Безизлезна положба


Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/formats/format-standard.php on line 28
Ви преставуваме избор песни во проза од Влада Урошевиќ.

vlada naslovnaВлада Урошевиќ е македонски поет, раскажувач, романсиер, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач. Роден е во Скопје во 1934 година. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во 1987 година. Работел како соработник и уредник на Редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје. Во 1982 година е избран за доцент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а во 1988 година станал редовен професор. Бил уредник на списанието „Разгледи“. Урошевиќ е член на ДПМ од 1961 година. Исто така, тој е член на МАНУ, како и дописен член на меѓународната „Академија Маларме“ во Париз и редовен член на Европската поетска академија со седиште во Луксембург и член на Македонскиот ПЕН центар.

Во овој број на „Репер“, по повод осумдесет години од неговото раѓање ви претставуваме неколку негови песни во проза.

СУДБОНОСНА ГРЕШКА

Сонувате дека станувате од вашиот кревет, излегувате од собата, слегувате низ скалите, ја отворате влезната врата, излегувате на улица.
Надвор е ноќ осветлена со Месечина. Под проѕирните сенки на дрвјата минуваат чудно убави жени, ве повикуваат да појдете некаде со нив. Патувате со нив во празните градски автобуси, се качувате потоа во некој воз, поминувате некакви неверојатно зелени реки, слушате музика во еден парк. Жените ве бакнуваат, ве водат во една необична куќа полна статуи, трчате со нив по некакви големи скали.
Премногу доживувања за една ноќ. Се враќате назад дома, ја отворате вратата, се искачувате по скалите, влегувате во вашата соба. Но таму, во креветот, веќе лежи некој. Гледате: тоа сте вие, то ест некој мошне сличен на вас.
Како тоа можело да се случи? Дали во вашиот сон се замешал некој друг сон, дали сонот се удвоил, дали вие сте влегле во некој спореден разгранок на сонот, дали некаде при враќањето сте погрешиле? Но каде се случила таа грешка?
Се обидувате пак: вратата, скалите, собата. Непознатиот е пак тука. Тој лежи како во свој кревет, сонувајќи веројатно некој друг сон, и не мисли да исчезне. Се обидувате уште еднаш, па уште еднаш. Напразно. Стоите долу пред влезот и очајувате.
А наскоро ќе осамне и оној горе ќе се разбуди во вашиот кревет и во ваша лика, и тогаш е сè готово.

ВНАТРЕШНА БЕЗДНА

По долги сонувања за тоа, вие одеднаш откривате дека знаете да летате. И тоа е сега сигурно и непобитно.
Прво ја испробувате таа своја дарба во собата: плафонот, лустерот, горните рафтови од библиотеката – сè ви е на дофат од раката.
Потоа рано наутро, кога нема многу луѓе, полетувате од својот прозорец. Кружите над бездната на улицата, ги испитувате одблиску покривите, ги допирате попат телевизиските антени.
Со денови потоа ги откривате гледниците што се подаваат од височините. Над планините, над шумите, над морето – насекаде пукнуваат пред вашите очи бескрајните перспективи полни со извонредната, неискажлива слобода на длабоките пространства.
Но потоа, откако навечер уморен ќе се вратите во својата соба, почнува кошмарот: од ноќ во ноќ сонувате како чекорите по земјата, а тоа е неподносливо тегобно и ужасно.

ХИПНОПОЛИС

VI

Покрај ѕидовите на градот се слуша море. Од каде пак сега море? Што бара тоа тука? Се знае дека досега морето беше на десетина денови одење оттука; како стасало до градските ѕидови?
Но морето никому не му дава одговор на овие прашања. Тоа е тука: наутро лесно разбранувано, напладне мирно, навечер зовриено. Над него летаат галеби, се шири мирис на морска трева; понекогаш големи риби скокаат над површината.
Потоа одеднаш морето го нема. Го нема како никогаш и да не било тука. Се повлекло пак десет денови одење. Отпрво сите се зачудени, потоа, малку по малку, забораваат на тоа дека воопшто имало такво време кога морето било на дофат од раката. Набргу дури и не се зборува за тоа. Сеќавањето за присуството на морето во близина на градот станува некако надвор од добриот вкус, непристојно дури. И оние што сакаат да поведат разговор за тие мигови, или дури само да ги спомнат попат, ги нарекуваат лажливци или поети.

VII

Патописците што влегувале во тој град ноќе, и само ноќе поминувале низ него, зборуваат дека неговите улички се полни со мали, полутемни продавници на ретки книги, на необични камења, на стари географски карти и на пеперуги од далечните земји. Тука можат да се најдат, велат тие, чудни стари оружја, фосили ископани во напуштените каменоломи, кутичиња со мириси донесени од прекуморските краишта, наоди од дамна урнатите градови. По ќошиња продавачите нудат поштенски марки со грешки во бои и натписи, особено барани од собирачите, пожолтени разгледници со најсмели еротски сцени, делови од ракописи со алхемиска и кабалистичка содржина. Можат да се добијат под рака, се вели во книгите на тие патописци, маски направени од пердуви на егзотични птици, мали фигури од жад за некоја заборавена игра, сребрени пари исковани во држави што веќе одамна ги нема.
Оние пак што во него престојувале само дење зборуваат само за обични, сиви улици во кои продавниците немаат никакви особени обележја и каде што не може да се купи ништо освен предмети за секојдневна употреба.
Оние што ги споредувале текстовите на едните и другите патописци имаат малку необична теорија: се работи, велат тие, за еден вистински град, и за друг што е всушност само слика од сонот на неговите жители. Но кој е вистински а кој сонуван град, тие не можат да определат.
Најчудно во сето тоа е што се зборува дека чистачите на улиците од оној дневен, сив и банален град наоѓаат понекогаш наутро, на плочникот, по некој украс, дел од накит или парче скинат пергамент со чудни знаци, чие потекло никој не умее да го објасни. А дека пак продавачите од оние таинствени ноќни продавници напати со чудење откриваат, меѓу куповите на своите ветошини, некој предмет чија што премногу современа форма и употреблива намена се речиси непристојни.

БЕЗИЗЛЕЗНА ПОЛОЖБА

Во своите соништа тој имаше извонредни преживелици: тоа беа луди авантури, прекрасни доживувања, исклучителни ситуации. Во нив тој секоја ноќ упаѓаше во најнеочекувани настани, најневеројатни љубови, најсмели пресврти на судбината.
Еден ден, на патување, тој случајно купи една книга од писател што му беше непознат. И, уште на почетокот, на првите страници, беше счудовиден: во неа беа опишани сите негови соништа, сиот тој негов втор живот, во најситни детали.
Не се осмелуваше никому да рече ни збор за тоа, сметајќи дека нема да му се верува, но продолжи да ги купува книгите на тој писател. Во нив тој и понатаму ги наоѓаше своите соништа, сите оние свои ноќни авантури низ кои минуваше од ноќ во ноќ.
Сите пречки на кои наидуваше во сонот беа лесно решливи: сонот му ја подаруваше моќта да ги решава без голема мака. И затоа отпрво не се исплаши кога така, сонувајќи, една ноќ се најде во длабока зандана, меѓу бетонски ѕидови и челични решетки. Беше сигурен дека пресвртот ќе дојде сам од себе, одеднаш и без објаснување. Тој очекуваше да се случи пресвртот, очекуваше, и сè уште очекува.
Бидејќи никогаш немаше можност да дознае дека таа ноќ, во еден друг град, писателот кој истовремено ги пишуваше неговите соништа умре оставајќи го својот последен расказ незавршен.

ЧАСОВНИК

Летото е стар расипан ѕиден часовник, во дрвена кутија, во чија внатрешност се чуваат собраните семиња од осушени треви. Старата жена, со која сме во нејасно сродство, и која живее сама во куќата со часовникот, пребира по тие ситни зрнца и им ги кажува имињата. He станува збор за имињата на месеците, ниту за знаците на зодијакот: тоа се само имиња на билките, но сепак – во нив лежи вкусот на времето што спие во кутијата, звукот на летото што изминува.

МИТОЛОГИЈА

На западното небо, на залез, се развлекуваат долги низи на облаци. Некои од нив прилегаат на чунови во кои стојат воини со несмасни штитови и со некакви кукалки – или маши? – место копја. Потоа краиштата од најголемиот чун се извиткуваат нагоре, се доближуваат, обликот се менува, и во еден миг тоа заличува на шлем со рогови отстрана. Само малку потоа место чунови на небото се коњи во трк – диви коњи со развеани опаши, без јавачи – или не, сепак има јавачи на нив, но тие полегнале и втонале во разбушавените гриви. Доста бргу, главите на јавачите се зашилуваат при врвот, вратовите се истенчуваат и место коњи со јавачи сега последните зраци осветлуваат две круни со позлатени украси во облик на лилјани. Малку понатаму има еден скршен меч, една птица која пие од пехар, змија со рог на челото.
Сето тоа не би било ни малку чудно, кога под тие облаци, на пустиот брег од езерото, не би имало неколку храмови во урнатини, со остатоци на фрески на кои се претставени истите тие појави.

ВО ЛАВИРИНТОТ

Вие се наоѓате на некој остров. Во сивиот самрак кој веќе долго трае одите меѓу карпи обраснати со лишаи. Врз некои од нив има некакви знаци, но кога ќе се доближите тие ви се чинат дека се само траги на дождот и ветрот.
Карпите се сè позбиени и, одејќи меѓу нив, вие сè повеќе навлегувате во еден вид ходник. Почвата по која одите веќе ја излижале многубројни нозе; ѕидовите исто така стануваат рамни и мазни.
Насоката на ходникот постојано се менува, отстрана се отвораат нови патишта. Веќе неколку пати сте речиси сигурен дека сте поминале на истото место.
Кога веќе ви се чини дека се вртите в круг, просторот одеднаш малку се отвора: тоа е како мал плоштад поплочен со бели плочки. Отстрана има столбови. Тоа е несомнено средиште на лавиринтот.
На плочките како нешто да лежи. Пристапувате. Пред вас е голем, несмасен костур на некое огромно животно. Тоа се речиси само коски: од долгото лежење месото изгнило, го развлекле ситните животни и мравките.
И дури сега ве опфаќа ужас: некој пред вас, оддамна, го убил Минотаурот, и вие сега навек ќе лутате низ празниот лавиринт, без причина и смисла.

ОПАСЕН ПРЕДЕЛ

Благи ритчиња речиси без грмушки, земја наполно покриена со опаднати лисја. Многу бои: бледо-жолта, окер, бакарна, боја на ’рѓа. Лисјата не се измешани: сите од една боја лежат во една линија, широка неколку метри а долга толку што со погледот не може да ѝ се согледа крајот; оние од друга – во друга линија. Отпрво се чини дека тоа е резултат на одделни времиња на опаѓањето на лисјата од различни растенија, или дека тоа го покажува дејството на ветровите што во определени периоди дувале во еден правец, а потоа во друг. Но отпосле, откако патникот веќе длабоко навлегол во навидум питомиот предел, станува јасно дека тие долги ленти, кои се сменуваат со една доследна и непореклива правилност, претставуваат, всушност, шари на некое огромно животно што спие и врз чие крзно гази непретпазливиот патник.

ВО ОГЛЕДАЛО

Кон крајот на летниот ден, кога во собите нема никој освен нас, се случува понекогаш да забележиме, минувајќи покрај огледало што стои во некоја полутемна одаја, за миг, со крајот од окото, дека нашиот одраз се однесува малку поинаку отколку ние. Макар што тоа бил само миг, сепак ни се чини дека во неговата појава имало некаква разлика, некаква несогласност со она што секој би го очекувал од еден лик во огледало. Како да имал малку поинаков од, или во прашање било само движењето на раката? Веќе сме минале покрај огледалото и ни се чини бесмислено, тука, на прагот од следната соба, да се вратиме назад. Па сепак… Недоумица нè запира. Дали тоа беше вистина, или… Стоиме за миг, со забавени движења, допирајќи ја рамката од вратата, двоумејќи се: тогаш во нас незапирливо победува одлуката да се вратиме. Повторно минуваме покрај огледалото, по малку како во игра, како да сакаме некого да изненадиме, да го фатиме во измама, по малку – сепак – срамејќи се од сето тоа како од нешто недозволено. Прво фрламе еден бегол поглед, со намера веднаш да продолжиме понатаму, штом ќе се увериме дека сето тоа била прелага на мигот но, штом погледот ќе ни падне врз површината на огледалото, застануваме. Стоиме неподвижни еден миг, а тогаш, разбивајќи ја вкочанетата замрзнатост што нè обзела, со мака одлучуваме. Прво занишуваме лесно со раката, потоа – бидејќи ни се чини дека тоа било преслабо – занишуваме со неа малку посилно, што остава по малку неприроден впечаток. Ја кревааме раката и ја подаваме напред на еден театрален начин. Ги доближуваме двете раце кон лицето. Ги шириме. Ги креваме рамениците. Ништо. Ликот во огледалото е наполно ист, несомнено е дека тоа сме ние, но – тој ги држи двете раце во џебовите. Мавтаме пред него со своите раце, ги грчиме нервозно како што се грчат рацете на марионетите во куклениот театар; ништо. Оној во огледалото ги држи неподвижно рацете во џебовите и со одвај видливи движења на главата ги следи нашите бесмислени напори.
Уште еден обид: правиме со прстите на двете раце продолжен нос од кловновските игри, претаме со дланките околу ушите, прпелкаме со рацете како со крилја. Ги креваме во очај небаре оплакуваме мртовец. Ги врзуваме во јазол, пуштаме да се борат помеѓу себе, нанесуваме удари, го сечеме воздухот како со сабја, ги подаваме, со дланките нагоре, како да бараме милост. Рацете на оној што е свртен кон нас остануваат сосема лежерно во џебовите, отпуштени и без најмала најава на желбата за раздвижување.
Застануваме и полека, како посрамени, ги спуштаме рацете, потоа, со чувство на нејасна вина, ги ставаме во џебови.
Во тој миг, во еден друг град, во некоја друга полутемна соба, еден друг, нам наполно непознат човек, ги вади рацете од џебовите и почнува да мавта бесмислено со нив, подражавајќи го својот полуден лик во огледалото.

ПОСЛЕДИЦИ НА НЕВНИМАНИЕ

Не требаше да го раскажува својот сон на жена си.
Во сонот, кој во неговите ноќи се повторуваше мошне често, тој слегуваше низ еден голем ѕид со помош на јаже. Тоа беше дел од некаква тврдина, бедем од некој средновековен замок. Во сонот тој се спушташе низ јаже, потпирајќи се со нозете на ѕидот и обидувајќи се да не гледа во ужасната бездна под него. Тоа секогаш траеше мошне долго и беше многу напорно и возбудливо.
Не требаше да го раскажува тој сон на жена си, зашто уште следната вечер, штом почна да слегува низ јажето, една женска рака се укажа од малечкиот темен прозорец во ѕидот и го принесе ножот што го држеше кон јажето.
Тој крикна и полета во бездната.
Го најдоа наутро мртов, паднат од креветот. Срцев удар, објаснија лекарите.
Сè беше лесно објасниво освен присуството на ножот покрај креветот на жена му, но освен неа него никој и не го забележа.

Тагови од објавата
1
Напишано од
More from РЕПЕР
Кон книгата „Зборообразувајќи ги местата“ од Ирен Ниг
Кон книгата „Зборообразувајќи ги местата“ од Ирен Ниг (Лихтенштајн), добитник на Наградата...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *