Чувари на општото добро

Книгата е објавена во „Антолог“ во 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Републуика Чешка.

cuvari na opstoto dobro

Тато еднаш рече дека било исто ко мамурлак, и со право. Се разбуди народов едно сабајле, погледна низ прозорец, а таму – ништо. Ден-денес пола од луѓево би се вратиле назад. Со временска машина одма би скокнале назад во осумдесеттите и сиве микробранови со далечинско управување и кошнициве со тркалца во Алберт, би ги замениле за една година спокојно работно темпо, за викенди поминати со своите и за социјална сигурност. Петгодишните планови не беа којзнае колку напорни, се наоѓаше време и за некое хоби.

Кога зборам вакви работи, ме прават будала. Ко да носам лудачка кошула или бугарски фустан-балонка – капиталистиве одма ме гледаат ко пензионерка, а на денешницава нема полошо од староста. Само, истово тато го велеше, уште кога беше млад, затоа и не се вклопи во новиот режим.

Тато не веруваше во лисичарските ветувања за светла иднина во демократска Чехословачка, ама првите неколку недели и него го понесоа. Побеснеа и други верни граѓани. Оти адреналинот, што за време на контрареволуцијата врнеше од небо, за сите е ист, ги здрма луѓево ко пци, со очи да ги голтаат шарените плакати налепени во неколку слоја на бандерите. Како што брануваше ентузијазмот така носеше нови слогани, што ги покриваа старите, овојпат за слободни избори – кандидатите на Граѓански форум[1] ги преплавија бандерите, радиото, телевизијата и кафаните. Отпрвин беше ко да те погалило некое ветре, ама набрзо ова прерасна во бура, што никого не одминува.

Исто како вистинска бура – колку и да се плашиш од голема вода и од грмотевици, пак седиш залепен на прозорец и се џариш, ко нешто да те врзало за молњите.

Кога требаше да биде Шрамек на телевизија, мама цело попладне не се мрдна од пред екранот, за да не го пропушти.

Милан Шрамек го избраа за лидер на коалицијата на Краков, Дрезден, Минск, на Дебрецин и на Харков – Коалиција на чехословачките новоградови, што и во капитализмот заедно почнаа од нула. Брадестото лице на контрареволуционерот од народниот магацин ѕиркаше од плакатите и од бандерите на сите новоградови, најмногу во Краков. Мама, ко за чудо, не ги бакнуваше плакатите на Шрамек на улица, а по некоја недела, на автобуските постојки, почнаа да му доцртуваат и обетки, пеги, дури и мозолчиња и крвави очи.

На тато, три месеци му каснеше платата, а мама тукуречи не работеше. Магацинот, што некогаш беше поим за колективна свест, сега се распаѓаше обраснат во коприви, па мама само гледаше да не ги дрпне некој машините и чекаше на приватизација.

Ама сиромашни ко Ангела Лумирова, што во дупнати хулахопки одеше и на средно, оти градинката ја затворија, па мајка ѝ остана без работа, уште не бевме. Мама стана експерт за попусти – дури и за срцето што ѝ го скрши Шрамек, користеше апчиња од виетнамските воени резерви. Почна ко подивена да ни купува, за триесет до педесет круни, пакувања со три до пет пара фармерки, чорапи, хулахопки и синтетички чанти, маици за тато и боди со кратки ракави, за мене и за дада.

Да имаше тогаш мобилни, гарант ќе ни ѕвонеше едно триесетпати во денот, да нè праша, која боја чорапи ни се бендисува, или да не сме ги надраснале пижамите од ланскиот Божиќ, оти имала најдено алишта за џабе – две за едно.

182.Chuvari-na-opshtoto-dobro

Само, сè ѝ беше параван. Мобилен, тогаш, ќе купеше само за Шрамек. Тогаш мобилните тежеа по пет кила и се носеа ко куферчиња, и такви имаше само една рака менаџери во Прага, а ние чекавме со децении. Па, на Шрамек мама му ѕвонеше од работа. Да го праша кога и каде ќе има време и дали ќе дојде во Краков на митинг, да го праша како е во главниот град. Таму Шрамек имаше канцеларија, и уште две во Краков и во Дрезден, кај што беше централата на неговата коалиција на новоградовите.

Сакаше да изигрува голтар – на митинзи одеше или со воз или со старата крнтија, без шофер. Човек од народот, си велеа луѓево, не е ко партискиве хохштаплери – ниту јаде по кафани на државна сметка ниту спие во палати. Шрамек играше баш на картата што денеска се вика популизам, а тогаш се викаше искреност – ова му се гледаше по погледот на плакатите, а во погледот на мама се гледаше само транс.

После контрареволуцијата, мама и Шрамек не раскрстија тукутака. Иако мама му го растури младинскиот кружок. Само, да не го пратеше Шрамек в затвор оној ноември, ѕвездата гарант немаше да му блесне толку брзо.

Мама не му ѕвонеше само од работа. Неколкупати, кога се враќав од училиште порано, од ходникот ја слушав како шушка нешто на телефонот, а кога ќе влезев во дневна, ме пречекуваше со вцрвенети образи, а со прстот си ја моташе косата, што ѝ беше еден од најнервозните тикови.

А се работеше за легач, непрактично копиле. Кога уште работеше со мама, му го паметам и фидето од супата, што му остануваше на брадата со денови, и издрпаните ногавици на униформата и на домашните панталони.

Дека толку долго издржа во магацинот, е чиста заслуга на мама. Еден куп муштерии ќе дојдеа, а овој ни глава не креваше од книгите. Очите ќе си ги расипеш, му велеше мама, место да го искара дека чита глупости, а сета работа паѓа на неа, иако е десет години помлад. Паметам, кога им донесоа старо железо, мама се искилави дури го намести на вагата, а Шрамек се појави од дувлото, дури откако збркавме работа и само крена раменици. Неколкупати беше готов за отказ. И секојпат го спасуваше мама – штом тргнеше Хуњат да го отпушти Шрамек, мама рака в оган ставаше, за да го премисли.

Во социјализмот, Шрамек не беше многу по работата. Ама со контрареволуцијата ко да му никнаа крилца на газот и штом негде се шушнеше за режимот, одма таму полетуваше. Пишуваше и колумни за националните весници, гарант со врски. Лисичариве се држеа ко некое племе.

Тато, пак, бегаше подалеку од екипата во конзервата, за да не го крка и тој, оти другарот Шмид веќе одлежуваше проневера на неколку километри тоалетни цевки. Во комунизмот луѓето крадеа колку што им треба. Некој квадрат лесонит за викендичката, едно пакување чоколади за десерт после неделен ручек, чат-пат и по некој свиток ламарина, за поштенско сандаче. Во новава доба почна да се краде на големо. На сметките на егзотични острови снемуваше цели фабрички хали, цели скании со градежни материјали, цели складови чизми и бижутерија и цели градски блокови. Процесите за проневера не го одминаа ниту Хуњат, баш кога почнуваше нов бизнис со рециклажа на пластика. Изгледа некој му позавиде, па прочепкал по архивата и, во пролетта деведесеттата, му стегнаа кривична. Демек некој во раните осумдесетти го видел една ноќ како ги демонтира заштитните огради од автопатот со некој ортак, па ги носат во магацинот. Дека е можно ортакот да е Шрамек, никој не ни помисли, оти лисичариве си уживаа имунитет, а мама немаше шанси да го предаде. И, си го окрка само Хуњат. А кодошов изјави дека порано се плашел да го пријави, оти на времето Хуњат важел за почитуван управник. На крајот, Хуњат го наклевети кодошов дека брат му се правел главен во Латра со години и дека своевремено сексуално злоставувал сопруга на еден од лисичариве, што тогаш лежел во иста ќелија со Видличка. А дупење под закана од исклучување на децата од училиште е стопати погнасно од ноќно прикрадување во магацинот, макар со заштитна ограда под мишка, па на крајот и на кодошов не му побегна камшикот. Такво беше времето.

На трибината на краковскиот Граѓански форум, Стања дојде накурчен дека во блоковите во зима е цибрина, оти им фалел цел слој изолација. Одма се крена истрага, да се види кој бил одговорен тогаш за изградбата и кој си ги ставил милионите од стаклената волна в џеб. На крајот, си го доби извесен Емил Воса. Презимето му се расчу низ цел Краков и дури да се свртиш, му го ставија во брзозборка: „Оса Оса, ветришта нè косат“. За негова среќа, не живееше во Краков. Инаку ќе го каменуваа краковските деца, што од спиењето во ладно беа вечно настинати.

Велеа дека Воса своевремено закрпувал по цела република, ама не даде да го судат – срамот си го сврте против себе и заврши ко јапонски камикаѕе со повредена чест.

Афериве ни беа ко добро утро. Ситни кражби и џепчии никој не ни пријавуваше, немаше сметка. Па и полицијата, ко и другиве јавни служби, беше заникаде. Знаеја и телефон да не ти кренат, само ќе направеа записник и чао-пријатно. Може им ја сменија управата, ама пак си тераа ко порано – пишуваа записници на десет страни и гајле им беше за истрагата. Еднаш, татко ми отиде да пријави дека Циганите му го украдоа точакот, а овие го отерале во мајчина, демек не смеел да вели Циган, туку Ром. Значи, после контрареволуцијата полицискиве сили немаа ни трошка авторитет меѓу луѓето. Секој си правеше, што сака. Преодна фаза, велеа. Барем сме слободни. А слободава ги удираше луѓево директива в чело.

Не дека немаше правда. Се исправија старите неправди, или барем финансиски се искомпензираа, арно ама луѓево зедоа секоја глупост да ја компензираат. И за принудната работа и за буржоаското потекло, што ги кочеле во комунизмот, и за комунистичките затвори и за редните броеви, што им беа впишувани со маркер во логорите.

Типов, што го изградил оној пат носачот што му падна на татко ѝ од Ангела на раце, по деведесеттата, мораше на господин Лумир лично да му се извини, а државата на Лумир му додели дванаесет илјади еднократна отштета и пензијата му ја зголеми за пет стотки за стално. Во комунизмот немаше шанси да ни отплатат, ми кажа Ангела, трогната и со солзи во очите, потпрена на пармакот на влезот од средното, само што им јавиле. Сите славеа дека на комуњариве им поминало времето, ко во нивно време да немаше правда. Ангела нежно ја погалив. Татко ѝ си ги заслужуваше парите – првпат во животот Ангела дојде на училиште во ганц нови алишта, од чизмите до ластикот в коса. Само, како да преќутам дека во истиот месец ни го затворија единственото краковско кино, во Латра, кај што работеше пола град, го стопираа производството, а место во стоковната куќа, почнавме да купуваме на виетнамскиот пазар.



[1]Политичко движење на чело со Вацлав Хавел, основано два дена после почетокот на Кадифената револуција во 1989 г. (прев.).

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Марија Сотировска
Марија Соториовска е родена во Скопје, 1983 година; Пренесуваме дел од нејзиното...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *