Заборавени книги

Среќата ќе биде награда за твојот труд“

Антикварниците денес исчезнуваат побргу и од регуларните книжарници. Пред десетина години, ги имаше во доста голем број во секој град, па дури и во некои помали места, и услужуваа богата клиентела од љубители на книгите, кои навраќаа трагајќи по некоја ретка стара книга или едноставно за да „убијат“ време. И, додека беа популарни, секогаш се прашував како преживуваат нивните сопственици, зашто нивните малобројни муштерии обично ништо не купуваа, а и кога купуваа, тоа беше за едвај неколку долари. Се сеќавам дека пред многу години, во една њујоршка антикварница специјализирана за алхемија, источни религии, теозофија, мистицизам, магија и за гатање, пронајдов книга со наслов „Како да се стане невидлив“ и сфатив дека е таа совршен роденденски подарок за мојот пријател, кој бегаше од агенцијата за наплата на долгови, која се обидуваше да му го заплени автомобилот. Книгата чинеше петнаесет центи, што ми се чинеше доста скапо имајќи го предвид квалитетот на нејзината содржина.

r2

Овие простории, во кои се чуваат непосакуваните библиотеки на разни покојници, привлекуваат луѓе како што сум јас затоа што се помалку пребирливи, а похаотични од библиотеките, па разгледувањето е поголема авантура. На пренатрупаните полици, некоја книга му го привлекува вниманието на човека со својот наслов или изглед. Потоа следува возбудата од отворањето на книгата, проверувањето на содржината, прелистувањето, читкањето и од барањето потцртани пасуси или забелешки на маргините. Колку е прекрасно да се пронајде коментар од некој непознат читател напишан со графитен молив покрај викторијанската љубовна песна „Гомно“ или да се налета на оваа посвета на прекрасното издание на еден француски класик: „На мојата ќерка, убавината, хуманоста и мудроста нека бидат твои животни цели; и во секоја пригода ќе знаеш како да постапиш. Среќата ќе биде награда за твојот труд“.

Потоа човекот или ја враќа книгата на полицата или продолжува да се премислува и да ја одложува конечната одлука. Секако, тука и таму ќе се појави некоја книга толку бесмислена што човек не може да одолее да не ја купи, како на пример биографијата на Рудолф Валентин, шармерот од добата на немиот филм, која ја купив есеноска и која се рекламира како сензационална, досега необјавена вистина за „најжешкиот“ секс-симбол на нашите денови и која ветува детали за тоа зошто го напуштила првата жена на првата брачна ноќ, пред изгрејсонце.

r1Меѓутоа, понекогаш наидувам на книга што почнувам да ја читам и не прекинувам. Еве, на пример, уводот од книгата со наслов „Проклет да е бизнисот“ од 1952 година – кој не ветува многу – од извесен Елија Џордан, издание на Хенри Шуман од Њујорк, за која не се знае кога првобитниот сопственик, д-р Џо Колвел, ѝ ја подарил на библиотеката при Универзитетот „Саутвестерн“ во Тексас и која е подоцна отстранета од нивната колекција:

„На светот отсекогаш постоеле претприемачи и претпријатија. Но, никогаш до денес претприемништвото не било прифатено како морално чесна активност; никогаш на претприемачот не му било дозволено да го одредува човековиот живот. Денес владеењето на претприемачот – прифатено, оправдано и глорификувано – стана неспорно и апсолутно.

До неодамна, меѓутоа, дејноста на бизнисменот секогаш беше преиспитувана во смисла на нејзината морална исправност. Формулирањето на овој сомнеж претставуваше негативна или критичка претпоставка врз која се темелеше секој развиен морален и културен верски систем. Значи, новост во ова што го нарекуваме современа цивилизација претставува прифаќањето на претприемачките активности како морално чесни, одобрувањето на својствата и на карактеристиките на претприемачот и на претпоставките дека се тие својства соодветни за владеење и за контрола на животите на луѓето“.

Ова е неверојатно, си искоментирав самиот за себе. Џордан (1911-1955), кој со години предавал филозофија на Универзитетот „Батлер“, видел што ни се подготвува и уште тогаш укажал дека бизнисот станува доминантна сила во нашите животи, на која ѝ се подредени сите други човекови активности во оваа земја. Религијата, политиката, државното управување, моралот, уметноста – од сето тоа се бара да му признае апсолутно право и апсолутна власт на врховниот арбитер.

r3Кога денес би станал од гробот, Џордан би се запрепастил од тоа што неговите сограѓани, Американците, сè уште немаат сфатено дека се само овци за стрижење. Напротив, многу од нив сега сметаат дека решението за сите наши проблеми, било да се тоа пропаднатите училишта или скапата здравствена заштита, се состои во предавањето на државните институции на приватни, профитно мотивирани компании, кои благодарение на својата способност и на магијата на слободниот пазар со даночни обврзници ќе заштедат брдо пари. Тоа денес се нарекува „приватизација“, измама со чија помош сè, од приватните затвори, преку нашите растечки шпионски држави, до нашето глобално воено присуство, се претвора во стравотно профитабилна работа. Неизбежен е заклучокот дека избирачите, судејќи според сè, веќе не можат ништо против богатството стекнато на нечесен начин и преку нивните грбови, па некои од нив дури и влегуваат во огромни долгови за да ги испратат своите синови и ќерки во престижни деловни школи за подоцна да можат да се вработат кај овие „лопови“ и да го повторат нивниот успех.

По изумирањето на антикварниците и на библиотеките, колкави се шансите некој да налета на книга како оваа на Џордан? Дека има и други како него – неколку познати и други целосно непознати – во тоа воопшто не се сомневам. Не дека тој и другите вистинољупци нешто посебно влијаееле врз своите современици или врз новите генерации Американци, кои повеќе сакаат да слушаат бајки за нас како предмет на завист на секое живо суштество, како неповторлива нација, како земја со бескрајни потенцијали и шанси, како најдобри во сè, отколку некој незнајко да им говори дека не е така. Не е ни чудо што нивните книги се осудени на пропаст. Судбината на овие заборавени писатели е тажен потсетник дека ќе им се случи истото на многу сериозни трудови од областа на филозофијата, историјата, белетристиката, поезијата и на други книги што собираат прав на полиците. Додека имаше вакви места, случајниот посетител со доволно слободно време можеше да најде реченица, опис или некоја приказна што ќе му го збогати животот и ќе му ја разгали душата.

Извор на текстот: http://pescanik.net/

Превод од српски јазик: Кристина Велевска

Напишано од
More from РЕПЕР
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *