Запознавање со вселената

Поезија на Михајло Свидерски

ТВОЈАТА СОБА

Во твојата соба
неизменето,
сѐ е во најдобар ред,
како и претходно
сѐ стои таму
поставено точно под прав агол
на дневна светлина
што точно паѓа на твојот портрет.
Тука сигурно никогаш не ти било здодевно.
Предметите ,
стојат како што ги остави, постави
запостави.
Исто стоиме како
кога ни ја затвори вратата пред очите ,
и нѐ врза, нѐ смали, нѐ намали.
Сѐ е како што не напушти, и распушти
и како што пропушти,
како што си оставила и
заборавила.

МОЈАТА СОБА

Од сон ме будат потопени океани
мирис на лаванда
и летен дожд .
Мојата соба , моја татковина и моја
досада.
Неизбежно секојдневие.
На сликата , десно од креветот
едни исчезнати народи
плачат над своето прогонство.
Се пронајдов во сликата, се изгубив во денот.
Оти и јас исчезнувам многупати во сонот
како што исчезнува мојот народ.
И излегов да земам малку воздух.
Здодевно е да си ги пребројуваш само победите.

ТВОЈОТ ПОРТРЕТ

Сакам да те насликам од бои,
од исцеден сок од тревки,
од алги и трендафили
од смола,
од сулфур,
од безобразни зборови и крв
од кора од лимони и портокали.
Сакам тоа да биде еден портрет
твој,
ама јас да го чувам
а ти никогаш да не го видиш.

ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ НА ЕДЕН ИЗМОРЕН СВЕТ

Поминуваме низ едни до сега барем
неслушнати, невидени и неоткриени предели
а во грлото голтка сува вода
една планина исправена надолу
едно дрво накривено нагоре
едни луѓе, седат во круг
а сигурен сум дека не знаат
оти апокалипсата ќе започне од овде
и затоа се толку спокојни.

ЗАПОЗНАВАЊЕ СО ВСЕЛЕНАТА

Постои едно СЀ
што знае сѐ и содржи сѐ,
и кога ќе рече не
растура,
кога ќе рече да
собира,
кога ќе заповеда
се извршува.
И пред Него и зад Него
како во вакум стои вечност.

ПРВИ ВЕСТИ ОД ПЕКОЛОТ

Бидејќи постојано ве залажуваат
дека никој од тука не се вратил за да каже како е,
еве јас што од овде под дното на огнот
си ги одмарам стаплата
можам да речам дека е прекрасно одвратно.
Порано како и секаде, сѐ беше подруго и поинаку.
Денес сите крици ги знам на памет
исто колку што на видот ми смета секаква светлина.
Освен што е непрестана досада и постојано губење време
сето тоа е зашто нѐ заборавија овде,
и на нас никој не се потсеќа
не си спомнува ни да ни ја накваси устата,
ни да ни ја отвори вратата,
ни да ни прости.

БЕЗИЗЛЕЗ ИЛИ ПОГРЕШНО ВРТЕЊЕ НА ЛЕВО

Понекогаш, не секогаш
ама многу често,
стојам како закован, како молец
како без нозе, како без свет,
без свест,
како прелажан , како измамен
како отсутен , како изморен
помалку натажен , повеќе збунет
со прекрстени раце, зачуден,
со отворена уста
како пред причест
кога знам дека ја пијам својата осуда.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Идејата како најмоќно оружје против ништавилото
Програмата Oxford Connections овозможува размена на идеи меѓу академци, професори, научници, студенти...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *