Постојат неколку придавки што имаат исти основни форми, но се разликуваат во другите форми – по вокалот е, кој внесува и разлики во нивното значење. Подолу се наведени овие придавки.
КОЖЕН
Според Толковниот речник на македонскиот јазик, кожен, кожениот (кожена, кожено, кожени) означува материјална придавка со значење ’што е направен од кожа‘, додека, пак, кожен, кожниот (кожна, кожно, кожни) означува односна придавка со значење ’што се однесува на кожа‘. Оттаму, кожна болест, но кожена јакна (не: кожна јакна, како што често се среќава во практиката).
ДРВЕН
Слично како кај кожен, придавката дрвен, дрвениот (дрвена, дрвено, дрвени) е материјална придавка што означува нешто што е направено/изработено од дрво, додека дрвен, дрвниот (дрвна, дрвно, дрвни) е односна придавка што означува нешто што се однесува на дрво. Значи, дрвена клупа, но дрвна индустрија.
ВОДЕН
Воден е уште една придавка што се сретнува во две варијанти (секако, овде мислиме на придавката што доаѓа од именката вода, а не од глаголот води). Толкувањето е следното: воден, водениот (водена, водено, водени) има значење ’мокар, влажен, наводенет‘, а воден, водниот (водна, водно, водни) означува нешто што се однесува на вода. Така, блузата е водена доколку не е сува, а змијата е водна ако живее во вода.