„Чуму поети во скудно време?“ Оваа дилема на германскиот романтичар Фридрих Хелдерлин не изгубила од својата актуелност ни два века по првичното пуштање во етерот. Но времето покажа и докажа и една друга вистина, а тоа е сознанието дека иднината на човекот ќе биде поетска или нема да постои. Поетите се патници низ времето и низ просторот: преку соништата и преку фантазијата, во својот поетски свет, тие се секогаш отворени за другиот. Оттаму, поезијата е облик на љубов; оттаму, појавата на секоја нова ѕвезда на поетското небо е вистински празник за поезијата и за љубовта, за животот и за постоењето.
Midnight blues е збирка-првенец на младиот Андреј Ал-Асади, ученик во гимназијата „Никола Карев“ од Скопје. Станува збор за лирска поезија со мошне згуснат исказ, која воопшто не е патетична. Стихозбирката е сочинета од вкупно дваесет и една песна; од секоја од нив блика љубов, страст, спонтаност, слобода, „како птица во лет“ – како што ќе рече лирскиот субјект во песната „Сѐ уште сме тука“. Низ стиховите на Андреј пулсираат една свежина, младешка енергија, радосно чувствување дека „целиот свет е твој“, но и суптилна „храброст“ да се соочи со предизвиците, со болката, со страдањето и со загубата како составен дел од нашето малечко постоење. Лирскиот субјект е восхитен и екстатичен, љубопитен и копнежлив, но очигледно го мачат и дилемите за тоа како да се дојде до идеалот за убавина, за совршенство, за музичка хармонија…
„Илјада епитети немаат моќ / да бидат огледало на таа убавина“ – читаме во песната „Илјада е само бројка“. И: „Уште долго исти прашања / ќе се поставуваат / на кои нема одговор“ (песна „Прашања и одговори“). Сепак, оваа поезија не очајува; свеста за немоќта е свест за дијалектиката на светот. Поетот војува „за космички баланс“ меѓу Еросот и Танатосот, меѓу насмевката и солзите или меѓу „среќата и очајот“ – како во песната со парадигматичен наслов „Биполарност“. Двојството е доминантен принцип во природата и во човекот – тоа нашиот млад поет многу добро го знае. Образован на искуството и на источната и на западната традиција, Андреј Ал-Асади во својата поезија им ја отвора вратата и на Диониз и на Шива, зашто неговото гесло гласи: „Дадена ни е една цел – слобода“, како што со право заклучува во песната „Слобода“. Токму како резултат на поетската слобода, низ овие стихови одѕвонува музиката на човечките гласови, но и музиката на тишината, како и музиката на капките дожд, на птиците, на шумите, на ветерот… Или, кажано со стиховите на поетот во песната „Дете на цвеќињата“:
„Ветерот на танц те кани,
заспаната гора ти шепоти,
кротката ливада со песна те довикува,
песна која на цвеќиња мириса“.
Споменатата вера во чудесното на кој било јазик на живите суштества буди далечни асоцијации на Вилијам Блејк; особено во песната „Кој е тој“ постојат некои суптилни алузии на Блејковата култна песна „Јагне“. Од друга страна, песната „Селани“, на пример, како да претставува еден поетски долг кон наследството на еден Рацин! „Нашиот ум е прозорец кон светот“ – не случајно ќе констатира лирскиот субјект на едно место.
Поетското време како синтеза на современоста е премин во интимниот космос на поединецот. А таму, боите танцуваат, „месечината и нескротливото море“ водат љубов („Утринска бајка“), „морето и небото“ се бакнуваат („Покажи ми“), а очите на саканата се „обоени завеси“ („Сѐ уште сме тука“), „од небо берени маслинки“, лицето, пак, „резба Господова“ („До тебе да бидам“). Љубовта е суптилно разбирање без тиранија, танц под „ѕвездениот чаршаф на небото“ („Сѐ уште сме тука“), а поетот „буден сонува“ („Црни очи“). Поетските слики на Андреј Ал-Асади се толку оригинални и фасцинантни што прераснуваат во неговото најмоќно поетско оружје.
Финалната песна на стихозбирката – „Состанок со Ѓаволот“ – почнува и завршува со прашањето: „Ќе дојдеш?“ Прашање-молба, недоумица, покана… упатена до некое Ти – до саканата, до потенцијалниот читател или до некое општо, универзално битие?! Повик, копнеж на лирскиот субјект да не биде сам на состанокот со Ѓаволот, но Ѓаволот сфатен како сојузник, не како непријател, како придружник на секој „грешник“, во смисла: предизвик да се урнат правилата и нормите, да се направи исчекор од нормалата – во духот на младешкиот бунт, револт, креативен немир што води напред. Зашто, стихозбирката Midnight blues на Андреј Ал-Асади, во крајна инстанција, е недвосмислено посветена на светлината и на пеењето, на неуништливата вера во песната и во вечната убавина. Или, кажано со речникот на самиот поет: „Уште илјада поеми да напишам / твојата совршеност / не ќе ја опишам!“ („Илјада е само бројка“).
„Коцката е фрлена!“ На потег се поетот и предизвикот што си го поставил пред себе. Му посакувам успех и уште многу, многу стихови инспирирани од „полноќниот блуз“.