Записи од корона-окупацијата

Мало ѓезве, таман за едно кафе, имаше обичај да каже дедо ми Санде, кога наутро, од крајот на мај па до почетокот на октомври, со послужавник ќе ги донесеше на терасата филџанот и ѓезвенцето со штотуку зовриеното кафе. Филџанот беше од оние старинските, порцелански со извиена, грацилна дршка и со насликан мотив на рози и ист таков на тацната.

ТРЕВОГА

Во деновите на ткн. самоизолација, буричкав по најзабутканите фиоки  по плакарите во подрумот. Наоѓав се и сешто, меѓу нив и една  стара тетратка со тврди корици во зелено црни шарки. А во неа, и една белешка пишувана есенските месеци 81-та, кога ме беше навјасала некоја чудна тескоба:

„Тревога! Тревога! Човекот со црна актн-чанта се наближува! Човекот со црна актн–чанта се наближува! – одеднаш ќе го фатеше безумен страв и тогаш, додека чувствуваше како потта му се лепи на вратот, од него, како по некој надолен канал, му истекуваше силата. Преплашен и стаписан. И испотен до гола кожа.

Ваквите напади му доаѓаа најчесто во есен. Што ми стана? – се прашуваше отпосле, подвиткан, седнат со рацете на колениците, а со лицето меѓу испотените дланки. Иако му беше јасно дека ова не е ни прв, ни последен пат. Не ја потпиша спогодбата за мир. – Те вознемирувам? – го праша потсмешливо. – Не баш – му одговори со пркос.“.

Се потсеќам колку тогаш бев потиштен и изгубен во своите немири и дека завршниот одговор во записот е повеќе храбрење отколку вистинска отпорност на дотичниот јунак. Ме потсети на сегашнава ситуација со короната  на македонската територија, што се одолжи во неколкумесечен притвор, во кој што стиснати од стравот поради епидемијата и од губитокот на личната слободагинарушивме нашите психолошки состојби.

Што се однесува до белешката од старата тетратка, од неа подоцна се создаде текст за рок песна, што ја пребарав на Youtube. „Тревога“ на мојот тогашен бенд „Уста на уста“. Ја преслушував композицијата, заробен во карантин.

И се испотив.

 

ЦВЕЌЕ НА ПРОЗОРЕЦОТ

Куќата е сосем обична петокатница со извалкана фасада.

Еден прозорец на петтиот кат се отвара секое утро. Наспроти мојата соба, од другата страна на улицата.

Гледам, сред разбудениот град, како нечија рака, внимателно и нечујно, ја полева саксијата со бело цвеќе.

 

УЖИВАМ НА СЛ’НЦЕ, СИНЕ

Мало ѓезве, таман за едно кафе, имаше обичај да каже дедо ми Санде, кога наутро, од крајот на мај па до почетокот на октомври, со послужавник ќе ги донесеше на терасата филџанот и ѓезвенцето со штотуку зовриеното кафе. Филџанот беше од оние старинските, порцелански со извиена, грацилна дршка и со насликан мотив на рози и ист таков на тацната. Дедо, свежо избричен и намирисан со колоњска вода, повремено жмиркајќи од утринското сонце, бавно, со паузи меѓу голтките, го сркаше кафето. Така, иако филџан дозата беше во неколку голтки, неговиот кафе ритуал се одолжуваше речиси цел час.

Кога ќе го здогледаше таму на терасата, какопредадено си го срка кафето, татко ми, секогаш забрзан пред поаѓање на работа, гризејќи го сендвичот што мама вчера вечер му го спреми и го завитка во салвета, не издржуваше, а да не го пецне:

– Секое сабајле со кафето. Ич мува не те лази.

А дедо Санде, без и најмала возбуда, меко ќе му одговореше: – Уживам на сл’нце, сине…

 

КАПУТ, 2

Есента 2017. беше, најблаго речено, незгодна за мене. Период на состојба што би ја нарекол „изгубитис“. Постојано ми се случуваше нешто да заборавам, да изгубам, да ми украдат. Расказите што ги пишував во тоа време, „Паричник“ и „Патот на еден капут“ се огледало на тогашната моја конфузија. Во случајот на вториот, животот потврди дека сум му дал добар наслов.

Расказот е хроника на патувањето на еден убав, лесен капут што сопственикот сепак мора да го однесе на преправка кај познат скопски кројач. Во меѓувреме, јунакот, полуизгубен поради несредените семејни односи и неплатените сметки, се соочува и со ненадејната смрт на кројачот и со сопствената несмасност во сообраќајот… (да не ја прераскажувам приказната, мислам дека е многу подобра напишаната). Капутот беше најконкретен. Го добив точно оној што го опишав, од кашмир, со помош на другарка ми Весна. И на мене, како и на главниот лик во „Патот на еден капут“, потполнките на рамениците ми беа прешироки, а, за жал, и мојот кројач ненадејно почина додека чекав да ми го поправи капутот. Се потрудив  oвие лични незгоди да ги вткаам во приказната за кутриот мој не-јунак.

Расказот штотуку беше завршен (и подоцна влезе во збирката „Делфинот“) кога заминав во Белград (со капутот, се подразбира) на покана на српското друштво на преведувачи што секоја година организираше собир посветен на преводите на делата на одбран современ автор. Седмичниот белградски престој ми минуваше, како и секогаш кога сум таму, дружељубиво, уште повеќе затоа што во исто време се одржуваше и Октомврискиот саем на книгата. И токму тогаш, додека уживав во радоста на дружењата, ми украдоа добра сума пари. Во саемската турканица, од џебот на капутот. За разлика од осумте ореви во џебот на јунакот на расказот, јас во мојот носам, и покрај постојаните предупредувања на моите блиски – згужвани новчаници. Понадица што некој махерски џепарош лесно ја искористи. Останав буквално без пари.

Затоа, велат, во неволја се познаваат пријателите. Во овој случај, веднаш ми се најде мојот Влада Бајац. Не само што ми помогна парично, туку наредната вечер кај него организира журка. Со муабети, пијачки и грицки, стари хитови на пианото… подзаборавив на грабежот. Кога расположен и малку цврцнат, го навлеков капутот и излегов во длабоката белградска полноќ, не можев друго освен да се насмевнувам.

Но веќе следното утро насмевката ми се замрзна. Причината беше, погодивте – капутот! Но не оној на кој што веројатно помисливте. Не оној од расказот. Овој беше друг, сличен, но поинаков!

Дури тогаш почнв да забележувам разлики. Беше потесен, и некако поотмен. И за нијанса потемен. Освен тоа,ми го снема пасошот. Ми остана во внатрешниот џеб на оној капут.

Ми изгледаше дека ме снимаат со скриена камера. Дека случувањата се вон мојата мојата контрола, како кај кутриот јунак од „Патот на еден капут“.

Веднаш, онака разнебитен, му се јавив на Бајац. Можеби, се понадевав, сум го заменил капутот на крајот од вчерашната журка, замаен од пијалоците и дружењето.

Не, мојот капут не беше таму. Логично, заклучивме дека јас веќе сум бил со позајмениот, туѓ капут кога синоќа сум дошол на журката.

Не преостана ништо друго, освен со автомобилот на Владо да ги претражиме местата каде што претходниот ден можеше да се случи размената на капутите – ресторанот кај Сајмиштето, кафулето на Калимегдан… безуспешно!, мислам дека во тие часови вознемиреноста ми растеше побрзо од времето, што да се прави? – ме опседнуваа вознемирувачки прашања – Каде попрво да се оди – во полициска станица, во македонската амбасада?

Владо ми предложи да се потсмириме со по едно кафе на Кнез Михајлова. Влеговме во првото кафуле. Штом ме здогледа шанкерот се запули во мене, а потоа го извлече пасошот од под шанкот: – Ве препознав по фотографијата. Преквчера го заборавивте во капутот.

Ме преплави цунами од благодарност. Го прегрнав Владо, па шанкерот (далеку беше времето на корона!) и успеав да пропелтечам: –  А какапутот?

– Вашиот капут сега има нов газда. Италијанец. Мораше да побрза.  Ви го остави пасошот и со вашиот капут замина за аеродром. Ви порача да си го носите долго и со здравје.

И така, си добив нов капут. Брзо ми легна, еве си го носам трета година.  Кога короната почна да ја пустоши Италија, помислив што прави мојот италијански незнаен дародавец, дали е добро,дали, додека е во карантин, можеби се потсетил на епизодата со капутите?

„Патот на еден капут“ е една од моите понеобични приказни, иако е натопена од стварноста. А колку таа стварност може да биде забиберена од необичното, тоа само животот го знае.

 

ЦРЕША

Раскажува комшијата Никола, за време на карантинот: – Еднаш со Свето бевме по работа во „Сковин“. Тогаш копавме тунели за цистерни за вино. Тунелот требаше да минува преку една бавча. Бавча преполна убави садници од разни овошки, се гледаше домаќински одгледани, со љубов. Ни падна жал. Се извинувавме на домаќинката, но таа беше љубезна, разбрана жена, иако се гледаше дека и нејзе и е тешко. Ни кажа: „Знам дека ви е наредено, не е по ваша желба… Би сакала да ви подарам нешто за да се сеќавате на мене и на мојата градина“. И потоа ни донесе две садници од цреши: „Ова е многу убава сорта, ќе видите со време“. Свето и рече дека не треба, посака само грст цреши. А јас ја земав садницата и ја посадив во дворот. Минуваше време, таа навистина растеше, ама не даваше плод. Веќе сакав да ја откорнам. Додека еден убав пролетен ден здогледав неколку цветчиња на нејзините гранки. Значи, вредеше! И дрвото остана. Сега е веќе големо и дава многу сочни и крупни цреши, првин се жолти, потоа зарозуваат. Имаат освежителен вкус, а од нив може и слатко да се прави“.

Свето, мојот татко, и чичо Никола се врсници, родени 1928-та. Својот работен век го поминаа во „Бетон“, проектирајќи и градејќи фабрики, мостови, патишта со несмален елан. Тато не ја дочека пензијата, замина во својата 58-а, заитан, задишан дух, храбрејќи се, иако со болки и речиси неподвижен, дека ќе може да направи нешто следниот ден. Чичо Никола, во десеттата деценија на животот, ја задржа својата физичка и ментална подвижност

Црешата е инаку насадена речиси на самата линија меѓу нашите два двора. Додека чичо Никола раскажуваше, јас качен на мердевини, берев од црешите. И ќе каснев по некоја. Навистина се вкусни.

 

МУШИЧКА ВО УВО

Како што растеше ова чудовиште од корона и се зголемуваше бројот на заразените и починатите, така и моите сништа се приближуваа кон реалноста. И порано сум сонувал приказни многу блиски до животот, но овие месеци тие како да почнаа да се претопуваат со буднитe состојби.

На пример, го сонувам мајстор Менде како ја поплочува терасата, вели „не може вака нерамно, ќе скршите нога, што сте чекале до сега“ и продолжува да брбори онака како што тој умее. Јас нешто се врткам околу,   како што иначе правам со мајстори кога поправаат по дома, од време на време го бодрам: „Еј како ја погоди плочката кај ивицава, алал да ти е!“, па го прашувам,   онака другарски:„а може ли Менде пивце едно? Да прездивнеш малку?“, а тој ми одговара, не погледнувајќи ме, зафатен со работата –  „пивце уште не, ама можеш да ми купиш бурек, четвртина со месо“. Мислам јас (во сонот мислам), „од кај му е сега оваа идеја да трчам за бурек. Баш глупаво. Сигурно пред Милениум чекаат во редица со маски?“.

Така, поприлично нервозен, се будам, утро е, слушам некој долу мајсторисува на големо. Во пижами се симнувам по скалите и го гледам Менде кај терасата, не ја поплочува како во сонот, ама ја мести влезната врата оттаму и гласно ми довикува: „Стана газда? Е па, добро утро. Или добар ден е. Може ли по едно ладно скопско?“.

Ноќва пак, ми се случи ваков сон – сакам да си прилегнам, на истиот кревет на којшто инаку спијам, но попладне е, не е мрак, се покривам со волнено ќебенце кога слушам „ѕѕѕ…“,… и низ целиот понатамошен сон, што баш и не беше кус, ја бркав безуспешно натрапничката мушичка, додека не се разбудив. Се разбудив, ама зуењето не престана. Мушичката од сонот се престори во вистински комарец пикнат во моето уво.

 

ПОЛКОВНИКОТ

– Бројот на загинатите од ковидот ги надмина жртвите на земјотресот – ми вели утрово Полковникот, долговечниот маалски комшија, со маска, качен на својот пони велосипед.

– Навистина? – го прашувам, под маската, од спротивната страна на уличката, јавнат на својот запрен велосипед.

– Да, да – вели сигурно – Во земјотресот беа 1070, души кутрички, а сега многу повеќе, и секој ден повеќе.

Се среќаваме често наутро, тој на враќање од самопослугата „Реплек“  додека на држачите на велосипедот се клатат кеси со леб и млеко, јас тргнат кон кејот малку да ја издувам насобраната нервоза поради короната.

Него во маалото сите го викаме Полковник, зашто работел на воениот аеродром во Петровец и одамна таму и се пензионирал. Мислам дека бил граѓанско лице во служба на армијата, но во секој случај не верувам дека можел да стигне до толку висок чин. А самиот тој е висок, исправен старец кој и своето „пони“ го вози прав како свеќа.

Нашите брзоминутни видувања на уличката, откако ги запираме велосипедите, се доволни да размениме по неколку ведри реченици. И кога започна корона окупацијата, неговото расположение остана позитивно, олабавено се шегуваше дури и со алчните урбани инвеститори кои ни короната    не ги запре да ги рушат старите куќи, да ги сечат дрвјата во дворовите и забрзано да произведуваат новоградби. – Работливи, нема што. Небаре имаат по сто раце.

Или, за ракијата: – Решив да ја смалам. Место три чашки на ден, само едни шише.

Но дури и да е цврцнат, Полковникот не само што не  преплетува со јазикот, туку, и кога си потпевнува, те гледа бистро, со истата полунасмевка. Имено, Полковниковото пони е озвучено, на дршката од велосипедот има со селотејп заврзан стар транзистор, постојано пуштен на радио „Буба Мара“, од каде емитираат екс-ју хитови. – Цуне, Оливер, тоа се гласови. Легенди.

Доживотен обожавател е на Тереза Кесовија: – Лепотица! Не се раѓа таква. Убава, стројна, а глас како ангел… Пријатељи стари, гдје сте…

Но овој пат, видов дека нешто не чини. Прво, утрово транзисторот не беше пуштен. А и полунасмевката ја немаше, а очите, некако замаглени: –  Ми почина другар. Проклетиот ковид. Пилот. Момак и по… Пријатељи стари, гдје сте…

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
КАЈ ПСИХИЈАТАР
ВОДАТА (едно од можните причини за труење на Скопје)
Повеќе
0 replies on “Записи од корона-окупацијата”