Од „Бележниците“

Книжевни (и политички) анегдоти од животот во Русија, хумор кој сигурно ќе ве насмее.

Beleznice-Sergej-Dovlatov_slika_O_36168133
*
Детето на соседите отпатува на летување во Украина. Се врати. Го прашавме:
Научи украински јазик?
Научив.
Кажи ни нешто на украински.
На пример, мерси.

*
Кога брат ми реши да се жени, татко ми ѝ рече на невестата:
-Кира! Сакаш ли да те сакам и да те почитувам? Тогаш, не ме кани кај вас дома. И не ми доаѓај на гости.

*
Ме праша брат ми:
Пишуваш ли роман?
Пишувам – му одговорив.
И јас пишувам – ми рече. – Сакаш да се трампаме, а?

*
Одев негде со Бродски. Беше доцна вечер. Слеговме во подземната железница – затворено. Ковани решетки од земја до таван. А зад решетките – чекори милиционер.
Јосиф се доближи. Потоа мошне гласно викна:
Ех!
Милиционерот се вознемири, се сврти кон нас.
Каква прекрасна глетка – му рече Јосиф. – Првпат гледам цајкан зад решетки.

*
Ми телефонираа еднаш од одделението за критика на списанието Ѕвезда. И тоа лично – раководителката Дудко.
Серјожа! Зошто не се јавувате?! Зошто не доаѓате?! Итно пишувајте рецензија за нас. Со вашата острина. Со вашиот дар за набљудување. Со вашата блескавост!
Утредента наминувам во редакцијата. Убавата жена на зрела возраст мрачно ме прашува:
Што, всушност, сакате вие?
Па ете, да напишам рецензија…
А што сте вие, критичар?
Не.
Мислите дека секој може да напише рецензија?
Се зачудив и си заминав дома.
По три дена одново ми ѕвонат.
Серјожа! Зошто не се појавувате?
Одам во редакцијата. Нерасположено прашање:
Што сакате?
Сето тоа се повторуваше седум пати. Најпосле почувствував дека го губам разумот. Наминав во одделот за проза кај Титов. Го прашувам: што значи сето тоа?
Кога одиш кај неа? – ме прашува тој. – Во колку часот?
Наутро. Во единаесет.
Јасно. А кога ти се јавува Дудко?
Во два. Зошто?
Сè е јасно. Ти се појавуваш кога е мамурна и нерасположена. А Дудко ти се јавува после ручекот. Односно, кога веќе е во форма. Пробај да поминеш кај неа околу два.
Појдов во два.
А! – викна Дудко. – Па, кого гледам! Веднаш пишувајте рецензија. Со вашата набљудателност! Со вашата острина…
После оваа случка, десет години соработував со „Ѕвезда“. Но никогаш не се појавував таму пред два часот.

*
Еднаш го сретнав поетот Шкљарински во увозна зимска јакна.
Извонредна јакна – му велам.
Да, – вели Шкљарински – ми ја подари Виктор Соснора. А јас нему му подарив шеесет рубљи.

*
Си била една поетеса – Грудинина. Еднаш напишала стихови. Меѓу другото, и нешто вакво:
„…И Сталин мечтае за живот
Да го види огнот на комунизмот…“
Ја повикале на партиски состанок. Ја прашале:
Што значи тоа – за живот? На тој начин вие навестувате дека Сталин може да умре?
Грудинина им одговорила:
Секако, Сталин како теоретичар на марксизмот, како водач и како учител на народот – е бесмртен. Но како жив човек и материјалист – тој е смртен. Физички може да умре, но духовно – никогаш!
Веднаш ја исфрлиле од партијата.

*
Мојата жена го праша Арјев:
Андреј, не разбирам, зошто пушиш?
Сфаќаш ли, – рече Андреј – дека пушам само кога пијам. А пијам многу често. Затоа многумина погрешно мислат дека пушам.

*
Чирсков донесе ракопис во редакцијата.
Еве ја мојата нова повест – му рече на уредникот. – Повелете, прочитајте ја. Би сакал да го слушнам вашето мислење. Можеби треба да се поправи нешто, да се преработи?
Да, да, – замислено му одговори уредникот – се разбира. Преработете ја, млад човеку, преработете ја.
И му го врати ракописот на Чирсков.

*
Горбовски, татко на многу деца, раскажуваше:
Се враќам дома една вечер. Гледам – во калта си играат деца. Се загледувам поубаво – моите.

*
Панова и јас се расправавме:
Се разбира, – велам – дека сум против антисемитизмот. Но клучните позиции во руската држава имаат право да ги заземаат само Руси.
Па, тоа и е антисемитизам – рече Панова.
?
Тоа што го велите вие – тоа е антисемитизам. Клучните позиции во руската држава имаат право да ги заземаат само ДОСТОЈНИ луѓе.

*
Беше роденден на Вера Панова. Не канеа гости. Се собраа блиските роднини и неколку луѓе за послуга. И јас меѓу нив.
Тоа беше надвор од градот, во Домот на творештвото. Седиме, пиеме чај. Мрачничка атмосфера. Панова беше болна.
Наеднаш се отвора вратата, влегува Фјодор Абрамов.
Леле! – вели. – Колку ми е непријатно. Кај вас собир, а јас без покана…
Панова вели:
Ама што ви е, Феѓа! На сите ни е мило што дојдовте. Денес ми е роденден. Седнете, бидете ми гостин.
Оф, леле! – уште повеќе се вознемири Абрамов. – Роденден! А јас не ни знаев! И ете, дојдов без подарок…
Панова:
Каква врска има тоа? Седнете, многу ми е мило што сте тука.
Абрамов седна, испи малку, замези, се загреа. Пак пивна. Но вотката брзо се потроши.
А ние, значи, пиеме чај со торта. Абрамов почнува да страда. Потоа наеднаш вели:
Пред саат време поминував покрај деликатесен дуќан. Ќе земам, си мислам, шише „Столичнаја“. Сепак, на Вера Фјодоровна ѝ е роденден…
И вади од џебот шише вотка.

*
Волф вели:
Неодамна ја прочитав Технологија на сексот. Лоша книга. Без хумор.
Што значи тоа – без хумор? Каква врска има сексот со хуморот?
Размисли и самиот. Ја отворам првата страница – пишува: „Предговор“. Зарем може така?

*
Го прашувам поетот Најман:
Се познавате со Јура Каценеленбоген?
Со Јура Каценеленбоген? Ми звучи познато. Името Јура ми е ептен познато. Сум го слушнал некаде. Но презимето Каценеленбоген првпат го слушам.

*
Се најдовме во населба со новоградби. Стакло, бетон, еднолични згради. Му велам на Најман:
Сигурен сум дека Пушкин не би се согласил да живее во оваа грозна населба.
А Најман ми одговори:
Пушкин не би се согласил да живее… во ова време!

*
Разговор со научник:
Постојат ли вонземски цивилизации?
Постојат.
Разумни?
Дури и многу разумни.
Тогаш, зошто молчат? Зошто не воспоставуваат контакти?
Баш затоа и не воспоставуваат, зашто се разумни. Што ќе им сме ние?

*
Новинарот Костја Белјаков го отпуштаат од редакцијата поради пијанство.  Се одвива собрание. Пријателите сакаат да му помогнат. Велат:
Костја, дали реши да не пиеш повеќе?
Да, решив да не пијам повеќе.
Ветуваш?
Ветувам.
Значи, никогаш повеќе?
Никогаш повеќе!
Костја помолче некое време и додаде:
И никогаш помалку!

*
За време на некоја пијанка, исчезна жена му на Саша Губарев. Фати магла со некој од гостите. Ако не се лажам, со новинарот Васја Захарко. Неговиот пријател, Ожегов, чувствувајќи се непријатно пред Губарев, го изнесе своето мислење:
Васја можеби не знаеше дека си ѝ сопруг на оваа жена.
Губарев мрачно му одговори:
Но Ирина тоа го знаеше.

*
Да претпоставиме дека добар поет ненадејно издава прозна книга. По правило, таа проза е многу полоша одошто би можело да се очекува. И обратно, книгата со песни на добар прозен писател секогаш е далеку подобра одошто се очекува.

*
Два билборда на автопатот, на растојание од километар.
Првиот:
„Да ја стигнеме и да ја престигнеме Америка…“
Вториот:
„Не престигнувај на тесно место!“

*
Ростропович се подготвуваше за турнеја низ Шведска. Сакаше со него да дојде и жена му. Управата не го прифати тоа.
Ростропович почна да оди по инстанците. Во еден миг го посоветуваа:
Напишете претставка. „Поради мошне лошото здравје, ве молам да бидам придружуван од жена ми.“ Нешто во тој стил.
Ростропович зеде лист хартија и напиша:
„Поради беспрекорното здравје, ве молам да бидам придружуван од жена ми.“
И за да биде поуверливо, додаде: „Галина Вишневскаја“.
Тоа влијаеше на советските бирократи.

*
Олгра Форш во санаториумот ја прелистуваше книгата со жалби. Забележа ваков запис: „Во кашата често наоѓам шумски инсекти. Неодамна, за време на вечерата, најдов бумбар“.
Што мислите, – праша Форш – дали тоа е жалба или благодарност?

*
Панфилов беше генерален директор на друштвото „ЛОМО“. Важеше за тежок, груб, но сочувствителен човек. Работниците често му се обраќа со молби и со жалби. И ете, еднаш добива плик. Од него вади шмиргла. На мазната страна од шмирглата има молба – молам, пишува, за стан. И потпис – „работник Фоменко“.
Панфилов го повикува работникот. Го прашува:
Какви финти се тоа?
Па, ете, потребен ми е стан. Пет години чекам.
А за што е шмирглата?
Заклучив дека со обична хартија директорот ќе си го избриши газот…
Велат дека Панфилов му дал стан. А молбата ја покажал во канцеларијата на покраинскиот одбор.

*
Марк Шагал допатувал во Ленинград. Го одвеле во театарот „Горки“. Таму во салата го здогледал сликарот Ковенчук. Овој брзо го нацртал Шагал. На паузата му пришол и му рекол:
Ова е ваша карикатура, Марк Захарович.
А Шагал му одговорил:
Не личи на мене.
Ковенчук:
Па, поправете ја.
Шагал се замислил, се насмевнал и рекол:
Тоа би можело скапо да ве чини.

*
Фудбалерот Јерофејев имал жена. Се викала Нона. Често се расправале. Се раскажувало дека Нона го изневерува.
Жена си ја казнувал на оригинален начин. И тоа – ја поставувал на вратата. Ставал топка пред себе. А потоа земал залет и задавал казнен удар кон неа. Најчесто Нона паѓала во несвест.

*
Во дваесеттите години мојата покојна тетка била уредник-почетник.
И ете, еднаш трчала по скалите. И, замислете, неочекувано удрила со главата во стомакот на Алексеј Толстој.
Охо – рекол тој. – А што ако таму ми беше окото?

*
Починал Алексеј Толстој. Колегите се собирале за на погреб. Тетка ми го прашала писателот Чумандрин:
Миша, ќе дојдете ли на погребот на Толстој?
Чумандрин одговорил:
Размислував за тоа. Да речеме да не умреше Толстој, туку да умрев јас, Чумандрин. Дали Толстој би дошол на мојот погреб? Тешко. Е па, затоа и јас нема да отидам на неговиот.

*
Хрушчов имал предан соборец – Подгорни. Порано беше наш претседател. Еден месец по неговото повлекување, сите го заборавија. Иако формално тој многу години беше шеф на советската влада.
Ама не е во тоа работата: во 1963 Хрушчов го посетил легендарниот советски крстосувач „Аврора“. Долго ја разгледувал. Разговарал со посадата. Оставил белешка во книгата на почесните гости. Напишал:
„Го посетив воениот крстосувач. Оставив незаборавен впечаток!“

*
На ленинградската телевизија се прикажуваше боксерски меч. Црнец, црн како катран, се бореше со русокос Полјак.
Спикерот објаснуваше:
Црнечкиот боксер можете да го разликувате по светлосината лента на панталоните.

(продолжува…)

Сергеј Донатович Довлатов (1941-1990), руски книжевник, во своите „Бележници“ на духовит и умен начин, преку анегдоти, микро-новели, афоризми и записи, ни дава сведоштво за своето време (преку визурата на својата необична биографија) за познатите и непознатите луѓе, но и за книжевниот, политичкиот и обичниот живот во Русија. „Бележниците“ се поделени на два дела: „Соло на Андервуд“ (руски период) и „Соло на ИБМ“ (емигрантски период). Овде го претставуваме со извадоци од првиот дел, додека вториот дел ќе биде претставен во следниот број на Репер.

Избор и превод од руски јазик: Ѓорѓи Крстевски

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Превртеното време во раскажувачката проза на Милорад Павиќ и на Крсте Чачански
Милорад Павиќ (1929-2011) и Крсте Чачански (1949-2003) претставуваат неодминливи, ако не и...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *