Смола

Книга на месец декември

Живеевме на Ховеде, едно многу малечко островче горе над големиот остров. Таму живеевме само ние, и добро ни беше така сами.
Ховеде беше поврзано со главниот остров преку еден тесен премин кој беше наречен Халсен. Тогаш немав толку многу чувство за време, но татко ми велеше дека е потребно само половина час брзо одење за да се стигне од нашата куќа преку Халсен до најблиската група куќи, и уште петнаесет минути ако се сака да се стигне до најголемиот град на островот. Си мислев дека Корстед е огромен, но баба ми ми кажа дека тоа е многу мало гратче во споредба со градот кој се наоѓаше на копното. Помислата на толку многу луѓе ме плашеше. Не се чувствував пријатно покрај други луѓе. Со нив никогаш не се знае, рече татко ми. Не треба да дозволиш да те измамат нивните насмевки.
Доброто со сите тие луѓе долу на главниот остров беше тоа што го имаа сето она што нам ни требаше, па, на некој начин, не можевме без нив.

Кога татко ми веќе не можеше толку многу да го напушта Ховеде ноќе, претежно јас бев таа што носеше различни потребни нешта, но во тоа време тој веќе одамна ме имаше научено како се прават работите.
На почетокот тргнувавме заедно во товарниот автомобил. Како по правило тоа беше сред ноќ, кога луѓето најцврсто спиеја. Секогаш можевме да најдеме место за да го скриеме возилото, и потоа се прикрадувавме наоколу и наоѓавме нешта во штали и помошни колиби, а понекогаш и во дневни соби и кујни и слично. Еднаш бевме влезени дури и во спалната на една госпоѓа која беше толку многу пијана што слободно можевме да ѝ го земеме јорганот. Потоа многу размислував за тоа што ли си помислила кога се разбудила без јорганот. Татко ми ми кажа дека следниот ден ја видел на улица во Корстед. Изгледала малку збунето, но тоа е нормално. Јорганот беше со гускини пердуви, а тој вреди многу пари, рече тој. Можеби си помислила дека сам од себе одлетал?
Мајка ми го доби јорганот со пердуви, па јас го презедов нејзиниот стар јорган, кој татко ми го имаше добиено во размена за една многу убава машина за колбаси претходно таа година. Тој беше со паткини пердуви. Неколку месеци подоцна си ја зедовме машината од кај берберот, затоа што намерата не беше тој да ја задржи. Берберот и неговата жена спиеја во две соби, а кујната со машината се наоѓаше во дневната. Не ја ни заклучуваа излезната врата од кујната, па беше многу лесно. Во тоа време и јас ја имав таа идеја дека берберот во реалноста беше сосема согласен да дојдеме да си ги земеме нашите нешта – или неговите нешта, или чии и да беа сега. Неговата сопруга секогаш мирисаше многу лошо; човек можеше да ја намириса дури и до кујната! Ако јас бев берберот, веројатно ќе претпочитав некој да ја земе неа наместо машината за колбаси. Татко ми рече дека тоа е парфем.
Долго време јорганот од паткини пердуви на мајка ми мирисаше на сопругата на берберот, но кога јас го добив, фала му на бога, мирисаше најмногу на мајка ми, речиси не мирисаше на парфем и воопшто не на патки. Спротивно на ова, новиот гускин јорган на мајка ми многу мирисаше на алкохол. Таа самата никогаш не пиеше нешто посилно од кафе со млеко, а во последно време пиеше само вода од пумпата; но, ќе дојдам до сето тоа.
Татко ми беше многу вешт во љубопитно ѕиркање низ врати и прозорци. Тоа го имал научено од својот татко, рече тој. Јас никогаш не го запознав дедо ми, но знам дека се викал Силас. Татко ми ме научи како се прави тоа, и јас како луда вежбав дома во работилницата на некои од вратите и прозорците кои ги имавме најдено. Такви ги имаше многу долу на депонијата на јужниот остров, и со себе земавме онолку колку што можевме да натовариме. Не разбирам зошто луѓето исфрлаат нешто такво. Па тие се поправаат – и се отвораат и се затвораат и се игра со нив.
Обично ги избегнувавме куќите со нови врати, затоа што во нив беше тешко да се влезе ако луѓето ги заклучеа. За среќа, немаше многу такви на островот. Но ако не можевме да влеземе во куќата, тогаш како по правило имаа штала или помошна колиба, и сепак наоѓавме нешто за земање. Еднаш зедовме прасе. Немавме прасе, а фармерот имаше навистина многу и невозможно беше самиот да ги изеде сите. Кога татко ми го крена прасето, се чудев како тоа не испушти ни еден звук, ни најмало квичење од преплашеност. Но тоа беше можеби затоа што тој беше толку добар со животните. Со сите животни. Тој беше и многу вешт во колењето, па тие ништо не забележуваа. Тоа е само друг начин да бидеш добар кон животните, рече тој.

Кога дојде до тоа јас да морам сама да одам, прво не бев многу сигурна. Особено затоа што на последната тура со татко ми нешто речиси тргна наопаку. Имавме најдено еден пар долги, ’рѓосани железни носачи и ги натоваривме одзади на автомобилот, но кога заобиколувавме еден агол во едно мало село, еден од нив погоди во ѕид и направи ужасна врева. Во неколку куќи се вклучија светилки, но татко ми во последен момент успеа да сврти на еден макадамски пат и да се затскрие од една ограда, па никој не нѐ виде. Следниот ден ги одвлековме носачите во првата соба, каде што можеа да останат на влезот. Се разбира, требаше да се внимава да не се сопне некој на нив со голи стапала.
Имаше и еден друг случај, кога бевме блиску до разоткривање, но вината беше моја. Згазнав една раткапна во гаражата на водоводџијата. Се скрив во еден ќош и го задржав здивот, затоа што можев да слушнам дека водоводџијата ја отвори вратата од гаражата. Ако не беше неговата мачка која веднаш скокна кон него, веројатно ќе го вклучеше светлото и ќе ме здогледаше. Место тоа ѝ се развика на мачката: „По ѓаволите, ТИ ли си таа што вреви? Дојди ваму!“
Кога излегов од гаражата, татко ми прекорно ме погледна. Тој стоел надвор одзади и слушнал сѐ, и немал поим дека таму имало и мачка.
Но, наскоро сфатив дека има предности кога одам без татко ми. Јас бев помалечка и побрза и имав научено да се движам тивко како глувче. Одев или трчав, затоа што не бев доволно голема за да возам, а не сакав да возам велосипед. Исто така, во темнината гледав многу подобро од татко ми. „Ти си како був“, рече еднаш тој, и таква и бев, иако не можев ни да летам ни да ја вртам главата од вратот. А, инаку, и двете нешта ги вежбав, додека не увидов дека никогаш нема да бидам навистина добра во нешто од тоа. Се разбира, и Карл се обидуваше. Нему малку подобро му одеше.
Мајка ми не зборуваше многу. Всушност, мислам дека таа не се грижеше кога тргнувавме ноќе, но знаеше дека може да смета на тоа што ќе го донесевме. Особено на работите од кујната на гостилницата.

*

Една од првите работи на кои се сеќавам од животот на Ховеде е мирисот на свежа смола: необичното скокоткање во носот, лепливото чувство во дланката и пријатниот глас на татко ми, кој ми раскажува за сокот што тече внатре во стеблото. Тоа е прекрасен сок, рече тој, бидејќи може да заштити од напад и да залечи рани и да зачува мали, мртви животни за вечни времиња. И тогаш се сеќавам на глетката на една мала, жива мравка што ползи по кората, го пронаоѓа патот околу лепливите златни капки и исчезнува во пукнатината за момент откако ќе излезе малку погоре. Нагоре, нагоре, нагоре.
Подоцна им шепнував на многу раскрвавени дрвја дека ќе им зараснат раните, зашто смолата им беше исцелител и заштитник. Дрвјата беа мои пријатели.
А мравките беа наши заеднички познаници. Тие секогаш беа таму како мали, челични суштества кои наоѓаа начин. Нагоре по дрвја, надолу по дрвја, низ тревата, низ дворот, низ кујната, горе во плакарот, долу во медот, низ дневната соба, дома во градината. Обично влечеа храна или нешто друго што изгледало бескорисно – а повремено и мртов член на семејството.
Всушност, не знам дали другите би ги нарекле дрвјата зад нашата куќа вистинска шума, бидејќи колку дрвја се потребни за да станат шума? Но, за Карл и за мене тоа беше шума, огромна шума. Не, тоа беше повеќе од шума. Тоа беше безграничен свет на мириси, звуци и живот, кој некаде далеку се раствораше во пејзаж од песни на чучулиги и врес и приморска трева што се подаваше од песокот, кој се прелеваше во водата и продолжуваше во бескрајното море.
Но, ми требаше малку време да го сфатам тоа со вресот и морето. На почетокот беше само дрвото. Ова едно раскрвавено дрво и паметната мравка што го избегнуваше лепливото злато што можеше да ја задуши.
Подоцна ги здогледав другите дрвја: елките ги наведнуваа своите ладала кон земјата како да сакаа да слушнат што им шепоти. Секогаш изгледаа толку тажно, елките, и иако некои од нив пораснаа неверојатно високи, како да продолжија копнежливо да посегнуваат надолу кон местото од кое изникнаа. Со боровите беше нешто сосема друго. Беа густи и силни додека стоеја таму со нивните наежени игли и шишарки, а јас често имав чувство дека се рамнодушни кон земјата. Сигурна сум дека гледаа во небото и можеби со задоволство ќе полетаа ако смислеа како да се одвојат од шумското дно. Сега избирам да верувам дека би се вратиле. На крајот на краиштата, тие му припаѓаа на Ховеде исто како и јас.
Мислам дека веројатно најмногу ми се допаѓаа смреките, иако ми се допаѓаше и идејата за летање.
А потоа тука беа и брезите. Се криеја меѓу четинари, нивните танки сивкави стебла завршуваа со венци од зелени лисја – мали назабени срца кои ѕвечкаа како музика кога ќе ги допреше ветре. Толку многу го сакав тој звук што можев да се најдам како седам под бреза и го чекам ветрот. Јасно се сеќавам колку се исплашив кога лисјата наеднаш паднаа еден ден со првата есенска воздишка и се раширија на земјата околу мене. Седев таму во езеро од изгубени срца. Се обидов повторно да ги закачам на гранките (најниските гранки, затоа што не бев особено голема), но моите големи напори само предизвикаа да паднат уште повеќе лисја. Ништо не разбирав. Сѐ додека не го повикав татко ми и тој ми раскажа сè.
Оттогаш, шумата беше најбезбедното место на светот. Сфатив дека се сѐ враќаше назад. Дека боите се заменуваат една со друга: од светлозелена до темнозелена, до пламеноцрвена, до златнокафеава, до најцрно црна. Прекривка. Дека земјата мораше да има што да јаде за да може да пушти нов живот во светлината. Дека темнината ја заменуваше светлината, која ја заменуваше темнината. Дека срцата повторно израснуваа.
Денес, мислам дека татко ми беше најсреќен токму таму. Сред природата. Таму можеше да дише. Никогаш не добивавме толку многу воздух и дневна светлина како тогаш, и сигурна сум дека тој имаше сонце во стомакот, исто како и јас кога лежевме на грб на шумскиот под и ги гледавме птиците на врвовите на дрвјата. Ги знаев сите гласови на птиците пред мајка ми да ме научи да ја пеам азбуката. Па дури и откако ме научи, инсистирав да завршам со У (ø).
Сакам да завршам на остров (ø), реков. Не во река (å).
Понекогаш се прашувам дали целиот тој воздух го одржуваше мојот татко подоцна во живот. И сета таа светлина. Можеби можете да го чувате во себе за подоцнежна употреба, исто како што можете да складирате спомени во вашата глава – и купишта крцкави лебови и бисквити во помошната соба, и чадори и капачиња и стари грамофони во кујната, и кабли за банџи и шипки и конзерви храна во бањата, ролни од ткаенина и железни носачи и лименки со ѓубриво и бензин, весници и теписи во ходникот, и машински делови и душеци со федери и велосипеди и куклени театри и виолини и храна за кокошки во дневната соба, и крпи и аквариуми и машини за шиење и свеќи и купишта книги и колачиња во спалната соба и полнета глава на лос внатре покрај нив, и касети, јоргани, ќесиња и фолии, вреќи со сол и кофи со боја и кади и мечиња и деца во стар контејнер?

 

Книгата е објавена во склоп на проектот Made in Europe: power of diversity, со поддршка на Европската Унија.

Превод од дански: Искра Бадева

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Смола”