Дилемата што често се јавува кога се пишува еден текст е: дали туѓите имиња да се транскрибираат на кирилица или да останат напишани со оригиналното писмо?
Според Правописот на македонскиот литературен јазик: „Туѓите имиња се пишуваат со наше писмо, по правило, онака како што се изговараат. (Со изворното писмо тие се пишуваат само во научни изданија.) При тоа нивните гласовни особености се приспособуваат колку што е тоа можно кон гласовниот систем на нашиот јазик, т.е. гласовите што ги нема во нашиот јазик се предаваат со наши слични гласови“. Во Правописот, исто така, се наведени и правилата за транскрибирање на имињата од различни јазици (поделени во три групи: класични, словенски и несловенски јазици), а во неговото ново издание се очекува и дополнување на овој дел со повеќе примери и јазици.
Оттаму, иако најчесто е многу полесно целото име да се ископира со изворното писмо и само да се залепи во текстот што го пишуваме (или преведуваме), се препорачува, со оглед на нашето кирилско писмо, тоа да биде транскрибирано според правилата за транскрипција во нашиот правопис. Така, личните и географските имиња, имињата на компаниите и на марките, како и имињата на музичките групи, на телевизиите, на видеоигрите и на интернет-платформите, па дури и имињата на некои весници и списанија – треба да бидат соодветно транскрибирани со наше писмо: Џон, Њујорк, „Версаче“, „картиер“, „Пинк флојд“, „Би-би-си“, „Фејсбук“ итн.
Притоа, треба да бидат земени предвид правописните правила што важат во нашиот јазик. Овде, пред сè, се мисли на правилата во однос на употребата на голема или на мала почетна буква. На пример, со оглед на тоа дека во нашиот јазик називите на списанијата и на весниците, како и насловите на книгите, на уметничките творби, на статиите, на написите и сл. се пишуваат со голема почетна буква, а ако се составени од повеќе зборови, со голема буква се пишува само првиот збор (и оние зборови што и самите претставуваат сопствени именки и слично), ова правило ќе важи и за туѓите имиња транскрибирани со наше писмо: „Њујорк хералд трибјун“, „Тајмс оф Индија“, „Зидојче цајтунг“ итн. Кај имињата на компаниите и на нивните производи постојат различни правила во однос на употребата на голема/мала почетна буква, кои важат и за туѓите имиња: имињата на компаниите се пишуваат со голема почетна буква („Кока-Кола“ – за фабриката/фирмата), а имињата на производите со мала почетна буква („кока-кола“ – за пијалакот).
Од друга страна, пак, преводот, а не транскрипцијата, е подобра варијанта кај насловите на книгите, на филмовите и на другите уметнички дела, при што повторно треба да се почитуваат правописните правила на македонскиот јазик: „Појадок кај Тифани“, „Евтини приказни“, „Пеколот“, „Мона Лиза“ итн. Притоа, оној што го употребува името треба да биде информиран за официјалниот превод на насловот на одредено дело на македонски (ако го има), кој не мора секогаш да одговара на оригиналниот наслов, односно да биде преведен буквално. Доколку авторот на текстот инсистира на оригиналниот наслов на делото, може да го даде во загради по неговиот превод.
Преводот во последно време се применува и за насловите на некои весници, списанија и телевизиски емисии: „Таа“ (за списанието „Elle“), „Преживеан“ (за телевизиското шоу „Survivor“) и сл. Сепак, оние имиња што традиционално се транскрибираат веќе со години (како горенаведените) остануваат така.
За крај, според многумина, постојат мал број примери каде што е подобро да се задржи оригиналното име, а не тоа да се транскрибира или да се преведува. Ова најчесто се однесува на имињата на песните и на музичките албуми: „Yesterday“, „Another Brick in The Wall“ итн. Причината за ова е тоа што нивниот превод или транскрипција може да ги збунат читателите на текстот и да не сфатат точно за кое име се работи, иако можеби самата песна или албум им се познати. Освен тоа, голем број изведувачи своите песни ги препејуваат на повеќе јазици, па може да не биде јасно за која верзија на песната станува збор. Ваквите примери се пишуваат во наводници (македонските), а со оглед на тоа што остануваат на оригиналниот јазик и писмо, за нив не важат правописните правила на македонскиот јазик во однос на употребата на големата буква и слично. Ако смета дека е потребно, авторот на текстот, сепак, може да го даде преводот на овие имиња, најчесто во загради или во фуснота.
Како што е наведено и во Правописот, туѓите имиња остануваат во оригиналот во научните трудови, особено при цитирањето на литературата.