Според Правописот на македонскиот литературен јазик, со голема почетна буква може да се пишуваат одделни заменки при директно обраќање и одделни именки во посебна стилска употреба.
Така, кога станува збор за лично обраќање од почит, заменките вие и ваш и нивните форми се пишуваат со голема почетна буква. На пример: Ви пишувам за да Ве известам дека…; Сакам да Ве замолам да…
Меѓутоа, кога со овие заменки се обраќаме до повеќе лица, на пример до установи или до институции, тогаш ги пишуваме со мала буква: Почитувани, ви за обраќам за да ве прашам дали…
Освен заменките вие и ваш, во многу ретки случаи може и заменките ти и тој од почит да се напишат со голема почетна буква.
Кај именките, пак, титулите на шефовите на државите може од почит да се пишуваат со голема почетна буква, но само ако се употребат без името. На пример: Претседателот, Кралот, Султанот, Шахот и сл. Истото се однесува и на именките величество и височество, кои сами или заедно со заменските форми може при обраќање од почит да се пишуваат со голема почетна буква: Величество, Височество, Ваше Величество, Ваше Височество и сл.
Другите титули се пишуваат со мала почетна буква во обичен текст, но при лично обраќање може да се пишуваат и со голема. Така, на пример: Медиумите ја пренесоа изјавата на премиерот; но при обраќање освен: Почитуван господине премиере, може и: Почитуван господине Премиере…
Ги очекуваме вашите јазични препораки и коментари на: mak.katce@gmail.com.
Литература:
Димитровски, Т. (ред.) 2007: Правопис на македонскиот литературен јазик. Скопје: „Просветно дело АД“.