Задната корица на книгата, во неколку реда не информира дека дејството на овој роман е сместено во комунистичка Полска, што е на некој начин и главен адут на авторот и издавачот за пробив на романот помеѓу читателите. Дизајнот на корицата во облик црна книга – бело писмо книгата ја најавува како „вистинско освежување за нашите читатели кои главно имаат можност да читаат криминалистички приказни од англоамериканското подрачје“.
Тоа му доаѓа отприлика вака:
Наместо бар со сомнителна репутација на периферијата на Њујорк и шише виски на шанкот – бифе покрај варшавски ресторан и дупол вињак. Наместо лепотица со обврзни black lingerie и кратко црвено сатенско фустанче, не баш погодна да ја запознаете со родителите во петок навечер пред излегување, која пее некој лимонада блуз во ситни саати во зачаден локал по правило контролиран од мафијата – амбициозна и убава директорка на респектирана трговска фирма. Пардон, не е фирма, туку претпријатие. Нема ниту приватен детектив, барем еднаш разведен разбира се, кој по правило е нежна душичка, и сентиментален идеалист разочаран од корупцијата на системот, па не му преостанува ништо друго туку да потоне во цинизам, алхохол и резигнација и да ја чека својата прилика за колку – толку да им врати на душманите што му го заебале животот, и тоа во форма на решен случај на убиство, онакво во кое се смешани поединци кои високо котираат на општествената скала. Негов доследен пандан во „Синиот сафир“ е мајорот Јануш Качановски, иследен офицер на командата на Народната милиција во полската престолнина, со човечки маани во рамките на дозволеното.
Дечки, некој мора да ја работи и валканата работа! Сигурно со цел памет не мислите дека полицијата, по прецизно милицијата за време на комунизмот во Полска се занимавала само со следење на политички дисиденти, врбување на универзитетски професори за милициски кодоши и опсервирање на активностите на католичката црква?
И во околината на Варшава, снегот на студеното јануарско утро може да биде ишаран со човечки труп. И да се испостави дека тоа е варшавска фам фатал (веројатно една од многуте) , кобна за кариерата на најмалку еден високо поставен член на комунистичката номенклатура. Вистински предизвик за мајорот Качановски, херкул – поаровски лик кој се потпира на моќта на „ малите сиви ќелии“ ( добро, и закана и уцена не му се туѓи) и при вршењето на својата должност на заштита на државниот ред и поредок во општествениот систем кој своевремено се само рекламираше како најхуман во целокупната историја на човекот, се потпира стриктно на здравата логика, без речиси ниту еден излет во интуиција, имиганиција, осечај за филинг или некој друг њу – ејџ благодет. Низ неговите иследнички сеанси поминуваат припадници на комунистичкиот естаблишмент, деловни луѓе од западот, кои во потрага по профит собрале храброст да ја рипнат железната завеса, маргиналци на полската подземна република на ситни шверцери… Последниве, имаат окупирано најголем дел од 155 – те странички на овој роман и како да сакаат да не потсетат на две работи: Прво, зборот беше дека во најсовршениот од сите можни совршени системи ништо на никого нема да му недостасува, и под реден број два – сите овие пациенти од шверцерска провиниенција на мајорот Качановски ги мачи пуста човечка севда по бунда од лисица, фенси рачен часовник, добра јакна… Добро ќе беше авторот да ја уфрлеше во шверцерскиот асортиман и југословенската вегета, па така ќе имавме уште еден добар old spice во книжевната манџа на „Синиот сафир“.
Решението на криминалистичката загатка е едноставно, поедноставно да не може да биде. Тоа секако само додава поголемка тежина на кантарот на книжевниот квалитет, во полза на авторот на „Синиот сафир“, Јежи Едигеј. Можеби синиот сафир, како што објаснува прологот на книгата навистина му носи несреќа на оној кој што се накитил со него, но во овој случај овој благороден камен ни носи едно необично и возбудливо читателско искуство.
По читањето на текстот, тркнете до кеј и помеѓу старите броеви на Сириус, побарајте ја книгата. Или може да се обидете во некоја од јавните бибилиотеки во земјава, скопската „Браќа Миладиновци“ некако ми наликува на место каде што некој примерок од сафирот се сокрил и потајно се надева дека ќе биде позајмен од љубопитниот читател. Во вашата потрага по книгата, имајте во предвид дека „Непопустливиот принцип на милициската истрага налага точна проверка на сите факти“.
Константин Петровски