Поетска се(ле)кција

Во овој број ви ги претставуваме поетските дела инспирирани од спомени што ни ги испратија пет поет(ес)и.

Ана Марија Фаркаш

Барем за миг посакувам
да влезеш во мојата кожа.
Да ја почувствуваш возбудата
на моето срце,
да го видиш сјајот на моите очи
кога ќе се погледнеш во огледало.
Да го почувствуваш трперењето
на мојата снага после секој твој допир,
после секој твој збор упатен до мене,
после секое твое изговарање на моето име.

Барем за миг посакувам
да влезеш во мојата кожа.
Да се гледаш а да не можеш да се допреш,
да ја гледаш љубовта на твојот живот,
а да не можеш да и се приближиш.

Барем за миг посакувам
да влезеш во мојата кожа,
за да го осетиш болниот пораз и
немоќта да го промениш времето.

Барем за миг посакувам
да влезеш во мојата кожа,
за да видиш колку само искрено
те сакам и ти се радувам.

Барем за миг посакувам
да влезеш во мојата кожа,
за да разбереш колку вистински боли,
кога ти си за мене целиот свет
а јас за тебе еден обичен цвет.

typewriter-1627197_1280

Томислав Захов

МОЛСКАВИЦИТЕ ГО ПРЕДАВААТ НАШИОТ ГРЕВ

Птици од подземјето прфтат
и со страшни цицачки порив
ме канат на вечера на мојта душа
темна и кисела како нуклеарно небо.
Некаде меѓу гневот и каење
Со години очајувам јас вака оти се изгубив
И кога помислив дека нема да најдам одговор
Ти љубов моја се јави како силно невреме
Ненадејно како молскавица
Ме предупреди дека ниту јас ниту другите
Треба да ја знаат причината
Ниту јас ниту другите не треба да жалат
Тие ќе продолжат да живеат
А нас ќе не’ повредат лошо.
Сега силата на езерото не’ опколува
За време на нашата љубовна предигра
Бурата не’ затекна а среде езеро молскавици
каде можам да го видам нашиот грев соголен
додека ти ме раскопчуваш…
Земјата плаче да ја напуштиме
нејзините солзи изобилно течат
како дожд удираат врз нашите глави
и ја прави најгласната молскавица
извикувајќи го нашиот грев.
А нашата ноќ е долга…
Невремиња се одвиваат
Додека молскавиците не’ извикуваат
Како предупредување за она што ќе дојде
За стварноста од која јас и ти треба да се плашиме.
Но возбудените тела наши го сечат влажниот воздух
Како вртоглава молскавица го тресат светот ноќва
Како вртоглава молскавица готова да запали
Можеш да ја слушнеш, можеш да ја фатиш
Насекаде низ воздухот е.
Земјата се тресе и ноќта експлодира
Див живот го исполнува воздухот
И ја задушува предавничката молскавица.

* * *

Ивана Китановска

Дознав дека имам сестра на неубав начин.
Не детски. Не незрело, љубоморно.
Дознав исто како што дознав дека ми е дијагностициран тумор.
Не човечки. Ниту емпатично.

Тивко.
Стихијно.
Скришно, на прсти.

Брутски.
Јудајски.
Драматично шекспировски.

Да го прифатев тоа како што ја прифатив болеста, никој немаше да ми ја види ахиловата пета.
Да ја прифатев неа како што ја прифатив болеста своја, ќе се изборев со себе и ќе победев уште еднаш.

Не ќе одложував да ја погледнам в очи.
Не ќе и’ го мразев потеклото.
Не ќе пишував песни за отворената рана, туку ќе и’ го галев главчето навезено со златни конци и ќе мирисав на бадем, како што мирисаат нејзините рачиња.

Ќе и’ мирисав на сестра, како што сама вели.
Ќе и’ бев сестра, многу порано.
И ќе и’ пишував песни.

poetry-798018_1280

Eлена Николовска

МИРИСОТ НА ТЕМЈАНУШКИТЕ

Шетав по патот
низ бесконечноста
на една шума
а таму
во сенката
на едно високо дрво
тивко дишеше
виолетово задоволство.
Цвет кој со секое издишување
го полнеше воздухот
со мирис на заљубеност.
А јас шетав по тој пат
и вдишував…

* * *

Малиновска Маја

ПЕКОЛЕН РАЈ

Никогаш повеќе нема да бидам она што сум
Животот нема да биде ист после тебе,
Духот мој не е веќе блажен
Срцево веќе не чука силно.
Твоето срце вистинско беше
Мислев дека припаѓа на паднатиот анѓел.
Касно е сега вистината да се слушне
Кога срцето не е победник во светот.
И блажени луѓе го следат патот на паднатиот анѓел
Неговиот пат полесна воздишка нуди,
Лесниот живот кон вечен пекол се стреми
А тешкиот рајот за свој залог го зема.
Љубовта секогаш за залог друга љубов бара
Но тешко е кога нема што да земе
А својот залог веќе го дала.
Тогаш вистинскиот пекол настанува во светов
Но духот се припрема за рајскиот залог.

Тагови од објавата
More from Кутија на спомени
Поетска се(ле)кција (2)
Во овој број претставуваме едно пристигнато дело од наша поет(ес)а.
Повеќе
0 replies on “Поетска се(ле)кција”