Денес не можам да пишувам ништо

Овој расказ по сѐ изгледа нема да можам да го завршам. Изморен сум.

ДОЦНЕЊЕ

 

„Големата просторија е полна со студенти“. Во главата создавам слика на преполн амфитеатар во кој студентите нервозно чекаат да се појави професорот и да започне испитот.

Да. Добро е да се напомене дека студентите се нервозни. Пишувам: „Студентите се нервозни поради доцнењето на професорот“.

Додека го пишувам ова, намќоресто си велам: „Море, ај да ги оставам студентите да чекаат цел ден. И професорот да не им дојде на испит“. Хи-хи, кисело се потсмевнувам.

Жена ми ги чита расказот и ми вели: „Их, што си злобен“.

unfinished_story

НЕДОВРШЕН

 

Овој расказ по сѐ изгледа нема да можам да го завршам. Изморем сум, помина полноќ, а јас тупкам во место. Од сите можни причини за да не го завршам, не можам да одберам ниту една.

Тогаш се јавува жена ми и ми дава една многу добра причина. Ми вели: „Дојди во кревет, доцна е. Ќе те погалам малку“.

Пред да ја послушам како учениче, пишувам набрзина: „Овој расказ останува недовршен“.

 

ПРИНУДЕН

 

Денес не можам да пишувам ништо. Не ми оди.

Почнав: „Марко седеше на столот…“. Не, премногу е просто.

Почнувам друга реченица: „Сонцето е жолто…“. Глупости, глупости!

Нов ред: „А…“. Е, не ми оди и не ми оди. Денот ми е таков. Нерасположен.

Некој тропка на вратата од мојата работна соба и додека се свртам, еве ја жена ми. Ми вели: „Ако не работиш ништо, стани од компјутерот, исфрли го ѓубрето, искоси ја тревата и почувај ги децата“.

Леле, си велам во себе, кај ме најде, уште помалку сум расположен за фрлање ѓубре, косење трева и чување деца.

И’ велам: „Не ли гледаш дека до сега пишував и дека сега сум во фаза на најголема концентрација. Излези те молам, не ме вознемирувај. Ме деконцентрираш“.

Откако таа излегува мрштејќи се, се вртам кон компјутерот и започнувам нова реченица: „Денес не ми се работеше ништо, но бев принуден на тоа…“.

 

ЗАГОВОР

 

Ми тргна!

Веќе зедов залет и продолжувам со пишување:

„Механизацијата е повторно на патиштата, јавуваат новинските агенции, весниците, телевизиите и веб порталите. Движењето на патиштата е ограничено, а автобуските линии се пренасочени. Авионите се приземјени, бродовите закотвени, возовите закочени“.

Драматичен почеток, си велам. Ова ќе биде добро.

Погледнувам на саатот. Седум и пол. Уште две минути и тргнувам на работа. Само да ја довршам мислата. Сега пишувам: „Медиумите го саботираат секое движење“.

Некој тропка на вратата од мојата работна соба и додека се свртев, еве ја жена ми. „Што е?“, ја прашувам.

Таа ми одговара: „На вестите кажаа дека сообраќајот е во застој. Подобро остани дома“.

 

СИТЕ

 

Расказот што намислив да го пишувам, треба да се однесува на жените. Колку се тие нежни, меки, убави, а поради тоа мажите ги сакаат.

Убава тема, си велам.

Истовремено и тешка. Па секоја жена е посебна. Приказна сама за себе. Секоја жена има да ти понуди нешто специфично: мирис, гест…

Долго си мислам за што да пишувам. Која карактеристика на жените да ја одберам и да и посветам внимание? Дали да пишувам за некоја жена конретно или да воопштувам? Некоја раса посебно? За жена од некоја посебна религија, за жена од село или град?

Темава излегува попроблематична отколку што очекував.

Најпосле…

Пишувам: „Ги сакам сите жени на светот“.

Жена ми ја чита реченицата.

Ми вели: „Ти со една не можеш да постигнеш, а не пак со сите“.

 

ТУФКАЊЕ

 

„Туф, туф, се туфка Туфе“ – вака започнувам еден расказ.

„Колку глупава реченица“, ми вели жена ми. „Колку глупав почеток“.

„Зошто?“, ја прашувам.

„Колку Туфевци знаеш?“, ми враќа таа.

„Ниеден“, се туфкам јас.

 

 

Тагови од објавата
More from Славчо Ковилоски
СИТУАЦИИТЕ НА ПРОКОПИЕВ
Кон збирката раскази „Синот-риба (ситуации)“ од Александар Прокопиев, Авант прес, Скопје, 2017
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *