Вечерна прошетка крај Рајна
Оваа вечер
како да собирав
некои остатоци од туѓината
пред водиве на Рајна
ми секнаа
и чувствата за стихови
утехи наоѓав во ѕвезденото небо
во мои дамнешни спомени
дека во Келн сум бил
и јас од тие момчиња
кои наивно си играле
со отворени карти на животот
Оваа вечер потајум
ме мами да кажам
дека ноќта ја крие
мојата скитачка сенка
во спомените
кои не смеат да ми се испомешаат
со светлината денска
со што би го побркал
распоредот на годишните времиња
и страните на светот
Живот на распетија
Ако и покрај
добриот биоритам
во постелата на желбите
те опфати тешка дремка
очекувај распетија
на патиштата
кои ноќта ќе ти ги отвори
Тие се кошмар во сонот
крик во ноќта
раскрсница во животот
Патешествен судбопис
Се уверив
дека светот ме сака
оти со безброј патишта ме удостои
како тој да знае
за огнот во моето срце
за круната што ја имам
на сите патешествени царства
па колку и да биле судбоносни
Се уверив
дека насекаде во светот
до каде што посеав патешествено семе
остана понекој лирски симбол
како знак на моето постоење
а по патиштата ме сретнувале
и такви песни
– страдни за поет
што во себе носи
блажен и кален дух
Со речникот на прогонството
и наречниците така ми запишале
во секоја селидба
со судбини да се китам
Албум
Под плаштот на времето
се наоѓам по сликите
како распретувам по некои спомени
по кои чувства ми се разлеваат
а за кои ниту зборот не победил
а од мене бараат нешто да кажам –
како ми истекла
реката на животот
Иако
во обрачот на сликите
векот сум го затворил
поразен
од овој замислен свет
него го гледам
во боите на надежта
која со време ќе може
спомени во слики
да ми пресоздава
Времеплов
На брановите на животот
сечиј времеплов броди
кон истекот на векот
Тука со време времето
за спомени си собира
и понекои остатоци од годините
А по долгата патека на деновите
како свечено утринско сонце
и надежта во незаборав плови
Времепловот е сличен
на светлината што е упатена
во неповрат по космосот
и тоа е неповторливо
како и себеси што не можеш
никогаш да се повториш
иако животот многу работи
ти помножува
Автор: Саво Костадиновски