Рајко Жинзифов зазема посебно место во историјата на македонската журналистика од неколку причини. Прво, затоа што тој со својата журналистичка дејност во Москва како постојан соработник и дописник на повеќе руски весници и списанија се утврди како најплоден македонски журналист од периодот на преродбата; второ, затоа што во овој град тој стана и прв македонски уредник во историјата на македонската журналистика, уредувајќи го списанието „Братски труд“ (1860/62); и трето, од Жинзифов се останати неколку поголеми публицистички трудови од кои за одбележување се: „Димитриј и Константин Миладинови“ (1862), а воедно и прва пообемна биографија на овие наши преродбеници и „Из заметок путешественников по Македонии“ (1866). Во врска со ова важна е и информацијата дека некаде пред руско-турската војна, по покана на И.С. Аксаков, Жинзифов се зафатил да состави за руската војска „еден водич по Македонија“, која тој ја познаваше мошне добро. Но за жал, таа работа остана недовршена поради смртта што ненадејно го снајде на 15 февруари 1877 година.
Сѐ на сѐ, низ макотрпната журналистичка активност на Рајко Жинзифов како да се огледуваат и сите тешкотии низ кои минувала македонската журналистика.
До 1858 година т.е. до неговото заминувањетето во Русија на студии, за него не може да се говори како за журналист, иако уште во Македонија, како учител, правел обиди на тоа поле. Вистинската, би рекле, општествена литературно-журналистичка дејност на Жинзифов почнува во Москва, најнапред како студент, а подоцна и како професор по грчки јазик во московските гимназии. Условите во кои се нашол во Москва биле такви што му помогнале набргу на неговите литерарни и журналистички способности да им даде израз. Тоа е пред сѐ, период, кога во странство, па дури и во словенска Русија, не се знае многу за славјанските народи на Балканот кои уште беа под турско ропство. Поточно, и првата задача на сите оние кои пристигнуваа во Русија од овие краеви, па и на Жинзифов, беше взаемно запознавање со Русите со кои доаѓале секојдневно во допир и запознавање на руското општествено мислење дека тие, Јужните Словени не се само една вера, туку и еден род – словенски.
Од друга страна, Жинзифов пристигнува во Русија кога словенофилството во својот развој, го достигнува највисокото ниво. Кругот на словенофилите собрани околу познатиот научник Аксаков, создавал мошне добри услови за работа на ова поле. Во овој идеен круг се дооформиле, во текот на 1859 и 1860 година, сваќањата и погледите на Жинзифов. Дојден скоро од Македонија, со пресни впечатоци од тамошната стварност, тој созрева во московскиот идеен круг, кој што му дава поттик за неговата журналистичка активност.
Како студент во Москва, заедно со другите бугарски и македонски студенти, меѓу кои бил и Константин Миладинов, Жинзифов го покренува списанието „Братски труд“ орган на истоименото друштво на студентите од Бугарија и Македонија. Од ова списание во текот на 1860 и 1862 г. се излезени во 4 книшки. Во него се печатени главно литературни прилози. Редактирањето како и сета друга работа околу издавањето и ширењето на списанието била на Жинзифов.
Жинзифов како журналист започнува токму во новодвижечкиот весник „Ден“, орган на словенофилите, собрани околу Аксаков. Меѓутоа, таа активно се проширува и врз поголем број московски весници и списанија како што се: „Руски архив“, „Москва“, „Православное Обозрение“ „Московскија ведомости“, „Современаја летопис“, „Научное обозрение“ и други.
Првата статија составена во форма на писмо, која го одбележува почетокот на неговата журналистичка дејност, ја испраќа до весникот „Ден“. Тој во неа на еден изнвонреден стил во кој нашол израз и неговиот бурен темперамент, чувстителност и патриотизам, говори резигнирано дека во Русија не се знае ништо за неговиот словенски народ. Русите со кои се сретнувал мислеле дека е Грк. Во една статија пишува како кога еден Русин го прашал од каде е, Жинзифов му одговорил: „од Турција“. – „Да знам“ продолжил Русинот – „таму Турците ве угнетуваат вас Грците!“. „Но, јас не сум Грк“, му одговорил Жинзифов. „А што си ти?“ го прашал понатаму Русинот. „Јужен словен…“ му одговорил Жинзифов. „Јас прв пат слушам за тоа“ му одговорил Русинот. Статијата наишла на огромен одзив, а била проследена и со подолга забелешка од редакцијата во која покрај другото се вели: „Со вистинско огорчување ја прочитавме и со тешко срце го печатиме ова писмо. Непријатно и срамно е да се признае тоа и, еве, сѐ што е речено од г. Жинзифов за нашето непознавање е потполна вистина! Тешко е да се замисли како мора силно да ги боли тоа, оние кои се наоѓаат со нас и се наши еднородни и едноверни браќа! Тие во Русија се утешени лошо од нас, тие наидуваат на студен прием како странци – дури и полошо од Французите и Англичаните. Секако, да се разбере зошто Словените нас нѐ знаат, а ние толку лошо ги познаваме, е тешко да се одговори. Тие имаат потреба од нас – ние не…“
Веќе по три броја од објавувањето на првото писмо на Жинзифов, т.е. во бр.6, на старниците на ова гласило се појавува нова статија – писмо до уредникот на „Ден“ од М. Којалович во кој се залага за давање на полна подршка на Словените на Балканот во олеснување на нивната положба, а ја започнува со цитатот од писмото на Жинзифов.
Патот на Жинзифов за една постојана и долга соработка во весникот „Ден“, беше отворена. Од тогаш па неколку години по ред, Жинзифов го пополнува „словенскиот оддел“ или рубрика на овој весник, во која биле следени важните настани од сите словенски земји – како и оние на Балканот, така и оние на Запад. Во овој весник се сретнуваат статии на Жинзифов до крајот на 1865 година. За време на четиригодишната соработка со овој весник, Жинзифов печати околу 46 статии. Тоа се главно коментари по надворешно-политички и актуелни прашања, посветени на словенските земји, во кои ги зафаќа и односите со западните земји, особено Англија и Австрија.
Подоцна Жинзифов го сретнуваме со свои статии во списанието „Рускиј архив“ во кое се печатени само две статии – едната посветена на пишувањето на Раковски (Нескољко слов о сочиненијах болгарина Раковского) и статијата „Вук Стефановиќ Караџиќ“ – по повод смртта на овој спски реформатор.
Од 1866г. Жинзифов го сретнуваме како соработник во весникот „Современаја летопис“ во кој ја уредува рубриката „Славјанска хроника“. Во текот на пет години, грижливо, ги следи сите движење на Балканот и со нив ја запознава руската јавност. Тежиштето на соработката во „Современја летопис“ паѓа точно врз настаните на балканските земји. Посебно внимание им посветува и со симпатии се однесува кон борбата на Хрватите против Унгарците. Со исто такви симпатии, но и сочувсто ги следи внатрешните борби во Србија. Меѓутоа, ни „Современаја летопис“ не ги испушта од вид настаните што со своите барања за самостојна црква и училишта ги предизвикува Бугарија во борбата против грчките фанариоти.
Во исто време кога пишува за „Современаја летопис“, Жинзифов со свои коментари се јавува и во весниците „Московские ведомости“ и „Москва“. Во двата весника има вкупно 16 статии посветени на борбата на Бугарија за црковна и училишна самостојност.
Еден од весниците со кој Жинзифов соработувал е „Православное Обозрение“. Временски тоа трае од 1869 до 1874 година. Со оглед на тоа што овој период се совпаѓа со борбата на бугарската Егзархија и сета соработка е ограничена на прикажување на настани од оваа област.
Една од главните карактеристиките и задачи на журналистиката на Жинзифов во руските весници е да го запознае руското општество со политичката, црковната и општествената положба на Јужните Словени, често навлегувајќи во обичаите и националните црти на Словените, за да ја долови политичката и културна атмосфера на земјата за која пишува. Неговото прикажување е мошне впечатливо, искрено и секојпат поткрепено со податоци, будејќи на тој начин активно учествства и читателот и затоа некои негови статии просто, како да повикуваат на акција, на помош.
Иако, целата журналистичка дејност е сврзана со националната дејност на сите Јужни Словени, тој секојпат посебно ја истакнува и Македонија. Од нив посебно треба да се истакне биографијата на „Димитар и Констанин Миладинови“ и „Из заметок путешественников по Македонии“ . Тоа не се статии во обична смисла. Тоа се поголеми трудови кои, освен журналистички имаат и пошироки и подлабоки публицистички претензии. Враќајќи се често во историјата и на некои актуелни настани, тој сакал на руското општество посебно да му го сврти вниманието и кон Македонија.
Со површниот преглед за соработката на Жинзифов во руските весници, ни од далеку не се исцрпува неговата журналистичка дејност, иако веќе и самото тоа е доволно за Жинзифов да се смета за основоположник на македонската журналистика.
(Извадок од необјавен документ, под наслов: „Трнливиот пат на македонското новинарство“)
Приредил: Борче Георгиев