Непоколебливата творечка носталгија по апсолутот

Основните категории врз кои треба да е затемелена таквата песна се: постојното, јадрото, есенцијата.

(Јовица Тасевски-Етернијан: Исход. Скопје: Галикул, 2012)

ishod

Извесно време се двоумев како да го започнам своето аналитичко видување за најновата збирка поезија на македонскиот поет со меѓународно реноме – Јовица Тасевски-Етернијан (1976). Самиот наслов на стихозбирката – Исход – небаре го преиспитуваше пред да го детерминира и моето исходиште и следствено мојот исход од читањето на оваа тенка, но многу симпатична и (и од авторот, но и од издавачот) прекрасно осмислена и реализирана поетска книга. Предизвикот и одговорноста се дотолку поголеми бидејќи името на Јовица Тасевски-Етернијан им е добропознато на сите сериозни и посветени љубители на поезијата во Македонија. Тој и досега се покажа како исклучително поетско перо, чие оригинално писмо и специфичен стилски печат оставија солиден одѕив кај домашната, а богами и кај странската културна публика. Имено, Етернијан е автор и на стихозбирките Нешто се слуша (1995), Визии. Глагол (1997), Веда (1998), Клатно (2001), Небесни стражи (2004) и Синтакса на светлината (поетски избор, 2008). Токму во предговорот на последното наведено издание од изборот на неговото творештво, познатиот македонски поет, преведувач и критичар Ефтим Клетников, осврнувајќи се подетално и на целокупната дотогашна рецепција на поетското творештво на Јовица Тасевски-Етернијан, со право ќе забележи дека е тој „…поет на поетскиот интегрализам, на интегралната поетика и песна, која, судејќи според нејзиниот атрибут, треба да опфати Сè, со голема буква. Основните категории врз кои треба да е затемелена таквата песна се: постојното, јадрото, есенцијата. Кон нив се приклучуваат уште и категориите како: константна енергија, внатрешна плима, илуминации на духот, напливи на чиста емотивност и слично… Од она како ја сфаќа поезијата Етернијан, може лесно да се заклучи дека тоа сфаќање е блиско до Хајдегеровото толкување на неа како ракопис на битието“ (Клетников, Е.: Херметичната песна на Етернијан, стр. 5-6).

208383888_295Сепак, освен тоа, треба во тој контекст да се дополни барем уште и податокот дека клучните координати на неговиот поетски јазик се веќе, за среќа, прецизно забележани и во еден еминентен дел од странската книжевна критика, што е сосема и разбирливо и очекувано од причина што е Етернијан, меѓу другото (и за помалку упатените), член и на Британското поетско друштво и на Светското поетско друштво, а го има добиено и индиското поетско признание „Инчентин поет“ („Восхитувачки поет“), кое се доделува за посебен придонес во светската поезија. Па, така, на пример, познатото индиско списание „Болоџи“ неодамна објави критика за поезијата на Јовица Тасевски-Етернијан напишана од д-р Шаменаз Шеик, доктор на науки по англиска книжевност од Универзитетот во Алахабад, според која песните на Етернијан се „…исполнети со метафизичка симболика и со митолошки и библиски мотиви, воспоставуваат интертекстуални релации на имплицитен и на експлицитен начин и имаат слични карактеристики како поетските остварувања на великаните на англиската книжевност, Џон Милтон и Т. С. Елиот, чија поезија, исто така, е мистична и филозофска“. Најпосле, д-р Шаменаз Шеик го наведува и фактот дека во поезијата на Етернијан се присутни впечатливи трансцендентални слики и дека нејзината спиритуална и митска страна се целосно слеани, а на крајот од својот осврт и луцидно заклучува дека „…пристапот на Јовица Тасевски-Етернијан кон пишувањето поезија е многу креативен, сложен, интелектуален и духовен; во неговите песни може да се најдат длабочина и целосност какви што ретко се сретнуваат денес и затоа неговата книга со избрани песни преведени на англиски јазик претставува вистински подарок за сите читатели од англиското јазично подрачје“.

Јовица Тасевски-Етернијан е, исто така, и автор на две критичко-есеистички книги, како и подготвувач на два антологиски избори од современата македонска поезија. Неговите песни се преведени на петнаесетина јазици и се објавени во списанија и во различни антологии во над дваесет држави. Нејсе, Јовица Т. Етернијан, потпишувајќи ми ја својата нова стихозбирка Исход на промоцијата во Домот на културата „Кочо Рацин“ (14. 5. 2013) во Скопје, ме удостои со следнава посвета: „На Звонко – ИСХОД: од осој и морници, преку прекрасно страдање, до светлосен наплив што сржта ја возбудува – пречист дар за скапоцениот имот на сродниот! Искрено, Ј. Т. Етернијан“. Иако книгата ја бев прочитал и претходно во електронска форма и веќе ми беа сталожени впечатоците од тој прв прочит, со големо задоволство се нурнав во нова потрага по постудиозно откривање на неговите мошне инспиративни творечки воздигнувања и дострели. Затоа, сакам да верувам дека моите сегашни сублимирани согледби ќе бидат засновани врз иманентниот критички приод кон неговата поезија и, во тој правец, ќе бидат соодветни и вистински ќе проникнат во суштината на неговото поетско послание.

photoВсушност, познавајќи го и следејќи го редовно и досегашното творештво на Етернијан, Исход, еве, ми се наметна како возвишено продолжение на поетиката што авторот моќно и суверено ја востанови уште во првите свои поетски објави. Првите мои впечатоци од прочитот на ова поетско издание ми даваат смелост да ја посочам елегичноста (сфатена синтетизирачки со сите свои формални компоненти) како изразен архетип на лириката на овој автор (дури и една од песните во збирката носи кодиран наслов Елегија на сееднотијата, стр. 15). Модалностите на тагата и на скепсата, поривот во праисконското, во метафизичкото, кое, пак, преку честите интертекстови и се десакрализира, се овоземнува, се осекојдневува, ја прават веднаш препознатлива и привлечна неговата авторска индивидуалност (да се видат, во прв ред, песните: Палимпсест, Наследство. Коњаници, Во кал…). Погледнато низ таа призма, се забележува тука, во оваа лирика, една цврста демијуршка тенденција, која во себе вклучува и емотивни (делумно мистични) расположенија и доза на меланхоличност, но и творечка носталгија по апсолутот од чија спротивна страна, секако, блујат празнината и бездната (се чини дека најексплицитно е тоа изразено во песната Наплив. Двигател: Празнината,/ништовитата височина,/врвната темнина//Го раѓа/и тој бескрајно паѓа во клисурите…//Пред напливот/што без сопир преобразува/трепери Сè!, стр. 11). Сепак, Етернијан го презема ризикот и се одлучува храбро да чекори кон самите врвови и во тоа успева затоа што е непоколеблив и максимално убедлив. Таквите усилби кај него се само понекогаш залудни, и тоа привидно, небаре залажувачки (како, на пример, во песната Бестрага: Напразно се устремил/по суви карпи,/по сурови пругорници,/по тесни врвици…//Смелоста му е бесцелна,/подвизите му се ништожни-/поразен ќе се струполи во бездна//Меѓу овие бедеми/негова трага- /ниту имало,/ниту некогаш ќе има!, стр. 12). Тоа е така бидејќи веднаш подолу лирскиот субјект ќе нè потсети дека во бесконечниот дом само јадри плодови,/созреани од неговите доблести,/што му ги принесуваат светлозрачни придружници,/испратени од Оној Кој надгледува сè//Кој некогаш и нас ќе нè повика да пристапиме,/та донесеме ли нераспадливи скапоцености/на терезијата на Благовесникот-/ќе го пречекориме прагот (Далеку, стр. 17). Генерално, поетските пораки од Исход ги толкувам, значи, на крајот на краиштата, и како палимпсестно сведоштво за егзистенцијалната отуѓеност во просторот на животниот свет. Од друга страна, пак, филозофско-рефлексивниот и медитативен лиризам што го протежира авторот Јовица Етернијан во своите стихови му дозволува неверојатно умешно да го оствари и тематското врамување на песната, што претставува и своевиден предуслов за гномичноста на изразот на неговиот лирски субјект.

Новите поетски медалјони на Етернијан, во Исход, се одликуваат уште и со нагласена игривост и мала архаичност на јазикот и со мотиви од сферата на метафизиката сфатена како трагање по сигурноста и по првичните причини, по корените на пророштвото и на љубовното страдање (најдобра потврда за тоа би можела да биде и самата песна Палимсест, која завршува: Откако го напуштив светилиштето, долго талкав зашеметен од пророштвото и од чудните мириси, прашувајќи се – нечитливо, стр. 28); тие како да претставуваат скриен израз на доживеаната (искусената) човечка ранливост. Тоа, сепак, не значи дека сето метафизичко размислување овде е само некаков имагинарен еликсир создаден за да ублажи една вистинска неудобност. Метафизичкото размислување тука извира и од неможноста со потребната сигурност да се утврди разликата меѓу соништата и јавето. Таквиот феномен си заслужил и статус за добивање посебен циклус во книгата, насловен едноставно Сон (зборови), каде што во тој поглед се, според моето скромно видување, најпарадигматични песните Наследство. Коњаници – на сродните (стр. 36) и Прелест – омај (стр. 37).

_mg_2959_colorПаѓањето во бездна, односно моментот на смртта, е во оваа стихозбирка момент што минува пред очи, како да е тој врската меѓу видливото и невидливото, па затоа во стиховите на Јовица Тасевски-Етернијан него можеме да го разбереме и како втор почеток, бидејќи во потсвеста на лирскиот јунак, сепак, скриениот живот продолжува. Тој што сонува за гробот, всушност, го бара светот што во себе постојано го содржи истиот таинствен живот, па потоа во тој свет и се движи тогаш кога е „реалниот“ живот неуспокојувачки, кога надворешните егзистенцијални конфликти го напаѓаат и го окупираат: До кога ќе копнееш најмила моја/по совршен мир-/по гробна прегратка! (Из-не-вера, стр. 21). Тоа кај Етернијан, на извесен начин, сведочи и за т. н. познание на фактичко „црнило“ што ја обусловува и сопствената егзистенција на субјектот. Токму затоа, смртта во книгата Исход се согледува како примордијален егзистенцијален императив и затоа е таа максимално способна да ги издржи во полн обем оксиморонските јазли од типот прекрасни страдања (стр. 5, 7), безмилосната мил (стр. 27) или сладострасна црнина (стр. 38), иако притоа треба да се напомене задолжително и тоа дека семантизмот на смртта се објавува на синтагматската оска во Исход и благодарение на дистрибуцијата на таквите „имплицитни“ лексеми, синтагми и фрази во стиховите, какви што се: при самрак си легнува во ковчег, смртта ми е мила, душите ни ги разнесе во дверите небесни, в неврат ги завлекува итн. Несомнено, тука станува збор за повишен степен на универзалност на психичката состојба на лирскиот протагонист, кој функционира и реагира со целото свое битие, со сите чувствителни и „осветлувачки“ карактеристики на својата внатрешност. Таквата светлина се појавува токму на крајот и како повик за спас.

Не постои никаков сомнеж во тврдењето дека Етернијан во Исход тргнал во потрага по вредносната и по етичката патека на човечкото битисување, но таквата потрага ја наоѓа својата разрешница во времето на песната, а при нејзиното растајнување во потрагата неосетно пристапува и настојчивото и скокотливо траење на минатото и на она поминувачкото, кое го (по)врзува човека со границата на нештата, со суштината, со сржта. Тоа се оние граници што го спречуваат субјектот во тоа да ги пренатрупа и да се засити од тие нешта, а од друга страна, тоа се и границите, полни со немоќ, со кои нештата му се изложени на човека за допир и за погалување, но и како доказ за неговото исчезнување во бескрајот. Нештата презентирани само како поминувачки мамки стануваат така и мерка на човечкото време. Затоа, токму поетскиот збор директно им навлегува ним во нивното јадро, се бори против тегобноста, бидејќи зборот-господар ја следи нашата свест, зборот самиот во себе претставува заемен аманет на еден кон друг човек, а и во просторите на празнината и на самотијата, впрочем, луѓето можат да влезат наоружани само со зборовите. И наоѓањето исходиште и просветен исход, сетне, зависи од нив. „Прекрасното страдање“ што го преживуваме од нив се претвора во општо блаженство и во надеж дека поетскиот збор на Етернијан ќе продолжи и во иднина да ги отсликува, како во огледало, и светоста и световноста на нашиот суров (надворешен) и кревок (внатрешен) свет и наспроти тоа што силната прегратка на Господарот нè задушува (Всезерцание тегобно, стр. 43). Лично посакувам поетскиот збор на Етернијан да плови неуморно и понатаму и да му пркоси и на Господарот, зашто тој знае да им вдахнува на зборовите живот, а ние, пак, ако го прифатиме великодушно неговиот дар – со целото свое битие, и при обновливите животни распетија, ќе можеме да го заклучиме и да го чуваме постојано и во своите срца. Тоа треба да го имаме наум дури и при последните обиди и искушенија, бидејќи обично тогаш и најдобро и најбрзо сфаќаме од каде дојдовме/и каде треба да се упатиме (Последниот обид – искушение, стр. 47). Главно, на тој пат не треба воопшто да се плашиме, зашто Рајот е исткаен/од нежни невидливи нишки/што се протегаат меѓу вас! (Небесен глас – Господова октава, стр. 22). Затоа, и да извикнеме повторно позајмувајќи го неговиот глас: Пеј ни, пеј! (Распетие, стр. 7). Да станеме потполно сигурни дека е дојдено времето да нè облее светлината што сржта ја возбудува… Дојде време за убав пресврт! (Пресврт, 51).

Затоа, како заклучок, сметам дека и на читателите желни за пресврт не смее да им се измолкне од рацете Исходот на Етернијан. Ние, веќе насладени, им препорачуваме со голем апетит да го вкусат!

Побрзајте, драги мои, да не снема!

Напишано од
More from РЕПЕР
На саемот во Франкфурт
За мене, Франкфурт, оваа метропола не е поврзана само со литературните настани,...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *