НеМил мој

Три песни од младата поетеса Катерина Диманова коишто пленат со својата лиричност и емотивност, но и со својата луцидност.

HymanPhotography2

НеМил мој

Живуркам бавно по твоето нерамно корито
се тетеравам
се преобраќам
од едно во друго суштество
Сакам да сум птица и да ги знам наизуст сите твои непристојни песни
па да летам безгрижно
да паѓам
да се исправам паѓајќи
Се родив во твојата крв и те заразив со вирусот на безвременската машина
па патувам
очекувам
копнеам
заедно да го доживееме крајот
Умирам длабоко во твојата внатрешност
па не постојам
па постојам
во сите твои неморални и загубени сништа
Патувам
се препинам од камења тешки
се губам
исчезнувам
па гледам се спуштила завесата
на најновата механички произведена претстава
Мил мој маестро
дигни ја завесата и одиграј ја претставата
без страв дека некој ќе го види твојот лик

Си бил

Кога би бил, што би бил?
МожеБИ храна
на волците од мојата планина,
можеБИ претенциозна машка старлета
што потскокнува од цвет на цвет,
можеБИ безобразна и жива восочна фигура
распната во центарот на светот,
или пак интелигентна силуета со офарбан ум.
Кога би била, што би била?
МожеБИ глуварче од дворот на нечија куќа,
можеБи заробено куче од инспекциските служби
во твојот град.
МожеБИ удвоен лик, кој ја убива универзалната монотонија,
или хармоничен јад од светлина и мрак.
Кога би биле, што би биле?
Ни едното.
Ни другото
не можеме да бидеме –
едното биднало.
Другото ќе биде,
а искрено тешко е да биде!
Биднина
Небиднина –
Наѕира од твојот куќен праг!

Четири сезони

Мозокот секогаш ми се врти
кога ќе ја вклучам центрифугата на пералната,
па поради тоа навикнав
да ја перам својата нечистотија
строго без центрифуга.

Пеглајќи ги крагните на кошулите
научив дека треба
да им се испегла левата хемисфера на мажите
за да можат да се приближат
до критичката маса.

Ако ме гледаш внимателно
како смукам во својата соба
со сигурност ќе забележиш
дека никогаш во себе
не можам да ја соберам
сета нечистотија
што се наталожила од туѓите чевли.

А за крај бришејќи ги прозорците
сфатив дека никогаш
не ќе можам да го видам светот
кристално јасно.

 

Катерина Диманова е родена 1987 година во Штип. Средното образование го завршила во гимназијата „Коста Сусинов“ во Радовиш, каде што работи како професор помакедонски јазик и литература. Во 2011 година дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности.

Напишано од
More from РЕПЕР
Кратка анализа на структурната повеќеслојност на екфразисот во „Дамата од Шалот“ на лорд Алфред Тенисон
Феминистичките критичари ја анализираат оваа песна како израз на женската сексуалност.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *