WATASHI NO FUKAI KEII, SENSEI

Триесетина години помлад од Тезука, Наоки Урасава почнал да црта манги како дете, а првите му се поврзани со спорт, теми џудо, тенис... Гради реалистичен стил на којшто најмногу му одговара жанрот на психолошкиот трилер. Неговиот opera prima, „Монструм“ е токму од таков карактер.

WATASHI NO FUKAI KEII, SENSEI

Со право го нарекуваат „татко на мангата“. Стариот мајстор Осаму Тезука (починат 1989), кој го создаваше својот имагинативен манга свет, внесувајќи ликови со карактеристичните „големи очи“ препознатливи за јапонската анимација. Неговиот „Кимба, Белиот Лав“ го инспирирал Дизниевиот „Lion King“. Најпопуларниот цртан лик на Тезука е Астробој, детето-андроид, омилен не само меѓу јапонските, туку и децата ширум светот.


Триесетина години помлад од Тезука, Наоки Урасава почнал да црта манги како дете, а првите му се поврзани со спорт, теми џудо, тенис… Гради реалистичен стил на којшто најмногу му одговара жанрот на психолошкиот трилер. Неговиот opera prima, „Монструм“ е токму од таков карактер.
Од 2003-9 работи на мангата „Плуто“ , каде еден од главните карактери е токму Астробој на Тезука, кој заедно со својата супер-сестричка Уран, е префрлен на „друг терен“, во трилер во кој дејствуваат заедно со роботот-детектив Гешист. Еден од ликовите во „Плуто“ е докторот Тенма, кој инаку ги конструирал Астробој и Уран. И главниот осомничен, Плуто (робот со рогови), е исто така преземен од Тезука, но кај Урасава, тој е невидлив до самиот крај и никој не знае кој е тој. Овој трибут кон Тезука е уште поимпресивен, зашто стилот на Урасава во многу нешта се разликува од оној на стариот мајстор. Додека цртежот на Тезука е магичен, оној на Урасава е прецизно реалистичен.


Оваа препознатливата јапонска почит кон претходникот (постариот, поискусниот) ме потсети на една случка од октомври 2003. во универзитетското градче Тенри (Јапонија) за време на втората конференција на Светската Хаику Асоцијација. Целиот настан, иако функционираше како под конец, за мене, дојденец „од друга планета“, нудеше најневообичаени и незаборавни доживувања. Едно од тие што ми остана во трајно сеќавање, се случуваше во големата, преполнета со учесници, сала на Универзитетот, за време на дискусијата за влијанието на современото европско поетско искуство врз јапонското хаику. Дискутанти беа двајца професори, едниот постар, традиционалист, и вториот помлад со авангардни сфаќања. Дијалогот, со „тешки“ аргументи од обете страни, постепено се разгоруваше, па иако, јапонскиот и онака за странските слушатели звучи отсечно и гласно, ми стана јасно дека нивниот судир станува сѐ пожесток.


И тогаш, помладиот стана и се упати кон крајот на салата.
Инаку, дел од зданието на Универзитетот каде што беше и салата, беше вдлабено во висока ридска карпа, а ѕидот кон кој што се упати помладиот професор всушност преставуваше огромен прозорец на излезот на таа карпа, од кој се ширеше поглед на густ шумски предел.
– Каде оди? Што ќе прави сега? – му шепнав на соседот, германскиот хаику поет Бремер. Ги подигна рамениците.
Помладиот дојде до прозорецот, ги наслони раширените дланки врз стаклото, се загледа во шумата. Стоеше така неподвижно, ми се чинеше повеќе од минута.
Се врати и смирен, со насмевка, се поклони пред стариот професор и седна на своето место.
“Watashi no fukai keii, sensei” („Моја длабока почит, учителу“).

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
ПРДИКОКОСИ
Кутар старец. Никому не би нанел зло. Само просел за некој денар.
Повеќе
0 replies on “WATASHI NO FUKAI KEII, SENSEI”