Далечна

Дневникот на Клара Аицети

Дневникот на Клара Аицети[1]

w2

12 јануари

Синоќа одново, јас толку уморна од бразлетни и шоу-бизнис, од pink champagne и лицето на Ренато Вињес, ох, тоа лице на пелтечка фока, како портрет на Доријан Греј во последната фаза. Си легнав со вкус на ментол бонбона, на Boogie del Banco Rojo, на распроѕеваната и пепелава мама (каква што е таа кога се враќа од забавите: пепелава и поспана, огромна уловена риба и толку што не личи на себеси).

Нора вели дека заспива со светло, во врева, меѓу итните извештаи од сестра ѝ, полусоблечена. Толку се среќни, јас го гасам светлото и ги склопувам дланките, низ вресоци соблекувам од себе сѐ дневно и движечко, сакам да спијам и станувам ужасен ѕвон што ечи, бран, синџирот што Рекс го влече цела вечер по лигуструмите. Now I lay me down to sleep… Мора да повторувам стихови или системот на барање зборови со а, потоа со а и е, со петте вокали, со четири. Со два и една согласка (ама, ода), со три согласки и еден вокал (бран, крем) и повторно стихови, месечината слезе под топилница во својот корсет од нарди, детето ја гледа, ја гледа, детето упорно ја гледа. Со три и три наизменично, малата, лагуна, живина; Одисеј, ракави, одмори.

Проаѓам така часови: од четири, од три и две, а потоа палиндроми. Лесните: И Мајами има јами; нели не си ти сенилен; најтешките и прекрасни, Есен однесе, есен донесе; мака сета за „те сакам“. Или прекрасните анаграми: Салвадор Дали, Авида Долларс[2]; Клара Аицети, Е кралицата и… Толку прекрасен последниов, зашто отвора пат, зашто не завршува. Зашто кралицата и…

Не, ужасно. Ужасно, затоа што ѝ отвора пат на оваа што не е кралицата, а што одново навечер ја мразам. На онаа што е Клара Аицети, но не кралицата од анаграмот; што може да е било што, питачка во Будимпешта, ороспијка од јавна куќа во Хухуј или слугинка во Кецалтенанго, каде било далеку и не кралица. Ама да, Клара Аицети и затоа се случи одново да ја почувствувам неа и омразата.

20 јануари

Понекогаш знам дека ѝ сw1туди, дека пати, дека ја тепаат. Можам само да ја мразам толку, да се згрозувам од рацете што ја фрлаат на под и од неа, од неа, уште повеќе затоа што ја тепаат, зашто сум јас и што ја тепаат. Ах, не очајувам толку кога спијам или кога кројам фустан или кога е време мама да гоштева, па ѝ служам чај на госпоѓата Регулес или на малиот на Ривасови. Тогаш ми е помалку важно, лична работа е по малку, јас со себеси; ја чувствувам сѐ повеќе како господарка на својата несреќа, далеку и сама, но господарка. Нека страда, нека изѕемне; јас трпам оттука и ми се чини дека тогаш ѝ помагам малку. Како да правам преврска за сѐ уште неповреден војник и чувствувам дека ми годи што му олеснува претходно, однапред.

Нека страда. Бакнеж на госпоѓата Регулес, чај на момчето на Ривасови и се воздржувам, за да издржам, однатре. Си велам: „Сега поминувам замрзнат мост, сега снегот ми влегува низ скинатите чевли“. Не дека чувствувам нешто. Само знам дека е така, дека некаде преминувам мост во истиот миг (но не знам дали е истиот миг) во кој момчето на Ривасови го прифаќа чајот и си го мести најдобриот израз на кретен. И добро поднесувам, зашто сама сум меѓу оние бесмислени луѓе и не очајувам толку. Нора синоќа се вџаши, рече: „Добро што ти се случува?“. Ѝ се случуваше на другата, на мене толку далеку. Мора да ѝ се случуваше нешто ужасно, ја тепаа или чувствуваше дека е болна и токму кога Нора ќе запееше нешто од Форе, а јас на пијано, загледана во толку среќниот Луис Мариjа, налактен на крајот, што му правеше нешто како рамка околу него, тој загледан во мене, задоволен, со лик на кутренце, чека да ги чуе арпеџата, двајцата толку близу и толку вљубени. Вака е полошо, кога ќе дознаaм нешто ново за неа, а баш сум затанцувала со Луис Марија, сум почнала да го бакнувам или само сум поблизу до Луис Марија. Зашто мене, далечната, не ја сакаат. Таа е делот што не го сакаат и како да не ме раскинува однатре чувството дека ме тепаат или дека снегот ми влегува во чевлите кога Луис Марија игра со мене и неговата дланка на мојата половина ме опива како пладневната топлина, вкусот на силни портокали или на дробени бамбуси, а неа ја тепаат и не се издржува, па тогаш мора да му речам на Луис Марија дека не се чувствувам добро, дека е од влажноста, влажноста од оној снег што не го чувствувам, не го чувствувам и ми влегува во чевлите.

25 јануари

Јасно, дојде Нора да ме види и се случи сцена. „Ќерко, тоа беше последен пат да те молам да ме следиш на пијано. Се изрезиливме.“ Што знаев јас за резили, ја следев како можев, се сеќавам дека ја слушав придушено. Votre âme est un paysage choisi…,  но си ги гледав дланките низ клавишите и се чинеше дека добро свиреа, дека чесно ја следеа Нора. И Луис Марија ми ги гледаше дланките, кутриот, мислам дека не се осмелуваше да ми го погледне лицето. Мора да станувам многу чудна.

Сирота Норичка, нека ја придружува некоја друга. (Ова сѐ повеќе личи на казна, сега само се познавам таму кога ќе сум среќна, кога сум среќна, кога Нора пее Форе се познавам таму и не останува ништо освен омразата).

Вечер

w3Понекогаш е нежност, една ненадејна и потребна нежност кон онаа што не е кралица и што си постои којзнае каде. Би сакала да ѝ пратам телеграма, пакети, да знам дека ѝ се добро децата или дека нема деца – зашто ми се чини дека таму немам деца – и ѝ треба утеха, сожалување, бонбони. Синоќа заспав заплеткувајќи пораки, места на средби. Доаѓам петок стоп чекај ме мост. Кој мост? Мисла што се враќа како што се враќа Будимпешта каде што сигурно има толку мостови и толку снег што се цеди. Тогаш се истегнав во креветот, здрвена и речиси завивам, речиси трчам да ја разбудам мама, да ја гризнам за да се разбуди. Само си мислам. Сѐ уште не е лесно да го кажам. Само си мислам дека би можела веднаш да заминам за Будимпешта, кога навистина би сакала. Или за Хухуј, за Кецалтенанго. (Се вратив на претходните страници за да ги најдам имињава). Не чинат, би било исто да кажам Трес Аројос, Кобе, Флорида на четиристотини. Останува само Будимпешта, зашто таму е студот, таму ме тепаат и ме навредуваат. Таму (сонував, не е повеќе од сон, но како да го вмешува и да му се прилепува на јавето) има некој што се вика Род – или Ерод, или Родо – и тој ме тепа и јас го љубам, не знам дали го љубам, ама допуштам да бидам тепана, и така од ден на ден, тогаш сигурно го љубам.

Подоцна

Лага. Го сонував Род или го створив од која било веќе на сон употребена слика, што ми се најде при рака. Нема Род, мене сигурно ме казнуваат таму, ама којзнае дали е маж, некоја побеснета мајка, осаменост.

Да одам да се барам. Да му речам на Луис Марија: „Да се земеме и да ме однесеш во Будимпешта, на еден мост каде што има снег и некој“. Велам: и ако сум таму? (Зашто сето ова го мислам со тајната предност да не сакам всушност да поверувам. И ако сум таму?). Добро, ако сум таму… Ама само луда, само… Каков меден месец!

untitled

28 јануари

Си мислев нешто чудно. Веќе три дни не ми доаѓа ништо од далечната. Можеби сега не ја тепаат или не можела да најде капут. Да ѝ пратам телеграма, хулахопки… Си мислев нешто чудно. Стигнав во ужасниот град и беше пладне, зеленкаво и разводенето пладне како што никогаш не се пладнињата ако не им се помогне мислејќи на нив. На страната на Добрина Стана, во перспектива на Скодра, наежени коњи од сталагмит и здрвени џандари, влажни и порабени векни ветер ги прават надмени прозорците. Да одам по Добрина со туристички чекор, мапата во џебот од синото палто (таков студ, а да си го оставам капутот во Бурглос), до еден плоштад спроти реката, речиси врз зататнетата река со искршени мразови и лаѓи и по некоја птица-рибарче која таму се вика збуаниа тхено или нешто полошо.

w4По плоштадот претпоставив дека доаѓа мостот. Така си мислев и не сакав да продолжам. Беше пладнето од концертот на Елса Пијаџо де Тарели во Одеон, се облеков неволно, насетувајќи дека потем ќе ме очекува несоница. Ова мислење во ноќта, толку длабока ноќ… Којзнае дали немаше да се загубам. Жена си замислува имиња кога патува, ги помни во моментот: Добрина Стана, збуaниа тхено, Бурглос. Ама не го знам името на плоштадот, како навистина да бев пристигнала на плоштад во Будимпешта и се бев загубила зашто не му го знам името; таму каде што едно име е еден плоштад.

Идам мама. Ќе стигнеме на тој твој Бах и на тој твој Брамс. Толку е едноставен патот. Без плоштад, без Бурглос. Тука ние, таму Елса Пијаџо. Колку е тажно што прекинав, знаејќи дека сум на плоштад (но ова веќе не е вистина, само си го мислам, а тоа е помалку од ништо). И дека на крајот од плоштадот започнува мостот.

Вечер

Започнува, продолжува. Меѓу крајот на концертот и првиот бис го најдов неговото име и патот. Плоштадот Владас, мостот на пазарите. Преку плоштадот Владас продолжив до зародишот на мостот, малку со одење и со желба понекогаш да останам во куќите или по излозите, кај преоблечените момчиња или фонтаните со високи јунаци со побелени пелерини, Тадео Аланко и Владислас Нерој, пијачи на токај и чембалисти. Ги гледав поздравувањата на Елса Пијаџо меѓу еден Шопен и друг Шопен, сирота, а од мојата ложа отворено се излегуваше на плоштадот, со почетокот на мостот помеѓу огромните столбови. Ама ова си го мислев јас, пази, исто како што си правев анаграм Е кралицата и… наместо Клара Аицети, или како што си ја замислувам мама, во домот на Суарезови, а не покрај мене. Добро е човек да не западне во бесмислености: тоа е моја работа, ништо повеќе од моја желба, вистинска желба. Вистинска, зашто Клара, значи – никако другото, никако да не ја чувствувам како ѝ студи или како ја мачат. Ова ми се сака и задоволно си продолжувам, знаејќи каде оди, за да дознаам дали Луис Марија ќе ме одведе во Будимпешта, дали ќе се земеме, па да му побарам да ме одведе во Будимпешта. Полесно е да излезам да го барам тој мост, да излезам во потрага по себе и да се најдам како сега, зашто веќе изодев половина мост меѓу извици и аплаузи, меѓу „Албенис!“ и уште аплаузи и „Полонезата!“, како да има ова смисла меѓу набраздениот снег што ме турка со ветрот по грбот, дланки од сунѓереста крпа, кои ме носат за половината кон средината на мостот.

(Поудобно е да зборуваш во сегашно. Ова беше во осум, кога Елса Пијаџо го свиреше третиот бис, мислам Хулијан Агире или Карлос Густавино, нешто со пасиште и птички). Но, со време станав копиле, веќе не ја почитувам. Се сеќавам дека еден ден помислив: „Таму ме тепаат, таму снегот ми влегува во чевлите и ова го знам во моментот, додека ми се случува таму, јас истовремено знам. Но, зошто истовремено? Можеби ми надоаѓа доцна, можеби сѐ уште не се случило. Можеби ја тепаат за четиринаесет години или веќе е крст и бројка на гробиштата на Света Урсула. А ми се чинеше убаво, можно, каков идиот. Зашто зад тоа човек секогаш паѓа во еднакво време. Ако сега навистина поаѓаше по мостот, знам дека ќе почувствував баш сега и оттука. Се сеќавам дека застанав да ја погледнам реката што одѕвонуваше и биеше. (Ова јас го мислев). Вредеше да се навалиш врз оградата на мостот и да чувствуваш во ушите како се крши мразот таму долу. Вредеше да се остане малку за погледот, малку за стравот што ми надоаѓаше однатре – или беше зашто бев гола, снегот раскашавен и мојот капут во хотелот. И потоа, јас сум скромна, не сум дигната, ама ај дојдете кажете ми за друга на која ѝ се случило истово, друга што патува во Унгарија среде Одеон. Од тоа секој ќе се стресе, еј, тука или во Франција.

Ама мама ме тегнеше за ракавот, веќе речиси немаше луѓе во ложата. Пишувам до тука, немам желба да продолжам да се сеќавам што си мислев. Ќе ми се слоши ако продолжам да мислам. Но вистина е, вистина: си мислев нешто чудно.

30 јануари

Сирот Луис Марија, каков идиот што се жени со мене. Не знае во што се впушта. Или на што се качува, што би рекла Нора, што се прави еманципирана интелектуалка.

31 јануари

Ќе одиме таму. Толку беше согласен што речиси вреснав. Почувствував страв, ми се причини дека прелесно влегува во играва. И ништо не знае, како пионче во партија дама што ја завршува партијата, а не ни наслутува. Пионче Луис Марија, покрај својата кралица. Покрај кралицата и –

7 февруари

w5На лечење. Нема да го пишувам крајот на она што си го мислев на концертот. Синоќа почувствував како повторно страда. Знам дека таму сигурно одново ме тепаат. Неизбежно е да знам, но доста со хроники. Да се ограничев на сведочење од задоволство, за олеснување… Полошо беше од тоа, желба за запознавање пречитувајќи; за пронаоѓање шифри во секој збор фрлен врз хартијата по толку вечери. Како кога си мислев на плоштадот, на прекршената река и бучавите, а потоа… Но нема да го напишам, веќе никогаш нема да го напишам.

Да одам таму да се убедам дека самечкиот живот ми штети, ништо повеќе, дваесет и седум години, а без маж. Сега ќе ми биде добро кутрето, глупчото, доста со мислење, готово и за навек.

И сепак кога веќе ќе го затворам дневников, зашто жена или се мажи или пишува дневник, двете работи не одат заедно – сега веќе не сакам да излезам од него без да го кажам ова со радост од надеж, со надеж од радост. Одиме таму, ама нема да биде како што си мислев вечерта на концертот. (Го пишувам ова и доста со дневников, за мое добро). На мостот ќе ја најдам и ќе се гледаме. Вечерта на концертот во ушите го чувствував кршењето на мразот таму долу. И ќе биде победата на кралицата над таа подмолна приврзаност, тоа недолично и безгласно обземање. Ќе се предаде ако сум навистина јас, ќе се припие на моето осветлено пространство, поубаво и повистинско; само да дојдам крај неа и да ја спуштам дланката врз нејзиното рамо.

*

Клара Аицети де Араос и нејзиниот сопруг пристигнаа во Будимпешта на 6-ти април и се сместија во Риц. Тоа беше два месеци пред нивниот развод. Квечерината од вториот ден Клара излезе да го запознае градот и топењето на мразот. Бидејќи сакаше да пешачи сама – беше брза и љубопитна – прошета по дваесет страни бегло барајќи нешто, но непретерано именувајќи го, препуштајќи ѝ на желбата да избере и да се изрази низ остри изблици, кои ја водеа од една на друга врата, менувајќи тротоари и излози.

Пристигна на мостот и го премина до средината одејќи сега мачно, бидејќи снегот се противеше, а од Дунав расте тежок ветер угоре, закачува и шиба. Чувствуваше како здолништето ѝ се лепи за бедрата (не беше добро облечена) и одеднаш желба да се заврти, да се сврти кон познатиот град. Среде опустошениот мост распарталената жена со права црна коса чекаше, со нешто цврсто и ревносно во нејзиното лукаво лице, во превојот од нејзините малку склопени дланки, кои веќе се ширеа. Клара беше крај неа повторувајќи гестови и воздржувања, сега знаеше, како по генерална проба. Без страв, ослободувајќи се конечно – веруваше, во еден морбиден налет на радост и студ – беше крај неа и ги рашири и таа дланките, одбивајќи да мисли, а жената од мостот се притисна во нејзините гради и двете се прегрнаа, здрвени и молчаливи, на мостот, со раздробената река што удираше по столбовите.

Клара ја болеше патентот од паричникот што силата на прегратката ѝ го заковуваше помеѓу градите со едно слатко, издржливо гребење. Ја стегаше преслабата жена, чувствувајќи ја цела, потполна во нејзината прегратка, со радост што се возвишуваше како химна, како гулабите кога ги пуштаат, како распеаната река. Ги затвори очите во целосното сраснување, избегнувајќи ги надворешните впечатоци, самрачната светлина; одненадеж толку уморна, но сигурна во својата победа, без да ја слави како толку нејзина и толку чекана.

Ѝ се пристори дека една од двете слатко плачеше. Мора да е таа бидејќи ги почувствува влажни образите и болка во самата јаболчница како од удар. И вратот, и одеднаш рамената, натежнати од небројни замори. Отворајќи ги очите (можеби веќе врескаше) виде дека се раздвоиле. Сега навистина вресна. Од студ, зашто снегот ѝ навлегуваше во распарталените чевли, зашто пат под нозе по плоштадот заминуваше Клара Аицети, преубава во своето сиво палто, косата малку распуштена низ ветрот, без да го сврти лицето и си заминуваше.

 

Превод од шпански: Фросина Стојковска

Преземено од: „Потекло на зборот (Преглед на аргентински раскази)“


ФУСНОТИ:

[1] Во оригиналот името на ликот Клара Аицети е Алина Рејес (Alina Reyes). Името е променето за да се задржи целата игра со анаграмите и со кралицата (заб. на прев.)

[2] Avida Dollars е анаграмски прекар кој Андре Бретон му го дал на Салвадор Дали, алудирајќи на францускиот израз “avide à dollars” кој може да се преведе како „алчен за долари“, што се должело на претераната комерцијализација на Далиевото дело. (заб. на прев.)

 

Напишано од
More from РЕПЕР
Луизиана, Блуз.
- Театарски режисер, велиш. Сакаш да раскажуваш приказни?
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *