Кога „нешто“ станува „некој“

Луѓето не се единствените суштества на планетава кои се развиле во личности. Голем број животински видови можат слободно да се додадат во списокот.

Charlotte-Caron-painting2

Личните права на животните – ви звучи апсурдно? Зарем фактот дека сме луѓе нè прави круна на целокупното создавање и зарем токму тоа нè одвојува од остатокот на животинскиот свет? Според сознанијата на современата биологија на однесувањето и неврологијата, одговорот е – не.

Но без грижа, ние луѓето остануваме единствени бидејќи нашата способност за сложено кооперативно однесување нè направи исклучително успешни и објаснува зошто градиме градови и праќаме ракети на месечината. Тоа се достигнувања кои ги остваривме како заедница и кои ни остануваат зачувани за многу генерации.

Но не сме единствените суштества на „нашата“ планета кои се развиле во личности. Некои животински видови несомнено се сочувствителни, самосвесни поединци кои имаат претстава за просторот и времето, како и способност за стратешко размислување и планско дејствување. Тие живеат во рамки на сопствената култура, имаат доживотно паметење и веројатно способност за меѓусебно општење во рамки на едноставниот граматички систем. Тие користат алати, а се чини и дека имаат нешто што би можело да се нарече добар вкус или свест за мода. Покрај тоа, тие можат да се однесуваат сочувствително, а откриени се и едноставни облици на смисла за праведност и праведно постапување. Според тоа, кога станува збор за основните способности кои нас, луѓето, нè прават личности, цела низа животни воопшто не заостануваат зад нас.

Речиси секоја недела во нашите медиуми излегува нова вест за импресивните достигнувања на животните. Но она што недостасува се заклучоците кои треба да се извлечат од тоа. Ако некои високоразвиени животни според обележјата на личноста воопшто не заостануваат зад нас, консеквентно мора да им се признаат и соодветните права. Што е она што уште нè издигнува над животните и кои се последиците од тоа во другите животински видови да препознаваме личности, нешто да стане некој?

Некој има право на самиот себеси, право на живот, на слобода и на безбедност. Крајно време е сознанијата за личноста на животните да ги вклучиме во обликувањето на нашите морални претстави, а со тоа и во нашето морално дејствување. Заштитата на високоразвиените животни повеќе не може да се спроведува на ниво на популацијата и сериозно да се сфати дури откако некој животински вид ќе се најде пред изумирање. Не, животните кои се развиле до ниво на личност како нас имаат право на самите себеси и на сопствен животен простор.

Од моја гледна точка тоа не е прашање на став или вера, туку на логика и научни сознанија. Еве само еден пример: ако еден слон и двегодишно човечко дете се препознаваат во огледало, но едногодишното дете или едно куче не се препознаваат, тогаш само слоновите и постарите деца го положиле испитот за самосвест. Тоа е научен факт, а не претерана заштита на животните.

Charlotte-Caron-painting8

Но, за среќа, на тоа поле започна процес на морален развој. Па така, пред неколку недели индиската влада презеде значаен чекор: нејзиното Министерство за заштита на околината и шумите без многу расправа ги забрани делфинариумите (места во водените паркови каде што делфините изведуваат разни акробатски точки) со многу интересно образложение. Владата се повикала на т.н. Хелсиншка декларација во која угледни научници се изјаснија дека делфините ги сметаат за „нечовечки“ личности. Поради тоа владата заклучила дека држењето на овие суштества во заробеништво не е етички прифатливо.

Тоа е став од кој ние во Германија сме оддалечени светлосни години. Пред две недели имав чест во надлежниот парламентарен одбор во Берлин како вештак да одржам говор за држењето на делфините во слад со видот: но притоа етичките прашања не се разгледуваа.

Сепак, Хелсиншката декларација за правата на китовите – која ја одбележува својата тригодишнина – за првпат во Индија ги покажа своите практични последици, а одлуката на индиската влада можеби ќе се споменува во историските учебници како етички пресврт.

 

Карстен Бенсинг е научник во здружението Whale and Dolphin Conservation (WDC) со седиште во Минхен. Докторирал на Слободниот универзитет (FU) во Берлин на тема интеракцијата меѓу делфините и луѓето. Во слободно време се занимава со истражувачко нуркање.

Илустрации: Шарлот Карон

Напишано од
More from РЕПЕР
Лирско – епскиот тестамент на В. Цветановски
Владо Цветановски го нема веќе – но остана тестаменталното театарско повеќедецениско дело.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *