Покер во Вилнус

Оваа книга е ремек-дело на огорченоста и на сарказмот. Таа е осуда на сето она што писателот Ричардас Гавелис сметал дека е погрешно во Литванија.

Poker in Vilnus

Ричардас Гавелис пишува за да застраши и да нападне, a неговиот роман Покер во Вилнус, толку суптилен во изразот, заслужува да се прочита. Тоа е ремек-дело на огорченоста и на сарказмот, роман што навлегува во самоуништувачките импулси на оние кои, иако физички ја преживеале немаштијата својствена за советска Русија, сепак биле емоционално трауматизирани. Делумно националистички бес, делумно трансфер во лудило, Покер во Вилнус е многу повеќе од производ на Студената војна. Тој е осуда на сè што Гавелис сметал дека е погрешно во Литванија.

Покер во Вилнус е дезориентирачки од мигот кога Гавелис го претставува Витаутас Варгалис, екстравагантен, енергичен раскажувач чии мисли талкаат меѓу луцидното и фигуративното. Како раскажувач во првите две третини од книгата, Варгалис е преживеан од руски затворски камп во кој бил физички малтретиран и емоционално сотрен. Неговата, своевремено брилијантна, иднина била уништена во камповите, и сега е опседнат и бесен поради неуспесите на Литванија; всушност, неговата трансформација е толку темелна, што неговото преживување оттаму се чини речиси залудно. Како и во најголемиот дел од Покер во Вилнус, Гавелис никогаш прецизно не кажува како преживеал Варгалис; наместо тоа, нехуманоста на камповите го прогонува додека страда од флешбекови предизвикани од посттрауматски стрес.

Во првите неколку страници, нараторот се навраќа на една од тортурите на кои бил изложен, изведена од садистички Литванец во служба на Русите. Литванецот прв го тепа по стапалата, потоа се префрла на другите делови од телото, а на крај, како што тортурата кулуминира, принесува бренер до пенисот на Варгалис. Тоа толку го возбудува Литванецот што тој мастурбира врз лицето на Варгалис.

„Голичот ја голта твојата болка; блажено растреперен, со набиената глава подигната. Не може да ме повреди повеќе од ова, нели? Каде е крајот, го бараш окото на засмрдениот лигав голич, и одеднаш ти плука в лице леплива бела плунка. Пламенчето полека се крева од твоите препони, ништо веќе не гледаш: лепливата плунка на голичот ти ги пломбира очите. Го слушаш бревтањето на тој со растреперените ноздри, препоните ти се веројатно јагленосани, разбревтаниот го затвора патентот, го сокри голичот.“

Тука, политичката немоќ се претвора во сексуална моќ со деградација која преоѓа од мачителот врз измачуваниот, од угнетувачот врз угнетениот, и ја открива идејата на Гавелис за Литванија во која само моќта, не логиката или разумот, има вредност. Тоа е и знак дека Гавелис ќе ги достигне емоционалните длабочини на своите ликови само преку опсесија. Тој не е заинтересиран за нијансираното истражување на врските меѓу мажите и жените; повеќе е засегнат од тоа како врските на моќ се манифестираат себеси како опсесивна контрола и ги деформираат односите меѓу поединците.

Сепак, користењето на сексуалната моќ од страна на Гавелис е проблематична, бидејќи го претвора секое дејство во сексуалност и ги прави жените симбол на целосна немоќ, мистериозни приматели на деградација кои немаат богат живот како ликови. Лолита, на пример, дваесет и кусур годишната љубовница на Варгалис, е искористувана од мажите, но не е јасно зошто дозволува да биде искористувана. Во една сцена, друг наратор забележува дека ја видел после ноќна сеанса со Варгалис и негов пријател. Таа е истрошена и валкана, а мажите продолжуваат како таа воопшто да не е таму. Сепак таа останува без каква и да е причина, континуирано подложувајќи им се. Лолита се претвора во алатка за проектирање опсесија.

[pullquote align=”left”]Откако е ослободен од камповите, Варгалис е вработен како програмер во државна библиотека. Освен јавната колекција, библиотеката содржи тајни книги, од кои дел се толку тајни што никој не може да дојде до нив. Тие колекции содржат знаење кое може да ја поткопа државата[/pullquote] Откако е ослободен од камповите, Варгалис е вработен како програмер во државна библиотека. Освен јавната колекција, библиотеката содржи тајни книги, од кои дел се толку тајни што никој не може да дојде до нив. Тие колекции содржат знаење кое може да ја поткопа државата, па затоа се заклучени, сеприсутен потсетник на советската иронија; слави го знаењето, но чувај го под клуч. На Варгалис библиотеката му служи да му го потсили лудилото. Тој почнува да се прашува зошто државата би сакала да чува забранети книги кога може едноставно да ги уништи. Тој сфаќа дека мора да постои група, Тие, кои ги чуваат книгите, истите Тие што му го контролираат животот. Читателот може лесно да заклучи дека Тие се едноставно руската држава, но Варгалис верува дека Тие не се само една група: Тие се сила што отсекогаш постоела и која отсекогаш ја имала контролата.

„Едно време мислев дека Тие постојат само тука: во Вилнус, во Литванија, во Русија. Немав сила да мислам за сите, за целиот свет. Проучувањето на историјата ми ја сруши оваа заблуда. Само во дваесетиот век, Нивните активности ги обележале Италија и Германија, Кина и Камбоџа (Тие одамна ја сакаат Кина). А тука е и Шпанија во Средниот век, каде што Тие владееле цели векови!“

Гавелис пишува многу повеќе од антисоветски роман; тој го критикува она што ги тера луѓето да ја предадат својата индивидуалност на корумпираната држава. Што е тоа што ги прави луѓето „канукирани“, како што вели Варгалис, доброволни учесници во сопственото поробување? Гавелис не сочувствува со нив и ги смета таквите луѓе за слаби и незаслужни.

203_42_19_15__21__5_2013107

Ако се Тие философската опсесија на Варгалис, Лолита е неговата сексуална опсесија. Таа е аморфен лик, никогаш потполно разбрана, и ја обезбедува наративната мистерија што провејува низ целиот роман. Секој наратор смета дека знае која е таа и сите тие се обидуваат да ја објаснат. За Варгалис, таа е љубовта на неговиот живот, опишана со соодветно екстравагантен јазик: „Таа е мојата песна над песните, одамна ја научив наизуст, но таа не може да ми се здосади или навидум, дури ни за миг, да ми биде позната, да не крие нешто неочекувано.“ Сепак, врската им завршува кога Варгалис ќе ја искасапи. Тоа е шокантен момент, не само поради неговата ненадејност, туку и поради графичката суровост. Од друга страна, како и во поголем дел од романот, не е јасно што се случило. Варгалис дава две објаснувања, и двете раскажани преку неговата избезумена нарација, и двете не успеваат да ги објаснат настаните. Дали е тоа флешбек предизвикан од посттрауматски стрес, манична епизода или едноставно убиство?

[pullquote align=”right”]Смртта на Лола става крај на нарацијата на Варгалис. Уште тројца наратори ќе се обидат да внесат логика меѓу Варгалис и Лолита, но немаат многу среќа во тоа[/pullquote]Смртта на Лола става крај на нарацијата на Варгалис. Уште тројца наратори ќе се обидат да внесат логика меѓу Варгалис и Лолита, но немаат многу среќа во тоа. Варгалис е очевидно несигурен, и философската и поетична логика со која го опишува неподносливиот свет кој се заканува да го уништи може да бидат отфрлени како манијалакни мисли на трауматизиран човек. Сепак, човек чувствува дека проникнувањата на Варгалис во самопоробувањето и самоуништувањето се вистинити, и дека неговата несигурност служи да го направи Варгалис уште попродлабочен, бидејќи тоа што го кажува е толку реално. Кога ги опишува пријателите кои биле уапсени или советската хипокризија, тоа е симболика за нешто што се случило некаде, дури и да не се случило точно така како што вели тој. Освен тоа, неговите детални описи на настаните се чинат вистинити едноставно затоа што делуваат толку целосно и го објаснуваат светот што постоел, или барем, би требало да постои. Токму тензијата меѓу она што всушност се случило (што најдобро може да се сфати од другите наратори) и она што Варгалис тврди дека е вистина, го прави Покер во Вилнус толку неодоливо четиво.

Вториот наратор во книгата, пријателот на Варгалис, Мартинас, е нормален, или барем понормален од Варгалис, и со тоа во состојба да ја раскаже приказната на својот пријател. Мартинас го опишува максималниот опсег на садизмот на Варгалис кон своите жени: тој ги предизвикува да имаат секс со неговите пријатели, а потоа избувнува кога тоа ќе се случи. Во очите на Мартинас, Варгалис е своевремено брилијатен човек кој сега брка духови. Колку повеќе објаснува Мартинас, толку повеќе се чини дека Варгалис не ја убил Лолита. Така, прашањето останува.

Иако деградацијата и мазохизмот на ликовите во Покер во Вилнус го потсилуваат националистичкиот бес кај Гавелис, оваа книга развила своевидна озлогласеност поради својот негативен приод кон Вилнус, и ниту една рецензија не би била целосна ако не се споменат описите на Вилнус низ целата книга. Секој наратор има негативни коментари за него, сугерирајќи дека Вилнус е ѓубриште од кое се раѓа нација на будали и слабаци кои самите си ги навлекле проблемите врз себе:

Сивиот воздух на Вилнус. Смрди на гнилеж. Секоја улица на Вилнус навечер наликува на патека низ невидливо блатиште. Ако направиш некој чекор настрана, веднаш ќе го почувствуваш сладникавиот здив на мочуриштето, миризбата на спокојно гниење.

Ликовите на Гавелис ја напаѓаат Литванија како што се напаѓаат меѓусебно.

Силата на Покер во Вилнус е во менувањето на реалностите, што во суштината е катастрофата на XX век која ја погодила Литванија. Некои сцени може да се тешки, но портретирањето на Гавелис на засегнатите луѓе што минуваат низ посттрауматски шок е брилијантно. Најпосле, Покер во Вилнус не е нихилистичка книга од Европа без иднина; тоа е книга од континентот што видел премногу и нема одговор. Дури и најумните и најхрабрите, како Варгалис и Мартинас, не можат да понудат одговор, туку само своите опсесии и привремени освојувања.

Во партнерство со Купикнига можете да си го набавите романот на следниот линк www.kupikniga.mk

Напишано од
More from РЕПЕР
Глорјана Вебер
Препев од словенечки: Драгана Евтимова
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *