Крлежа и музиката

По повод 120 години од раѓањето на Мирослав Крлежа

(Во хрватската музика нема поет што е попреточен во ноти)

Што е музиката? Музиката е лирска пајажина помеѓу срцето и мозокот. Нејзините звучни нишки – тие се ткиво на нешто што е меѓу нас и нашиот ум и нашите црева, некаде несфатливо длабоко во нас, околу нас, над нас, над ѕвездите, очна мрежичка, сомнеж во потсвеста.

miroslav krleza

Овие зборови во 1915 година ги напишал тогаш дваесетгодишниот Мирослав Крлежа, кому годинава му се одбележуваат 120 години од раѓањето. Театарските претстави според драмите на Крлежа, повеќедневната манифестација одржана летоска на улицата „Крлежин гвозд“, како и книжевните средби и многуте медиумски записи, па и полемики, потсетија на опусот и на значењето на еден од најважните хрватски писатели. Кој сакаше можеше да добие каков-таков увид во делото на овој книжевник и лексикограф без кој хрватската култура би била многу поразлична. Сепак, некој, се чини, забележал: Крлежа е незаобиколив културолошки факт кај Хрватите, но Хрватите го читаат сè помалку. А ние се прашуваме дали воопшто го слушаат, земајќи го предвид бројот на музичките композиции на хрватските композитори направени според неговите текстови, за кои во овие јубилејни денови воопшто не се проговори, а уште помалку да се отсвири и да се отпее. Ова е чудно уште повеќе бидејќи, барем колку што му е познато на авторот на текстов, во хрватската музика нема писател попреточен во ноти од Мирослав Крлежа.

Без намера овој текст да го утврди точниот број на композициите направени според текстови на Крлежа, фактите покажуваат на опсег од педесетина дела, и тоа во растојание од соло-песни, камерна музика, хорови, вокално-инструментални композиции, музичко-сценски дела, оркестрални композиции, па и сценска, телевизиска и филмска музика. Во сево ова, се разбира, учествувале хрватски автори, но Крлежа инспирирал и српски, словенечки и македонски композитори, па дури и еден германски, Волфганг Фортнер, кој во композицијата „Imaginni“ за сопран и за тринаесет гудачи го сместил ставот „Nenadejano bogčije zveličanje“, во превод на И. Ј. Брод.

Кои композитори напишале дела според „Balade“?

Најголемо интересирање кај композиторите е, се разбира, „Balada Petrice Kerempuha“ (1936), дело што со сопствениот музичко-драмски израз веќе претставувало посебен предизвик. Врз негова основа се правеле соло-песни и шансони, меѓу многуте, и од страна на: Иво Лотка-Калински, Марко Тајчевиќ, Милан Арко, Хрвоје Хегедушиќ и други. „Stric vujc“ на Крсто Одак од 1938 година припаѓа во антологијата на хрватски попевки. Овие дела го инспирирале и Анџелко Клобучар да ги напише кантатите „Balade Petrice Kerempuha“ за мешан хор и за клавир (исто така, и верзија за оркестар), потоа „Petrica i glaženjaki“ за баритон, мецосопран, машки хор и ансамбл од Милан Арко, „Balade Petrice Kerempuha“ за три хорски групи, три оркестарски групи и актер од Игор Куљериќ, „Ni med cvijetem ni pravice“ – поема за баритон и за бас од Никола Херцигоња, „Balade Petrice Kerempuha“ – музичко-поетски рецитал за вокални солисти, рецитатори, мешан хор и симфониски оркестар од Емил Косето и други, додека хорови посветени на Петрица Керемпух, меѓу другите, напишале и Владимир Шпољариќ („Baba cmizdri pod galgama“), Емил Косето („Galženjačka“, „Bogečka“, „Khevenhiller“, „Gumbelium roža“ и „Galge“), Игор Куљериќ („V megli“), Томислав Ухлик („Ciganska“) и други. Од другите дела инспирирани од баладите треба да се истакнат и оркестарската свита „Komendrijaši“ од Иво Лотка-Калински, музичко-сценската визија „Planetarijom“ од Никола Херцигоња и „Tri balade Petrice Kerempuha“ за сопран, англиски рог и харфа од Борис Папандопуло.

Petrica_Kerempuh
Petrica Kerempuh

Но покрај преовладувањето на текстовите и на мотивите од „Balade“, и некои други дела на Крлежа нашле музички израз во композициите на хрватските автори. Меѓу најраните е соло-песната „Smrt karnevala“ од „Три песни за бас и клавир“, оп.: 29 на Божидар Кунц.

Поемата за оркестар и за говорен хор „Plameni vjetar“ на Силвио Бомбардели, која почнува со стиховите „Jednog će dana krvavo jutro svanuti…“, поради цензурата, на 18 јуни 1940 година, на белградското радио, ја доживеала својата праизведба само во извадоци, со авторот како диригент, кој во таа пригода и дебитирал. Во потполно различни услови, седумнаесет години подоцна, Крешимир Барановиќ ја напишал симфониската поема „Pan“ за солисти, рецитатори, хор и оркестар, во адаптација на текстот на Неда Деполо. Поетиката на природата во тоа, според критиките, доста исклучително дело се меша со двоумењето на Крлежа поврзано со религијата и без сомнеж им припаѓа на опусот на Брановиќ и на изразот на Крлежа, кој заслужува рецента интерпретација. На тој дел на хрватските композиции треба да се додаде и „Podnevna simfonija“ за солисти, рецитатори и мешан a capella хор на Борис Парпандопуло од 1980 година.

Крлежа на музичката сцена

И конечно – музичката сцена, значи, театарот, операта и балетот, преку кои Крлежа не го надживеал ниту еден друг хрватски книжевник. Можеби би било природно да се очекува хрватските композитори да посегнат барем по еден наслов од циклусот за Глембаеви, чии ликови, заплети и драматургија се речиси иделани за едно оперско либрето. Но авторите се одлучиле за сосема други наслови и за друга тематика. Како да ја слушнале духовитата реченица што бардот на хрватската опера, Јаков Готовац, му ја кажал на авторот на овој текст: „Ја чувствувам и силата на Крлежа, иако неговите типови, мене, како на Медитеранец, ми се потполно непознати. Што да се прави кога во животот не сум сретнал ниту еден Глембај!“

Врз текстовите на Крлежа настанале дури три хрватски опери и три балети. Од трите опери, според младешките „Legende“, на сцената заживеала само една, и тоа „Adam i Eva“ на Силвио Бомбардели, со премиера во 1967 година во Загреб, додека оперите „Kristofor Kolumbo“ и „Kraljevo“ на Емил Косето останале неизведени. Балетите, меѓутоа, имале повеќе среќа. Сите три се изведени, и тоа со значителни успеси. Најпрво, во 1976 година, Борис Папандопуло посегнал по расказот „Tri kavalira fraje Melanije“ („kavaljera“ во оригиналниот извор на текстот) и според сценариото на Бранка Ракиќ ја искомпонирал музиката за „старомодната“ приказна, која ја режирале и за која создале кореографија Невенка Биѓин и Соња Кастл, со Весна Буторац-Блаќе во насловната улога, под диригентската палка на авторот. Се чини дека и Крлежа бил задоволен од својата балетска Мелани, ако се суди по фотографијата во гардеробата на која тој галантно ја бакнува раката на хрватската примабалерина. Во 1985 година во ХНК во Загреб доживеало премиера танцувачкото дело „Karmina Krležana, put u 14 slika“ со музиката од Франо Параќ, во драматизација, режија и кореографија на Милко Шпаремблек. Тоа било исклучителна претстава на возбудливата музика на Параќ, на ерудитската интелигенција на Шпаремблек и на текстовите на Крлежа („Khevenhiller“, „Podnevna simfonija“, „Pan“ и др.) со незаборавната Маја Србијеновиќ-Турц во секвенцијата „Ples barunice“, која можела да стане и танцувачката бароница Кастели! Со премиерата диригирал Вјекослав Шутеј, а претставата преку гостувањата на ансамблот ја виделе и гледачите во Моска и во Киев. Третиот балет според Крлежа, исто така во ХНК во Загреб, настанал во 1990 година. Тоа било фантазмагоричното „Kraljevo“ на Борис Пападопуло, во кореографија и режија на Драго Болдин, под диригентската палка на Ангел Шурев, со врвна ликовна опрема на сценографот Драго Турин и со костими на Ико Шкомрљ, која наликувала на легендарната драмска претстава на театарот „Гавела“ во режија на Дина Радојевиќ.

Сценска и филмска музика

Во композицискиот израз на инспирираниот Крлежа важна улога имаат и сценската, телевизиската и филмската музика. Најсвежа во помнењето е, секако, онаа на Арсен Дедиќ за филмот „Gospoda Glemabjevi“ на Антон Врдојак. Незаборавна е сценската музика на Перо Готовац за дубровничките претстави „Kristofor Kolumbo“ и „Aretej“ во режија на Георгиј Паро. Истиот автор ја напишал и музиката за драмата на Крлежа „Vučjak“, како и за музичко-сценскиот колаж „Gartlic kajkavski“. Игор Славин е автор на музиката за „Zastave“ на Крлежа, а неговиот татко, Драгутин Салвин, за „Aretej“. Ладислав Тулач ја искомпонирал сценската музика за претставите „Hrvatska rapsodija“ и „Povratak Filipa Latinovicza“, Богдан Гагиќ за „Vučjak“ и за „Put u raj“, а Елвис Станиќ за „Led“. Освен споменатиот германски композитор Фотнер, врз текстовите на Крлежа компонирале и автори од поранешните југословенски држави: Милое Милоевиќ го напишал хорот „Pir liuzija“, а Александар Обрадовиќ – циклусот за баритон и за оркестар „Plameni vjetar“, Марјан Козина ја напишал кантатата „Balade Petrice Kerempuha“, Зоран Христиќ – балетот „Adam i Eva“, а Тома Прошев – операта „Aretej“.

SLOVENSKO NARODNO GLEDALIŠČE LJUBLJANA
SLOVENSKO NARODNO GLEDALIŠČE LJUBLJANA

Со ова набројување, списокот на музички дела напишани врз текстови од Крлежа не е конечен. Тој е само површен увид на композиторите што сакале да се занимаваат со Крлежа, со неговите зборови, мисли, идеи… Прашањето е зошто таа музика не се изведува, зашто во бројноста на насловите секако дека има и наслови што заслужуваат нови изведби и проверка во ова време. Уште повеќе, зашто самиот автор повремено се занимавал со музика, пишувал за неа (не толку колку што се посветил на ликовната уметност), но некои негови кратки есеи покажуваат дека ја познавал и ја сакал музиката, на свој несекојдневен начин. Пишувал за: Бах, Моцарт, Брукнер, Лист, Хендел, Вагнер, Барток, Стравински, Берса, Лисински, Шулек, а најмногу внимание им посветил на Шопен, на Берлиоз и на Бетовен.

На почетокот на овој текст ги цитиравме мислите на Крлежа за музиката од 1915 година, кога имал дваесет и две години. Ќе завршиме со зборовите од 1963 година, кога навршувал седумдесет години:

Што е музиката?

Дали музиката е само игра на матни чувства, или ноќниот шум на Гвадалкивир, кој како поплава ги носи спомените и рутината, вкусовите, модите и конвенциите, или длабоко скриена мисла на Шопен, кој би можел да каже дека е така или дека е само така, зашто музиката е, без сомнеж, гобленска декорација на оваа сцена на која го глумиме сето она што се вика „животот на човекот“, со сите свои слабости, занеси, грижи, среќи и несреќи, а всушност, сепак, тематиката во музиката е сосема споредна.

Крлежа за Лисински

ПАТОКАЗ

Непосредно по наполеонските војни и окупацијата, кога Сава под Загреб била граница со француското царство, сè до Виенскиот конгрес, по долги и глуви периоди од неколку векови, кај нас повторно се јавуваат првите симптоми на раѓањето на поезијата, на сликарството и на музиката. Посакала хировитата игра на историјата музиката да стане она во чии рамки ќе се одвива смислата за развојот на убавите вештини во својот најпотполен облик и така се случило претставникот на таа лирска музика, Лисински, најевропското име кај нас, име што како симбол претставува несразмерно мала провинцијалска културно-историска заостанатост, во споредба со сликите на Карас, политиката на Јелачиќ или сето она што во „Даница“ се вика литература. Лисински е име што високо ги надлетало сите појави помеѓу Враз и Тински, сè до поколенијата во осумдесеттите години. Лисински антиципира многубројни музички подвизи, со кои подоцна музичкиот фолклор ќе ги маѓепсува нашите композитори до Обрадовиќ и Барановиќ. Лисински е навистина една од најтрагичните личности во оваа несреќна поворка на таленти, која симболично ги претставува сите наши напори од Шулек, Кукујевиќ, Рачки, Јагиќ, до Натко Нодл и Франо Супило. Тука, на раскрсницата, со меланхоличен поглед во поринската дамнешност, музиката на Лисинки била пропаганда и светилник, романтичарски видовита надеж во поведри хоризонти, во илузии, кои во опусот на Лисински се оцртуваат како сон и како патоказ кон посреќни поколенија (Крлежа, 1957). 

Преземено од: „CANTUS“ – Revija Hrvatskoga društva skladatelja, broj 182, listopad 2013.

Превод од хрватски: Исток Улчар

Напишано од
More from РЕПЕР
Песни за училиштето, првата љубов, мајката и за нешто посериозно :)
Избор на детска и младинска поезија, читана на „100 Илјади поети за...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *