Кон романот „Рулет“ од Лада Жиго, добитник на Европската награда за литература
Романот „Рулет“ нè води во светот на алегоријата, во свет со сосем јасна, но нималку извесна содржина. Прашањето за тоа дали постои судбината е прашање што засекогаш ќе ги измачува филозофите на формален план, но во секојдневието, кое е обременето со болната тиранија на напрегнатите нерви, таа е тука за секого од нас, како товар и како загатка, како закана, недоумица, но и како трошка надеж… Рулетот просто ни се наметнува со својата достапна метафора, но неговата приказна повеќе не е документ на празноверието, каков што би сугерирала секоја барем малку сериозна коцкарска зависност, туку приказна за самата егзистенција. Да се надмудри или да се насамари замката на коцката, не е само животна опсесија на коцкарите – во конкретниот случај главните протагонисти на романот – туку и на секого од нас, кој во кафезот на сопствените неврози во себе се надева на формулата за суверенитет над сопствениот живот… Во приказна каква што е онаа од „Рулет“, на крајот, сепак, секој добива.
Борис Периќ
Коментар на авторката:
Оваа книга им ја посветувам на сите несреќни и тажни луѓе што се погодени од немилосрдниот капитализам и што западнаа во пороци, повикувајќи ја својата среќа во кругот на очајот. Им ја посветувам оваа книга со сожалување и со разбирање. Во Хрватска постојат околу 50 000 хронични зависници од коцкање, годишно на овој порок се трошат околу една милијарда куни, а во Загреб на секое ќоше никнуваат нови коцкарници, кои даваат најдобра слика за осиромашеното хрватско општество. Во него многу изгубени души се препуштени на милоста и на немилоста на своите судбини. Капиталистите, оптоварени од „вишокот“ работна сила, секојдневно им делат откази на луѓето, а многумина разочарани посетуваат казина чиишто сопственици, исто така капиталисти, заработуваат од нивните последни влогови и надежи.
Не, коцкањето не може да се оправдува, но во многу случаи може социолошки и психолошки да се објасни. Впрочем, секој „пропаднат“ човек им помага на писателите – од луѓето со внатрешна драма, од луѓето оптоварени со вина, со страдање и со судба, може да се создаде книжевен лик, а „канцеларискиот“ чиновник, кој се згрозува над пороците, нема приказна ни за себе ни за другите.
Значи, постојат хронични коцкари, „проклети“ сами по себе, а постојат и такви за кои повикувањето на среќата, за жал, претставува последен обид за преживување во мрачното општество во кое се фрлени на берзата како луѓе без работа, луѓе без шанси, „луѓе без својства“. Во тие скитници понекогаш се случува бура и решаваат да се фрлат како автодеструктивни борци на рулетот на животот, играјќи на сè или ништо.
Рулетот, таа метафора на хрватското општество и на човечкиот живот, тој круг без јасен центар и логика, ги сумира презирот, надежта, разочарувањето, бесот, залудниот крик да се победат неправдата и сопствената судбина.
Но дали е некако можно да се победи проклетиот рулет, кој си поигрува со надежта исто како што нашето општество си поигрува со егзистенцијата?
Сите настани и сите ликови во романот се измислени.
Биографија
Лада Жиго е родена во Загреб во 1970 година. Дипломирала компаративна книжевност и филозофија на Филозофскиот факултет во Загреб. Од 1993 година работи како новинарка – најпрвин во дописништвото на „Слободна Далмација“, потоа кратко во Хрватското радио и подоцна во „Вечерен лист“. Била вработена како новинарка во културната рубрика на „Весник“.
Соработувала со „Виенца“, „Република“, „Мост“, „Европски гласник“, како и со други весници и списанија. Пишува новинарски текстови, книжевни критики и есеи. На двапати влегувала во најтесниот избор на Вечерњаковиот конкурс за краток расказ.
Нејзината прва книга кратки раскази „Луѓе и новинари“ („СисПринт“, 2007) влегла во најтесниот избор за наградата „Киклоп“ и за наградата на Друштвото на хрватските писатели – „К. С. Ѓалски“. Го има објавено и романот „Бабетини“. Член е на Друштвото на хрватски писатели.