Румена ме освои уште со „Смрдиш“, еден од расказите во „Чкртки“. Тоа беше љубов на прво читање. Неверојатно моќен расказ, и ден-денес се препотувам кога ќе ми текне на препотувањето на Ема.
Што е тоа што толку ме фасцинира во раскажувањето на Румена Бужаровска? Неколку работи, но пред сѐ: едноставноста со која ги создава световите. Румена е од оние less is more раскажувачи, кои на читателот му ја оставаат само леснотијата на уживањето во текстот. Се прашувам дали е тоа чиста дарба со толку малку потези да се наслика еден лик или да се претстави еден настан во тој измислен свет, или е сепак тоа добро испечен занает. Ретко кој умее, на пример, толку прецизно да наслика лик со вметнување на само една единствена фраза во неговата уста. Навистина, тоа се често стереотипни ликови, но ние и во своето секојдневје сме опкружени со такви луѓе. Додека ја читам Румена, се прашувам дали сме оделе на истите имендени и на истите семејни прослави и дали сме растеле со истите тетки и чичковци.
Но, ајде да не бидам премногу слободен во интерпретацијата и да дадам општи податоци за „Мојот маж“, третата книга раскази на Румена Бужаровска. Книгата содржи единаесет раскази, во сите единаесет раскази раскажувачот е во прво лице и во сите единаесет раскази раскажува различна жена. Раскажувачот во исто време е и лик во расказот.
Ликовите на Румена се посебна приказна. Во книжевноста секогаш сум се воодушевувал на обични ликови. Кога овде велам обични, мислам на банални, секојдневни, малограѓански ликови. Ликови што ги сретнуваме во гранапчето пред маало, на детски роденден или на куќна слава, во лифтот, дома или на работа. Јас сѐ си мислам дека е многу тешко да се наслика еден таков обичен, по ништо посебен лик, лик на кој Аристотел не би му се воодушевил многу, бидејќи тој не одговара баш на неговиот трагичен јунак. Женските ликови што овде раскажуваат за своите мажи, деца, мајки, се најчесто такви, женички, речиси секоја од нив по некоја случајност може да ви биде комшика. Некогаш се мирни и потчинети сопруги, некогаш умислени дека се врвни интелектуалки или сликарки, некогаш љубовџики, некогаш се само обични кокошки, и речиси сите (ако не и баш сите) се по својот дух малограѓанки. Мажите не се ништо поарни: кафанџии, швалеришта, умислени уметници, лицемери, шовинисти по разни основи, и тие, како и нивните жени – малограѓани.
Ангажираноста во писмото е видлива, расказите се занимаваат со разни човечки слабости. Имплицитниот автор (или Румена Бужаровска) наоѓа начин да ги исмее слабостите, некојпат суптилно, ама некојпат, богами, доведувајќи ги до гротеска. Стравот и лагата (илузијата/заслепеноста), која нужно доаѓа во пакет со стравот, се јадрото околу кое се градени повеќето раскази. Ликовите некогаш подлажуваат, несвесни за она што доаѓа како последица на тие навидум безначајни лаги (ќути, да не разбере маж ми; ќути, да не разберат комшиите), а некогаш, богами, лажат на големо, изневеруваат, ги исмеваат зад грб своите најблиски, лицемерат. Покрај овие проблеми, се отвораат и крупни општествени проблеми, па така, се проблематизира семејното насилство, национализмот, кичот и невкусот во уметноста. Очигледно е дека критиката се однесува пред сѐ на нашето општество, затоа што во расказите има јасни маркери за простор.
Веќе е време да го привршувам текстот и да го оправдам почетокот на овој муабет. Зошто отворив баш со „Смрдиш“? Она што мене интимно ме поврзува со расказите на Румена Бужаровска (воопшто, во сите три книги), поради што особено ми е драга како раскажувач, е нејзиниот однос кон телесното, или, уште попрецизно, односот кон абјектот како дел од телесното. Ликовите на Румена многу често се потат, се лигават, ждригаат, прдат, смрдат на кромид, повраќаат, се испосеруваат. Нејзините раскажувачи ја фаќаат секоја телесна мана на своите ликови, ја снимаат секоја брчка на лицето, секоја точка кармин на забите, секоја испотена мишка, секоја застојана смрдеа што излегува од нечија уста. Абјектното во „Мојот маж“ ја доживува својата кулминација во расказот „Осми март“, со кој се затвора книгата. Тони и Сања, колеги од работа што себеси пред светот се претставуваат како домаќини луѓе и жестоки борци за семејните вредности, буквално се испосеруваат во својот обид за прељуба. Неверството, кое за чаршијата е пожелно и кул, мајсторски суптилно се исмева низ целиот расказ, но абјектното овде служи за да се засили исмевањето и гротеската да се доведе до крешендо.
Сосема за крај, она што особено ми се допадна во „Мојот маж“ е умешноста на Румена Бужаровска, како некаков вудиаленовски Зелиг, да се мимикрира во единаесет различни жени, во единаесет навистина различни гласови.