Современа абориџинска кинематографија

Во период еден век колку што е активна филмската прдукција на австралискиот континент главно се избегнуваат темите кои ги допираат абориџинските прашања.

Абориџинската кинематографија и покрај тоа што е релативно млада (за вистинска константна продукција може да стане збор во последните дваесетина години, благодарение на новата генерација филмски професионалци), парадоксално, е еден од најуспешните извозни културни продукти на Австралија, заедно со ликовната уметност која предводи, барем што се однесува на учеството и вниманието кое го предизвикува на големите филмски фестивали. Станува збор за филмови кои ги разработуваат горливите прашања со кои се соочуваат староседелците во Австралија денес) како парадигматичен пример за Другост, невдоменост, неприпадност, закана за целината и поредокот на белиот колонизатор што во континуитет трае повеќе од 2 века.

Кинематографија под колонијалистичка чизма (преглед)

Тешко може да стане збор за континутитет на абориџинска филмска продукција, кога враќањето на, барем дел, од своите права реално се случува во почетокот на деведесеттите, односно укинувањето на концептот terra nulius (земја која не припаѓа никому).

Австралискиот игран филм во текот на 20 век постојано ја потиснува можноста за сериозни прикажувања на абориџиналноста, а австралиските староседелци во кинематографијата се прикажувани исклучиво низ романтично-расниот дискурс. [1]

Во период еден век колку што е активна филмската прдукција на австралискиот континент главно се избегнуваат темите кои ги допираат абориџинските прашања, или, пак станува збор за една балансирана репрезентација на австралиското староседелско население. Како што забележува Питер Краус (Peter Krausz), oд околу 1.000 филмови продуцирани во Австралија, само педесетина (тука се вбројуваат документарни, кратки и целовечерни остварувања) се бават со Абориџините и траумите од колонизацијата.[2]

Интересно е што од крајот на Втората светска војна, па сè до 70-тите години на минатиот век Австралија предводи во документарната продукција, благодарение на National Film Board формиран во 1947, а во 60-тите се случува  и формирање на Australian Film Institute, Australian Film School и неколку други установи кои ќе го финансираат развојот на филмот што резултира со астралискиот „нов бран“ или филмска ренесанса во седумдесеттите.

Постојат неколку примери и пред 70-тите во чиј фокус се Абориџините, повеќе емпатични приказни од страна на белиот човек, отколку вистински ангажирани филмови кои зборуваат за абориџиналноста и колонијализмот на јужниот континент. Така, Jedda од 1955 година на режисерот Чарлс Шовел е првиот австралиски филм за Абориџините и првиот австралиски колор филм и прв австралиски филм кој е прикажан на Канскиот филмски фестивал, но оттука до крајот на 60-тите не се забележува исчекор во карикатуралното претставување на абориџинскиот проблем.

Новиот бран ќе го предводат неколку режисерски имиња како Питер Виер, Брус Бересфорд, Џилијан Армстронг, Питер Нојс и Гред Скеписи. Првиот абориџински документарен филм My Survival as an Aboriginal на абориџинската режисерка Еси Кофеј е прикажан во 1978 година.

Во текот на 80-тите во филмот сепак продолжува прикажувањето на Абориџините низ исклучиво белата призма и бели режисери и сценаристи. Во овој период општествените случувања особено влијаат врз развојот на абориџинската кинематографија – голем дел од Абориџините се во затвор и е отфрлен terra nulius. Единствен долгометражен филм од австралиски режисер кој се занимава со абориџиналноста е The Fringe Dwellers на Брус Бересфорд прикажан и во Кан во 1986.

Новиот престврт во кинематографијата се случува кон крајот на 80-тите при што се забележува пораст не само во филмската продукција, туку и во објавување на научни студии за Абориџините од абориџински автори, тренд кој ќе потрае до средината на 90-тите. Голем поттик ќе биде донесувањето на Мабовиот законик во 1992 и укинувањето на terra nulius со што по повеќе од 200 години белиот освојувач признава дека Абориџините се првите Австралијци и земјата им припаѓа ним. Мабовиот законик (Mabo Ruling) резултира со изгласување на Закон за вродено право на земја (Native Title Act), со што на Абориџините им е овозможено враќање на земјата во 1993.

Истата година е снимен првиот долгометражен игран филм на абориџинската режисерка Трејси Мофат beDevil, истата година прикажан и на Кроазета, а Мофат се смета за „абориџинска авангардна уметница“ која фантастичните елементи ги сместува во потполно современ амбиент.

Особено популарен низ кината и телевизиите низ светот е The Adventures of Priscilla, Queen of the Desert (1994) во режија на Стефан Елиот, која директно не зборува за Абориџините, но е приказна за една друга маргинализирана група –  Road movie за двајца трансвестити и еден трансексуалец

Во 1998 година меѓународно признавање добива дебитантскиот филм на режисерката Rachel Perkins Radiance, снимен според драмската предлошка на Lous Nowre од 1993. Првата соработка меѓу абориџинската и „белата“ Австралија ќе се случи во 2002, со снимањето на Rabbit Proof Fence на австралиско-холивудскиот режисер Филип Нојс (Salt, Patriotic Games, The Bone Collector…).

Абориџински филмски жанр

Многумина влијателни автори и филмски критичари во своите анализи сметаат дека анксиозноста и амбивалентноста се единствен пример во австралиската кинематографија. Секако, културните и општествените импликации по Мабовиот законик сè уште не се анализирани низ филмски термини, туку повеќе служи како медијација меѓу историската меморија и националното себе-препознавање. Во една култура со амнезија, каква што е австралиската, филмот мора да ја раскаже интимната за да предизвика, ако ништо друго, барем мал потрес врз колективната историја.

Терминот после Мабо – cinema after Mabo, имплицира национална кинематографија која укажува на живот во постколонијализмот и интензивната глобализација, нешто што треба да ја раскаже историјата, меморијата, индивидуална и колективна. Абориџинската кинематографија жанровски во најголем дел се фокусира на семејни мелодрами и драми, со уникатен и паметно дозиран хумор, но најважно е што преку сите остварувања успева да ги предочи  внатрешниот конфликт, семејните спреги и отуѓувањето во репрезентација на општествените конфликти и препознавањето и признавањето на нивниот идентитет.  Филмскиот жанр кој во националната кинематографија треба да биде препознаен како сет од конвенции и правила. Карактеристично за австралиската (абориџинската) кинематографија е тоа што постојат три конвенции:

„Прво, се маркираат одреден вид на карактери (мажи/жени), иконични пејзажи (предградијата, пустините, плажите), специфичен наратив (меланхолијата го победува или изобличува прифаќањето на кои се нештата/луѓето) и естетски избор (нискобуџетни, независни, натуралистички).

Втората идеја е жанрот да поттикне очекувања, знаење и дебати за филмовите и индустријата (како пример австралискиот road-movie позајмува елементи од новите холивудски филмови од овој тип, со додавање на локални елементи и препознатливи опкружувања.

Третата и најзначајна идеја е жанрот да биде во функција преку која публиката/критиката ќе најде некакви митски или идеолошки решенија за непомирливите општествени конфликти.“ [3]

Два филма од поновата продукција – Mad Bastards на Брендан Флечер и Here I Am на Бек Кол, обата снимени во 2010 година се концентрираат на иста тематика – во својата абориџинска средина решаваат да се соочат со минатото и проблемите, да преземат одговорност за своите постапки и да го остварат своето право да бидат родители, а преку филмската приказна се и одек на траумите кои ги преживуваат Украдените генерации (The Stolen Generations). Во Mad Bastards и Here I Am се случува токму дислокација на националната историја во семејна и од еден историски простор во приватен, односно домот. Домот како место на припадност за Абориџините во филмот се дефинира после укинувањето на terra nulius и конечното враќање на земјата, јазикот и културата.

Mad Bastards е 12. австралиски филм селектиран за Sundance, додека Here I Am по премиерата на Adelaide Film Festival учествува и на филмскиот фестивал во Монтреал, каде режисерката и сценаристка Бек Кол е номинирана за наградата Golden Zenith.

Абориџинската уметност и кинематографија се создава токму во меѓупросторот на потрагата по правото на идентитет и правото на родителство, a овие карактеристики треба да останат во фокусот на абориџинските филмаџии како правец во кој би се движела филмската продукција, како уникатна меѓу далеку поразвиените во Европа, САД и Азија.

 

Литература

Collins, Felicity-Davis, Therese. Australian Cinema After Mabo. Cambridge University Press, 2004

Krausz, Peter. “Screening Indigenous Australia: An Overview od Aboriginal Representation on Film”. Australian Screen Education, Issue 32, (2004)

Muir, Chris. “Strenght from Within. Facing the Big Issues in Here I Am”. Metro Magazine: Media and Education Magazine, Issue 169, (2011)

Polak, Iva. „Aboridžinalnost na australskom igranofilmskom platnu: od elipse do filmskog detalja“. Popularna kultura i književnost, Književna smotra, Broj 161-162 (2011)

Redwood, Tom. “Righting past wrongs: Fathers and families in ‘Mad bastards’”. Metro Magazine: Media  and Education Magazine, Issue 169, (2011)

[1] Види Iva Polak. „Aboridžinalnost na australskom igranofilmskom platnu: od elipse do filmskog detalja“. Popularna kultura i književnost, Književna smotra, Broj 161-162 (2011)

[2] Peter Krausz, “Screening Indigenous Australia: An Overview od Aboriginal Representation on Film”, (Australian Screen Education, 2004), Issue 32

[3] Felicity Collins and Therese Davis, Australian Cinema After Mabo, (Cambridge University Press, 2004), 25-26

 

Тагови од објавата
More from Елена Димитровска
Постмодерниот Стокхолм на Рој Андерсон
Како и Валехо, Андерсон ја оживува смислата заснована на парадоксот на егзистенцијалното.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *