За книгата „Алхемија на 21 век“ на Душко Крстевски

Рецензија на Лидија Капушевска Дракулевска за книгата Алхемија на 21 век на Душко Крстевски

(Скопје, Антолог, 2013)

109.Alhemija na 21 vekНе знам кога точно Душко Крстевски почнал да создава стихови, но знам дека веќе подолго време е активно присутен на македонската поетска сцена: застапуван е во антологии на македонската млада поезија, а неколкупати досега учествувал во Ноќите без интерпункција, поетското дефиле на младите на меѓународниот фестивал СВП. Еве, конечно годинава се појави неговата прва поетска книга Алхемија на 21 век во издание на „Антолог“ од Скопје. Секогаш се радувам кога ќе се појави нова книга стихови – тоа е вистински празник, бидејќи поетите се „ретки ѕверки“ и бидејќи поетите „креираат неба“, како што рекол германскиот романтичар Фридрих Хелдерлин.

Самиот наслов на стихозбирката, како и двете истоимени песни, едната воведна, другата финална, кои ги поставуваат рамките на книгата, нејзината заокружена, хармонична структура, алузивно се врзуваат за еден друг поет во македонската литература, сега веќе нејзин класик – за Богомил Ѓузел и неговата стихозбирка Алхемиска ружа (објавена во 1963 – цели 50 години или половина век пред книгата на Душко). Оваа паралела воопшто не е изнасилена ниту претерана. Еве зошто: најнапред, знам дека Душко го сака Ѓузел, дека пишува магистерска за него, но и дека во оваа книга се повикува на него во неколку наврати: експлицитно, во една ненасловена минијатура со назнака „според Ѓузел“ и имплицитно, во завршната песна „Алхемија на 21 век (2)“ во која поетскиот реквизитариум од типот: коњ, меч, рицар, смрт…, упатуваат на Ѓузеловата поема-разговор „Рицарот и алхемиската ружа“ од споменатата збирка Алхемиска ружа. Кога се знае дека Ѓузел во оваа поема води интертекстуален дијалог со ирскиот поет-нобеловец В. Б. Јејтс и неговата поетска проза Rosa Alchemica, синџирот на асоцијации се проширува, мултиплицира, варира и алтерира од поет до поет. Стигнува дури и до еден Артур Рембо и неговиот текст „Бунило: алхемија на зборот“ поместен во Престој во пеколот, каде што, меѓу другото, е дадено и објаснувањето на самогласките во прилог на правото на поетот да ги бара и црпи поетските слики и асоцијации во бездните на ирационалното и несвесното. Патем речено, во автопоетичката песна на Крстевски со парадигматичен наслов „Поетика“, се споменуваат токму „грозницата“ на Рембо и Стерната на Конески како два поетички модели на двајцата омилени книжевни претци.

Во оваа смисла, би сакала да ја истакнам улогата на единствената визуелна песна во збирката на Крстевски, „Alea iacta est“ или Коцката е фрлена – прочуената изрека на Јулиус Цезар кога ја превел војската преку реката Рубикон во Северна Италија, а ја позајмил од грчкиот комедиограф Менандер. Коцката е фрлена значи одлуката е донесена, нема враќање назад. Што значи тоа за песната на Крстевски која графички се состои од едно геометриски тело – коцка на чиишто 8 темиња или врвови се испишани стихови и истите може да се читаат од горе надолу и обратно, оддолу нагоре, потем вертикално, хоризонтално, вкрстено, дијагонално итн., без притоа да се изгуби смислата?! Впрочем, стиховите се повеќезначни, бесмислени и повеќесмислени. Песната во облик на коцка претставува парадигма за хронотопско восприемање на поезијата како поезија во простор и поезија во време: распоредот на зборовите, исцртаните линии, белините – сугерираат тишина, празнина (тоа е просторна перцепција на поезијата); мислата може продолжено да трае и да варира, или да нуди само една секвенца, одблесок на некоја започната авантура на духот, итн. (тоа е временска перцепција на поезијата); или, времето како четврта димензија на просторот, немоќта на човекот во трка со времето… Споменатата песна, по својата структурна и филозофска концепција, може да се сфати токму како една творечка авантура во космосот која е бескрајна, како портрет на човекот во, но и вон времето и просторот.

Коцката може секогаш одново да се фрла и да понуди поинаков распоред; од друга страна, коцката алудира на хазардерство, на улогата на случајот во творечкиот чин, на непредвидливоста и загатката, енигмата. Впрочем, поетскиот чин и неговиот иманентен копнеж за духовен возлет, за спиритуалност, наликува на алхемичарскиот процес на трансмутација на металите и досегање на степенот на совршенство – Каменот на мудроста. Симболичка смрт и симболичко раѓање. Иницијација. Коцката, сочинета од 4 квадрати, нејзината совршена форма, реферира на 4 класични елементи: вода, воздух, земја и оган од кои потекнуваат поетските слики, а на нив Јејтс го додал и петтиот елемент: превезот на тајната што ги обвиткува останатите 4. Токму една ваква концепција е парадигматична за поезијата и поетиката на Крстевски.

Зошто Алхемија на 21 век? Во што е нејзината суштина? И конечно, што би била нејзина специфика? Освен контекстот за којшто зборував и несомнениот интерес на нашиот поет за мистичното, езотеричното, окултното, треба да се нагласи јазичниот аспект, единицата збор како творечка клетка на стихот. Секое време си има свои божества, па во оваа смисла, поетот ја добива инспирацијата од персоналниот компјутер, од дигиталните медиуми, дискови и цд-ромови; читајќи ги овие стихови, стапувате во други сфери и медиуми, особено во доменот на музиката и тоа: класичната (Брамс, Шопен, или Бетовен и неговата „Месечева“, но и „Кројцерова соната“ – иако на втората се алудира имплицитно, преку истоимената новела на Лав Толстој), преку специфичниот музично-поетски сенс на Леонард Коен или Лорина Мек Кенит, сѐ до Портисхед, Ник Кеив, Џони Кеш, Трент Резнор или Dead can dance, Massive Attack, Anathema, Opeth… На музички план, доминираат различни стилови, субалтерни жанри, еден меланж, фузија, хибрид од: хеви метал, џез, блуз, хип хоп, рок и една експериментална, електронска музика. Музичките цитати се по правило на најуниверзлниот јазик на младите денес – англискиот. Двојноста на поетскиот текст, неговото лизгање од еден јазик во друг, од еден медиум во друг, цитатноста и дијалогот со другоста, креираат една поетика на мултимедијалност. Кога на сето ова ќе се додаде и урбаниот сленг, зборовите од арго-то, целата таа стилска хетерогеност оди во прилог на фактот дека Крстевски станува заговорник на еден нов тип поезија која претставува обид за засновање вербален поп-арт, можеби. Очигледната тенденција за музикализација (дигитализација) на поезијата не оди на штета на емотивноста на песната. Напротив! И самата доминантна музичка емоција е во духот на една душевна раздразливост, екстатична состојба, пијанство на сетилата, меланхолични расположенија, болна осама, многу таговност (дури и оној вид познат од времето на симболизмот и модерната – беспричинската тага), натаму, суицидност, кошмарни и апокалиптични визии како во песните: „Хисториа ест магистер курва“, „Последната вечера“ или „Сонце со заби“…

Во оваа пригода сакам да истакнам уште две стилски константи во книгата на Крстевски покрај музичкиот идиом: тоа е пред сѐ, поетската слика заснована врз принципот на синестезија и алузија. На пример: саканата е „чоколадна божица на оргазмот“ „покриена / со здив на тирамису“; или: „Книгите се обоени со смрт, / страниците со крв; или: твојата досада е / разјарен лав“; „Усните ти беа жилет што ме расече до страст / како оној берберски потег во Андалузискиот пес“; а „Сонцето голта залаци од ѕвезди на софрата / на неутралното небо“. Вториот стилоген е филозофската сентенца или гномичност од типот на следнава минијатура: „Што е човекот / Ако не шаховска фигура Во рацете на боговите-аматери / Научени единствено на погрешни потези“; или, двостишјето: „животот (како и тагата) е сируп во мали порции / што ни е препишан за цел живот“.

Оваа поезија нема да го остави читателот рамнодушен; таа е опора, сурова, бунтовна; оваа поезија предизвикува, го нуди немирот како излез; потем, таа е хиперљубопитна за светот, стварносна и љубовна; неслучајно, насловот на еден циклус гласи: „Твојата уметност се вика љубов!“ И навистина, оваа поезија е натопена од љубов: љубов кон љубената, но и љубов кон Поезијата: „Знам дека поезијата / е слободен простор во крвта, / лов по неомеѓените / хоризонти на стиховите“, вели лирскиот субјект во песната „Соната“. Во оваа смисла, за крај ќе го прочитам поетскиот апел на нашиот вечерашен лауреат упатен до сите нас, неговите современици:

„По некој добар стих напишете / Колку да не ве закопаат празни / Да не речат дека не сте умееле да сонувате / Не сте умееле да плачете / По некој добар стих напишете / Колку да знаат / дека сте биле алхемичари / на службен пат до Вечноста.“

Му честитам на „алхемичарот“ Душко.

Лидија Капушевска Дракулевска

Напишано од
More from РЕПЕР
НОБЕЛОВКАТА СВЕТЛАНА АЛЕКСИЕВИЧ – ДОБИТНИЧКА НА НАГРАДАТА BOOKSTAR 2022!
Фестивалот „BookStar“ годинава ќе се одржи од 3 до 5 октомври 2022...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *