Кралевите на античка Македонија постапно ја ширеле државата на север, анектирајќи ги териториите на северните соседи. Тоа биле помалите кралства на Пајонците, на Пелагонците и на помалите популации на Девриопите, на Десаретите и на Пенестите, за кои сѐ уште не е познато дали успеале да оформат монархии (1).
Со интересите свртени кон хеленскиот југ, македонските кралеви во најраната антика со намалена сила ја обезбедувале северната граница. Делумно поради стабилната цивилизација на пајонското кралство, а делумно и поради тоа што Дарданците во тоа време се занимавале со притисоците врз Трибалите и врз Агријаните.
Но III век п. н.е. донел големи пресврти. Во 279 година п. н.е., преку Дарданија и преку Пајонија се пробиваат ордите на Келтите, предводени од Брен и од Акихориј (2).
Освен тоа, во текот на III век п. н.е., Дарданците бргу се стабилизирале и започнале константни напади кон југот. Во тие напади најмногу страдале северните делови од земјите на Пелагонците и на Пајонците. Всушност, токму III век бил периодот во кој некогаш моќното кралство Пајонија потпаднало под власта на македонските кралеви од втората династија, Антигонидите. Дали ова завладување или анектирање било насилно?
Пајонците сигурно не биле позитивно расположени кон Македонците, имајќи предвид дека македонските кралеви воено ги потиснале долните пајонски племиња и ги завладеале нивните земји уште во текот на архајскиот и на класичниот период. Антимакедонското расположение кај Пајонците го согледуваме, на пример, во 356 година п. н.е., кога пајонскиот крал Ликпеј пристапува во тројна коалиција против Македонија, заедно со тракискиот водач Кетрипор и со дарданскиот водач Граб (3).
Антимакедонско расположение кај Пајонците се насетува и во текот на III век п. н.е. (4), што од своја страна го потврдуваат и определени археолошки моменти, кои подолу ќе ги изнесеме. Имено, и покрај молчењето на изворите за модусот на анексијата на Пајонија, на теренот евидентиравме автентични докази дека Антигонидите ја демонстрирале својата воена супремација во „кампањата“ за завладување на пајонската држава.
Мора да истакнеме дека научните истражувања во овој правец сѐ уште се наоѓаат на самиот почеток, но денес ги претставуваме главните археолошки точки и насоки по кои треба да тргнеме во потрагата по поиздржани одговори на прашањето: кога и како независното кралство Пајонија конечно станало составен дел од античка Македонија и ја добило воено-административната форма – стратегија Пајонија?
Во постарата литература се прифати дека Пајонија била анектирана под Антигон Гонат (5), но во поглед на ова прашање Ф. Папазоглу е мошне децидна. Имено, Пајонија во времето на Антигон Гонат била независна, и тоа под кралевите Леон и Дропион. Таа смета дека кралот Антигон Досон ја припоил јужна Пајонија кон Македонија, го подигнал градот Антигонеја на реката Аксиј, а дефинитивното анектирање го реализирал кралот Филип V (6).
Изворите, всушност, нѐ убедуваат дека тоа веројатно и не би се случило да не биле константните упади на Дарданците во Пајонија и во Македонија во турбулентните моменти за Пајонија во времето на агресивните дијадоси, односно популациската експанзија на тракиските Меди во горното течение на реката Брегалница (Астибо).
Пајонските кралеви од крајот на IV и од III век п. н.е. биле: Авдолеон (315-286/5), Леон (278-ок. 250) и Дропион (ок. 250-ок. 230). Сѐ поочигледно е дека јадрото, а секако и главниот град на пајонската држава, во класичниот период било поблизу до осоговското сребро, во долината на Брегалница. Но нема децидни докази за тоа кој од градовите – Астибо (Исар, Штип ?), Билазора (Градиште, Кнежје) или Келенидин (Виничко Кале, Виница ?) – во раноантичкиот период бил главен град, престолнина на пајонското кралство. Големината на коринтскиот капитал од бел мермер од Штип нѐ убедува дека главен пајонски град бил Астибо.
Се чини дека, во моментите на кризата во III век п. н.е., последниот пајонски крал Дропион владеел од градот Аударист на Градиште, Дреново, судејќи според најголемата концентрација на негови монети откриена на ова место.
Потсетуваме дека сѐ уште не се научно разјаснети сребрените монети на владетелите Теутај, Бастареј, Никарх, Симон и Диплај од доцниот V и од IV век п. н.е. Дали тие биле локални пајонски или агријански владетели, имајќи ја предвид големата територија што ја населувале повеќе пајонски племиња на влезот од протоисторијата во класичното време? Се работи за горновардарска Пајонија, долновардарска Пајонија, долнобрегалничка Пајонија, горнобрегалничка Пајонија и за струмичко-радовишка Пајонија. Освен тоа, горното течение на Стримон, долината на Крива Река и горното течение на Аксиј ги населувале моќните пајонски Агријани под кралот Лангар.
Всушност, се работи за големите пајонски градови и за гратчињата, цивилизациски средишта на овие региони: Добер (Цареви Кули, Струмица ?); Астрајон (Пилав Тепе, Шопур ?); Голема Кала (Калуѓерица); Трескавечка Чука (Долни Радеш); Астибо (Исар, Штип ?); Голем Цапар (Крупиште); Келенидин (Виничко Кале, Виница ?); Кула, (Судиш); Градиште (Немањици); Билазора (Градиште, Кнежје); Градиште (Кочилари); Аударист (Градиште, Дреново); Стоби; Антигонеја (Градиште, Неготино) и Стена (Марков Град, Корешница, Демир Капија). Во македонскиот дел на Агријанија тоа биле: Градиште-Бразда и Исар-Студеничани, како и Градиште-Младо Нагоричани (види во списанието „Репер“, бр. 2). Дали во некој од нив „столувале“ споменатите владетели, кои емитирале сопствени сребрени пари? Дали, можеби, кај Пајонците, кои во овие векови напредувале далеку во цивилизациски поглед, постоело натпреварување по углед, на пример, на хеленските градови-држави, со кои тие активно контактирале?
Во времето на Антигон II Гонат (283-240/39), Дарданците се мирни. Поетот Антагора бил во придружба на кралот Антигон Гонат во еден поход на север, датиран приближно од 276 до 274 година п. н.е. В. Тарн основано се сомнева дека овој поход бил насочен кон Дарданците (7). Истражувањата на В. Лилчиќ навестуваат дека тоа можеби била одбраната на северозападната граница на Македонија, всушност на областа Линкестида, насока од каде што доаѓале нападите на Илирите. Тоа го потврдуваат две мали воени утврдувања-кастели што ги оформил Антигон Гонат – Градиште, Жван, и Горно Кале, Лера – во Линкестида и во Девриоп, за одбрана на приодите кон градот (Линк ?) на Градиште, село Црнобуки (8).
Тоа било во средината на III век п. н.е. и време кога, 7 години по 285-4 година п. н.е., по неуспешното крунисување на Аристон, синот на Авдолеон, за крал на Пајонија, го гледаме кралот Леон (по 278-ок. 250), кој кова бронзени монети (9). Дали можеби Леон уште пред Дропион бил тој што ја повлекол / дислоцирал пајонската престолнина на десниот брег на Вардар, во Аударист, поради притисокот од страна на Дарданците од север или, пак, пред агресивните тракиски Меди во горна Брегалница?
Дропион (ок.250-ок.230 г. п. н.е.), кој со владеењето навлегува во втората половина од III век п. н.е., ја консолидира Пајонија и се смета за основач на пајонскиот коинон, судејќи според натписот на базата за коњаничка статуа на самиот крал Дропион од Олимпија, која му ја посветила пајонската заедница (коинон) (10).
Веројатно таквата консолидирана Пајонија под Дропион била причина за нејзиното заобиколување од страна на Дарданците. Тие навлегувале по западните коридори преку Пелагонија и можеби битката во која бил разбиен, а веројатно и загинал, македонскиот крал Деметриј II (239-229) се одвивала во северна Пелагонија на просторот Дебреште – Барбарас. Ова мнение би добило уште поголема индиректна тежина доколку се докажеше дека бронзените штитови од Старо Бонче ѝ припаѓале на војската на Деметриј II, а не на Деметриј I Полиоркет, според последната нивна интерпретација во контекстуалната светлина на придружните наоди, керамика и друго (11).
Податоците во изворите се скромни. Според Ливиј, дарданскиот водач Лонгар војувал против Деметриј II (12). Според Помпеј Трог, „кралот на Македонците, Деметриј, бил разбиен од Дарданците, а по неговата смрт, управата во името на неговиот син Филип (V), ја презел Антигон (Досон)“ (13).
Во овој контекст, можеби се работи и за поклопување на крајот на двата крала. Оттука доаѓа можеби и прашањето дали во големата инвазија на Дарданците под водачот Лонгар, околу 230 година п. н.е. (14), не преку Пелагонија, туку директно по должината на вардарската магистрала, најпрвин паднал Дропион, што значи дека Пајонија била обезглавена, а потоа, во 229 година п. н.е., и Деметриј II.
Во врска со овие моменти, Ф. Папазоглу верува дека Дарданците во тоа време ја загосподариле Пајонија (15), иако за ваквиот заклучок не изнесува некои посебни аргументи.
Како и да е, Пајонија во времето на осумгодишната влада на македонскиот крал Антигон III Досон (229-221) нема крал. Можеме ли да претпоставиме дека токму Антигон III Досон, кој ја организирал одбраната на вардарскиот коридор, го организирал анектирањето на Пајонија? Изворите молчат за каква било форма на припојување на Пајонија кон Македонија под Антигон III Досон. Жалиме што Антигон III Досон не исковал поситни пари од своите јубилејни тетрадрахми за да можеме да го следиме на терените и преку нумизматиката. Сличен проблем имаме и со кралот Деметриј II. Иако тешко е да се поверува дека и Деметриј II во текот на десетгодишната влада и Антигон Досон во текот на осумгодишната влада не исковале помали бронзени монетни апоени.
Ф. Папазоглу, наведувајќи ги идеите на Гр. Г. Белох и на Ф. В. Валбанк дека Антигон III Досон им го отстапил северниот дел на Пајонија на Дарданците, истакнува дека овој македонски крал ја припоил јужна Пајонија кон Македонија, а за нејзина соодветна контрола го оформил градот Антигонеја на Аксиј (Градиште, Неготино) како македонска воена база (16). И. Микулчиќ, кој ја изработил најсериозната научна студија за убикацијата на Антигонеја на Градиште кај Неготино, без да ја коментира оваа идеја, основањето на градот Антигонеја безрезервно му го припишува на Филип V (17).
Според сето тоа, Пајонија во текот на владеењето на Антигон Досон се наоѓала во многу тешка состојба. Од север константно упаѓале Дарданците, од југот доаѓале во одбрана Македонците.
Младоста на Филип V (221-179), кој во моментот кога станал крал имал седумнаесет години, ги предизвикала најжестоките дардански напади на Македонија (18). Имајќи ја постојано пред очи, така да речеме, бесмртната омраза (на Дарданците) кон македонските кралеви и кон неговата младост (19), Филип V бил свесен дека мора дефинитивно да ја обезбеди северната граница. Тоа го сторил во 217 година п. н.е. Полибиј за овој настан пишува: „Во исто време кралот Филип ја освоил Билазора, најголемиот град на Пајонија, мошне поволно сместен за упадите од Дарданија во Македонија. Со неговото освојување, речиси се ослободил од дарданската опасност, бидејќи Дарданците повеќе не можеле толку лесно да упаѓаат во Македонија откога Филип го освоил споменатиот град, а со него и приодите кон Македонија“ (20).
Што учиме од овој текст? Дека најголемиот град на Пајонија, Билазора, во тоа време бил во рамките на Македонија. Полибиј во својот текст дури трипати тоа го истакнува. Значи, од цитираниот текст на Полибиј логично произлегува дискутабилно прашање: зошто Филип V морал да го освои градот Билазора од пајонските граѓани ако таа била во рамките на Македонија? Можеби затоа што и во обезглавената Пајонија во тоа време сѐ уште постоел отпор кон македонската експанзија од југот.
Натамошните извори за 209 година п. н.е. говорат за силен и длабок дардански пробив во Македонија, но преку западните коридори низ Пелагонија и низ Линкестида, сѐ до Орестида (21). Ф. Папазоглу претпоставува дека споменатата западна насока на дарданскиот пробив се должи на фактот што Филип V уште од освојувањето на Билазора цврсто ја држел во своите раце долината на Вардар, за што наоѓаме потврда и во археолошките наоди што ќе ги претставиме во овој труд.
Би споменале само уште три податоци од изворите, сметајќи дека се полезни за нашиот прилог:
Кралот Филип V, сметајќи дека за неговата контраофанзива против Рим ќе биде полезно да има опсервација на теренот од највисоката планинска кота, решава да се искачи на планината Хем (Балкан Планина) (22). На овој поход тој тргнал од Стоби. Откога ја пресекол земјата на Медите, а и пустата зона потоа, на седмиот ден пришол до подножјето на планината Хем. Но, пред да тргне, тој го вратил синот Деметриј назад во Македонија, веројатно за да не ги дознае неговите крајни намери против Рим. За ова Тит Ливиј забележал: „За безбедноста на патот на Деметриј во Македонија, бил задолжен да го придружува (спроведува) Дидас, управителот / заповедникот / стратегот (?) на Пајонија, еден од кралските офицери / генерали, но не со многу голема придружба“ (23).
Потоа, подолу во истата книга, наведува како „Деметриј замислувал бегство кај Римјаните; и управникот на Пајонија му се прикажал како помошник пратен од боговите, затоа што низ неговата провинција Деметриј се надевал да се промолкне не подложувајќи се на опасност“ (24).
А на трето место Ливиј вели: „Нив ги вооружил и ги собрал Пајонецот Дидас од Пајонија, кој го убил младиот Деметриј“ (25).
Што можеме да научиме од овие информации? Дека во моментите на елиминацијата на принцот Деметриј, помладиот син на кралот Филип V, Пајонија е веќе македонска провинција, и тоа во административната форма стратегија или воен протекторат, со воен командант на чело. Тоа бил кралскиот генерал Дидас, кој бил Пајонец од Пајонија (26). Како што се уверуваме од книгите на Тит Ливиј, тој ова го наведува и го истакнува недвосмислено и јасно на повеќе места.
* * *
А сега да ги резимираме накусо и почетните археолошки елементи на проектот „стратегија Пајонија“ на антигонидската кралска куќа.
Стартна точка за анектирањето на Пајонија била Демир Капија, од каде што Антигонидите тргнале по долината на Аксиј низ Пајонија. Демир Капија била северна македонска гранична точка – воена база уште од класичниот период. Втора насока по која Антигонидите веројатно тргнале кон освојувањето на Пајонија е патот од Амфакситида кон Доберите и кон Астраите, што значи на релацијата од Валандово преку Костурино во Струмичко-Радовишко.
Главните македонски воени утврдувања во Демир Капија биле расположени и на двата брега на Аксиј.
На левиот брег се наоѓале македонските тврдини со стражарски кули на локалитетите Маркова Кула, Корешница и Кале, Желевец. На десниот брег на Вардар се наоѓале македонските тврдини на локалитетите Рамниште и Горни Краставец, Демир Капија, село Клисура. Анализата на фортификациските периметри и на наодите ја датира Маркова Кула, Корешница, во IV век п. н.е., преку откриените монети на Аминта III, Филип II, Касандар и на Деметриј II. Додека наодите на монети на Горни Краставец, како и идентичната фортификациска рамка со Рамниште, Демир Капија, ги датира овие утврдувања во крајот на IV век и во првата половина од III век п. н.е., преку монетите на Александар III (драхма постхумно искована во Колофон во 310 г. п. н.е.) и три бронзени монети на Деметриј II (27).
Македонското навлегување во Пајонија, како што истакнавме погоре, на прво место било предизвикано со цел да се спречат пробивите на Дарданците по долината на Аксиј. Тоа значи дека експедициите на Антигонидите воделе главно во таа насока. Всушност, токму во таа насока и се наоѓаат малкуте точки споменати во изворите, кои се поврзани со експедициите на македонските кралеви Филип V и Персеј. Експедицијата на Филип V од 217 година на Билазора во Овче Поле. Подоцна, како што видовме, Филип V тргнува на планината Хем од Стоби на Аксиј. Персеј, во последиот обид да најми војска за војната против Рим, доаѓа до градот Алмана и на брегот на реката Аксиј подигнува логор (28).
Како што изгледа, токму Филип V ја стабилизирал северната граница на Македонија, која пред тоа била северна граница на Пајонија. Тоа било ридско-планинската зона помеѓу Велешко и Светиниколско / Овче Поле јужно и Скопско и Кумановско северно, како што убедливо докажа студијата на професор Микулчиќ (29). Потоа Филип V врши колонизација на долината на Аксиј. Ја основа воената база, подоцна конвертирана во цивилниот град Антигонеја, населува колонисти, веројатно на Градиште, Згрополци (30), а претпоставуваме и дека тој го ревитализира стариот град Алмана (Градиште, Кочилари ?) (31).
Во овој контекст, многу е важно дефинирањето на протогениот карактер на Антигонеја. Ние денес претпоставуваме дека токму кралот Филип V, истапувајќи во долината на Аксиј, петнаесетина километри северозападно од демиркаписката теснина, каде што се наоѓала северната граница на кралството Македонија под првата династија на Аргеадите, и доаѓајќи точно кај денешно Неготино, од каде што се одвојувал пат кон Аударист, и понатаму кон Пелагонија, токму на тоа место оформил стратешки воен пункт. Во основа, не постојат историски вести дека Антигонеја на Аксиј била од почетокот оформена како град. Името Антигонеја (Антигонија) го гледаме многу подоцна на т.н Појтингерова карта, изработена според оригинален документ што датира од IV век од н.е. На локалитетот Градиште кај Неготино е регистриран културен хоризонт од хеленистичкиот период, но точно е и тоа дека најстарите регистрирани остатоци на локалитетот датираат од доцноархајското време и по својата пригода веројатно припаѓале на локална пајонска населба (32). Секако, допрва очекуваме археолошките ископувања на локалитетот да дадат нови информации во поглед на зачетоците и на карактерот на протогеното утврдување од хеленистичкиот период.
Концентрацијата на македонската војска на северната граница, во велешкиот крај, била неминовна. Резултат на македонското воено присуство во овој простор се најмалку две утврдувања. Тоа се локалитетот Отовичко Кале, Башино Село, и Кале, Слп. Нешто посеверно од Кале, Слп, е раноантичкиот кастел на локалитетот Цуцулигово, Карабуниште, кој сѐ уште не е докрај дефиниран. На овој локалитет регистриравме раноантичко утврдување. Една железна секира со две сечила, лабрис од IV-III век п. н.е., и дел од еден сад. Можно е да претставувал најсеверната антигонидска претстража.
Изворите од ова време молчат за односот на Антигонидите кон пајонскиот град Аударист. Всушност, имајќи ја предвид визуелната комуникација меѓу македонската воена тврдина Горни Краставец со акрополот на Висока, Крушевица, каде што се регистрирани монети на кралевите Антигон Гонат и Деметриј I Полиоркет, веруваме дека Антигонидите цврсто ги контролирале патните комуникации кон Пелагонија. Клучните антигонидски тврдини во насоката Аксиј – Аударист – Плетвар – Керамија се регистрирани на позициите Стража, Фариш, Марков Чардак, Топлица, Кале, Плетвар. И на насоката Аксиј – Еригон – Линк на позициите Забот, Драдња и Богданова Нива, Чаниште.
Но ни се чини дека Пајонците од Аксиј и Пелагонците биле попитоми и покооперативни од Пајонците по долината на реката Астибо. Доказ за отпорот на источните Пајонци и аналогно за потребата од демонстрација на воена сила од страна на последните Антигониди, Филип V и Персеј, откривме токму во таа насока. Поаѓајќи од Демир Капија, во насока по сртот на Конечка Планина, веројатно уште Филип V оформил најмалку две воени утврдувања. Првото е на Кале-Бели Рид, село Калањево, а второто на Кале-Антени, село Лесковица. Можеме да претпоставиме дека во продолжението на Конечка Планина, на сртот на планината Серта, постоеле уште нивни утврдувања. Едно утврдување со сѐ уште непозната функција и датирање знаеме во пределот на старото село Патрик, атарот на Лесковица. Воедно, можеби зачетокот на големиот доцноантички кастел, гратче на локалитетот Коџоман Кале, село Пухче, како протогена фаза имал токму мал антигонидски стражарски кастел!? Во северозападното продолжение на Серта наоѓаме уште две фортификации, но Градиште 1, село Драгоево, е типичен доцноантички воен објект, додека Градиште 2, село Драгоево, е пајонска населба со акропол од железното и од архајското време.
Долината на Астибо (Брегалница) од Стоби до градот Астибо (Штип) била прастара патна комуникација (33). Патната контрола била обезбедувана од градот на локалитетот Исар кај Црешка, но и од утврдувањата на локалитетите Долно Кале (рана антика) и Горно Кале (рана Пајонија? / доцна антика) кај Богословец. Веруваме дека Антигонидите ги заземале овие две позиции, но тие се веќе свртени во насока кон Астибо. Трета позиција, насочена кон подрачјето на Билазора, откривме на локалитетот Кула кај Ѓоселери. Во близина е т.н. Долно Кале-Инyирли, село Ѓоселери, за чии културни остатоци сѐ уште немаме точни информации. Понатаму, во источен и во североисточен правец, влезот во јадрото на Пајонија водел преку македонските точки на локалитетите Градиште, село Делисинци (централна стратешка антигонидска воена база за контрола на астибска Пајонија), Градиште, село Криви Дол, и Лозенско Градиште, село Долни Балван.
Насоката од Амфакситида кон доберска Пајонија ја контролирале утврдувањата Вестерно, село Раброво, и Василица, село Костурино.
Според сето досега изнесено, би можеле и да дефинираме, во хронолошка смисла, најмалку две фази во анектирањето на кралството Пајонија и во неговото конвертирање во северна македонска провинција наречена стратегија Пајонија:
I фаза – анексија на долината на Аксиј преку утврдувањата и преку колонистичките населби на Антигонидите:
1. Демир Капија (воена база);
2. Кале-Бели Рид, Калањево (стражарски кастел и спекула);
3. Антигонеја (воена база);
4. Стоби (колонистичка населба ?);
5. Гурбита, Градиште, Згрополци (колонистичка населба ?);
6. Алмана (колонистичка населба ?);
7. Отовичко Кале, Башино Село (воена база);
8. Кале, Слп (стражарски кастел и спекула).
II фаза – анексија на источна Пајонија по долината на Астибо (Брегалница):
Регион на Доберите и на Астраите (Струмичко и Радовишко):
1. Василица, Костурино (стражарски кастел и спекула);
2. Свидовица, Падарница.
Регион на астибска Пајонија (долното и средното течение на Брегалница со сливот на Лакавица / Јори и Брагилци):
1. Кале, Лесковица (стражарски кастел и спекула);
2. Кула, Ѓоселери (стражарски кастел и спекула);
3. Градиште, Делисинци (стратешка воена база);
4. Градиште, Криви Дол (стратешка база ?);
5. Лозенски Рид, Долни Балван (стражарски кастел).
Конечно, истакнуваме дека се работи за огромен број археолошки податоци од терените со кои располагаме во моментов, поврзани со наведените археолошки локалитети со типичен воен карактер.
Тие се наоѓаат во кабинетска фаза на обработка и ќе бидат публикувани во догледно време (34).
Галерија на наоди:
________
Фусноти:
1 И. Микулчиќ, Пелагонија у светлости археолошких налаза, Скопје 1966, 1-96, Т. И-XXИX; Ф. Папазоглу, Населението на Охридската област во антиката, Лихнидското подрачје во времето на Илирската држава, Дасаретија и Лихнид во времето на Римско-Македонските војни, во: „Охрид и Охридско низ историјата“, книга прва, Охрид/Скопје 1985, 70-100; E. Petrova, Paeonia in the 2nd and the 1st millenia BC, Skopje 1999, 1-255; В. Лилчиќ, Линкестида и Девриоп, Скопје 2009, 1-232.
2 Ф. Папазоглу, Средњобалканска племена у предримско доба, Сарајево 1969, 106-111; E. Petrova, Paeonia …, 20-21, со цитирана литература.
3 Ф. Папазоглу, Средњобалканска племена…, 105, н. 18.
4 E. Petrova, Paeonia…, 22-23.
5 Ф. Папазоглу, Средњобалканска племена…, 112, н. 45.
6 Ф. Папазоглу, Средњобалканска…, 111-117.
7 Цитирано според Ф. Папазоглу, Средњобалканска…, 111, н. 43.
8 В. Лилчиќ, Линкестида и Девриоп, Скопје 2009, 74-76, 196-198.
9 E. Petrova, Paeonia…, 21, 107; E. Pavlovska, The Coins of Paeonia, Skopje 2008, 24.
10 Ф. Папазоглу, Средњобалканска…, 111-112; E. Petrova, Paeonia…, 21.
11 V. Bitrakova-Grozdanova, Macedonian Shield from Bonche, Scripta Praehistorica in Honorem Biba Terzan, SITULA 44, Narodni Muzej Slovenije, Ljubljana 2007, 863-873.
12 Lyv. XXXI. 28. 1, 2.
13 Ф. Папазоглу, Средњобалканска…, 112, н. 47.
14 Ф. Папазоглу, Средњобалканска…, 112, н. 47, 48.
15 Ф. Папазоглу, Средњобалканска…, 112.
16 Ф. Папазоглу, Средњобалканска…, 113-114, н. 54.
17 И. Микулчиќ, Проблемот на Антигонеја, Зборник на ФЗФ Скопје бр. , Скопје 1984, 167-136.
18 Ф. Папазоглу, Средњобалканска…, 114-115, н. 58.
19 Ф. Папазоглу, Средњобалканска…, 115, н. 59.
20 Pol. V, 97.
21 Ф. Папазоглу, Средњобалканска…, 117-118, н. 74.
22 Lyv. XL. 21.
23 Lyv. XL. 21, 9.
24 Lyv. XL. 23, 2.
25 Lyv. XLII. 51, 6.
26 За дискутабилната пајонска националност види кај E. Petrova, Paeonia…, 150, n. 32.
27 V. Lilсikj, Three Fortresess of the Macedonian Kings at Demir Kapija, Macedonian Heritage, No 33, Skopje 2008, 2-26.
28 V. Lilсikj – Gj. Kiprovski, A Hypothesis on the Identification of the Site of the Paeonian City of Almana, Macedonian Heritage No 36-37, Skopje 2010, 23-38.
29 И. Микулчиќ, Убикација на Билазора, Годишен зборник на Филозофскиот факултет Скопје, бр. 2(28), Скопје 1976, 149-164.
30 И. Станчевски, 1997, 68-80.
31 В. Лилчиќ – Ѓ. Кипровски, 2010.
32 И. Микулчиќ, 1984, 111 фуснота 1, 118-126.
33 М. Јованов, 2002, 11-22.
34 Техничките карактеристики на сите фортификациски точки ќе бидат изнесени во В. Лилчиќ, Корпус на старите градови и тврдини во Република Македонија, во том 4, „Вардарска и Брегалничка Пајонија“, и во том 5, „Југоисточна Пајонија“ (во подготовка).
СПИСОК НА КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА
– V. Bitrakova-Grozdanova 2007, Macedonian Shield from Bonche, Scripta Praehistorica in Honorem Biba Terzan, SITULA 44, Narodni Muzej Slovenije, Ljubljana 2007, 863-873.
– М. Јованов, Нови согледувања за античкиот пат Стоби – Пауталија, „Македонско наследство“, бр. 20, Скопје 2002, 11-22.
– V. Lilcikj 2008, Three Fortresess of the Macedonian Kings at Demir Kapija, Macedonian Heritage No 33, Skopje 2008, 2-26.
– В. Лилчиќ 2009, Линкестида и Девриоп, Скопје 2009, 1-232.
– V. Lilcikj – Gj. Kiprovski 2010, A Hypothesis on the Identification of the Site of the Paeonian City of Almana, Macedonian Heritage No 36-37, Skopje 2010,23-38.
– И. Микулчиќ 1966, Пелганија у светлости археолошких налаза, Скопје 1966, 1-96, T. I-XXIX.
– И. Микулчиќ 1976, Убикација на Билазора, Годишен зборник на Филозофскиот факултет Скопје, бр. 2(28), Скопје 1976, 149-164.
– И. Микулчиќ 1984, Проблемот на Антигонеја, Зборник на Филозофски факултет во Скопје, кн. 11 (37), Скопје 1984, 111 фуснота 1, 118-126.
– Ф. Папазоглу 1969, Средњобалканска племена у предримско доба, Сарајево 1969, 106-111.
– Ф. Папазоглу 1985, Населението на Охридската област во антиката, Лихнидското подрачје во времето на Илирската држава, Дасаретија и Лихнид во времето на Римско-Македонските војни, во: „Охрид и Охридско низ историјата“, книга прва, Охрид/Скопје 1985, 70-100.
– E. Pavlovska 2008, The Coins of Paeonia, Skopje 2008, 24.
– E. Petrova 1999, Paeonia in the 2nd and the 1st millenia BC, Skopje 1999, 1-255.
– И. Станчевски 1997, Доцномакедонски депозит од Гурбита, „Македонско наследство“, бр. 3, Скопје 1997, 68-80.
– Lyv. XXXI. 28. 1, 2.