МЛАДЕШКА ИСПОВЕД НИЗ ТЕМНАТА ДРАМА НА ГРДОТО

Елена Феранте. Лажливиот живот на возрасните. Скопје: Три, 2023

Еве нѐ повторно со Елена Феранте. Ја имаме со нејзината најнова приказна и тоа благодарение на Радица Никодиновска која ја има привилегијата да биде првиот македонски читател на најновото од Феранте и која со страст не само што ја чита, туку и ја преведува, како и благодарение на подготвеноста на издавачката куќа „Три“ да ѝ им го понуди (нај)новото од оваа исклучителна италијанска (неаполска) авторка на македонските читателски сладокусци. „Лажливиот живот на возрасните“ („La vita bugiarda degli adulti“) излегува по неполни четири години од неговата првообјава на 7 ноември 2019.

Мистерија на чистото/вистинитото што овој роман се обидува да го разгатне е само една провокација насочена кон двостраноста (привлечноста и одбивноста) на феноменот на нечистото/грдото/грозното. Светот во романот „Лажливиот живот на возрасните“ е детерминиран со забрани и ограничувања, со душевното и психичкото, па и со сексуалното искуство, она првото, но и она прељубничкото. Затоа и кај нас потребата оваа нејзина приказна да ја прочитаме од аспект на темната драма на чистото како што вели Јасна Котеска во својата книга „Санитарна енигма“ (Скопје: Темплум, 2006).

Темната страна на чистото нè следи од мигот на нашиот влез во битието, нагласува Котеска во својата книга „Санитарна енигма“ (Скопје: Темплум, 2006), кој се случува во периодот меѓу првата и третата година од животот заедно со усвојувањето/совладувањето на говорот, пропратено со извесна траума и отпор. „Фројд во редот на културните обележја, а како еден вид трета дефиниција за културата ја наведува потребата на човекот за убавина, чистота и ред.“ (цитирано според Котеска, 2006: 24) „Од тогаш чистото станува строга ритуална должност и трае колку што трае целото наше физичко смртно време, а не завршува со моментот на нашата смрт.“ (Котеска, 2006: 16). Тоа значи дека уште во раната возраст кај човекот/детето се развива потребата за чистото која кај добар дел прераснува во опсесија по чистото, исто како што таткото со еден посебен тон, со кој 12-годишната Џована го доживува токму него како некој кому му е неизмерно неопходна, ѝ вели: „Колку убава коса, каков квалитет, каков сјај, ќе ми ја подариш ли?“ (Феранте, 2023: 6). Овој вид опсесија често оди заедно со желбата за ред. Всушност во натамошниот човеков развој културата преку своите институции работи на наметнување грижа на совест во врска со самото нечисто.

Кај Јулија Кристева нечистото е еден од четирите чинители (заедно со табуто, храната и гревот) низ кои се пројавува категоријата што таа ја именува како абјект. Овој поим почнува да се исползува како сложена алатка за определување на еден специфичен, граничен феномен и тоа и во естетиката, и во литературната наука, и особено во современата психоанализа и родовите студии (види Јасна Котеска. „Абјект: име, време, простор“. Санитарна енигма. Скопје: Темплум, 2006, 45-52 и Јулија Кристева. „Моќи на ужасот“. Токати и фуги за другоста (зборник текстови). Скопје: Темплум, 2005, 205-234). Ако едноставно тргнеме од толкувањето дека овој поим ја означува ситуираноста меѓу су-бјектот и об-јектот или дека тој е место помеѓу потсвеста и свеста, каде на една локација и во исто време се среќаваат внатрешното и надворешното (нагоните и надворешните појави и феномени), тогаш ликот на Џована од романот на Феранте се открива како погодна да се покаже токму тој абјект. И покрај тоа што Џована е растена во едно хармонично семејство, со многу љубов од мама Нела и тато Андре, и покрај тоа што е добро воспитувана, и покрај тоа што постои една искрена љубов меѓу нејзините родители, нејзе ѝ е предизвик да ја запознае мистериозната тетка (најпрвин преку скриените семејни фотографии на кои и таа е дел), а потоа и во живо со директно одење на гости кај неа. Зашто само од блиску може да види и почувствува колку навистина таа е завидлива и тоа на многу лош начин (Феранте, 2023: 26), колку ужива да им нанесува болка на луѓето, колку е арогантна, неблагодарна и сурова (Феранте, 2023: 35), колку е „интелигентна кучка“ (Феранте, 2023: 63), колку е истовремено и лута и луда (Феранте, 2023: 216) и колку навистина она што најмногу ја навредува е постоењето на нејзиниот брат, инаку таткото на Џована. Или едноставно, како што вели Џована: „Викторија изгледаше истовремено неверојатно убава и грда.“ (Феранте, 2023: 39) и Викторија е таа од која, сепак, се плаши и треба да се плаши (Феранте, 2023: 43), зашто Викторија е чист деспотизам (Феранте, 2023: 235). Или барем е таква, зашто таква ја прикажува Андре?

А романот се открива со страшното сознание до кое доаѓа самата Џована: „Две години пред да си замине од дома, татко ми ѝ рече на мајка ми дека сум многу грда. Таа реченица ја изговори тивко, во станот што моите родители, веднаш по венчавањето, го купиле во квартот Рионе Алто, на највисоката точка од улицата Сан Џакоми деи Капри.“ (Феранте, 2023: 5, означеното е мое) И пред нас почнува да се тркала исповедта на Џована Трада, исповедта без влакна на јазикот, исповедта за сопственото растење и пораснување. Така битката што започнува да ја води овој лик се развива како битка против лагите и премолчените работи во семејството, против нередот и нечистотијата во душата, против прељубата, а прераснува/израснува во битка против неетичноста, во битка против лажливоста.

Ако тргнеме од фактот дека културата, како поредок на Таткото, се зачнува токму оној момент кога детето се откажува од желбата да ја поседува мајката, некако се добива впечаток дека кај Џована тоа влегување интензивно се засилува кога таа и покрај противењата на своите родители решава да ја запознае својата мистериозна тетка, грда исто толку колку и таа самата.

За Жак Лакан услов за да има Јас е Другиот. Всушност токму Другиот го потврдува тоа Јас, зашто во неговите очи може да се види потврдата на тоа Јас, заклучува Котеска. „Мојата идеја за другиот е моја креација, како што неговата идеја за мене е негова.“ (Котеска, 2006: 77). Потврда за она „Јас“ на Џована наоѓаме и во очите на татко ѝ и мајка ѝ, но најмногу во очите на тетка ѝ Викторија која ја именува како Џанина и Џани, или поточно тоа „Јас“ на Џована, самата Џована го спознава во сопственото огледување во тетка си. Затоа почнува да зборува, па и да се однесува како неа, па вели: „… болна е однатре, и јас сум иста како неа, ја чувствувам најблиска од сите.“ (Феранте, 2023: 100). Или е бунтовничка како неа, па со повишен и груб тон вика: „Само глупачки како вас учат како папагали, ја поминуваат годината и бараат момчињата да ги почитуваат. Јас не учам, јас сум единичарка и курва.“ (Феранте, 2023: 139). Или се озарува кога Викторија ѝ вели: „Џани не заборавај дека си ми внука, јас и ти сме исти, кога ќе ми речеш: Викторија, дојди, јас ќе дотрчам, никогаш нема да те оставам сама.“ (Феранте, 2023: 106).

Предмет кој во најфундаментална смисла ја подрива стабилноста на субјектот е токму абјектот. Затоа на културата ѝ е страотно потребно да ги скрие, дури и да ги прикрие абјектните појави. „Културата го гони, го крие и го истиснува опскурното зазорно, затоа што се плаши од неговата моќ врз субјектот.“ (Котеска, 2006: 97). „Абјектното може да биде само она што, налик на повраќаницата, содржи во себе потекло од субјектот. Постојат низа такви абјектни материи: плунка, повраќаница, крв, менструална крв, мочка, пот, фекалии, сперма … Нашата култура е конституирана како напор за санкционирање на тие материи.“ (Котеска, 2006: 98). Но, постои еден фемомен на т.н. „зазор од себеси“ кој го промовира Кр(и)стева. Со таквото чувство се соочува Џована и тоа особено во оние партии од романот кога таа се огледува и во буквална и во преносна смисла, кога се нурнува во сопствената душа, кога сака да ја победи и надворешната и внатрешната грдотија. Така кога гледа во сопствената фигура во огледалото како да ја гледа тетка си, страшната тетка која не ја ни смета(ат) за член на семејството, „страшилото од детството“ (Феранте, 2023: 9) во која, според зборовите на татко ѝ: „грдотијата и злобата биле во совршена хармонија“ (Феранте, 2023: 8). Болно, но и опасно е ова соочување зашто, како што вели самата: „Јас што дотогаш се сметав себе убава и што, благодарејќи на татко ми, верував дека засекогаш ќе останам таква? Јас што, поради неговото уверување, бев убедена дека имам прекрасна коса, јас што имав желба да бидам сакана како што ме сакаше тој, онака како што ме навикна да се чувствувам, јас што веќе страдав затоа што чувствував дека двајцата мои родители се незадоволни од мене и тоа нивно незадоволство толку ме вознемируваше што обви во мрак сѐ околу мене?“ (Феранте, 20234: 9)

Скитањето по градот, лесното преминување од побогатиот кон посиромашниот дел на Неапол, патувањето до и од Милано, се дел од едно патешетвие сместено кон крајот на минатиот век на една реална Алиса во „земјата на чудата“. Романот започнува со онаа детска имагинација/перцепција за совршено семејство во кое мама Нела и тато Андре(а) се целото царство на девојчето Џована (кое на почеток на својата приказна има 12 години), со онаа детска имагинација за удобноста, спокојот и среќата што тоа семејство треба да ти го даде, но и за разочарувањето од тоа семејство на девојката Џована (која на крајот на својата исповед е веќе 16-годишна). А знаеме дека детска имагинација станува една од техниките на очудувањето, онеобичувањето и секако на поетизацијата и на реалноста и на секојдневниот живот. Затоа е и оваа споредба со познатата книга на Луис Керол „Алиса во земјата на чудата“.

Скитањата по градот се и скитања во сопственото „Јас“, растргнато меѓу двете женски фигури кои ја дефинираат и Џована како девојка и идна жена: „Викторија и Костанца беа сосем различни жени, беа чиста спротивност во сѐ. Првата беше неука, втората многу учена, првата беше вулгарна, втората префинета, првата беше сиромашна, втората богата.“ (Феранте, 2023: 115). А како ќерка, Џована ни признава за мајка си вака, па вели: „… на некој недоследен начин ја сметав неделива и неприкосновена, ми припаѓаше само мене. Нејзиното тело го сметав свое, мој беше и нејзиниот мирис, мои беа дури и нејзините мисли…“ (Феранте, 2023: 87). Тогаш од каде таа потреба за угледување кон други модели жени? Дали од потребата постојано да наоѓа начини да ги помирува елитата и народнати маси, елеганцијата и простатлукот, интелегенцијата и работниците/слугинките, добрите и лошите фамилии, учените и неучените, да ги судира училиштето и улицата, да ги става во дијалог богатиот и сиромашниот Неапол, квартот Рионе Алто и бедниот и мрачен Пасконе, богатиот Малано и сиромашниот Неапол? Дали во таа нејзина младешка борба конечно и таа се согласува дека Неапол е грд, дека е „грдиот дел од Италија што никој не може да го смени, а најмалку Роберто со убавите зборови што ги кажува и пишува“ (Феранте, 2023: 242), како што ѝ кажува Розарио? И дека конечно и таа мора да замине од својот град едноставно за да порасне, да ја скине папочната врска со семејството?

А, барајќи ги одредниците за чудесното, авторот на делото „Огледало на чудесното“ – Пјер Мабиј тргнува од коренот на зборот (во францускиот јазик) и доаѓа до огледалото, како најобично и најнеобично магиско орудие (француски se mirer значи да се чуди, но и да се огледува), што не е далеку и со значењата што ги има и во македонскиот јазик (а сигурно е така и во италијанскиот), особено во доменот на сказните каде кога главните ликови се огледуваат, тие истовремено и се исчудуваат од тоа што им го кажува одразот, од тоа што им се покажува во одразот. Затоа романот „Лажливиот живот на возрасните“ е роман за растењето и исчудувањето од самото растење.

„Лажливиот живот на возрасните“ е роман за млади. Самата нарација е од гледна точка на Џована. Таа е она која влегува во светот на возрасните, која посакува да стане возрасна „како што никому не му се случило“ (Феранте, 2023: 294), која со нас читателите ги споделува разните пубертетски искуства, спознавањата на машкото и женското тело, доживувањата врзани со првите сексуални искуства и губењето на невиноста. Оваа нејзина приказна го одбележува и една силна симболика – симболиката на белезицата, тој „злосреќен предмет“ кој конечно останува фрлен покрај креветот на кој ѝ се случува дефлорацијата од страна на Розарио. Всушност белезицата го движи дејството. Белезицата е причината за многуте тајни што стануваат оттајнети. Белезица е онаа што венчава и развенчува, што заробува и ослободува, што краси и гнаси во приказната на Џована. Таа ќе прошета на рацете на повеќето мајки/баби, жени, девојки, љубовнички… Таа добро позната белезица „од бело злато, со еден цвет со ливчиња од рубини и дијаманти, блескава како да зрачи светлина“ (Феранте, 2023: 92) станува предмет на престиж и предмет околу кој се кршат копјата за припадноста, накит кој добива посебна сила, посебно значење кај секоја една што го носи. Или како што Џована вели: „Во мојата глава, тој предмет само за неколку секунди стана клучен детаљ во кавгата на братот и сестрата, дополнителен фрагмент на нивната омраза.“ (Феранте, 2023: 118) Или како што Џулијана заклучува: „За мене оваа белезица е траен потсетник на лоши времиња и на страдања. Ми внесува немир, носи несреќа.“ (Феранте, 2023: 249). А, навистина, кој има право на таа белезица? Дали мајката или сестрата на татко ѝ на Џована? Дали Костанца, љубовницата на татко ѝ која истовремено е и пријателка на мајка ѝ и мајка на нејзините најдобри другарки Анџела и Ида? Дали Џулијана? Дали таа самата – Џована? Кој има право слободно да каже ова е „мојата белезица“?

Останува да се прочита „Лажливиот живот на возрасните“ („La vita bugiarda degli adulti“) од Елена Феранте во превод на Радица Никодиновска. Останува секој од нас на свој начин да го помине ова пораснување на Џована Трада во Неапол кое е и возбудливо, и напнато, и потресно, и многу, многу емотивно.

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
И ВИСТИНСКИ ПРИКАЗНИ И ВОЛШЕБНИ ПРЕГРАТКИ ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ
За книгите за деца „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ и „Волшебните...
Повеќе
0 replies on “МЛАДЕШКА ИСПОВЕД НИЗ ТЕМНАТА ДРАМА НА ГРДОТО”