Каде престанува вистинскиот, а каде започнува замислениот град во „Книжевната мапа на Скопје“

Моменти врзани со нашето Скопје ми прават искрени возбуди или поетски кажано ми носат „пеперутки во стомакот“. Со иста возбуда е и овој денешен настан, оваа промоција. Така што после само година дена кога ја понесов наградата „13 Ноември“, на истиот ден лани и на истиот ден годинава, треперам. Оваа година Скопје не можеше да добие нешто поубаво од своја книжевна мапа и не можеше да добие поубаво одбележување од промоција на книгата на Моника Илкова (Скопје: ЦККС, 2023), нејзиното првенче. И тоа на 13 Ноември кога се навршуваат 79 години од денот кога СЛОБОДАТА почна да чекори по неговите улички и сокачиња, кога СЛОБОДАТА почна да пее заедно со скопската калдрма, со неговиот и наш Камен мост, со плоштадот. И точно во годината кога броиме 60 години откога Скопје на своите кревки плеќи ги понесе сите последици од катастрофалниот земјотрес. Секако, во овој контекст, а по повод 60 години од тој трагичен настан, треба да се спомене и оној избор под наслов „Скопски раскази“ приреден од Никола Гелевски и Лидија Капушевска-Дракулевска (Скопје: Темплум, 2023). И самиот Гелевски истакна дека оваа антологија се случува како едно природно надоврзување и дополнување на онаа од 1998 „Ден во Скопје“, а се работи за еден сериозен избор на 500 страници, каде се застапени раскази од 66 автор(к)и. Ама, Скопје, во оваа за него клучна година, доби уште една многу значајна книга, а тоа е „Варшава го исцртува Скопје“ (Скопје: Бегемот, 2023) од Кинга Нетман-Мултановска. Страста за ова исцртување на Скопје авторката ја разгорува за време на својот престој во овој град каде живеела во периодот 2014 – 2018, кога нејзиниот сопруг е амбасадор на Република Полска во нашата земја.

Но како ја црташе својата скопска книжевна мапа токму Моника Илкова?

Вистинскиот предизвик за оваа тема, Моника Илкова го пронајде во потребата да се исцрта поточно да се испише една книжевна мапа на Скопје и движејќи се по неа да го истражи феноменот на урбофилијата, чувствувањето на градот во македонската книжевност. Таа тргнува од целта да ја истражи поетиката на градот како еден од клучните аспекти во творештвото на одредени автори и да покаже дали и како перцепцијата и односот кон градот се менуваат во книжевните остварувања на автори од различни книжевни генерации. Илкова преку своето патување покажува дека просторот не претставува само декор, туку во голема мера ги одредува случувањата и го придвижува дејството и дека и просторот, градот, е скриен, независен лик. Истражувањето опфаќа повеќе автори со слични книжевни преокупации, чие целокупно творештво или дел од него е врзано за урбаниот сензибилитет и преку кое се градат книжевни споменици на градот за различни периоди од неговото постоење.

Интересен е концептот низ кој се гради „Книжевната мапа на Скопје“. Тој се отвора со цитат од песната „Зборувај за Скопје“ испеана од Нина Спирова во далечната 1965 (малку време по страшниот земјотрес) со што започнува и ова патување, трагање по феноменот Скопје како инспирација, како приказна, како лик. И Илкова патува, се вози, трага сè до оној последен дел кој се затвора повторно со песна, но овој пат со познатата „Градот убав пак ќе никне“, песна со која се отвора секоја година фестивалот „Златно славејче“. Инаку, целата книга се гради врз принципот на едно постојано (на)враќање на Скопје, и лично (физичко) и во/преку книжевноста.

Затоа, оваа книга на Моника Илкова може нам/вам како читатели да се обиде да ни даде (можни) одговори на прашањата од типот: Дали може секој од нас да го портретира своето/нашето Скопје како книжевен лик? Момче ли е, девојче ли, бесен ли или мирен „човек“? Ги сака ли своите граѓани? Го сакаат ли граѓаните? Или само го обожуваат авторите? Го кудат или величат?

Преку  обидот да се истражи односот кон градот што го имаат различни автори, оваа книга опфаќа книжевни остварувања кои зборуваат за Скопје пред и Скопје по земјотресот, односно, за старото и новото Скопје, но и остварувања од најновата книжевна сцена во кои постои еден друг рез помеѓу старото и новото. Во најновите книжевни остварувања повторно, но во една поинаква форма, се појавува онаа носталгично-сентиментална нота за градот кој веќе го нема, но овојпат „изгубен“ од стихија поразлична од онаа природната во 1963. Така  тие  се јавуваат како критика, како бунт и протест кон она што е градот денес и на тој начин зборуваат за „улиците што ги нема“, за „градот што веќе не е мој“, за „Скопје и сè е можно“, за „украдениот град“. Оттаму оваа литература со носталгичен тон, речиси се претвора и во ангажирана.

Авторката Моника Илкова неизбежно го поставува и она прашање на/во литературата (можеби едно од најголемите), кое гласи: „Каде престанува стварното, а каде започнува измисленото?“ или „Каде престанува вистинскиот, а каде започнува измислениот град?“.

И за да ги поткрепи своите размисли, таа ги позајмува поетиките и теоретските исчитувања на Михаил Бахтин, Жан Пол Сартр, Гастон Башлар, Мишел Фуко, Едвард Соџа, Шарл Бодлер („Проект Аркади“), како и на Милан Ѓурчинов, Влада Урошевиќ, Миодраг Друговац, Петар Т. Бошковски, Данило Коцевски, Науме Радически, Соња Стојменска-Елезесер, Лидија Капушевска-Дракулевска, Весна Мојсова-Чепишевска. Така, Илкова го започнува своето книжевно истражување на просторот и неговото доживување во/преку самата книжевност и притоа дава еден убав шлагворт за оправданоста на својата страст да ја испише книжевна мапа на Скопје кога вели:

„Претставата за градот од настанувањето на романот, па сè до денес е насочена кон развивање на темата за мегалополисот како предизвик: големиот град е простор на искушенија, созревање и контакт со разни обичаи и менталитети. Во современиот роман пак, градот е предизвикувачки полифон контекст за самореализација на јунакот.

Преокупираноста со градот како простор во кој се преплетуваат и вкрстуваат многубројни енергии, како еден лавиринт во кој човекот го спознава светот, но и себеси, својот врв го достигнува во XX век.

Тука е Џејмс Џојс со „Улис“ (1922) и улиците на Даблин; Скот Фицџералд со „Големиот Гетсби“ (1925) и со улиците на Њујорк, Хулио Кортасар со „Куцкамен“ (1963) и улиците на Париз … Интересно е тоа што едно од француските изданија на „Куцкамен“, излегува заедно со мапа на Париз, на која се претставени, исцртани и означени, улиците по кои талкаат Мага и Оливера, местата што ги споменуваат и посетуваат. Денеска, поголем број понови романи (но и понови изданија на стари романи) може да се најдат придружени со вакви мапи, со кои се визуелизира градот од романот, и местата во него поврзани со приказната.“ Можеби токму ова беше предизвик и за самата авторка да исцрта и една своја карта на Скопје во која улиците ги носат имињата на оние што со и преку своето творештво го прославија и го прославуваат овој град што го носат во своето срце.

Оттука па до самиот крај таа нè носи на патување. И ние го исчитуваме, го обмислуваме, го доживуваме она Скопје од „Улица“ и „Две Марии“ на Славко Јаневски, од „Зима на слободата“ и „Зора зад аголот“ на Димитар Солев, па го шетаме Скопје со „пајтонот“ на Влада Урошевиќ (преку збирката стихови „Еден друг град“, преку расказите од „Мојата роднина Емилија“, романот „Вкусот на праските“, како и книгата патописи „Попатно“ и романот „Маџун“), го замислуваме она Скопје од стиховите во „Скопјани“ на Гане Тодоровски, од извонредната антологија на скопскиот расказ подготвена од Лидија Капушевска-Дракулевска, од колумните, патописите, записите на „осамениот шетач“ Данило Коцевски, од расказите на Томислав Османли. Патувањето низ книжевното Скопје добива некој нов правец или ново забрзување со творештвото на Владимир Јанковски, преку двата негови романи „Вечно сегашно време“ (2010) и „Невидливи љубови“ (2015), но и преку книгите, фото-есеи (заедно со фотографот Иван Блажев) „Лицата на невидливиот град“ (2010) и „Скопје со широко отворени очи“ (2008), но и преку оној т.н. книжевен регистар на имињата на скопските улици што повеќе ги нема од истоимената збирка раскази на Оливера Ќорвезироска (2018).

Наредните поглавја се допираат до темата за книжевноста и ангажираноста и во тој поглед и темата за Скопје. Затоа таа дообјаснува: „Овој дел во книгата се наложи како потребен поради тоа што кај дел од авторите за кои досега зборувавме, особено во делата објавувани последниве десет години, се забележува одредена доза од она што Сартр го нарекува „ангажирана литература“. Па така во романите на Јанковски се јавува една критика кон одредени општествени случувања, на пр. проектот „Скопје 2014“ што ќе ја промени физиономијата на градот, а за кој тој ќе напише дека претставува негова карикатура. Потоа Ќорвезироска преку ликовите изразува еден бунт кон една друга промена – промената на имињата на улиците во градот.“

Од тука книгата на Моника Илкова ја започнува својата потрага за „ангажираното“ книжевно Скопје и тоа:

во романите „Скопје и сè е можно“ (2013) на Жарко Кујунџиски и „517“ (2015) на Сања Михајловиќ-Костадиновска,

потоа во поетската збирка „Градот што веќе не е мој“ (2016) на Јовица Ивановски, како и во стиховите на Ана Голејшка, започнувајќи од нејзината прва поетска збирка „Љубов на улица“ (2013), па сè до нејзината сликовница „Веселата зграда“ (2019), во кои таа пишува за навидум обични, секојдневни, попатно видени или доживеани настани од скопските улици, за обичните луѓе од градот Скопје,

и ја завршува со Иван Шопов, поточно со неговата книга „Скопје: изгубените чевли на градот“ (2020), но и со неговото мало „книжуле“, „091 – антиразгледници од Скопје“, како предвесник на спомената книга.

Моника Илкова едноставно:

  • ги открива и систематизира старите и новите сознанија за односот кон градот во македонската книжевност;
  • го „прочитува“ Скопје од гледна точка на урбофилна или фланеристичка книжевност;
  • прави суптилна споредба на концептот на градот и односот кон него кај автори од различни генерации;
  • ја истражува новата книжевна сцена во која односот кон градот е една од главните опсесии и
  • ја детектира пораката што ја даваат најновите книжевни остварувања преку ангажираниот тон во нив.

Онаа нејзина констатација слободно можам да ја потпишам и како своја, а гласи:

„Хронолошки подредени, овие дела овозможија да се разгледа и истражи дали и како перцепцијата и односот кон градот се менуваат во книжевните остварувања на автори од различни книжевни генерации. Оттаму може да заклучиме дека речиси кај сите автори постои доза носталгија за некое нивно Скопје. Едните тагуваат по предземјотресното, другите по возобновеното Скопје и неговото корзо, неговите плажи, Скопје од нивното детство. Другите тагуваат по Скопје од пред неговото последно менување на ликот, по улиците што веќе ги нема и градот што веќе не го чувствуваат како свој. Оттука, носталгичниот тон е заеднички за сите генерации автори урбофили, разликата е во тоа што сите тие тагуваат по различен период од постоењето на Скопје, што го сметаат како најубав. Според тоа, Скопје во секој период од своето постоење бил најубав, само тоа, скоро секогаш (барем во книжевноста), отпосле му е признато.

Книжевната визија на градот Скопје не е идентична со географската мапа на градот. Токму затоа, оваа книга „се обиде да ја исцрта (испише) неговата книжевна мапа.“

Книгата на Моника Илкова не е есеистички труд. Таа е сериозна  стручна студија која се затвора со значајна библиографија врзана со оваа тема (теориско-критичка, печатени и интернет извори,  кирилични и латинични). Но, она што особено треба да се истакне е впечатливиот број на апликативни единици кој изнесува околу триесеттина извори од скоро петнаесеттина автори (А. Голејшка, Ј. Ивановски, С. Јаневски, В. Јанковски, Л. Кушушевска-Дракулевска, Д. Коцевски, Ж. Кујунџиски, С. Михајловиќ-Костадиновска, Т. Османли, А. Прокопиев, Д. Солев, Љ. Спасов, Г. Тодоровски, О. Ќорвезироска, В. Урошевиќ, И. Шопов).

И за крај, кога Моника Илкова вели: „… доаѓаат нови генерации автори урбофили“, секако, сака да ни каже и нешто друго. Дека онаму каде што таа ставила точка, таму таа ни поставила слатка стапица. Зашто зад таа нејзина точка се кријат всушност три точки, зашто и самата кажува: „Ќе има уште многу да се зборува/пишува за Скопје“. Зашто оваа нејзина книга очигледно ќе поттикне и некои други истражувачи. Зашто приказната за книжевното Скопје не завршила и зашто некој друг/ некои други ќе ја допишуваат и исцртуваат (можеби оние неспоменатите во оваа книга или оние кои продолжуваат да пишуваат и да го чекаат своето место и да чекаат да добијат своја улица во книжевната мапа на Скопје).

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
Рецензија за „Тромбот“ од Оливера Николова
А зарем требаше да се случи пандемијата за да го успориме темпото...
Повеќе
0 replies on “Каде престанува вистинскиот, а каде започнува замислениот град во „Книжевната мапа на Скопје“”