Идеалниот момент ја детерминира фотографијата

Разговараме со Томислав Георгиевски, фотограф чијашто лична максима гласи: Еден фотограф е онолку добар колку што е добра и неговата последна фотографија.

georgiev1

Кога почнавте со фотографијата? Може ли накратко да ни го опишете мигот кога за првпат зедовте фотоапарат во рацете?

Со фотографија профеcионaлно се занимавам повеќе од 15 години, a претходно аматерски експериментирав со аналогни апарати. Бев посебно фасциниран од т.н. „темна комора“ и од магијата на настанувањето на позитивот. Првиот апарат што го имав, по неизбежната „Смена 8“, беше апаратот на мојот татко, класика „Зенит“ со расипан светломер. Потоа купив „Никон Ф50“ со сите нишани на сериозен аматерски фотоапарат, со кој од првиот црно-бел филм успеав да добијам висока награда, која, од денешна перспектива, веројатно ми го одреди натамошниот животен пат.

Што Ве натера да ја засакате фотографијата?

Фотографијата е начин на кој можете да се изразите себеси и да ги претставите своите погледи и размислувања за нештата околу вас, за времето што го живеете и за настаните што ве опкружуваат. Позната е максимата дека една фотографија може да каже многу повеќе од илјада зборови, но факт е дека идеалниот момент е тој што ја детерминира. Е, токму таквата фотографија е предизвик сама по себе и цел што ве води низ професијата и низ животот.

Ако во новинарството веста треба да ги содржи одговорите на сите 5+1 новинарски прашања, што треба да содржи една фотографија за да биде вредна за објавување?

Таа треба да ги даде истите тие одговори низ само една фотографија. Треба да ги преслика случувањата, да ги долови емоциите, да предизвика возбуда, да го задржи вниманието на оние што ја гледаат. Ако го има сето тоа, секако дека е вредна за објавување.

georgiev2

Сметате ли дека денешните фоторепортери внимаваат на кодексите во фотографијата со оглед на тоа што во последно време имаше доста фотографии од самоубијци без нивните лица да бидат замаглени? На што, според Вас, најмногу треба да се внимава?

Денес новинарството минува низ еден многу критичен период и фоторепортерството, за жал, не може да се изземе од сите овие случувања. Сѐ останува на личната одговорност на секој фоторепортер, кој сам треба да одлучи како ќе ја работи професијата. За една фотографија да биде одлична, на неа не мора да се најде лицето на човекот што се самоубил или на детето што е тешко болно. Има начини на кои може да се направи фотографијата за таа да ја пренесе пораката од настанот, да привлече внимание и да предизвика емоција без експлицитно пренесување на случката. Добриот фоторепортер знае како да ја направи токму таа фотографија.

Дали фотографијата оди во правецот на медиумите по т.н. непишано правило дека лошата вест е добра вест? Кои слики, според Вас, успеваат повеќе – оние што раскажуваат трагична приказна или оние што пренесуваат приказна со хепиенд? Или, пак, тоа нема никаква врска во очите на гледачите?

Единствено добрата фотографија е таа што ќе го привлече вниманието на публиката, без оглед на тоа дали таа раскажува добра или лоша вест. Моето искуство покажало дека луѓето ја сакаат добрата фотографија, особено сега во ваквиот динамичен живот. Таа може да пренесува моменти на среќа или мигови на агонија и на беспомошност. Ако успеете да доловите успешно кој било од овие два момента, фотографијата ќе биде успешна и ќе привлече внимание.

Како ја започнавте соработката со списанието „Лице в лице“? Гледам дека скоро одржувавте работилници, па може ли да ни кажете што се случуваше таму и кој сѐ учествуваше? Сте имале ли и претходно соработка со некои организации од ваков тип?

Соработката со „Лице в лице“ излезе спонтано, како соработка меѓу лица што делат иста енергија, иста визија, исти размислувања. Кога соработувате со такви луѓе, знаете дека производот ќе биде успешен. Ако, згора на тоа, успеете да иницирате промени во општеството и да го свртите вниманието на барем мал дел од луѓето, тогаш задоволството е уште поголемо. Од соработката со Климентина Илиевски и со „Лице в лице“ излезе и работилницата, која, пак, беше одлично место да се соберат млади луѓе што ја сакаат фотографијата. Ме радува интересот, посветеноста, а пред сѐ – креативноста кај младите луѓе, која треба да се негува и безрезервно да се поддржува низ секакви форми, не само преку работилници. Чувствувам дека ним им е стеснет просторот за артикулирање на креативноста, а ваквите работилници се идеална можност за тоа.

Да кажеме дека еден фотоалбум е една приказна. Тогаш, какви приказни сака да направи Томислав Георгиев? Која е главната тематика во Вашите фотографии?

Фотографијата е слика на светот онака како што јас го гледам низ својот објектив. Тоа е приказна за мојот град, за тоа каков станал, каков сакаат да го направат, за луѓето во него, за настаните што нѐ допираат повеќе или помалку низ секојдневието што го живееме. Тоа се документи од различна природа: од политички, преку социјални, до теми што ја третираат екологијата; приказни за времето што го живееме и што го делиме сите заедно; слики што ги покажуваат промените низ кои минуваме и луѓето што ги прават промените.

georgiev3

Која е Вашата техника што ја применувате во фотографиите? Дали сте користеле „фотошоп“ во фотоприказните?

Не. На добрата фотографија не ѝ е потребен „фотошоп“. „Фотошопот“ никогаш не може да направи добра од лоша фотографија. Особено во документарната фотографија – освен најосновните функции, сѐ друго е исклучено.

Каде ги наоѓате „жртвите“ што порано или подоцна ќе се најдат во некој од Вашите фотоалбуми?

Моите „жртви“ се луѓето околу мене. Оние со кои живеам, со кои работам, луѓето што секојдневно ги сретнувам на улица, на разни настани, случувања. Најчесто се лица што се инволвирани во приказната што ја работам.

Како поминува еден Ваш ден кога ќе решите да излезете на улица и да фотографирате? Дали Вашата професија воопшто има работно време? Сте се соочиле ли некогаш со опасности и дали некогаш би се осмелиле да бидете воен репортер (ако веќе не сте биле)?

Фоторепотерот нема работно време. Дури и кога не го носам со себе фотоапаратот (што е многу ретко), јас ги гледам настаните низ објективот. Забележувам слики и во главата ја правам композицијата. Што се однесува на военото репортерство, тоа секако е еден посебен предизвик. Кога ќе се најдете во ситуации што можеби се опасни, не размислувате за тоа. Единствено што сакате е да направите што подобра фотографија и да го пренесете што повпечатливо она што се случува пред вас. Знаете дека тоа можеби е единствениот начин јавноста да дознае што вистински се случува. Честопати се случува дури отпосле да сфатите на каква опасност сте биле изложени.

georgiev5

Која е Вашата лична максима што сакате да ја постигнете во однос на фотографијата?

Еден фотограф е онолку добар колку што е добра и неговата последна фотографија.

Што е она што секогаш им го велите на своите студенти како професор на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста за во иднина? Што би им препорачале на читателите на „Репер“?

Одговорот би вредел и за двете прашања. Не постои шампон за сите видови коса. Да се свои и да имаат сопствен став, да го сакаат она што го работат.

Фотографиите се преземени од Фејсбук профилот на авторот

Напишано од
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *