ОДМАЗДА

Еден сосед од вториот кат го слушна звукот и се качи горе да провери да не се случило нешто.

Во една стара зграда, во трисобен стан на третиот кат живееја четворица потстанари. Срна, во средните триесетти години, немажена, со низок раст, разбушавена црвена коса, ни кратка ни долга, на сите страни различно пострижена, невработена. Симон, во доцните четириесетти години, висок, речиси дебел, со кратко пострижена црна коса која имаше дупка над левото уво. Секогаш избричен камионџија со прилично големо полициско досие. Симеон, син на Симон, идентичен на татко му, петнаесет години, ученик и Доста, седумдесет и шест години, изразито полничка, но секогаш нашминкана, намирисана и не баш секогаш исфарбана, пензионерка.
Срна живееше во дневната соба, Доста во детската, а Симон и Симеон во спалната соба. Сите овие живееја во овој стан бидејќи така беше најевтино. Не беа никакви роднини или слично.
Вчера, во станот немаше никој освен Доста, која што како и секогаш, редовно седеше дома. Симеон се врати од училиште и влезе во дневната соба каде Доста седеше на креветот и гледаше телевизија.
– Каде е татко ми?
– Не знам – отсечно одговори Доста.
Симеон седна до нејзе и долго и вкочането гледаше во телевизорот. Доста стана и му донесе јадење.
– Ѓавол да ја земе, не е тука – рече, седна до него и запали цигара.
Тогаш се врати Симон. Влезе во спалната соба и излезе со еден плик. Седна на фотелјата наспроти креветот на кој седеа Доста и Симеон.
– Ајде да ја убиеме Срна – решително рече тој
– Како? – праша Доста.
– Пред таа да се врати, јас ќе се качам горе на шкафот во претсобјето и кога ќе влезе ќе скокнам и ќе ѝ ставам вреќа на главата – додаде Симеон.
– Јас ќе ја застрелам – рече Симон.
– А да ја удрам со тавче? – праша Доста.

Се организираа и ги зазедоа своите позиции. Заради своите физички предиспозиции, на Симеон му беше малку тешко да се задржи горе подолго време, но пред да падне и да се слочка на подот, влезе Срна. Тој скокна врз нејзе и ѝ ја стави торбата на глава. Симон пукна, но куршумот ја погоди вратата. Доста се затрча и ја тресна Срна по глава со тавчето. Еднаш, двапати и таа се онесвести. Симон ја застрела и тоа беше крај. Ја кренаа и ја однесоа на нејзиниот кревет во дневната соба. Седнаа на подот покрај креветот, изморени и возбудени.
– Се спасивме – рече Доста. Ни глас не пушти.
– Како очекуваш од глувонем човек да пушти глас? – праша Симеон.
Настана општа смеа. Симон излезе од собата на Срна и се врати со една кеса со пликови.
– Точно четириесет и три на број. Секој Божји ден изминатиот месец и половина добивав по едно.
Тој почна да ги набројува насловите на пликовите.
– Еве. Глупости. Најреволтирачка е реченицата со која завршува секое писмо.
„Се надевам дека и ти ќе ја прочиташ оваа книга, јас просто не можам а да не кажувам некому за неа“
– Ни јас не ги отворав нејзините глупави писма. Таа и нејзините посрани книги- додаде Доста.
– Ако ништо друго, сега барем е мртва. Спасени сме. – рече Симеон.
Тие тројца веќе се смирија. Молчеа и неодредено гледаа во регалот кој стоеше наспроти нив, огромен, отворен и полн со книги, а во него стоеше и телевизорот. Се јави насмевка на нивните лица.
Toгаш од станот се слушна силен звук. Еден сосед од вториот кат го слушна звукот и се качи горе да провери да не се случило нешто. Тој, вознемирен и задишан почна упорно да ѕвони на вратата.
– Вашиот сосед од вториот кат. Слушнав силен звук.
Тогаш соседот слушна врескање, а потоа уште еден силен звук.
– Дали сте добро? – панично извика тој.
Никој не му одговори. Сметајќи дека нешто лошо се случува внатре, реши да влезе. Удри не толку силно и вратата се отвори. Вратата и онака не беше заклучена и лесно се отвораше, но тој сметаше дека ја срушил.
– Има некој?
Никој не му одговори. Тој влезе во дневната соба и ја виде Срна како лежи на креветот, застрелана и мртва и останатите соседи врз кои се срушил цел регал полн со книги, исто така мртви.

Тагови од објавата
0 replies on “ОДМАЗДА”