предност на внучињата задоени со Џордан Питерсон правила, цинични и хедонистични волстритовци, со сета нивна дарвинистичка реторика, наспроти сите прогресивни движења, заклучно со индигнатосите со кои брутално се исмејува. Можеби помалку во провиден адолесцентски ничеански манир, (Иако Уелбек постојано сака да се повикува на Шопенхауер) сите прогресивци само вешто ги камуфлираат инстинктите под плаштот на големи идеали.
„Интересното“ станува во последната балзаковска третина, кога излегува од автобиографската фаза и во романот се уфрлува ликот на колегата од факултетот за земјоделие, дезориентираниот Емрик (уште една авто-референца, самиот Уелбек студирал агрономија) по што дејствието се носи кон внатрешен туризам и француското село. Емрик пропаѓа, емотивно и финансиски, се организираат протести. Уелбек не гледа решение во било револуционерен одговор. Тој само констатира. Што се однесува до формата, за разлика на пример од некои решенија во неговите претходни романи како „Мапа и територија“, каде нараторот продолжува понатаму по некоја инерција, овде авторот ќе посегне кон непотребна драматургија. Дали просто почувствува дека можеби романот не располага со влечна сила и јалова кубикажа на фабулата. Прибегнува кон мошне евтино решение, уфрлувајќи спектакуларно самоубиство. На кого? Би требало да прочитате. Впрочем, клучната дилема на романот гласи: функционален и на антидепресиви или во потрага по љубов, депресивен.
И сега, доколку лешкарите во кревет, силно разочаран од некоја убоита љубовна афера, плутате со мислите безволно, гледате низ прозорчето во вашата улица која ви се чини бескрајно празна – тогаш ова книга може да биде за вас, бидејќи нуди една стара максима како да е искована од перото на проклетите англиски романтичари дека: живот без љубов не е вреден.