Кон „Мутации“ од Франсис Кирпс

„Мутации“ е едно интертекстуално ткаење, модерен и антропоморфен поглед на веќе постоечки текстови од европската литература. Седумте раскази и едната поема се всушност „мутации“ на веќе постоечки литературни дела. Френсис Кирпс ги враќа на сцена ликовите од текстовите на Вирџинија Вулф, Курт Тухолски, Франц Кафка, Пропсер Мериме, Хајнрих фон Клајст, Мари фон Ебнер-Ешенбах и Ингеборг Бахман, како и од бајката „Црвенкапа“, но на оваа сцена, со нови, заменети улоги, создавајќи нови содржини и заплети.
Свесноста за оригиналните дела несомнено го зголемува задоволството при читањето, но приказните на Кирпс поради исклучителната сила на неговата имагинативна моќ успеваат да функционираат и како самостојни и притоа повторно да бидат речиси исто интересни и за читател што не прочитал ниту едно од оригиналните дела.
„Полжав на ѕидот“, првиот расказ во „Мутации“, несомнено уште со насловот алудира на „Дамка на ѕидот“, првиот објавен расказ на Вирџинија Вулф. Во него се и трите речиси свенати хризантеми, земени од правливиот камин од нејзиниот расказ и сместени во сосема новиот расказ на Кирпс, раскажан од самата дамка на ѕидот, полжавот. Среќен што како полжав се родил во „безкастна хермафродитна заедница, во која никој не доминира над никого“, се потсмева на поделеноста на луѓето на Таа и Тој, од кои Тој е доминантна каста и никој не знае зошто е тоа така. Полжавот гледа во замислената жена со цигара пред него, онолку колку што таа во расказот на Вулф гледа во дамката на ѕидот и исто така размислува и ја раскажува својата, досега нераскажана, приказна, како „Дамка на ѕидот“.
Расказот „Мутации“, несомнено преобразба на расказот „Преобразба“ на Франц Кафка ја прави, за мене, најинтересната замена на ликови и улоги во целата книга. Домашната мува, Леон Зумса, студент по биологија, едно утро се буди преобразен во страшен ’рбетник , „монструозен цицач“, човек. Исто како што Грегор Самса се разбуди преобразен во својот кревет во ужасна гадинка, инсект, огромна бубашваба. Интересно е тоа што, Кафка во преписката со неговиот издавач замолил на корицата, да не се става цртеж од никаков инсект, со цел да се остави простор на читателите да си замислат за што се работи, додека овде издавачот на македонското издание ѝ дава почесно место на оваа образована мува, на насловната страница.
Како особено изненадување при крајот на книгата доаѓа „Баба Црвенкапа“, со големите уши и старо-новата приказна за неа и ловџијата што ја извадил од стомакот на волкот и ја побарал за жена, 1000 пати раскажана на нејзината внука.
Ви препорачувам да ги освежите класиците, да уживате во рециклираните раскази на Кирпс, со напомена дека читањето нема да биде само уживање и поднасмевнување, затоа што тие не се само добро направена шега од веќе постоечките текстови, туку многу повеќе од тоа. Ве оставам да откриете.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Моника Илкова
Сиот свет како дом
(Димковска наспрема Маџиров)
Повеќе
0 replies on “Кон „Мутации“ од Франсис Кирпс”