Длабоко во прашумата се роди Макунаима, херојот на нашето племе. Беше црн како ноќ и син на стравот. Во еден миг, тишината, додека се слушаше мрморењето на Урарикоера[1], беше толку длабока што жената на Тапанхума[2] роди грдо дете. Ова дете го нарекоа Макунаима.
Уште во детството Макунаима правеше нешта што зачудуваа. Пред сѐ, поминаа повеќе од шест години додека да прозбори. Кога го натераа да зборува, извика: „Ах! Оваа мрзливост!…“ и веќе не изусти ниту глас. Остана да клечи во аголот на племенската куќа на леглото од слама и ги гледаше другите како работат, особено неговите двајца браќа, Маанапе, веќе подостарен, и Жигуе, потполно мажествен. Неговата омилена игра беше да им ги сече главите на жолтите мравки. Макунаима живееше лежејќи, но кога ќе намирисаше пари, се подисправуваше за да грабне некоја стотка. Се будеше и кога семејството одеше на капење во реката, сите заедно и голи. Времето за капење го минуваше нуркајќи, а жените испуштаа смешни вресоци поради ракчињата гуајмун, кои наводно живееја таму во калта на слатката вода. Кога во колибата мукамбо ќе му се приближеше мало девојче за да го погали, тој ги опипуваше неговите облини, а девојчето бегаше. На мажите им плукаше в лице. Затоа, пак, ги почитуваше старите и ревносно учествуваше во муруа со порасе со торе со бакороко со кукујкогуе, во сите религиозни танци на племето.
Кога беше време за спиење, се качуваше во малечката лулашка, но секогаш забораваше да мочка. Бидејќи лулашката на мајката висеше под неговата, херојот топло мочаше врз старата и со сета сила ги бркаше комарците. Потоа, заспиваше и сонуваше непристојни зборови, морничави свињарии и мавташе со клоци низ воздухот.
При пладневните разговори на жените, секогаш стануваше збор за будалштините на херојот. Жените добродушно се смееја и велеа: „Боцката боцка, мочкото веќе има стојко“, а при една молитва за здравје, кралот Наго одржа говор и објави дека херојот е умен.
Имаше одвај шест години кога му дадоа вода во еден прапорец и Макунаима почна да зборува како сите други. И, тој ја замоли мајка си да престане да меле маниок во аванот и да го однесе на прошетка во прашумата. Мајката не сакаше бидејќи не можеше да го остави мелењето маниок, не. Макунаима плачеше цел ден. Ноќта продолжи да плаче. Следниот ден, чекаше со левото заспано око мајка му да започне со работата. Потоа, ја замоли да престане да ја плете корпата од гуарума-мембека и да го однесе на прошетка во прашумата. Мајката не сакаше бидејќи не можеше да престане да плете, не. И затоа ја замоли снаата, жената на Жигуе, да го земе малиот. Жената на Жигуе беше многу млада и се викаше Софара. Му се приближи со недоверба, но овој пат Макунаима беше сосем тивок и не опипуваше ничии облини. Младата жена го качи момчето на грб и отиде до коренот на дрвото анинга на брегот од реката. Водата стоеше за да пронајде слатки звуци во лисјата на палмата јавари. Далечината беше убава со многуте бигуа и бигуатинга што трепереа на водотекот. Младата жена го симна Макунаима на плажата, но тој почна да плаче бидејќи имаше многу мравки… и ја молеше Софара да го однесе до почетокот на прашумата и младата го стори тоа. Но, тукушто го симна немиркото на мочурливата почва на тиририка, таха и трапоераба, тој наеднаш порасна и стана прекрасен принц. Отидоа далеку.
Кога се вратија назад во племенската куќа, изгледаше како младата жена да е преморена бидејќи многу долго го носела момчето на грбот. Во реалноста, пак, херојот опсежно си играше со неа. Само што Макунаима си легна во лулашката, Жигуе веќе се врати од риболов со рибарската мрежа, а неговата жена немаше сработено ништо. Жигуе збесна и, откако си ги искорна крлежите од телото, добро ја истепа. Софара ги издржа камшиците и не пушти ниту глас.
Жигуе не се посомнева и почна да плете јаже со влакната од курауа. Имено, имаше наидено на свежа трага од тапир и сакаше да го фати животното во замка. Макунаима го замоли брата си да му даде парче влакно од курауа, но Жигуа рече дека тоа не е детска играчка. Макунаима повторно почна да плаче и ноќта беше мошне напорна за сите.
Следниот ден, Жигуе стана рано за да ја постави замката, а кога виде колку е тажен малечкиот, рече:
„Добро утро, срце слатко“.
Но Макунаима остана нем и намуртен.
„Не сакаш да зборуваш со мене, нели?“
„Лошо ми е“.
„Зошто, де?“
Сега Макунаима замоли за влакно курауа. Жигуе му фрли поглед исполнет со омраза и побара од жена си да му донесе влакна. Младата го стори тоа. Макунаима се заблагодари и отиде кај таткото на култното место со молба да му исплете јаже и над него да дувне дебел дим тутун.
Кога заврши сето тоа, Макунаима ја замоли мајка си да зоврие сок од шеќерна трска и да го однесе на прошетка во прашумата. Старата не можеше поради работата, но жената на Жигуе ѝ рече на свекрва си дека „стои на располагање“. И отиде во прашумата со момчето на грб.
Кога го симна на мочурливата почва од каруру и соророка, малечкиот растеше и растеше и стана прекрасен принц. На Софара ѝ рече да почека малку бидејќи веднаш ќе се врати за да си игра со неа и отиде кај поилото на тапирите за да постави замка. Кога вечерта тукушто се вратија од прошетката, се врати и Жигуе, кој исто така имаше поставено замка за тапирот. Сопругата немаше сработено ништо. Жигуе збесна од лутина и, уште пред да си ги извади крлежите од телото, убаво ја истепа. Но Софара трпеливо ги издржа камшиците.
Следниот ден, сончевите зраци уште немаа стигнато до врвовите на дрвјата кога Макунаима ги разбуди сите и предизвика пеколна врева да одат, значи да одат кај поилото и да го земат животното што тој го уловил!… Но никој не му веруваше и сите се посветија на секојдневната работа.
Макунаима беше длабоко навреден и ја замоли Софара сепак да отрча до поилото само за да провери. Младата го стори тоа, се врати и им раскажа на сите дека е вистина, во замката виси многу голем мртов тапир. Целото племе отиде да го земе животното и размислуваше за мудроста на немиркото. Кога Жигуе се врати со празната замка од курауа, ги најде сите зафатени со пленот и им помогна. А кога требаше да се дели пленот, на Макунаима не му даде ниту парченце месо, туку само црева. Херојот се заколна дека ќе се одмазди.
Следниот ден ја замоли Софара да го однесе на прошетка и останаа во прашумата сѐ додека не падна ноќ. Само што малечкиот ги допре лисјата на почвата, веднаш се претвори во огнен принц. Си играа. Откога трипати ја изиграа играта, отрчаа во прашумата и се љубеа. Откако се галеа бакнувајќи се, се галеа скокоткајќи се, потоа се закопаа во песокта, потоа се гореа со запалена слама, играа брливи игри. Макунаима зеде стебло од копаиба и се скри во една дупка. Кога Софара дотрча, со стеблото ја удри по глава. Толку ја повреди што девојката виткајќи се од смеење падна пред неговите нозе. Го повлече по едната нога. Макунаима стенкаше од сласт и се држеше за големото стебло. Сега младата со устата го грабна неговиот голем палец на ногата и го лапна. Макунаима плачеше од радост и го тетовираше нејзиното тело со крв од стапалото. Потоа, ги стегна своите мускули, се обеси на еден трапез лилии и за една секунда скокна до следната гранка на пирањеата[3]. Софара се искачи по него. Нежната гранка се заниша под тежината на принцот. Кога и младата пристигна на врвот, одново играа еден со друг нишкајќи се кон небото. По играта, Макунаима сакаше да се гали. Со силен потег го навали сето свое тело, но не можеше да се задржи. Гранката се скрши и двајцата се струполија надолу и скршени паднаа на почвата. Кога херојот повторно си дојде на себе, ја побара наоколу младата, но не можеше да ја види. Сакаше да стане за да ја бара, но од најниската гранка над него застрашувачкото рикање на јагуарот сичуарана ја прекина тишината. Херојот од страв се испружи на сите четири и ги затвори очите за да биде изеден без да мора да гледа. Сега пак чу тивко смеење, а на градите на Макунаима капна плунка. Тоа беше младата. Макунаима фрлаше по неа камења, а кога ќе ја погодеше, Софара врескаше од возбуда и го тетовираше неговото тело под себе со распрскана крв. На крајот, еден камен ја погоди устата на младата и ѝ скрши три заби. Таа скокна од гранката и, ете, потклекната слета на стомакот на херојот, кој, викајќи од задоволство, ја опфати со целото тело. И повторно си играа.
Ѕвездата папачеа веќе светеше на небото кога младата жена изгледаше мртва уморна од долгото носење на момчето на грбот. Но недоверливиот Жигуе ги следел двајцата до прашумата и ја доживеал промената и сѐ друго. Жигуе беше многу глупав. Беше бесен. Зеде опашка од оклопник и со неа задоволно удираше по задникот на херојот. Неговото врескање беше толку гласно што го скрати траењето на ноќта, а многу птици исплашени паднаа на почвата и се претворија во камења.
Кога Жигуе се измори од тепањето, Макунаима истрча до чистинката во шумата, џвакаше корен од магарешки трн и здрав се врати дома. Жигуе пак ја врати Софара кај нејзиниот татко и мирно си заспа во лулашката.
[1] Река во Бразил. [Освен ако не е инаку наведено, сите белешки се на преведувачката.]
[2] Легендарно племе на бразилските Америндио со црна боја на кожата.
[3] Вид тропско дрво во Јужна Америка.