Дојдов на свет кога беснееше бура, еден петок во 1920 година, годината на пандемијата. Попладнето кога се родив снема струја, што често се случуваше кога имаше невреме, па мораа да се запалат свеќи и газиени ламби, што секогаш се држеа при рака за непредвидени ситуации. Марија Грасија, мајка ми, доби контракции, што ѝ беа многу добро познати, бидејќи родила пет деца, и се препушти на болката, помирена со судбината дека ќе роди уште едно машко дете со помош на своите сестри, кои неколкупати ѝ помагале во такви моменти и знаеја што треба да се направи. Семејниот лекар веќе неколку недели работеше неуморно во една од полските болници, па мислеа дека би било неумесно да го викаат за толку прозаична работа како што е породувањето. Претходните пати им помагала една бабица, секогаш истата, но жената беше една од првите жртви на инфлуенцијата, а тие не познаваа ниедна друга.
Мајка ми имаше впечаток дека целиот живот на возрасна жена го поминала бремена или како родилка или закрепнувајќи од спонтани абортуси. Најстариот син, Хосе Антонио, имаше навршено седумнаесет години, беше сигурна во тоа, бидејќи се роди во годината кога се случи еден од нашите најсилни земјотреси, што срамни со земја половина држава и остави илјадници мртви, но не се сеќаваше точно за возраста на другите синови ни колку спонтани абортуси имала. Секоја бременост ја онеспособуваше во текот на неколку месеци и по секое породување долго време беше исцрпена и меланхолична. Пред да се омажи била најубавата девојка во главниот град, вита, со незаборавно лице, зелени очи и проѕирен тен, но големиот број бремености ѝ го деформираа телото и ја истоштија душевно.
Теоретски, си ги сакаше децата, но во практиката претпочиташе да ги држи на разумно растојание од неа, бидејќи енергијата и борбеноста на таа толпа момчиња внесуваше неспокој во нејзиното мало женско царство. Во една прилика му призна на својот исповедник дека била предодредена да раѓа машки деца, како да ја проколнал ѓаволот. За да добие прошка требаше да се моли со молитвените бројници секој ден во текот на две години и да направи поголема донација за поправки во црквата. Сопругот ѝ забрани да оди на исповед.
Под надзор на тетка ми Пилар, Торито, момокот за припомош, се качи на скалата и јажињата, што се чуваа во шкафот за тие прилики, ги врза на две железни алки што самиот ги поставил на таванот. Мајка ми, во ноќница, клекната, држејќи се со секоја рака за едно од јажињата, толку долго време се напнуваше што мислеше дека трае вечно, колнејќи како кочијаш, кажувајќи пцости што инаку никогаш не ги користеше. Тетка ми Пија, наведната меѓу нејзините нозе, чекаше подготвено да го фати новороденчето за да не падне на подот. Чаевите од коприва, див пелин и седевче беа подготвени за кога ќе заврши породувањето. Татнењето на бурата, што задаваше силни удари на прозорските капаци и откинуваше делови од покривот, ги задуши лелеците и долгиот вресок на крајот, кога се појавив прво со главчето, а потоа со целото тело покриено со слуз и крв, ѝ се лизнав од рацете на тетка ми и треснав на дрвениот под.
– Колку несмасна си, Пија! – извика Пилар кревајќи ме за едната нога. – Девојче! – додаде чудејќи се.
– Не е можно, провери убаво – промрмори мајка ми, исцрпена.
– Кога ти велам, сестро, нема куре – ѝ возврати.
Вечерта, татко ми се врати дома доцна, откако вечерал и играл неколку партии карти во клубот, и отиде директно во својата соба за да се соблече и да се дезинфицира превентивно со алкохол пред да се поздрави со семејството. Побара чаша коњак од куќната помошничка, која не се сети да му ја пренесе веста бидејќи не беше навикната да разговара со газдата, а потоа отиде да ја поздрави сопругата. Металниот мирис од крвта му навести што се случило уште пред да го пречекори прагот. Мајка ми ја најде како одмора во постела, во чиста ноќница, румена и со косата натопена од потта. Ги тргнале јажињата што висеа од таванот и кофите со валканите крпи.
– Требало да ми јавите! – рече откако ја бакна сопругата во челото.
– Како да ти јавиме? Шоферот беше со тебе и ниедна од нас не можеше да тргне да оди пеш по бурата, и тоа ако твоите вооружени стражари ни дозволеа да излеземе – одговори Пилар со не многу љубезен тон.
– Девојче е, Арсенио. Конечно доби ќерка – се вмеша Пија, покажувајќи го врзопот што го држеше во рацете.
– Фала Богу! – промрмори татко ми, но насмевката му исчезна од лицето кога го виде суштеството што се наѕираше помеѓу наборите од шалот. – Има џумка на челото!
– Не грижи се. Некои деца се раѓаат така, но по неколку дена сè се нормализира. Тоа е знак за интелигенција – импровизираше Пилар, за да не признае дека ќерка му се приземјила главечки во животот.
– Како ќе ја крстите? – праша Пија.
– Виолета – рече мајка ми решително, без да му даде шанса на сопругот да каже нешто.
Тоа беше славното име на мојата прабаба по мајка која го навезла грбот на првото знаме на независноста, на почетокот од XIX век.
Пандемијата не го изненади моето семејство. Веднаш откако се пренесе гласот дека луѓе на умирање се влечат низ улиците околу пристаништето и дека бројот на посинети трупови во мртовечницата е загрижувачки голем, татко ми, Арсенио дел Ваље, оцени дека таа чума ќе пристигне во главниот град за два-три дена и не ја изгуби присебноста, бидејќи го очекуваше тоа. Се подготвил за таа можност со истата брзина со која правеше сè и што ја користеше за своите зделки и за заработување пари. Тој беше единствениот од браќата што беше на пат да ги врати угледот и богатството што ги уживал прадедо ми и што ги наследил дедо ми, но ги изгубил со текот на годините бидејќи имал премногу деца и бил чесен. Од петнаесетте деца на тој дедо преживеале единаесет, значителен број, што ја докажуваше силата на крвта на семејството Дел Ваље, со што се перчеше татко ми, но биле потребни голем труд и пари за одржување толку многубројно семејство, па богатството постепено почнало да се топи.
Пред печатот да ја нарече болеста по своето име, татко ми веќе знаеше дека станува збор за шпанската инфлуенција, бидејќи беше во тек со вестите од светот преку странските весници, што пристигнуваа со задоцнување во клубот Унион, но содржеа повеќе информации од локалните, и преку радиото што сам го направи следејќи ги упатствата на еден прирачник, со кое одржуваше контакти со други радиоаматери и така, од комуникацијата на кратка бранова должина исполнета со крчења и писоци, го дознаваше вистинското пустошење на пандемијата на други места. Го следеше напредувањето на вирусот од самиот почеток, неговото минување како злокобен ураган низ Европа и низ Соединетите Американски Држави, и заклучи дека ако имал толку трагични последици во цивилизираните држави, во нашата, во која ресурсите беа поограничени и луѓето понеуки, ќе биде уште полошо.
Шпанската инфлуенција, што ја нарекоа „грип“, за да скратат, пристигна со речиси две години задоцнување. Според научната заедница, сме се спасиле од заразата поради географската изолираност, планините што претставувале природна препека од едната страна и океанот од другата, умерената клима и оддалеченоста, што нè штителе од непотребни контакти со заразени странци, но народот тоа го припиша на посредувањето на отецот Хуан Кирога, кому му посвети превентивни литии. Тој беше единствениот светец достоен за почит, бидејќи кога станува збор за домашни чуда никој не беше подобар од него, и покрај тоа што Ватикан не го канонизираше. Но, во 1920 година вирусот пристигна со целиот свој сјај и величественост, посилен од тоа што можеше да се замисли, и ги собори сите научни и теолошки теории.
Болеста почнуваше со задгробен студ што не можеше да се ублажи со ништо, силна треска, ужасна главоболка, печење на очите и на грлото, бунило со застрашувачки визии на смртта демнејќи на половина метар оддалеченот. Кожата добиваше сино-виолетова боја, сè потемна и потемна, нозете и рацете поцрнуваа, кашлањето го отежнуваше дишењето, крвава пена ги преплавуваше белите дробови, жртвата офкаше од немоќ и крајот доаѓаше поради задушување. Најсреќните умираа за неколку часа.
Татко ми со право мислеше дека во војната во Европа грипот предизвикал поголема смртност помеѓу војниците збиени во рововите, без можност да го избегнат заразувањето, отколку куршумите и бојните отрови. Со истата жестокост ги опустоши Соединетите Американски Држави и Мексико, и потоа се рашири низ Јужна Америка. Весниците пишуваа дека во другите земји труповите се ределе како дрва за огрев на улиците, бидејќи немало време ни место на гробиштата за да се закопуваат, дека една третина од човештвото била заразена и дека имало повеќе од педесет милиони жртви, но вестите беа исто толку контрадикторни како и страшните гласови што се ширеа. Дури по осумнаесет месеци од потпишувањето на примирјето што им стави крај на четирите ужасни години, Светска војна во Европа почна да се осознава вистинскиот опсег на пандемијата, што воената цензура го криеше. Ниедна земја не го признаваше бројот на своите загинати; само Шпанија, која беше неутрална во конфликтот, пренесуваше вести за болеста и поради тоа ја нарекоа „шпански грип“.
Порано, луѓето во нашата земја заминуваа на оној свет од обичаените причини, односно, поради неснослива беда, пороци, насилство, несреќи, загадена вода, туфус или едноставно од старост. Тоа беше природен процес, што оставаше време за достоинствени погреби, но со појавата на грипот, што напаѓаше со ненаситноста на тигарот, луѓето беа принудени да се откажат од тешење на оние кои беа на умирање и од погребни церемонии.
Првите случаи беа откриени во јавните куќи околу пристаништето кон крајот на есента, но никој, освен татко ми, не им обрна многу внимание, бидејќи жртвите беа жени со сомнителен морал, престапници и шверцери. Рекоа дека станувало збор за венерична болест што ја донеле од Индонезија морнарите на минување. Но набрзо не можеше веќе да се крие општата несреќа и да се обвинува промискуитетот и распуштениот живот, бидејќи болеста не правеше разлика помеѓу грешници и доблесни луѓе. Вирусот го покоси отецот Кирога и слободно се ширеше напаѓајќи немилосрдно деца и старци, богати и сиромаси. Кога цела трупа пејачи на оперета и неколку членови на Конгресот се разболеа, таблоидите ја обзнанија апокалипсата, и во тој момент владата реши да ги затвори границите и да ги контролира пристаништата. Но беше доцна.
Бесполезни беа мисите со тројца свештеници и кесичките камфор обесени на врат за спречување на заразата. Зимата се ближеше и првите дождови ја отежнуваа ситуацијата. Се импровизираа полски болници во спортските терени, мртовечници во ладилниците од општинската кланица и масовни гробници, каде што завршуваа труповите на сиромасите покриени со негасена вар. Бидејќи се знаеше дека болеста се пренесува преку носот и устата, а не со убод од комарец или цревни паразити, како што мислеше народот, се наложи користењето маски, кои ги немаше во доволна количина за медицинскиот персонал, што се наоѓаше во првите борбени редови во битката против болеста, а камоли за другиот дел од населението.
Претседателот на државата, дете на првата генерација италијански доселеници, со напредни идеи, беше избран пред неколку месеци со гласовите од растечката средна класа и од работничките синдикати. Татко ми, како сите негови роднини Дел Ваље, пријатели и познати, немаше доверба во него поради реформите што ги планираше, не многу поволни за конзервативците, и бидејќи беше дојденец без старо кастилијанско-баскиско презиме, но го поддржуваше начинот на кој се справуваше со катастрофата. Првата заповед што ја издаде беше сите луѓе да останат дома за да се избегне заразувањето, но, бидејќи никој не го послуша, претседателот прогласи вонредна состојба, воведе полициски час навечер и забрани цивилното население да се движи по улици без оправдана причина, под закана од парични казни, апсење, а во многу случаи и удари со стап за прекршителите.
Се затворија училишта, продавници, паркови и други места во кои обично се собираат луѓе, но продолжија да функционираат некои јавни служби, банките, камионите и возовите што ги снабдуваа градовите, и дуќаните за алкохолни пијалаци, бидејќи се сметаше дека консумирањето алкохол и големи дози аспирин го убива вирусот. Никој не ги броеше труповите на починатите поради труење од комбинацијата на алкохол и аспирин, како што забележа тетка ми Пија, која никогаш не пиеше алкохолни пијалаци и не веруваше во аптекарски лекови. Полицијата не беше доволна за да воведе ред и да го спречи прекшувањето на законот, како што се плашеше татко ми, па владата мораше да ги повика војниците за да патролираат по улиците, и покрај нивната оправдана репутација на грубијани. Таа одлука предизвика негодување меѓу опозициските партии, интелектуалците и уметниците, кои не го забораваа масакрот врз беспомошни работници, вклучувајќи жени и деца, извршен од страна на војската пред неколку години, како и други случаи кога војската се нафрлила врз цивилното население со бајонети, како да станува збор за странски непријател.
Светилиштето на отец Хуан Кирога се исполни со верници во потрага по надеж дека ќе се излекуваат од грипот, што се случи во многу случаи, но неверниците, што секогаш ги има, велеа дека ако болниот имал сила да ги искачи триесет и двете скалила до капелата на ридот Сан Педро, тоа значело дека бил на пат да закрепне. Тоа не ги обесхрабри верниците. И покрај тоа што јавните собири беа забранети, многу луѓе се собраа спонтано, предводени од двајца бискупи, со намера да отидат до светилиштето, но војниците ги растурија со удари со кундаци и истрели од огнено оружје. За помалку од петнаесет минути зад себе оставија двајца умрени и шеесет и тројца повредени, од кои еден почина вечерта. Претседателот на државата ja игнорираше официјалната поплака на бискупите, одби да ги прими во својата канцеларија и преку секретарот им одговори написмено дека „со секој што не го почитува законот ќе се постапува со цврста рака, дури и ако станува збор за папата“. Потоа никој немаше веќе желба да го повтори аџилакот.