Тргнав да мочам
ме извади од памет
сушач за раце
Зрцало вели:
да се бричам или не?
— утрински Хамлет.
Очите печат.
Ноќ со пријатели, сред
Фејсбук чаршија
Сонце нè буди
со цртежи по ѕидот
— пораснал денот.
Утро се буди.
Бројаница низ прсти
благослов бара.
Дремлива мачка
качена на хауба
си топли душа.
Легнати дрвја
исцртани врз асфалт
— пролет на врата.
Бавча на чекор
од берберскиот дуќан:
изникнал нарцис.
Гласна крнтија
сред ноќ мирот го пара
— сељак во градот.
Болнички кревет
чека со кого следен
мака ќе дели.
Стомакот стежнал
од одење по гости
— прв ден Велигден.
Преполна банка.
Секој чека да плати
данок на живот.
Косејќи трева
закачив диво нане:
мириса дворот.
Дружина старци
на залез, крај морски бран
теферич фаќа.
Црна сирена
На плажата се пече.
Кој да ѝ пријде?
Мајстор за фајронт
цигара пали. Чирак
прибира маси.
Камбана в зори
Навестува тежок ден.
Починал некој.
Со први петли
милина споделувам:
Нов ден се буди.
Со тенко весло
сам со себе се тркам
в тенџере ајвар.
Кола од друг град
на покрив поздрав носи
— две-три педи снег.
Васко Марковски е патописец, поет и собирач на народни умотворби од Скопје. Завршил студии по турски јазик и книжевност и едногодишна школа за новинарство. Петнаесетина години е активен новинар во радио, во печатени и во интернет-медиуми. Како уредник на месечникот „Free Time Guide – Macedonia“ и како автор на серијалот „Непозната Македонија“, во 2011 година ја доби наградата „Најдобар промотор на Македонија“. Основач е на интернет-порталот dobrivesti.mk. Неодамна ја објави својата прва книга хаику-поезија, „Корпоративно утро“.
Фотографии: Васко Марковски