Падот на византиската престолнина Константинопол (1453 год.)

За падот на Константинопол во 1453 година.

Delakroa 

Уште од античко време, многу кралства и царства оставиле трага во историјата и со своето владеење го одлучувале натамошниот тек на историските, на општествените и на културните процеси. Тие преку постигнатите победи и преку претрпените порази ја кроеле судбината на човештвото. Тоа можеме пред сѐ да го заклучиме гледајќи ги судбината на византиското царство и неговото влијание врз натамошната геополитичка состојба на Балканот и пошироко, како и во самата традиција на народите во Југоисточна Европа. Имено, политичките и воените околности придонеле Римската Империја, во почетокот на IV век, да биде владеена од два различни политички центри и владетели, што резултирало со поделба на Империјата на Западно и на Источно Царство, второто подоцна познато како Византија. Овој термин за првпат се сретнува дури во XVI век во делото „Corpus istoriae Byzantinae“ на германскиот историчар Херонимус Волф и потекнува од Византион, старото име на градот Константинопол, додека пак самото Источно Римско Царство за време на своето владеење било нарекувано Imperium Romanorum, Romanija, Romea, а неговите жители Ромеи. Тие, и покрај тоа што себеси се сметале за наследници на Римската Империја, почнуваат да негуваат една сопствена автентична културна и христијанска традиција, со сопствени карактеристики, кои со текот на времето сѐ повеќе се вкоренуваат и стекнуваат глобален византиски културно-историски идентитет. Полека се губи влијанието на латинскиот јазик, а зајакнува византискогрчкиот јазик, кој како главно обележје на богатата античка хеленистичка култура – наскоро го зазема статусот на lingua franca. Во однос на традицијата воспоставена во западниот дел на Империјата, се јавуваат разлики и во поставеноста на христијанските цркви, се шири православното христијанство, кое на оваа територија присвојува сопствени духовни одлики и се поставува како независно од папата и од католичката црква. Византија станува најпочитуваната економска, културна и воена сила во средновековна Европа. Тоа се должи, од една страна, на нејзината местоположба, а пред сѐ на местоположбата на нејзината престолнина Костантинопол, основана во 324 год. од страна на Константин Велики, која се наоѓала токму на крстопатот помеѓу Европа и Азија, помеѓу Западот и Истокот. Главниот град, познат по убавината на своите палати и на главната православна базилика „Св. Софија“, како и по силната заштита, која била обезбедена благодарение на високите ѕидини што го опколувале, продолжува да ги велича и да ги афирмира христијанските духовни и цивилизациски вредности, како и успешно да го брани Западот од азиските и од муслиманските племиња. Меѓу другото, во престолнината процветува интелектуалниот живот и многу учени луѓе токму од ова Источно Римско Царство подоцна преминале во италијанските градови и дале значаен придонес во развојот на ренесансата. Но речиси дванаесет векови Византијците успешно го потиснувале непријателот на исток, не очекувајќи дека вистинската опасност всушност доаѓа од спротивната страна, од западна Европа, од местото за кое, и покрај сите разлики што постоеле, се верувало дека ги споделува истите христијански вредности како и тие. Но низ историјата со векови тлеела духовната конфронтација помеѓу православниот Константинопол и католичкиот Рим, која довела до меѓусебни судири и обвиненија, резултирајќи со конечната поделба на христијанската црква во 1054 год. на источна и западна. Последица од овие силни духовни конфликти е историскиот настан кога папата Инокентиј III во 1202 год. испраќа голема крстоносна војска во четвртиот крстоносен поход со цел да го поврати, преку Египет, стариот свет град Ерусалим од рацете на муслиманите. Но наместо тоа, таа војска во 1204 год. го напаѓа Константинопол, целосно го ограбува и  го масакрира населението. Овој настан, меѓу другото, се смета за еден од најкрвавите во средновековната историја и го означува крајот на Првото Византиско Царство.

По краткото постоење на Латинската Империја (1204-1261), основана од водачите на победоносната војска, т.н. Второ Византиско Царство е обновено, но последиците од суровото освојување на крстоносците се сè уште видливи и тешки за надминување. Византија не е повеќе тоа што била: 

            „…тој бисер лежи сосема близу и незаштитен на дофат на решителната рака. Империум Византинум, Источното Римско Царство, кое некогаш опфаќаше еден цел свет, од Персија, па до Алпите, а потоа до азиските пустини, едно светско царство што патникот за многу и многу месеци не би можел да го помине, сега може пешки лесно да се помине за три часа: од она некогашно Византиско Царство остана само беден остаток, глава без тело, главниот град без земја, Костантинопол, Костантинов град, Стар Византион, па дури и од таа Византија на царот, на василевс, му припаѓа само уште еден дел, денешен Истанбул, додека Пера им припаѓа на Џеновјаните, а сета земја надвор од градските ѕидини на Турците. Тоа царство на последниот цар е големо колку дланката, само голем тркалезен ѕид околу цркви, палати и низа куќи што се нарекуваат Византија…“ (Цвајг, 1966: 40, 41).

Значи, Византија е видно ослабена и територијално намалена, што ја прави лесен плен за непријателот, односно за новата проникната воена сила на Турската Империја, чија цел е да ја освои. Отоманската Империја своето внимание го фокусирала кон Константинопол, кој со својата местоположба бил единствената пречка за султанот во намерата да ги обедини своите азиски и европски освоени територии.

fall of constantinopol 

Падот на Константинопол

Според кажаното претходно, може да заклучиме дека Константинопол бил најдоминантниот христијански град во ранохристијанскиот и во средновековниот период, но со заживувањето на Второто Византиско Царство, тој почнува да ги губи својот препознатлив сјај и величина. Тоа во голем дел се должи на фактот што Византија останува без областа Анадолија, која во XI век паѓа во рацете на Турците. Таа била главното место од каде што Византијците ги црпеле војската и голем дел од храната.  Но оваа постепена декаденција на Источното Римско Царство достигнува кулминација во 1204 год. со нападот на крстоносците, водени од алчност, од завист и од аверзија кон православната црква, која сè повеќе ги истакнувала својата величина и независност во однос на католичката. Слабата финансиска и одбранбена положба во која се наоѓала Византија, во тоа време главно опфаќајќи го осиромашениот град Константинопол, е една од главните причини поради кои следниот напад, во 1453 год., од страна на Турците, ќе биде погубен за христијанското Источно Царство. Уште во 1399 год., тогашниот цар Мануел II Палеолог, принуден да бара помош од сите страни, заминал на запад, дури до Англија, а за таа посета еден англиски хроничар пишува:

„…и помислив во своето срце: колку е грдо тоа што овој голем христијански владетел од Далечниот Исток, поради опасноста од неверниците, мора да ги обиколи оддалечените острови на Западот за да бара помош. О, Боже мој! Каде си, стара римска славо? Денес е срушена величината на царството твое и навистина на тебе може да се применат зборовите на Еремија: таа што беше кнегиња меѓу паганите и кралица над морските земји денес робува…“ (Острогорски, 1969: 515).

И покрај тоа што царот е примен со најголеми почести, помошта не ја добива, само празни ветувања. Значи, кон крајот на XIV век и на почетокот на XV век, додека ситуацијата на Византија се влошува, онаа на Османлиската Империја значително се подобрува. Водена од освојувачките амбиции на султанот Мехмед II, Отоманската Империја станала вистинска закана за Византија, односно за Константинопол, кој овој султан сакал да го претвори од христијанска во муслиманска престолнина. Византијците, со недоволно војска и оружје, за разлика од Турците, кои биле снабдени со најсовремени големи топови, знаеле дека сами не можат да се одбранат, па затоа царот Константин XI Драгаш побарал помош повторно од западната црква за заедничка борба против иноверните еретици. Но одѕивот и овој пат бил многу послаб отколку што се очекувало, а тоа било пред сѐ резултат на поделбата на црквите, која во тоа време била најизразена. Папата инсистирал православната црква да се доближи до католичката литургија и да поприми некои нејзини елементи, додека пак византиската гордост тоа не го прифаќала бидејќи сè уште биле живи сеќавањата за безмилосното освојување на крстоносците:

 „…царот Константин XI сите свои надежи ги вложувал во помошта од Западот. Овие надежи биле слаби, но други воопшто и немало. Царот се обидел во последниот момент да ја оживее згрешената унија. (…) Крајно возбудување го зафатило византискиот народ, кој во својата несреќа поцврсто од кога било се држел за својата вера и уште поостро реагирал на газењето на своите верски чувства. Оваа огорченост и непомирлива омраза кон Латините нашле израз во лапидарната изрека на еден од најголемите достоинственици на царството, Лука Нотарaс: ’Повеќе би сакал да видам сред градот турски турбан, отколку латинска митра‘…“ (Острогорски, 1696: 526).

the-fall-of-constantinopol

Мехмед II, решителен во остварувањето на своите планови, пролетта, на почетокот на април 1453 год., со само 21 година, го наредува и го предводи нападот врз Константинопол.

Турската војска била дваесетпати поголема и не можело да се спореди со онаа на христијанските бранители, на која, на големо изненадување, ѝ стигнале напомош неколку храбри Латини, меѓу кои е познат џеновјанскиот војсководец Џовани Џустиниани, кој дошол со околу 700 војници. Освојувањето на тврдината се одолговлекувало во најголем дел благодарение на местоположбата и на силните ѕидини: 

„…Византија располага со само една моќ и една сила: тоа се нејзините бедеми. Од целото нејзино минато, кое го опфаќаше целиот свет, не ѝ преостана ништо освен тоа наследство од едно пославно и посреќно време. Триаголниот град е заштитен со троен оклоп. Нешто пониски, но сè уште силни камени бедеми ги заштитуваат и двете страни на градот кон Мраморното Море и кон Златниот Рог: спроти тоа, браниците кон отворените краини, таканаречени Теодосиев ѕид, покажуваат гигантски мерки. Уште Константин некогаш, сфаќајќи дека Византија еднаш би можело да биде загрозена, го опколил градот со ѕидини од камени блокови, а Јустинијан понатаму ги доградил и ги зацврстил тие бедеми, но онаа вистинска главна одбранбена ѕидина ја создал дури Теодосиј, со бедем долг седум километри, за чии силни камени блокови дури и денес сведочат остатоците прекриени со бршлен…“ (Цвајг, 1966: 44, 45). 

 Но освен што биле далеку посупериорни во однос на војската, Турците располагале и со најсовремена артилерија, која, меѓу другото, се состоела од огромни топови.

Опсадата почнала на 7 април 1453 год. На почетокот, отпорот бил успешен со оглед на тоа што на 20 април, во една поморска битка, византиската флота извојувала победа, која им ја вратила самодовербата на христијанските бранители. Но тоа кратко траело со оглед на тоа што Турците, на 22 април, донеле многу бродови преку Златниот Рог. Храбро се држела одбраната на малобројната христијанска војска, но по седум недели почнала да попушта и крајот на царството да се наближува. На 29 мај е нареден последниот и пресуден напад врз Константинопол. Токму на тој ден, додека Турците се подготвувале пред ѕидините за конечното освојување на престолнината, Латините и Византијците, католиците и православните, присуствувале за последен пат на заедничка миса во „Света Софија“:

„…Дојде василевс Константин, опкружен со сите достоинства на својата држава, за да биде со својата царска круна најголемиот сведок и чувар на вечната слога (…) Истокот и Западот, едната и другата вера, засекогаш се соединуваат и најпосле повторно, по толку години злосторнички препирки, е исполнета идејата на Европа, целта на Западот…“ (Цвајг, 1966: 42).

Во утринските часови, Турците, подготвени и вооружени со големи топови, го извршиле последниот напад врз Константинопол. На почетокот, христијаните храбро давале отпор, но тогаш султанот им дал наредба за напад на своите бестрашни јаничари, кои по долга борба ги пробиле ѕидините и почнале да навлегуваат во престолнината. Џеновјанецот Џустиниани, кој храбро се борел против напаѓачите, е смртно ранет, а тоа било тежок деморализаторски удар за одбраната. И последниот византиски цар, Константин XI Драгаш, го дал животот смело бранејќи ја престолнината до последниот здив, но залудно. Константинопол  бил конечно освоен од турските муслимани. Три дена подоцна, тие ја славеле својата победа вршејќи кражби и масакри, а делот од населението што преживеало бил продаден како робје.

Заклучок 

Constantinople_1453Константинопол до денес останува запаметен како главниот град на моќното Византиско Царство, кое владеело речиси дванаесет века.   Величан поради убавината на своите градби и јачината на своите ѕидини, овој историски град со својата местоположба предизвикувал воодушевување и на исток и на запад. Но познато е низ историјата дека секој славен почеток има и кобен крај, па така и Источното Римско Царство, некогаш познато по својата големина и раскош, простирајќи се на дури три континенти, сега се сведувало главно само на Константинопол, кој претставувал бледа копија на својата поранешна величина. Па, така, и неговиот конечен пад, кој сè побрзо се наближувал, не бил неочекуван.

На 29 мај 1453 год., Константинопол е освоен од страна на Турците и со неговиот пад Византиската Империја престанува да постои. Со падот на византиската престолнина, конечно се менува геополитичката состојба на светот, на Европа, а особено на Балканот, каде што во следните векови, токму поради тоа, ќе има сосем поинаков развој и историја од претходната. Натаму историјата не можело да се повтори и светот добил нова политичка, воена, културна, па и цивилизациска архитектура. Византиската престолнина Константинопол (или Цариград) номинално продолжила да се третира како центар на православното христијанство, наспроти католичкиот Рим. Но освен тоа,  овој настан е од особена важност поради тоа што христијанската престолнина е заземена од новата воена исламска сила на Отоманската Империја. Една од првите наредби на султанот Мехмед II била најимпозантната црква во Константинопол, „Св. Софија“, каде што за последен пат се собрале православните и католиците заедно да се молат за помош против напаѓачите, да се претвори во муслиманско светилиште – во џамија. Градот станува муслиманска престолнина на Отоманската Империја и го добива името Истанбул. Токму овој град и џамијата „Аја Софија“, каде што сè уште се видливи остатоците од средновековните фрески, денес се сведоштво за настанот што се случил пред речиси шест века.

Иако црквата е преобразена во џамија, таа и ден-денес е многу добро зачувана, само нејзината внатрешност од речиси 7000 квадратни метри покажува колку оваа монументална градба била симбол на моќта за време на владеењето на Византија. Разнобојните столбови, мермерните ѕидови, позлатените украси, сјајот и раскошот на боите – ја покажуваат величината на византиската уметност. Од друга страна, периферните, во тоа време помали македонски цркви, како „Св. Пантелејмон“ во Нерези кај Скопје и „Св. Софија“ во Охрид, како и средновековните цркви во Курбиново и во Старо Нагоричане кај Куманово, се вистински ризници на средновековната уметност, која еднакво може да се третира како византиско или како македонско културно-историско наследство и традиција. 

Фреските од овие македонски цркви и манастири, насликани во последниот голем замав на византиската уметност од XI до XV век, се вистински бисери на доцното европско средновековно сликарство, а може да се сметаат и за предвесници на европската ренесансна цивилизација. Византиското учење се пренесува и во западните градови, придонесувајќи меѓу другото во развојот на ренесансата, додека пак православната вера, присвоена од голем дел од словенските народи, сè уште опстојува. Значи, и покрај тоа што со падот на Константинопол во 1453 год. Источното Римско Царство престанува да постои, богатата византиска традиција преку културните споменици и цркви продолжува да живее и до денешен ден како составен дел на традициите на народите што живеат на просторот на Југоисточна Европа.

Користена литература:

Zweig, Stefan, „Zvjezdani sati čovječanstva, jučerašnji svijet“, „Novi list“: Rijeka, 1966.
Острогорски, Георгије, „Историја Византије“, „Просвета“: Београд, 1969.
Pirenne, Henri, „Storia d’Europa dalle invasioni al XVI secolo“, „Newton & Compton editori“: Roma, 1999.
Рансиман, Стивен, „Падот на Константинопол 1453“, „Слово“: Скопје, 2004.
– Велев, Илија, „Византиско-македонски книжевни врски“, Скопје, 2005.
– Јакимовска-Тошиќ, Маја, Предавања по предметот Византолошко-културолошки студии на Институтот за македонска литература при УКИМ, Скопје, 2011-2012.

Напишано од
More from РЕПЕР
Магичниот начин на размислување
Кон книгата Венко Андоновски – Азбука за непослушните (Култура; 2001)
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *