Зад лавиринтот

Од поетската книга „Зад лавиринтот“, објавена по повод 85-годишнината од раѓањето на Матеја Матевски.

03.-Mateja-MatevskiПоет, литературен и театраски критичар, есеист и преведувач, роден е во Истанбул, Турција, во 1929 година. Матеја Матевски е автор на 19 книги поезија и на десетина антологиски избори, а неговата поезија е објавувана на сите континенти. Преведен е на 22 јазика.

Добитник е на речиси сите национални награди и е носител на 16 меѓународни награди за неговото поетско творештво. Матеја Матевски е член на Македонската Академија на науките и уметностите и е добитник на „Златен Венец на поезијата“, за поетски опус на Меѓународниот фестивал Струшки вечери на поезијата.

1. ВО ЛАВИРИНТОТ

Сега сум тука среде сите
премрежија на соништата Кошмари
Преплет на темни шуми и ливоти
Пештера глува Град непрооден на темнината
Откаде пак наврапито и каде пак
од угрозата со очи стотни отсекаде

Човек што секоја страна да го начека сака
среде штама и врева времето што го мерат
Втурнат однекаде или по избор свој во предизвик
на каменот во пресрет што му иде Што да те втурне сака
во дувлото на мракот на незгаснати пепелишта

Тука си По кои патишта стаса
кога патишта нема во лавиринтот намислен твој
Кругови сплетени на мислата Јазли од отпатици
на залудна надеж што се повторува
Од распаќа Од беспаќа што да ги совладаш сакаш
по кои талка битието твое бидноста барајќи ја

Длабиш во себеси Да се провреш во светот под немоста
на вселената што гледа сè што го измачува Смет од зборови
и насмевки Скомраз и јад Призракот на јаросните рогови
на патот твој По земјата пламната во злодоба огнот на омразата
клопчето што ѝ го скинал дамна А ти си тука пак
во средиштето негово по патиштата на неуморните зборови
Ни меч ни штит Птица си од гнездото урнато да легне
над лавиринтот што сонува и клопчето на гласот
да го домота свој над темнината

2. КОН ИЗЛЕЗОТ

Чиниш дека е одминато веќе средиштето
на јанѕите и јазлите матни на патиштата допрва
што да се одврзат треба Желбата да се излезе
повисока е од ѕидовите градителот трпеливо
што ги кревал Не ќе се кренеш над нив
угрозата кога те дебне отсекаде
Ни да се провреш низ процепите
во процепи други што водат

И надеж да речеш и очај исто е Беспомошен од
на чекори доодени Надежта секој агол
ја оддалечува и секое кружење смислено
попусто е Побарај го некаде излезот
од кошмарите на светот во тебе
среде согласјето урнато дамна

Одиме ние и виорот сал во нас на патот отворен свој
нè влече по илузијата на идната биднина
Провирање како од лешник кај долго риел
црвецот на сомнението Сал зборот од него да те избави може
Не затворајте ги очите Погледнете над ѕидовите
минете по мршата на уплавите стари
Таму небесната се отвора врата

Помини по неа како низ себе да си минел
во виделина Во виделина низ молк и мрак
Таа ука единствена што на патиштата
смислата им ја враќа и отвора Твои

3. ПО ИЗЛЕЗОТ

Надвор сме се чини веќе по страданија толку и труд
пред сонцето што нè огрева
Се топи помнежот на совладаните премрежија
Ги нема веќе ни гибелта на средиштето
ни талкањата меѓу ѕидовите Ни угрозата
Ни јадот Сè е пред нас отворено Поле ветено
зад сините измаглици на далечината

Зад нив пак погледот нè клука пак што рид за лавиринтот
се крева нов И каменот е тука што угоре пак и пак
да се турка треба пред ливот на бидноста Излегол од
приказната тој
да кажува за прокобата постојано што развива

Попуст ли толку беше трудот да се излезе еднаш
од пештерата темна на бидноста Од подземниот мрак со кого
да се восхитуваат можат само мувлата и лилјаците
На светот и сметот негов како
да им се радуваш и воспеваш за постоење некое идно
што по чекорите твои ќе оди и ќе се радува

4. ЕПИЛОГ ЗА ЛАВИРИНТОТ

Не Не постои тој веќе Згаснува со тебе чиниш
Но идат градители нови
и кревааат и уриваат пак

Каде си Кај сме
Ништо да се измени нема зашто толпата
на уривачите на надежта рака повешта има Ги остава сал
трошките за подбив со убавината

Така се гради и урива планетата со попуста надеж по светлина
забутана во космичкиот мрак Големиот планер вселената местото
секому му го одредува Да талка по лавиринтот
никогаш внатре ни надвор

А ливот јаросен дебне и кружи рушејќи ги плотовите
на нашите засолништа На сите Глава речна Тревожно будење
на ридјето На полињата Камење пештери што создава нови
во чија темница глува ќе нема кој да стапне Сал молкот
на небиднината пред толпата од речи зли што занемува

И чувствуваш кажувачката стара
секогаш веќе во тебе се повторува
Како бршленот од кого стеблото да се ослободи нема
освен во небиднината Од митот не се бега
и тој е одврзан дамна Постојано е тука Пред рацете твои
празни и изранувани ја развива приказната на постоењето
загубено што талка и по тебе оди насекаде Одиме

Од поетската книга „Зад лавиринтот“, објавена по повод 85-годишнината од раѓањето на Матеја Матевски.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Понекогаш времето на животот премногу брза
Гавелис предизвика сензација во 1989 година кога беше објавен неговиот роман Покер...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *