Голема или мала буква?

За дилемата дали да се употреби голема или мала почетна буква веќе пишувавме, но сега ќе се задржиме на неколку општи правила од Правописот на македонскиот литературен јазик.

бушава азбука (10)

За дилемата дали да се употреби голема или мала почетна буква веќе пишувавме, но сега ќе се задржиме на неколку општи правила од Правописот на македонскиот литературен јазик. Секако дека тука не мислиме на оние добропознати правила дека секоја реченица започнува со голема почетна буква или за тоа како се пишуваат личните имиња, туку на некои ситуации што често прават проблем, односно предизвикуваат двоумење кај оној што го пишува текстот.

На пример, при наведувањето наслови на некои дела, називи на различни институции и претпријатија, како и на некои настани со различен карактер, многу често ќе забележиме дека сите зборови во составот се напишани со голема почетна буква (Македонски Народен Театар, Мостот На Дрина, Мајски Оперски Вечери). Оваа тенденција, која се јавува под влијание на англискиот јазик, е погрешна. Во ваквите примери со голема почетна буква се пишува секогаш првиот збор, а од другите зборови, само оние што и самите претставуваат сопствено име (Македонски народен театар, Мостот на Дрина, Мајски оперски вечери). Во македонскиот јазик, единствено кај географските и кај топографските имиња составени од два или од повеќе зборови, сите делови, освен служебените зборови, се пишуваат со голема почетна буква (Балкански Полуостров, Охридско Езеро, Брегот на Слоновата Коска).

Друг пример е пишувањето на жителите на населени места. Често ќе видиме: Скопјанец, Битолчанец, Чаричанец, што е сосема погрешно. Според нашиот правопис, со голема почетна буква се пишуваат само имињата на жителите на континентите, на државите и на покраините, како и на припадниците на определени народи, племиња или етнички групи (Европеец, Македонец, Евреин). Наспроти нив, имињата на жителите на населени места, односно на градови, на села и на населби, се пишуваат со мала почетна буква (скопјанец, битолчанец, чаирчанец).

Третиот случај на кој ќе се задржиме се однесува на имињата на училишните предмети. За нив не постои пропишано правописно правило, но нашата препорака е да се третираат како општи именки и да се пишуваат со мала почетна буква (историја, географија, биологија).

Вклучете се и вие во нашата рубрика, пишете ни на mak.katce@gmail.com.

Напишано од
More from РЕПЕР
Сеќавање на изгубениот рај
Модерната уметност почнува донекаде со изоставањето на нарачателот.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *