Бело на црно (За „Црно на бело“ од Лидија Димковска)

„Црно на бело“ е рендген што ги детектира болните точки на цивилизацијата во која живееме.

1.
Книгата ја читам со гласот на Лидија. Со нејзиното темпо. Ги изговарам зборовите така како што таа ги изговара, гласно. Не ѝ е потребен микрофон за да ја чујат што има да каже. Тоа е еден од начините на кои ја читам. Сакав да пробам и така.
2.
Лидија и во поезијата раскажува приказни. Метафората суптилно се надоврзува на наративноста и на доминантната метонимија, а иронијата сведочи за страдањето што се содржи во стиховите.
„Црно на бело“ е рендген што ги детектира болните точки на цивилизацијата во која живееме. Големите приказни ги прикажува преку световите на луѓето што историографијата никогаш нема да ги забележи во своите дефтери. Се преплетуваат интимните истории, каква што е историјата на еден дом без своја вертикала, или таа за срцето на Шопен во Варшава или за лудите туристи во Ерусалим, блажените пророци на 21-от век. Поезијата на Лидија Димковска е во дијалог со големите историографски приказни на минатиот век, преку интимната исповед на готвачката на Ајхман, на пример, но и со фашизмот во кој живееме денес, кој става боцливи жици на границите. Има во песните бегалци што преминуваат овоземни граници, и бегалци што преминуваат граници помеѓу светови. Самоубијците се емигранти на оној свет. Често светот што лирскиот субјект го опишува е апсурдниот кафкијански свет на бирократијата, чекалниците, тапиите, пасошките контроли. Тоа е светот на отуѓениот 21-ви век, свет на по-единци и по-единки, тоа е светот на конзумеризмот, кој носи натпис „The Big Shopper“.

share-1411235_960_720

3.
Невдоменоста на субјектот е центарот околу кој се создаваат концентричните кружници. Невдоменоста во околината, невдоменоста во сопственото тело, невдоменоста во домот, па дури и во гробот. Постојаните хоризонтални патувања – оние земните преместувања од едно место на друго – и оние вертикалните – кои се потрага по Бога, кој е одвоен со стакло како во њујоршко такси, кои се потрага по слободата, која по грешка слегува долу во подрумот наместо на приземјето, или разноликото опишување на смртта – се носечката енергија на оваа книга во која како сѐ да е во постојано движење и немир.
Конечниот резултат што се добива е амалгам помеѓу историографијата, чии настани се главно дел од глобалната современост (бегалската криза, гладните во Африка), и интимните собитија низ кои се движи субјектот, кој се бара себеси барајќи го својот дом, својот Бог, својата слобода, својата смрт.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ѓоко Здравески
Тивкиот ум
За „Градови без ветер“ од Александар Маџаровски
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *