Иако е едначењето по звучност една од најкарактеристичните гласовни промени за македонскиот јазик, постојат ситуации во кои има исклучоци од правилото за едначење, кај кои, поради различни причини, сè уште се греши во практиката.
Такви исклучоци од едначењето по звучност се следните ситуации:
а). Не се одбележува едначењето на гласот в пред безвучна согласка: вторник, вчера, цевка, евтино и сл. (не: фторник, фчера, цефка, ефтино).
б). Не се одбележува едначењето на гласот д пред суфиксите –ски, –ствен, –ство; пред множинската наставка –ци и пред членската наставка –та: градски, производствен, судство, очевидец – очевидци, заповед – заповедта и сл. (не: гратски, произдвотствен, сутство, очевитци, заповетта).
в). Пред членската наставка –та не се одбележува едначењето ниту на другите звучни согласки: надеж – надежта (не: надешта).
г). Согласката г не се едначи во примерите: бегство, другпат.
д). Гласот т не се едначи во сложените зборови како: десетгодишен, десетдневен и сл.
ѓ). Кај сопствените имиња од туѓо потекло нема едначење по звучност, но доколку тие зборови се употребуваат како општи именки, тогаш едначењето по звучност се одбележува. На пример: Рентген – лично име, но рендген – апарат.
е). Во допир со сонантите не се одбележува едначењето: мирислив, милослив (не: миризлив, милозлив).
Ги очекуваме вашите мислења и препораки на mak.katce@gmail.com.
Литература:
Димитровски, Т. (ред.) 2007: Правопис на македонскиот литературен јазик. Скопје: „Просветно дело АД“.