Предвидувањата на Исак Асимов од 1964 година за тоа како ќе изгледа светот 50 години подоцна – во 2014

„Ѕидните екрани ќе ги заменат обичните телевизори;

asimov-65-e1377841403918

Кога во 1964 година Њујорк беше домаќин на Светскиот саем, Исак Асимов, продуктивниот автор на научна фантастика и професор по биохемија на Универзитетот во Бостон, ја искористи можноста да се праша каков би бил светот 50 години подоцна – претпоставувајќи дека светот ќе ги преживее нуклеарните закани од Студената војна. Пишувајќи во „Њујорк тајмс“, Асимов замисли свет што можеби делумно ќе го препознаете денес, свет каде што:

  • „Апаратите ќе продолжат да го ослободуваат човештвото од здодевните задачи. Ќе бидат измислени кујнски апарати што: ќе подготвуваат ’автооброци‘; ќе ја загреваат водата и ќе ја претвораат во кафе; ќе прават тостови; ќе пржат, ќе варат или ќе матат јајца; ќе печат сланина на скара итн. Појадоците ќе се ’нарачуваат‘ ноќта за да бидат готови во определено време следното утро“.
  • „Комуникацијата ќе ги вклучува сетилата за вид и за слух и ќе можете истовремено и да ја гледате и да ја слушате личноста со која разговарате по телефон. Екранот ќе се користи и за читање документи, за гледање фотографии и за читање делови од книги, а не само за да се гледаат луѓето со кои се разговара. Синхрониски сателити што кружат во вселената ќе овозможат да се оствари директен повик со која било точка на Земјата, вклучувајќи ги и метеоролошките станици на Антарктикот“.
  • „Луѓето ќе продолжат да се оддалечуваат од природата за да создадат животна средина што повеќе ќе им одговара. До 2014 година електролуминисцентните плочи ќе бидат во секојдневна употреба. Таваните и ѕидовите нежно ќе светкаат, во разни бои што ќе се менуваат со притискање копче“.
  • „Во 2014 година роботите нема да бидат ниту вообичаени ниту многу добри, но ќе постојат“.
  • „Апаратите во 2014 година нема да имаат електрични жици, се разбира, затоа што ќе се напојуваат од долготрајни батерии што ќе работат на радиоизотопи“.
  • „Автопатите[…] во поразвиените делови од светот ќе го имаат надминато својот врв во 2014 година; акцентот сѐ повеќе ќе се става на транспортот што ќе се одвива речиси без контакт со површината. Ќе има летала, се разбира, но дури и копнениот превоз сѐ повеќе ќе се крева половина метар над земјата“.
  • „Возилата со ’компјутерски мозок‘[…] можат да бидат подесени за посебни дестинации[…] за потоа да продолжат понатаму без мешање на бавните рефлекси на возачот-човек“.
  • „Ѕидните екрани ќе ги заменат обичните телевизори; но ќе се појават и проѕирни коцки, кои ќе овозможуваат тридимензионални проекции“.
  • „На светот ќе има 6.5 милијарди луѓе, а во САД ќе живеат 350 милиони“. И подоцна тој предупредува дека, ако популацијата продолжи да расте неконтролирано, „до 2450 година целата Земја ќе биде еден задушен Менхетен, а општеството ќе пропадне многу пред тоа!“ Како резултат на тоа, „низ целиот свет ќе се рашири пропагандата за контрола на раѓањето преку рационални и хумани методи и, до 2014 година, несомнено сериозно ќе се почувствува ефектот“.
  • „Вообичаеното земјоделство ќе продолжи со големи тешкотии и ќе има ’фарми‘ што ќе се фокусираат на работата со поефикасни микроорганизми. Преработениот квасец и производите од алги ќе бидат достапни во голем број вкусови“.
  • „Во 2014 година на светот ќе постојат само неколку рутински работи што машините нема да можат да ги прават подобро од луѓето. Затоа, човештвото во голема мера ќе стане трка на тендери за машини. Училиштата ќе мора да бидат ориентирани во оваа насока[…] Сите средношколци ќе ја изучуваат основата на компјутерската технологија, ќе станат вешти во бинарната аритметика и до совршенство ќе научат да ги користат компјутерските јазици што ќе се развијат од оние каков што е сегашниот фортран“.
  • „Човештвото многу ќе страда од здодевност, болест што секоја година сѐ повеќе се шири и го зголемува својот интензитет. Ова ќе остави сериозни душевни, емоционални и социолошки последици и се осмелувам да кажам дека психијатријата дефинитивно ќе биде најважната медицинска специјалност во 2014 година“.
  • „Зборот работа ќе стане највеличествениот збор во речникот“ на нашето „општество на принудно слободно време“.

 

Превод од англиски јазик: Ѓоко Здравески
Извор: openculture

Напишано од
More from РЕПЕР
Сакаме светли мисли, светли дела, светли души
Интервју со Милиана Ленак (Буден Театар)
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *