Кусо за сладокусци

Претставуваме три куси раскази од Марта Маркоска

 (Б)РАЧЕН ЧАСОВНИК

Џим безволно го протресе скапиот Cartier часовник од својата рака, како одоколу да сакаше да покаже дека времето за ваков здодевен разговор е изминато, а соговорникот да не го забележи тоа. Најчесто ги прифаќаше овие клиенти заради возвраќање услуги за сторена работа. „Насекаде така се живее“ – помисли тој!

„Еден мој мнооогу драг пријател И. А. Ј., пред којзнае колку години, ми рече дека иднината на Светот е во муслиманската држава, каде секој си го знае своето неприкосновено место што му е дадено од Бог; мажот си е господар на куќата, а жената неговата добра вила, покорна сопруга, мајка на неговите деца, скромна во сопствените барања“ – беспоштедно продолжуваше С. М., додека Џим зеваше од здодевност.

„Таа треба да му даде на мажот сè што тој ќе посака, секогаш кога тој ќе посака, а да не го оптоварува со своите желби и потреби. За возврат, тој ќе биде толку добар кон неа, што ќе ѝ ја даде неговата кредитна картичка, со која таа ќе може да ја купи најубавата колекција козметички производи и прикладна долна облека, па кога тој премален ќе дојде од работа, ќе може да се разоноди со нејзината раскошност, опиен од заводливиот изглед и нескротливиот сексaпил.“ – во ужасно долги и исцрпувачки реченици продолжуваше С. М.

„Но… таа мора прво да го заслужи тоа. Да ги заврши нејзините, од Бога зададени, задолженија, да го подготви денешниот оброк, а притоа ни случајно да не си дозволи да остави мирис од запршка на нејзината коса, ниту да остави брчки од грижи во нејзиното секојдневие, иако едното дете лежело болно од сипаници, а другото добило укор за исклучување од училиштето. Тој, ќе ѝ ја купи најскапата чанта од Louis Vuitton, најсексaпилниот корсет од Victoria’s Secret, најубавиот часовник од Emporio Armani и најраскошниот ѓердан од Swarowski, само ако таа молчеливо го придружува во јавноста и пред пријателите, достојна за неговиот интелект и општествен статус…“ – победоносно изјави С. М., како тој самиот да дошол до овој заклучок.

„Психоаналитичарите, на кои тој со своите достигнувања им беше отворил голем предизвик да продолжат со проучувањето на неговиот живот, дури по десетина години од неговата смрт, констатираа дека заслугите во општествено-политичкиот успех слободно можат да им ги припишат на констелациите под кои израснал. Како најмал син, меѓу шесте браќа, секогаш бил брутално тепан за грешките на сите постари од него. Неговиот татко беспоштедно го впренувал во работата по многуилјадниот хектарски имот. Секогаш го добивал најмалиот оброк, а го отплаќал најскапо, бидејќи сите браќа го исмевале јавно, поради неговиот ситен раст. Мајката наместо да го згрижи како најмало дете, таа го отфрлала како нус-производ од несакана бременост, поради која ѝ обелеле косите и ставила 10 килограми повеќе, па сега не му била толку привлечна на неговиот татко. По војната, во која настрадале сите негови браќа, тој останал „читав“ затоа што не бил доволно физички силен, ниту здрав, па ни војската не го сакала. Откако починале неговите родители, тој останал сосем сам на светот, но не заборавил да ја раскажува приказната дека е потомок на светица и тиранин. Како поука од бракот на неговите родители, одлучил жената во неговиот живот да има почитувано место. Ветил дека никогаш не ќе ја корне за коса, ако случајно замириса исто како и ручекот, туку ќе ѝ го купел најскапиот парфем за да биде најмекиот рунолист, најкадифениот божур, најсвилената роза. Наместо никој да не ја забележува поради превезот на лицето и телото, тој ќе ѝ ги купел најскапите марами, од најмека свила, која нежно ќе ѝ го отцртува нејзиното тело, ќе ја бањал во меури од кашмир и ќе ја повивал нежно и галовно. Наместо сама да се измачува во приготвувањето на оброците и средувањето на куќата, ќе ѝ дозволел двете нејзини ќерки да ѝ помагаат, но и да ја сослушаат секогаш кога ќе ѝ било тешко, да ја лекуваат секогаш кога ќе била болна…“

Oва изгледа мораше да биде завршниот цитат на С. М., зашто Џим не можејќи веќе да ја издржи баналноста на приказната, изрипа од фотелјата со извинување дека има страшна мигрена и му рече дека разговорот ќе го продолжат во некоја наредна сесија. Потоа со нетрпение отрча до кабинетот на неговиот најдобар колега Курт, за да му ја прераскаже оваа смешна сторија, која немаше никаква смисла и заедно да прснат во смеа, како што често правеа за да си олеснат по напорната работа.

Курт, иронично се насмевна и рече: „Доколку учевме од таквите како него, немаше да се соочиме со огромни финансиски загуби од двата развода“.

А потоа спокојно наздравија со еден Јегермаистер.

ПОГРЕШНА ДИЈАГНОЗА

Откако Мирјана ја прочита статијата дека кучињата можат да насетат болест многу порано отколку што самата медицина може да ја дијагностицира – отиде и купи златен ретривер. Мајка ѝ боледуваше од шеќер, па таа живееше во постојан страв дека ќе ја наследи болеста.  На роденденот на Мирјана кучето беше видно вознемирено, постојано лаеше и кружеше наоколу, разбеснето како фурија. Го скина ланецот и отрча во соседната соба да ги донесе шприцот и лекот со инсулин, уште пред кој било да забележи дека нејзината мајка помодрува од хипогликемија.

Вечно ќе памети како мајчиниот лик одеднаш доби блажена физиономија.

Мирјана сосема изуми дека брат ѝ е зависник од хероин.

ЕДНО ЧУДО АТЕРИ

На мостот во едно селце, и самите мештани едвај знаеја да кажат како се вика, стоеше убава девојка, личота божја. Еее, ама таа си имала мака па сакала да си ја фрли внатре во реката. Оздола ја беше видел еден арслан маж кој мерак ѝ сторил, па се качил да ја пишмани. Кога му ‘и казала сите гајлиња младата мома, арсланов усвит фатил, небаре од змија се устрашил. После троа време, минало младо момче, гастербајтерче, та и тој се обидел да ја пишмани. Ѝ велел, за жена ќе ја земе, деца да му роди. Та и тој видел-невидел, по некое време избегал, к’сметлија не се сторил. Mомичето чинело пак ќе скока од мовчето, тук’ од далечина здогледалo уште еден што можил да ја поколеба. Ѝ се сторил како месија пратен, ангел прав од небо спуштен.

Туку вестиве од првиот раскажувач не ни се чинеа веродостојни, та кај се сретнало некој вака да раскажува во денешно време?!

По извесна дистанца од настанот, од мештаните дознаваме дека по немилата случка, двојката заминала на островот Бора Бора, спокојно да го продолжи летото и да заборави на сите маалски озборувања.

 

 КУСО ЗА СЛАДОКУСЦИ  

 

–          Мислиш мене ми е лесно?

–          Ти мислиш дека јас мислам оти тебе ти е лесно?

–          Не, ти само мислиш дека знаеш да мислиш!

–          Немој ти мене да ми кажуваш колку е лесно да се мисли!

–          Не, лесно е да мислиш дека не мислиш, а всушност е многу тешко!

–          Тешко е да не мислиш, а мислењето само си доаѓа!

–          Не, тешко е да мислиш дека немислењето е лесно!

–          Всушност, многу е лесно да заклучиш дека мислењето е тешко!

Вака си мислеа две муви кои се насладуваа од мртвите органски материи во внатрешноста на ушните школки на хипопотамусот, пред да ја пикне главата во мочуришната вода и да ги замолчи сите речени и неречени мисли.

—————

marta-markovskaМарта Маркоска е родена на 29.06.1981 година, во Скопје.Дипломирала на Катедрата за Општа и компаративна книжевност, на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а магистрирала на Интердисциплинираните Културолошки студии во книжевноста, при Институтот за македонска литература во Скопје.Маркоска е член на Друштвото на писателите на Македонија и досега има објавено 5 авторски книги:

Научната студија Расправа за Зен будизмот (религиско-филозофски трансценденции помеѓу источната и западната мисла), Матица, 2013
збирката песни Стрмоглаво кон височините (награда Ацо Караманов, 2012),
збирката есеи Хипер Хипотези (Институт за македонска литература, 2011),
збирката раскази Вител во Витлеем (Темплум, 2010) и
збирката песни Сите притоки се слеваат во моето корито (Темплум, 2009)

Марта Маркоска е застапена во неколку антологии:
Антологија „Скопје позлатено од љубов“, по повод 50 години од катастрофалниот земјотрес (Библиотека „Браќа Миладиновци – Скопје“, 2013),
Антологија на младата македонска поезија: „Лирски Додекамерон“ (Струшки вечери на поезијата, 2012),
Антологијата на поезија и проза: „Ветерот носи убаво време“ (Матица, 2012),
Антологијата на македонскиот современ расказ (Феникс, 2012),
Антологија на текстови посветени на градот Скопје: „Планета Скопје“ (Феникс, 2012).Маркоска свои текстови објавувала и во:
научните списанија Спектар и Културен живот,
електронските списанија за литература Блесок и Мираж (Mirage),
списанијата Синтези и Современост,
списанието за книжевност и култура АКТ,
електронскиот конкурс за литература, Електролит,
списанијата Стожер, Маргина,
списанието Книжевно житие,
списанијата Елитна и масовна култура и Вкалапувања
збирките Зборници на поезија и кратка проза на младите од просторите на поранешна Југославија (Rukopisi)Пишувала театарски рецензии во дневниот весник Дневник, како и рецензии за филмови, текстови од областа на културата на неколку македонски интернет страници.

Зад себе има два театарски мултимедијални перформанси, а е музички илустратор и на неколку документарни филмови.

Меѓудругото, Маркоска повремено е активна и на музичката сцена во Македонија, како перкусионист во повеќе музички проекти, меѓу кои и џез составот Josephine’s Suspenders.

Во моментов е докторанд на Културолошките студии, при Институтот за македонска литература во Скопје

Напишано од
More from РЕПЕР
Декорот на спознанието
„Моето спознание е тажно“.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *